Пребарај го блогов

четврток, јули 27, 2006

Во Пелинце изгледа ќе зборува Којче

Програмата за одбележување на празникот Илинден, на 2 август, што ја подготви Министерството за култура, предвидува во меморијалниот центар во кумановското село Пелинце да зборува претседателот на Собранието, кој до тогаш најверојатно нема да биде избран. Според изјавите на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, можно е преговорите за претседател на парламентот да потраат десетина дена.
На вчерашната конститутивна седница на парламентот не беше избран претседател и ова прашање остана да се реши во понатамошните преговори. Милошоски најави дека конечниот договор за тоа ќе падне за десетина дена.
Во 10 часот изутрина на 2 август, според програмата, предвидено е делегација што ќе ја определи Министерството за надворешни работи да положи цвеќе во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Неофицијално дознаваме дека тоа ќе биде делегација на ниско ниво.
На манифестацијата во Пелинце ќе настапат групите „Фолтин“ и „Мониста“, а предвидено е да се претстават и членовите на КУД „Кочо Рацин“ од Скопје. Од македонската естрада ќе настапат и Зуица Лазова, Душко Георгиевски, Виолета Томовска, Наум Петрески.
ВМРО-ДПМНЕ, победничката партија на последните избори, нема да има свои претставници во Пелинце, додека претставниците на СДСМ го потврдија своето учество.
Во рамките на прославата „10 дена Крушевска Република“ ќе се одржи голем народен собир на Мечкин Камен во Крушево, каде што ќе зборува претседателот Бранко Црвенковски. И.А.

Архива на блогот

Site Meter