Пребарај го блогов
среда, април 19, 2006
Пренесен напис од Дневник 18 Март 2006
Прогласена елементарна непогода
По една недела од невремето во Козјачкиот регион, каде што излеаната Пчиња и помалите потоци нанесоа големи штети во дваесетина села, Советот на Општината Старо Нагоричино прогласи елементарна непогода.
Комисиите за проценка утврдиле дека штетите се огромни и дека обесштетувањето на земјоделските производители и санирањето на патиштата и мостовите се можни само со помош и парична поддршка од Владата.
Според извештајот на комисијата за проценка на земјоделските култури, утврдено е дека полјоделските, градинарските и лозаро-овоштарските култури се оштетени од 30 до 100 отсто и тоа на површина од 1.000 хектари. Поради тоа, Советот прогласил елементарна непогода во повеќе села.
Комисијата за проценка на штетите на инфраструктурата утврдила дека делови на локалните и на пристапните патишта се целосно уништени со што е оневозможена комуникацијата на населението. (С.А.Ј.)
Пренесен напис од Дневник од 18,Март 2006
Нагоричинци сакаат еколошки регион
Изградбата на регионалната депонија во месноста Бела земја, помеѓу Младо и Старо Нагоричино, ќе предизвика големи штети во земјоделството и во сточарството и воопшто во развојот на Општината Старо Нагоричино, велат во локалната власт. Против изградбата на депонијата се и еколошкото друштво и населението.
- Со изградбата на депонијата ќе се прекине експлоатацијата на глината за која фабриката за керамичка индустрија од Куманово има 30-годишна концесија, а која производството го пласира не само во нашата земја, туку и во Србија и на Косово - вели градоначалникот на Старо Нагоричино, Власта Димковиќ.
Тој додава дека глиништето се наоѓа во непосредна близина на основно училиште, здравствена амбуланта, црквите "Св. Петка" и "Св. Ѓорѓи Победоносец", законски заштитените археолошки локалитети Вуевски камен и Костоперска карпа. Покрај депонијата поминува и меѓународниот пат кон Бугарија, а во близина се и познатата црква "Свети Ѓорѓи" и општинскиот центар.
- Покрај депонијата поминува и патот кон Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце и кон манастирот "Св. Прохор Пчињски" во СЦГ. Во близина се и мегалитната опсерваторија Татиќев камен, термалниот извор Стрновац и манастирот "Забел" - објаснува Димковиќ.
Според него, стручните анализи покажале дека постои опасност и од загадување на подземните води, а со тоа и Општината Старо Нагоричино веќе нема да е еколошки чиста животна средина.
- Ние се обративме до сите надлежни во државава. Ако не се почитува нашето образложение за несогласување за изградбата населението ќе ги искористи сите расположливи средства за спречување на изградбата на регионалната депонија во срцето на нашата општина - вели Димковиќ.
Меѓуопштинскиот одбор за североисточен субрегион во рамките на проектот "Национален план за управување со отпад и физибилити-студии" се оглушил на укажувањата на локалната власт и останал на ставот дека и против волјата на населението ќе го реализира планот за изградба на депонијата на локалитетот Бела земја - глиниште.
Пренесен напис од Дневник од 18,Март 2006
И невремето удри по сиромаштијата
Се кине таму каде што е најтенко. Покрај сиромаштијата, не снајде и невремето, кое уништи една третина од земјоделските култури, а оштети повеќе патишта и мостови. Локалната власт, пак, е оставена самата да ги решава проблемите, вели Власта Димковиќ, градоначалник на Старо Нагоричино, една од најсиромашните општини во земјава.
Општината, која претежно живее од земјоделство и сточарство, опфаќа 39 населби, во кои живеат нешто повеќе од 4.000 жители на површина од 450 квадратни километри. А велат дека уште толку се враќаат од градовите и тука обезбедуваат егзистенција.
lКои се најголемите проблеми со кои се соочувате?
- Многу пари ни се неопходни за вложување во образованието, а Министерството за образование се однесува резервирано. Ново за нашата општина е и урбанизирањето на населбите. Изминативе години ние ја подобривме инфраструктурата, затоа сметам дека нема да имаме големи тешкотии на тој план.
lКакви се плановите за развој во општина чие население главно мака мачи со земјоделството и со сточарството?
- Земјоделството и сточарството се основната егзистенција. Но, од неодамна почна со работа мини-фабрика за производство на печурки. Во неа ќе бидат ангажирани околу 200 млади луѓе. Шанси за вработување на 80 до 100 работници има и во Фабриката за пакување и дистрибуција на минерална вода. Овој регион има повеќе културно-историски споменици од национално значење. Со правилен пристап во нивното искористување постојат шанси за развој на туризмот. Тука е познатата црква "Св. Ѓорѓи", манастирите "Забел" и "Карпино" и многу други. И меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце е едно од местата за посети. Природните убавини на Козјачко-пчињскиот регион се добра шанса за развој на селскиот туризам. Ваквите услови создаваат реални претпоставки за економски развој, со што овој регион ќе ги привлече да се вратат тие што одамна ги напуштиле родните места и заминале в град, каде што сега се без работа.
lИзлевањето на реката Пчиња и на планинските потоци нанесе големи штети. Како ќе се санираат?
- За сиромаштијата се вели дека "се кине таму каде што е најтенко". Неодамнешното невреме, какво што не се памети овде последниве две децении, уништи една третина од земјоделските култури. Оштетени се и патишта и мостови. А безмалку оставени сме самите на себе. Советот на Општината формира две комисии за утврдување на штетите од оваа елементарна непогода. За жал, штетите, кои се огромни, само делумно ќе бидат надоместени. Некои од оштетените патишта веќе ги поправивме, но десетина козјачки села се уште имаат проблеми со комуникацијата. Преземаме мерки колку што можеме да го надминеме и овој проблем. Моите и плановите на општинскиот совет се населбите од Старо Нагоричино да се вратат во живот, оти во некои од нив тој речиси беше целосно прекинат.
Дипломираниот инженер агроном, 46-годишниот Димковиќ, беше избран за градоначалник од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија. Ова е негов втор мандат на оваа функција.
вторник, април 18, 2006
Google - Слика на центар на селото Старо Нагоричане - но. 2
Тука убаво се гледа, строгиот центар на селото,
Црквата св.Ѓорѓи е најлево, над неа е најстарата школа , можеби во цела Македонија.
За школите во селото ке пишувам посебен пост. Сега ке кажам дека ги има три. Оваа за што зборев погоре. Стара школа и нова школа. Светозар Марковиќ.
Над црквата е полициската станица.
Десно од црквата е селската Чешма. И неофицијален центар на селото.
Оваа вода има карактеристика да во лето е ладна а во зимо е топла. И има посебно добар вкус, а нема мирис.
И ден денес кога ке одам во селото, одам на чесмата да се напијам вода од цивунот.
Од водата на времето се снабдуваше целото село со вода и тука на популарните мрамори се поела стоката, барем двапати дневно. Карактеристично ми беше тоа што додека пиеше вода стоката се оставеше на мира. Голем грев беше и израз на невоспитание да се прекине стоката во пиење на вода. Два добри вола го празнеа коритото-мраморот за два минута. Сега има спроведена вода скоро во секое домаќинство. Еден водовод е од овој извор. И друга водоводна мрежа е од пумпната станица во Никуљане, од каде со цевковод под природен пат се носи вода до самото село и околните мали. Има теорија, дека овие два извора во двете соседни села се поврзани и се од иста жица.
До самата чешма е коќата на “Вуци“. Кумот Коце беше шнајдер-терзија. Се надевам дека сеуште е жив. Овој човек го паметам како човек кој редовно ги чистеше мраморите на чешмата. И секогаш на крај ке се соблечеше до појас и самиот ке се искапеше. Во таа куќа зимно време паметам неколку пати имам помагано околу нижење а поготово околу калапење на тутун. Тешка и макотрпна работа верувајте. Но работата се работеше во друштво со мнугу шала и смееше...Дедоми незнам зошто не садеше тутум во моето детство...
Како дете често навраќав во неговиот дуќан за шнајдерај и го гледав како работи. Десно од неговиот шнајдерај, кумот Коце имаше своја бавча, каде садеше неколку реда пиперки и патлиџани. Бавчата ја вадеше со навртување на водата по браздата. Вишокот на водата од селската чешма служеше за наводнување на малите бавчи околу чешмата. т.е. под чешмата.
Под чешмата имаше уште неколку мали бавчи, од по двесетина квадрати, каде и дедоми имаше мала бавча.
Заборавив да кажам дека на чешмата приквечер жените переа на неколку поиголеми камени мрамори. Се употребуваа Пирајки за удирање по натопената облека. А се переше со сапуни, кој самите домаќинства ги правеа по некоја рецепта од свинска маст. Луксуз беше вистински сапун и прашок за рачно перење Биљана и Плави радион. Сапубите беа од Сапоиа Осјек.
Приквечер околу чешмата се собираа и младите, кои се удвараа меѓу себе - на кумановски-читање. Читаница. Читаник.
Помладите ке седневме над чешмата под големите дрвја на Дудинките. Околу чешмата имаше три големи дудинки. И над чешмата усте неколку.
Над Чешмата на неколку метри е познатата Испосница на свети отец Прохор Пчињски. Истата е заштитена со закон. Сега е обновена и малку се има изгубено од рустикалноста на пештерата. Секојпат тука доаѓаа луѓе со мака оставаа мали подароци пред светињата, ке се помолеа малку ке се напиеа вода од чешмата и ке си одеа дома.
Над испосницата почнува мало брдо наречена Краста. Тука беше единственото и најпогодно место за санкање во зима. Се санкавме на дрвени санки кои сами ги правевме. А луксуз беше ако ставевме метална шина, која ја земавме од пакетите, кои беа врзувани со вакви шини.
Пистата за санкање беше цирка стотина метра.....
Лево од Испосницата е полициската станица. Тоа е најстарата полициска станица како објект-можеби во цела Македонија. Во таа станица на времето во подрумот гледавме телевизија на неколку клупи. Тоа е некаде во крајните години од шеесетите. Често и по повеќе од половина час чекавме да почне програмата. А на телевизорот стоеше сликата тест сликата со округла форма...
Се разбира се гледаше телевизија во црно бела техника.
Пред станицата имавме одбојкарско игралиште. Тоа беше еден од омилените спортови во селото. Тука некаде во дворот на полициската станица бил споменик на првиот учител во селото и еден од заслужните борци за ослободувашето од турско.
Спомениците се минирани во време на окупацијата од Бугарите во нашиот крај.
Од детонацијата има загинато дваица бугарски војници кои се наоѓале во близината....
Се разбира во зимо во продавницата пак се пие ракија и пиво. Има неколку маси. А во лето и надвор. Традиција е во продавниците – се играат карти и домино до несвест. Некојпат се врти и по некоја партија шах. Вујкоми Жико ги има интересно украсено зидовите во горните одаи. Има закачено дел од нашата носија и старите ткаења на баба Милевка.
Вујкоми беше одличен косец косец. Јас се учев да косам. Кој косел знае дека е најтешко да косиш ретка ниска трева. Обично кога се косеше сите косеа. Па така во соседната ливада косеше дедоми Крсто. Јас бидејки лошо косев – дедо Крсто ке кажеше. Абе батко Стојане, “што ги даваш на деца да косив. Нели гледаш дека треба по њима да идеш па да косиш“. Но другата година веќе подобро косев. И сега дедоми Крсто ке речеше. Абе деца Ви сте троица, ај помогнете малко. А дедоми Столе ке речеше. “Абе батко Крсто па деца ке ти гу укашкав работу с‘с косење, па ке мораш по њима па да работиш“. Не му беше право на дедо Крсто но ја прифаќаше шалата.
Во самиот двор имаше прекрасни големи багреми кои во летно време беа идеално место за читање на книги, кои ги зимавма од селската библиотека наречена Читалиште....
Тука во тој двор имам прочитано највеќе книги во мојот живот. Тука како студент спремав и по некој испит. Посебна посластица беа честите гости кои ја посетуваа црквата, а ги имаше од цел свет....
До куќата на влачарата, има друг објект кој на времето била кафеана во времето на втората светска војна и некоја година покасно. Таа кафеана ја држеше комшиската фамилија на дедоми столе “Татарци“. Во тој објект едно време имаше и продавница, а пред тоа кратко време од неколку години имаше слаткарница. Се сеќавам купувавме бонбони на парче и шеќерлами. Црвено бели стапчиња, кои се виткаа и во форма на бастумчиња.
Понатака пирајките се делкаа со тесла и се оформуваа во саканата форма. А теслата беше главен алат и во оформувашето на полумесеците. Ги имаше барем осум во едно тркало или шест за помали тркала. На крај на тркалата се зацврстуваа со погоре поменатите шини. Со специјални клинци. Добар мајстор едно тркало правеше неколку дена. Цела запрежна кола се правеше скоро цел месец. Во сеќавање ми се и големите рачни бургии – Сврдлиња. Кои ги имаше неколку димензии-десетина.
понеделник, април 17, 2006
Google - Слика на центар на селото Старо Нагоричане - но. 1
среда, март 22, 2006
УСАИД: Бежичен Интернет за 50 општини
Целта на донациата на Американската агенција за меѓународна помош е да се зголеми пристапот до интернет како и ефикасноста во општините. Тоа ќе им овозможи на канцелариите на локалните самоуправи полесно да одговорат на барањата на граѓаните и на стопанствениците.
вторник, март 14, 2006
Моја драга мајко !
Моја мајка е родена 1910 год. Во село Чолопек Кумановско. Како најмало на моја баба која ја родила во поодмакли години. Кога се родила била многу ситна и сиќушна, што баба помалко ја сметала за несакано дете, од причина што имала веќе поодраснати деца. Мајками била 4-то дете, од кои биле три женски и едно машко. За нејзина среќа била много пргава и убава бебе што причинувало радост за останали жители во семејство.
Мала сторија за мојот татко
Мојот Татко Стојан Тошиќ, роден е 1914 година во село Стао Нагоричино – Кумановско, како трето дете во фамилија. За негова несреќа многу рано останал сирак, без мајка, како мало бебе од неколку месеци.


