Во кумановското излетничко место Пелинце, пред споменикот во меморијалниот центар АСНОМ, го славеа Илинден посетители од Куманово, Скопје, Штип, Крива Паланка, Кратово и од други места на земјава и наши иселеници.
Пред споменикот положи венец новоизбраниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски, од името на шефот на државата се поклони Стево Пендаровски, а Владата ја претставуваа Радмила Шеќеринска и Стевче Јакимовски.
Венци положија и претставници на Сојузот на борците на Македонија, на АРМ, на Куманово и на повеќе политички партии.
- Пред една недела беше избран петтиот собраниски состав на самостојна и демократска Република Македонија и имам посебна чест што во името на новиот парламент можам да потсетам на огромното историско значење на двата Илиндена. Со првото заседание на АСНОМ се остварени вековните идеали и стремежи на македонскиот народ. Го одбележуваме тој значаен настан во Пелинце, во близината на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде што е одржано заседанието на АСНОМ. Но, споменот на Илинден е насекаде, на секое парче македонска земја. Вековниот сон за своја, слободна држава е остварен на заседанието на АСНОМ и остварен е заветот на илинденците - рече Георгиевски.
- Без Илинден 1903 немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот. На сегашните и на идните генерации останува да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да го ценат и да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава, која само во периодот на НОБ ја плати со над 24.000 жртви - рече Георгиевски.
Тој не пропушти да забележи и на грешките што беа направени по НОВ.
- За жал, вредностите како сигурност на личноста, имотот и сопственоста и правото на приватна стопанска иницијатива, беа брутално суспендирани за да се обноват половина век подоцна, кога со прогласување на самостојноста станаа темелни вредности - рече Георгиевски изразувајќи надеж Собранието да придонесе за успешна реализација на манифестираните заложби за наш брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и заедничко унапредување на меѓуетничкиот соживот со што ќе го надоградиме државниот континуитет почнат со двата Илиндена.
Г. Р.
четврток, август 03, 2006
ВО ПЕЛИНЦЕ ЗБОРУВАШЕ ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ
Илинден е на секое парче македонска земја
Нема коментари:
Објави коментар