Пребарај го блогов

сабота, јануари 27, 2007

Во зафрленото Магленце се роди дванаесеттото дете

Во зафрленото Магленце се роди дванаесеттото дете

Градоначалникот на Старо Нагоричане му подари телевизор на семејството

КУМАНОВО - „Во нашето село се раѓаат деца како печурки на дожд“, велат на шега селаните од зафрленото кумановско село Магленце, каде што се роди дванаесеттото дете во последните шест години. На вториот ден на Божик, 8 јануари 2007 година, во семејството Крстиќ се роди женско дете кое го крстија Божица. Бебето е трето дете на брачната двојка Јадранка и Ставре Крстиќ. Деновиве градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, во чиј атар е ова малечко козјачко село со дваесетина куќи, го посети семејството Крстиќ и на новородената Божица и' подари телевизор, штедна книшка со 3.000 денари и пакет со бебешка храна, пелени и хигиенски средства.

„Ова е дел од програмата на Советот на Општината што ја донесовме на крајот од минатата година, според која на секое прво новородено дете во новата календарска година ќе му подаруваме телевизор, штедна книшка со 3.000 денари и пакет со храна и пелени како скромен прилог во насока на зголемување на наталитетот во селата од сиромашниот козјачки крај“, вели градоначалникот Ласто Димковиќ.

Инаку, во едно крајно пасивно село во Козјачијата, до кое со теренско возило одвај се стигнува за два часа, за шест години да се родат 11 деца е вистинско чудо и божји благослов. Селото се наоѓа од северната страна на Козјак, на самата граница со Србија, од каде што добива и струја, има педесетина жители во дваесет куќи, училиште со две деца, многу шума и вода. Но, најважно е тоа што има десетина куќи со млади брачни двојки решени тука да живеат и да раѓаат деца.

Брачната двојка Јадранка и Ставре живеат од чување добиток и од продажба на дрва за огрев. Никогаш не слушале за планирање на семејството и велат дека ќе имаат толку деца колку што рекол Господ! Телевизор немаат и подарокот од Советот на Општина Старо Нагоричане многу ги израдува, бидејќи ќе им биде единствен прозорец од нивното зафрлено село кон широкиот свет.

четврток, јануари 04, 2007

Миграцијата ја опустоши Козјачијата, во 39 села живеат 5.000 жители

КУМАНОВО - Во 39 села на подрачјето на Општина Старо Нагоричане живее население од се' на се' 5.000 жители, што е катастрофален демографски податок - вели градоначалникот Власто Димковиќ. „Ние сме сиромашна општина во уште посиромашната Козјачија, но како локална самоуправа донесовме стратегија за запирање на натамошното осиромашување, за намалување на миграцијата што во изминатите неколку децении буквално ги опустоши селата и за стопирање на т.н. „бела чума“. Одамна по нашите козјачки села свештениците не венчаваат и не крштаваат деца, а имаат работа само околу умирачки“ - се жали градоначалникот Димковиќ на чие инсистирање Советот на општината изгласа посебна одлука на мерки за популациона политика во насока на зголемување на бројот на населението.

На подрачјето на општината се евидентирани околу 40 брачни двојки во кои се раѓаат и се' уште можат да се раѓаат деца, а се водат како семејства со постојано место на живеење на територијата на Старо Нагоричане. Првото новороденче во 2007 година од Советот на општината ќе добие телевизор, а секое семејство во кое ќе се раѓа дете во иднина од буџетот на општината ќе биде стимулирано со еднократна парична помош во денарска противвредност од 50 евра. „Ова не е можеби којзнае што за некого, но е голема работа за луѓето од кое било од сиромашните села во Козјачијата“, вели градоначалникот на Старо Нагоричане и најавува и други мерки за поттикнување на наталитетот кај населението. Во разработка се идеи за ослободување на новоформираните млади брачни семејства од таксата за вода и други комунални давачки што се во надлежност на локалната самоуправа, а надежи за повторно заживување на селата се полагаат и во програми за побрз економски развој потпомогнат од Владата со средства од т.н. претпристапни фондови на ЕУ.

Шансите оваа територијално голема, а по население многу мала општина ги гледа во земјоделството и во сточарството. Вистински подем во развојот треба да обезбедат и неколкуте знаменитости, како што се Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, мегалитската опсерваторија Кокино и ранохристијанската црква „Св. Ѓорѓија“. Во догледно време овие три светилишта ќе бидат омилени дестинации на река љубопитни туристи од целиот свет - гласно сонува градоначалникот на Старо Нагоричане, Власто Димковиќ. (Ст.Б.)

петок, декември 15, 2006

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Поради неплатена струја чешмите на селскиот водовод во кумановското село Алгуња веќе три месеци се суви

СТОЛЕ БОЖИНОВСКИ

КУМАНОВО - Седумдесет домаќинства во кумановското село Алгуња имаат современ водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и од кладенци како пред сто години. Водоводот што своевремено им го изгради државата со средства од тогашниот Републички фонд за недоволно развиени подрачја наместо да им обезбедува редовно и квалитетно водоснабдување, стана предмет за постојани селски караници и меѓусебни обвинувања. Со објектот управуваат неколку лица од т.н. режиски одбор на чело со, како што велат селаните, главниот „режисер“ Часлав Симоновиќ во чии раце е клучот од главната славина на црпната станица и од неговата волја зависи дали ќе тече вода низ селската мрежа или чешмите ќе се суви како што е случај во последните три месеца.

На овие обвинувања од засегнатите селани прозваниот Часлав одговара: „Жителите од Алгуња сакаат да користат вода, а да не плаќаат. За потрошената вода тие моментно должат 330.000 денари. Поради тоа режискиот одбор не е во состојба редовно да ги плаќа сметките за потрошена електрична енергија на црпната станица. Причина за најновото „пресушување“ на водоводот е во тоа што кумановското електродистрибутивно претпријатие ја пресече струја за неплатен долг во висина од 130.000 денари“, возвраќа на обвинувањата шефот на водоводот во Алгуња, Часлав Симоновиќ.

„Ова никаде го нема. Да имаш водовод на подарок од државата, а луѓето да носат вода од кладенци, бунари, од долови. Во прашање се седумдесетина домаќинства со , главно, стари и снемоштени лица чии млади се отселени“, вели претседателот на Месната заедница, Миле Стојменовиќ. Тој додава дека има вистина во тоа дека сметките за потрошена вода нередовно се плаќаат, меѓутоа, има место и за сомневање дека собраните средства се залоупотребуваат. На негова иницијатива, во селото се собираат потписи на петиција со барање целиот систем за водоснабдување да му се довери на управување и одржување на Јавното комунално претпријатие од седиштето на Општината Старо Нагоричане под чија самоуправа е и селото Алгуња.

четврток, октомври 26, 2006

ЛАК И СТРЕЛА

Ова игра како деца ја игравме под пресија на филмовите за каобојци и индијанци. И славниот Робин Худ се разбира. Стрелата беше оружје на индијанците. Многу и романи од Карл Мај прочитав - попосле со таква тематика.

Потешко беше да се изработи Лак. Мораше да се најде некое јако но не предебело дрво кое има еластичност во себе... Дрен беше добар избор ... Но каде да најдеме дрен – тој во падините на Водно растеше но во маалото во која јас живеев (близу Техничко училиште – денешна Универзална) го немаше....

По земјотресот една година бев евакуиран во Словенија Камник (неколку месеци) и Пореч 8 месеци. Камник беше идеално место за правење на лак и стрела. Околу групите на куќи распрскани ваму таму – беа обронци на шума – густа шума и добар извор за материјал за Лак и Стрела. Но наставниците не ни дозволуваа да одиме сами во шума ... Словенчињата некако не не играа ... не избегаваа ...

Вистинските Лак и Стрела ги правев во населбата Бутел еден – каде моите добија барака после земјотресот ... Е таму кај самопослугите имаше остатоци од некаква шума од Багрем – која ја имаше се до некое време – кога поради старост ја исекоа ....

А уште повеќе материјал имав во селото во кое сум роден с. Старо Нагоричане. Пчиња изобилуваше со материјал за лак и стрела ... а за надополнување на сликата ... дедоми имаше прекрасна кобила по име “Ласта“ – која во полн трк – галоп - ме носеше и по неколку километри .... Во трки со коњи сега уживаат само побогатите слоеви а тогаш беше забава за нас сиромасите ....

Интерсно е дека кога ке паднеш од коњ во полн трк (се навалуваш како каскадерите од филмовите) и паѓаш под коњот ... Коњот веднаш се укопува во земја и не се десило коњ да нагази дете кое паднало ... Коњите се многу внимателни животни ....

Ласта ке ја јавнев и за десетина минути галоп бев во река – каде Ласта ке се напасеше на сочните ливади – јас ем ке се избањав во пчиња им ке најдев добар материјал - прав и доволно јак и жилав за Лак и Стрела ...

Потоа брзо ке се вратев на “работното место во селото“ – обично како и секое дете на село и јас добивав по некоја дневна задача (да се заработи ручекот – велеше дедоми) – претежно околу чување на крупниот добиток – неговото терање на паша и поење ....

Дома во двор кај дедоми ке најдев некоја стара жица и ке го оптегнев Лакот. А од тенките но јаки прутја ке направев стрели. На крај на стрелата оној кој беше од напред знаевме да уковаме пресечена шајка и правац чавки (омилени за одстрел) ... Ем доволно големи, ем штеточини ... Брзината на такви Стрели беше голема и знаевме да погодиме чавка дури и на 40 метри оддалеченост ... но се разбира најчесто промашувавме ...

Во меѓувреме (во право пладне – кога сонцето е највисоко) кога на село ништо не може да се работи – знаев често да се најдам во дворот на црквата св. Ѓорѓи – во дебелите сенки под големите багреми - во друштво на добра книга за мојата возраст ... Ех, детство ... најубавиот период на животот ...

четврток, септември 28, 2006

МОЈ КЕ ГА ЦЕЛИВАТЕ !

Навистина е грев да се краде од верски објект.

Од верските објекти се краде се и сешто... Се крадат ситните пари ставени на иконите ... Се крадат и вредните икони - поготову од помалку обезбедувани објекти ... но се краде и во Цркви и по градовите ...

Во Охрид нели се украдоа и делови од мошти на еден светец ?!

Еве за да имаме рамноправност “рамковна“ се потрудија крадците на бакарните плоќи на амамот во Дебар ....

На сета мака - ми текна да ви раскажам една случка од црквата од мојот крај ...

Попот на Црквата - кој впрочем е и мој подалечен предок - ги собрал селаните на селската слава во црквата и им одржал беседа:

Манастирска Црква во Старо Нагоричане - Кумановско

Манастирска Црква во Старо Нагоричане - Кумановско
“Драги мои сељани, сабрамо се на овој славу - свету славу - да гу прославимо селски славу ... Еве гледам дека сте донеле леб, погаче и вино да ви гу благослову славу... И тој ке га направу ... Ама имам едну муку да ви кажу и да ви пренесу и споделу с‘ас вас ...

Имасмо златан крст на цркву, да га *бу. Украдосте га ...
Купимо сребрен крс за нашу цркву да га *бу. И т‘ј га украдосте ...
Купимо железан крст - ама и т‘ј га украдосте да га е‘у ...
С‘г сам купија дрвен крст да га *бу ... Ако га украдете и њега после мој ке га целивате ....

„Свети Прохор Пчињски“ е отстапен на Србија од страна на Лазар Колишевски

Според мислењето на многи еминентни македонски историчари, Манастирот "Свети Прохор Пчињски" по Втората светска војна премолчено и го отстапиле на Србија тогашните македонски власти.


Постојат многу документи во повоениот период од кои се гледа дека манастирот е на македонска територија. Постојат дури и географски карти.

Се претпоставува дека манастирот "Свети Прохор Пчињски" и припаднал на Србија откако била донесена одлука со него да управуваат владиците на Српската православна црква. СПЦ, по се изгледа, извршила силен притисок нејзе да и припадне манастирот и тогаш се случила и промената на границата помеѓу Македонија и Србија.

Преовладува тврдењето дека македонската влада на чело со Лазар Колишевски дефинитивно се откажала од манастирот кога е донесен законот за територијална поделба на федерална Македонија на окрузи.

Во 1945 година, македонскиот Президиум, на чие чело бил Методија Андонов Ченто, го донесол Законот за територијална поделба на федерална Македонија на окрузи. За жал, со законот и се дава овластување токму на владата, на чие чело бил Лазар Колишевски да донесе уредба за бројот и за територијалните подрачја на околиите. Владата, со задскриена намера, го донесла тој државен подзаконски акт на 21 ноември 1945 година. Скопскиот округ, според член 4 од Уредбата, се состоел од: Кривопаланечка, Козјачка, Кумановска, Маџарска, Ѓорчепетровска, Драчевска, Теаречка, Тетовска, Гостиварска и Дебарска околија. Погубниот дел за Македонија е роа што со Уредбата се испуштени цели околии - Качаничката и Прешевската, Бујановачката, Трговишката, како и дел од Козјачката околија, селото Старац, каде што се наоѓа манастирот "Св. Отец Прохор Пчињски".

Во 1945 година, на сојузно федерално југословенско ниво, како и во секоја република биле донесени закони за аграрна реформа и колонизација, со што по револуционерен пат приватната сопственост преминала во државна сопственост. Под удар паѓаат и манастирите и нивните имоти. Таква судбина има и манастирот "Св. Отец Прохор Пчињски" при што српската, а не македонската влада, донесла одлука со која и манастирот бил предмет на аграрната реформа во 1946 година. На манастирот тогаш му биле оставени максимум 24 хектари обработливо земјиште и 30 хектари шума.

Sveti Prohor Pcinski.jpg

петок, септември 22, 2006

ГРАНТ ЗА МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА

ГРАНТ ЗА МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА

Со американски пари ќе го чистиме ѓубрето од Кокино

Само по една година, откако нема истражување на Кокино, посетителите на оваа опсерваторија зад себе оставаат ѓубре на камењата стари над 3800 години



- Мегалитската опсерваторија Кокино, која НАСА ја рангираше на четвртото место во светот по важност, е преплавена е со најлон ќесиња, со ѓубре и за една година колку што нема истражувања на овој локалитет, теренот е запуштен. Грантот од 27.000 долари кој се доделува од Фондот на амбасадорот на САД за заштита на културното наследство е спас, вели раководителот на истражувањата, археологот Јовица Станковски.
- Летово требаше да има археолошки истражувања на Кокино, но поради изборите, тоа не се реализира. Во октомври, се надеваме дека ќе ги добиеме ветените 200.000 денари, додава Станковски.
Со американскиот грант, за кој договор потпишаа амбасадорот на САД, Џилијан Миловановиќ и министерот за култура, Илиријан Беќири, не се предвидени археолошки истражувања, туку парите ќе се искористат за целосно уредување на локалитетот.
- Конечно ќе се постави голем билборд на кој ќе биде претставено Кокино и со сите информации за него. Сега, посетителите ако нема некој да им ја каже приказната за Кокино, мислат дека тоа се само куп камења, додава археологот. Ќе бидат поставени и клупи, канти за ѓубре, а ќе има предавања и за локалното население да се запознае со значењето на овој локалитет.
- Голем проблем претставува тоа што на теренот нема чуварска служба. Посетителите кои доаѓаат неорганизирано оставаат ѓубре, си прават скари на локалитетот, го уништуваат. Првото што ќе го побараме од новата влада е да постават барем двајца чувари кои ќе го надгледуваат локалитетот, вели Станковски.
Со грантот, исто така, ќе биде организирана и голема изложба за промоција на Кокино, ќе бидат испечатени флаери за туристи, а ќе биде извршена и конзервација на пронајдениот материјал. Со завршувањето на грантот, локалитетот би требало да е комплетно уреден.

Старост од 3800 години
Кокино датира од 1800 години пред нашата ера, односно минимум е старо 3800 години и е значаен остаток од мегалитската култура. Овој локалитет е рамо до рамо со Стоунхенџ во Британија, Абу Симбел во Египет и Ангкор-Ват во Камбоџа.

Анита ЈОВАНОСКА

четврток, септември 21, 2006

Кокино доби пари од САД


ПОТПИШАН ДОГОВОР МЕЃУ АМБАСАДОРКАТА МИЛОВАНОВИЌ И МИНИСТЕРОТ БЕЌИРИ
Кокино доби пари од САД
Амбасадорката на САД во Македонија Џулијан Миловановиќ од амбасадорскиот фонд за културна заштита, ќе донира 27.000 долари за мегалитската обсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане, кумановски.

Амбасадорката на САД во Македонија Џулијан Миловановиќ од амбасадорскиот фонд за културна заштита, ќе донира 27.000 долари за мегалитската обсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане, кумановски.
Парите се наменти за астро-археолошки истражувања, за развој , промоција и презентација на Кокино. Кокино овие пари ги добива по потпишувањето на Договорот за научна и технолошка соработка меѓу САД и Македонија.Амбасадорскиот фонд е основан од Американскиот конгрес, а Кокино грантот го добива по признавањето од НАСА како чеврта најважна античка обсерваторија во светот.
Договорот за доделувањето на грантот вчера го потпишаа амбасадорката Миловановиќ и минисдтерот за култура Илиријан Беќири.
Ова е петти грнат што Македонија го добива од американскиот амабсадорски фонд за заштита на културното наследство. Дадени се средсрва за Варадарски рид, за Римскиот форум во Стоби, за реставарација на црквата "Свети Спас" во Скопје и за турската бања Хам Ам во тетово. Ц.З.

Site Meter