Пребарај го блогов

среда, јули 26, 2006

Мостот на Пчиња кај Драгоманце два месеца чека санација

Мостот на Пчиња кај Драгоманце два месеца чека санација




Новиот мост го чекаат учениците од Драгоманце, но и туристите заинтересирани за Кокино



КУМАНОВО - Мостот на реката Пчиња, поради дотраеност, се урна на 20 мај годинава и до ден-денес не е поправен и покрај неколкуте ветени рокови од страна на надлежните локални институции во Општината Куманово и Фондот за патишта од Скопје дека истиот во најкратко време ќе биде саниран и повторно ќе се воспостави сообраќајот за потребите на жителите на триесетина села во Козјачијата.

„Сега сообраќајот отежнато се одвива преку алтернативниот мост од Коинце, односно споредниот заобиколен пат покрај ова село. Извесно време до крајот на учебната година децата кои учат во Основното училиште „Христијан Карпош" во Драгоманце, преку реката ги превезувавме со тракторски приколки. Досега, во изминатите два месеца, се пропуштени неколку ветени рокови за санација на мостот, меѓутоа, зошто не се испочитувани, не ми е познато", вели градоначалникот на Старо Нагоричане, Ласто Димковиќ, во чии атар се селата од козјачкиот крај засегнати со овој за нив важен објект.

Последната шанса за санација на мостот е пропуштена во деновите пред летната долгодневица на 21 јуни кога ноќта на Мегалитската опсерваторија Татиќев Камен во Кокино беше одржан музички хепенинг во присуство на неколку илјади посетители од сите краишта на Македонија. Министерството за транспорт и врски и Фондот за патишта не го исполнија ветувањето дека мостот ќе биде оспособен за сообраќај во пресрет на овој голем настан.

„Новото ветување од Фондот за патишта е од пред неколку дена и гласи дека санацијата ќе заврши од 10 до 15 идниот месец", изјави вчера градоначалникот на Старо Нагоричане, кој се надева дека новиот мост со особено задоволство ќе го дочекаат учениците од Драгоманце, но и сж побројните туристи од земјава и од странство заинтересирани да се запознаат со феноменот на Мегалитската опсерваторија во Кокино. (Ст.Б.)

Пелинце се гради од Илинден на Илинден

ПРАЗНУВАЊЕ ВО НЕЗАВРШЕНИ СПОМЕНИЦИ

Пелинце се гради од Илинден на Илинден

Три години по отворањето, Меморијалниот центар на АСНОМ си' уште не е завршен, а планираните објекти се градат само во деновите пред празникот

Мајсторите од Куманово забрзано ја поставуваат калдрмата, која остана по реконструкцијата на градските улици на мини-плоштадот во кругот на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Се подготвуваат и два објекта наменети за ресторанот и за библиотеката со десетина апартмани, кои ги соѕидаа мајсторите од Пустец. На патот до Пелинце, со асфалт забрзано се крпат ударните дупки за да можат возилата полесно да поминат.

- Веруваме дека до среда ќе го завршиме планираното. Работиме од пет изутрина до навечер за да стасаме до празникот. Малку тешкотии имаме со тоа што калдрмата што ја ставаме е стара и треба време за да ја обработиме. Сега не е предвидено да се смени чакалот пред Центарот. Ќе работиме тогаш кога ќе обезбедат пари - ни рекоа вчера работниците што го уредуваа Меморијалниот центар на АСНОМ.

Планиран да зафаќа површина од осум и пол хектари, три години по неговото отворање, тој се' уште не е завршен. Рокот постојано се продолжува, зашто немало доволно пари. А тие, според досегашната пракса, се обезбедуваа само од државниот буџет и само спроти 2 Август, за да се обезбеди какво-такво достојно чествување на АСНОМ.

Така е и годинава: ќе биде завршен само дел од предвидените објекти, а за идните години останува да се направат спортски терени, базен... Сосема е неизвесно која годишнина на двата Илиндена на кои се удрени темелите на македонската државност ќе биде прославувана и кога ќе може да се каже дека комплексот е целосно завршен.

Меморијалниот центар АСНОМ почна да се гради по идејата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски за да може Македонија достоинствено да го празнува најголемиот национален празник. Причината беа серијата провокации на Српската православна црква, која ги оневозможуваше прославите во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, каде што е одржано првото заседание на АСНОМ, на кое се удрени темелите на македонската држава.

- Центарот треба да се дополни со уште материјали - пишува во една порака во книгата за впечатоците на посетителите.

Кустосот Игор Арсовски вели дека досега Центарот, во кој е најинтересна поставката на салата во која седеле делегатите на АСНОМ, го посетиле околу пет илјади граѓани. Во горниот дел од салата се ставени експонати - фотокопии на најважните одлуки што биле донесени на АСНОМ.

- Реакциите се различни, некои посетители се задоволни затоа што е подигнат овој комплекс, други не. Мислам дека кога ќе се дополни со нови содржини, кога ќе се организираат ликовни колонии и друго, Центарот ќе функционира уште подобро - вели тој.

„Тука е стварно супер и ова е нешто најубаво што го има Македонија“, напишала Маја Антевска. Посетители што не сакале да се потпишат порачуваат: „Очекував нешто повеличествено, ова е промашена инвестиција“ и „Поубаво ќе беше да се изгради манастирот Свети Прохор Пчињски“. Не изостануваат пораки со шовинистичка содржина, со носталгија кон поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.

Меморијалниот центар најчесто го посетуваат млади како дел од маршрутите на ученичките екскурзии. Поради тоа што ученичките средби во овој регион се одржале тука, музејот на АСНОМ само еднаш го посетиле ученици-Албанци.

Црвенковски во Крушево, Груевски во Трново

Шефот на државата Бранко Црвенковски и идниот мандатар за новата влада Никола Груевски нема да се сретнат на централната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево, дознава „Дневник“.

Груевски најверојатно ќе се појави на собирот на Македонците од егејскиот дел, во битолското село Трново.

На Мечекин Камен, каде што свое обраќање ќе има претседателот Бранко Црвенкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставува висока партиска делегација.

Бранко Горгевски

вторник, јули 25, 2006

Свети Прохор Пчињски духовен и историски светилник (1)

Време, број 789, 25.07.2006

Свети Прохор Пчињски духовен и историски светилник (1)

Историската документација, научните публикации, картографијата потврдуваат дека манастирот Свети Прохор Пчињски е изграден во 11 век, а е обновуван во 14 век. За статусот на манастирот и имотот со кој располагал ќе се навратиме на минатиот 20 век и сегашноста.
Врз основа на Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година била санкционирана поделбата на Македонија помеѓу кралствата на Грција, Србија и на Бугарија. Вардарска Македонија нарекувана јужна Србија во периодот 1922-1927 година се уредува да биде под поголемо влијание на кралска Југославија, односно на кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Вардарска Македонија била поделена на три области: Скопска, Битолска и Бегалничка. Во Скопската област влегувале 11 околии, меѓу нив: Качаничката (Качаник), Кривопаланечката (Крива Паланка), Прешевската (Прешево) и Жеглиговската (Куманово). Во окупираниот дел на Вардарска Македонија, тогаш наречена јужна Србија кралските воени геодети ја делат македонската земја по катастерски операти, како и селото Пелинце-Кумановско и селото Старац, во чии атар по мерењето на воените геодети се наоѓа манастирот свети Отец Прохор Пчињски со дел од манастирскиот имот.
Селото Старац припаѓа на Прешевската околија. Манастирскиот имот се протега и во селата Спанчевац, Клиновец, Кленика и сите тие спаѓаат во прешевска околија, Тибужде се наоѓа во Врњска околија, селата Коинце и Пузаљка-Кумановско. Од недвижностите манастирот во имотот има една двокатна зграда во Бујановац. Во Кленика се наоѓаат два дуќана со по две одделенија, два дуќана со по едно одделение, една магаза со едно одделение, една станбена зграда со одделение и визба се наоѓаат во истото место.
Манастирот од недвижен имот имал една куќа во Куманово на улицата Х. Димчевски и четири приземни куќи во Скопје. Постои тапија за манастирскиот имот кој е заведен на 17.8.1923 година во тогашниот суд на Општината на Градот Скопје, на кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во оваа тапија точно се утврдува местоположбата на четирите згради и останатиот придружен имот односно земја. Како што е познато на 2 август 1944 година во свечената сала на манастирот Свети отец Прохор Пчињски се одржа заседанието на АСНОМ со кое македонскиот народ ја возобнови својата Македонска држава.
Во мемоарскиот запис на претседателот на Президиумот Методија Андонов Ченто, покрај другото, ќе забележи:
„Во исто време, многу доселеници, колонисти и чиновници, кои беа дојдени во Македонија меѓу двете светски војни, а за време на војната се вратија во Србија почнаа да идат во Македонија. Тогаш помислив, ако не можат да дојдат оние што се родија овде, не треба да се вратат ни оние, кои ги насели бившиот Југословенски режим. Затоа на истата седница на Президиумот го постави прашањето дали во Македонија можат да се враќаат Србите доселеници и чиновници, кога не смеат да се вратат Македонците, кои емигрирале од теророт од кралството на Југославија. Президиумот го прифати предлогот да не им се дозволи слободно да влегуваат на македонска територија. Така се случи да тие повратници беа задржувани во Ристовац, на границата меѓу Македонија и Србија. Веста за тоа стигнала во Белград, каде што почнало да се манипулира дека во Македонија владее антисрпско расположение. За тоа и за други важни работи ми пиша Мане Чучков кој беше испратен во националниот комитет за ослободување на Југославија, како претставник од Македонија…“
Од цитираниот фрагмент на мемоарскиот запис, а кој се однесува за крајот од 1944 година несомнено се потврдуваат две работи. Првата работа е дека границата помеѓу Македонија и Србија била кај градот Ристовац. Втората работа е тоа дека настанал сериозен и непремостлив судир помеѓу Ченто и секретарот на Комунистичката партија Лазар Колишевски. Освен за ова за грев му се земало на Ченто што го поставил прашањето за обединување на Македонија. Ченто поради таквото однесување и барање ќе биде осуден на 11 години робија во монтиран судски процес во 1946 година. Сеќавањата на нашиот прв претседател Ченто се објавени во мемоарската книга „Мојот татко - Методија Андонов Ченто“, која излезе во печат 1999 година.
Во тие времиња Лазар Колишевски беше секретар на ЦК на КПМ во период од март 1943 до јули 1963 година. Покрај партиска едновремено Колишевски има неограничена државна моќ како претседател на македонската Влада од 16 април 1945 година до 19 декември 1953 година.
Во 1945 година Президиумот донесува Закон за територијална поделба на Македонија на окрузи, а Владата таа проблематика ја регулира со Уредба за определување на бројот, територијалните подрачја и седиштата на околиите и месните народни одбори. Со донесување на овој подзаконски акт на тогашната влада се испуштени териториите односно околиите: Качаничката, Прешевската, Бујановачката, Трговишката односно дел од Козјачката околија.
Месец февруари 1946 година владата на Србија донесува одлука со која манастирот Свети Прохор Пчињски бил предмет за утврдување на објект за аграрна реформа со неговиот имот селото Старац-Прешевска околија.
Генералниот секретар Митар Бакиќ се обраќа со писмо К. бр. 1181 од 15 мај 1946 година до македонската влада во врска со територијалното разграничување на народните републики во врска со измена на заедничките административни граници. Помошникот на генералниот секретар Киро Глигоров испраќа уште едно ургентно писмо на 6 август до македонската влада во врска со проблемот за коригирање на административните граници помеѓу НР Македонија и НР Србија. По повод ваквата расписка меѓу федералната влада и македонската влада, претседателот на народниот одбор во Скопје Пешев се обраќа со писмо од 27 декември 1946 година до македонската влада, во кое покрај другото споменува:
„Во врска со Козјачката околија, таму не станува збор за припојување или за издвојување на некои села. Прашањето е само за манастирот Прохор Пчињски, кој како географска, така и од општопознатите историски причини би требало да потпадне под НР Македонија.
Манастирот Прохор Пчињски (само како манастир) да се одвои од НРС (Прешевска околија) и да се присоедини кон НРМ (Козјачка околија).
Манастирот Прохор Пчињски, односно поголемиот дел од неговиот имот (шума, ораници) се наоѓа на територијата на НРМ, додека манастирот со мал дел од имотот се наоѓа на територијата на НРС. Бидејќи во тие краеви не станува збор за префрлување на некои села, предлагаме манастирот поради општопознатите историски причини (од важност за НРМ) да се приклучи кон НРМ.“
(Продолжува) Ставре Џиков, публицист

недела, јули 23, 2006

Карпеста уметност во Македонија

Карпеста уметност во Македонија


Што е карпеста уметност ?



Тоа се цртежи на луѓе, животни, идолиформи, купули, разни видови крстови, реткули, гравирани или сликани врз карпите и камењата од времето на палеолитот до времето на христанизација.

Од причина што на овие простори е откриена најголемата концентрација на цртежи, како и поради фактот дека купулиуте се првите почетоци на било каква духовна манифестација на човекот од нашата планета нема никаков страв од заклучокот дека Македонија е вистинско светилиште на светската култура, а со тоа и на светската уметност. Македонската карпеста уметност се карактеризира по својата бројност, разноликост како и перфекција на формата. Тешко можеме да издвоиме крај кој е повеќе карактеристичен или значаен за карпестата уметност. Целата територија се смета за еден вид резерват на карпестата уметност, претставува уметност во интерпланетарни рамки. Што се однесува до бројноста на карпестите гравири треба да се истакне дека до овој момент се истражени само 70% од територијата и се откриени над 600.000 карпести гравири.

Во што е тајната што овде се пракорените на првата писмена комуникација ?

Овој предел пред повеќе милиони години потресуван од вулканските активности создал неверојатни пејсажи кои предизвикале воодушевување и чуство за естетска убавина и божественост. Вулканите ја создале лискон карпата, најпогодна за гравирање, и силексот /регион најбогат со овој неметал, а по својот состав најцврст во светот/. Идеална можност за појава на првите знаци и цртежи по карпите и камењата. Предците на тие места оставале пораки до идни генерации во форма на вградени, сликани форми и скулптури, за трајно дефинирање на кулртурно, историско и археолошко наследство..


Првите и најбројни изработени гравири купули (вдлабнати полутопки), се всушност првите и најстари познати знаци со кои нашите предци комуницирале - пронајдени во овој регион, по што сме единствени во светот. Овој тип на гравири се првите духовни манифестации на праисторискиот човек, кој првин ги набљудувал природните вдлабнатинки за кои немал објаснување како тие настанале. Купулите се среќаваат со различна форма, големина, како и распореденост. Целата територија на Македонија е Музеј под отворено небо, со најмногу откриени и сочувани карпести гравири. Осоговијата, која се наоѓа во сверноисточниот дел, е најголемиот репрезент и основа на севкупното културно наследство. Во времето кога природните рецки и цртички, како и вдлабнатинките го привлекле вниманието на нашите предци и кога тој почнал да размислува за тоа што се тие мали безбројни светилнки кои преку ноќта го красат небото над неговата глава, почнал и процесот на развојот на карпестата уметност.

Легендата од овие краеви вели: Набљудувајќи ги ѕвездите на небото праисторискиот човек заклучил дека тоа се душите на секој човек кој ќе се роди на земјата, додека метеорите кои паѓаат се оние ѕвезди кои се гаснат откако некој ќе почине правејќи дупчиња на земјата. Тоа е и причината која ги поттикнала да почнат и самите да изработуваат вакви длабнатини, подоцна поврзувајќи ги со мали каналчиња. Поврзувањето на купулите со каналчињата, значи поврзување на сродните души на починатите.


По купулите, почнале со гравирање на ретикулите или мрежестите гравири. И овие гравири настанале по пат на набљудување на природно изгравираните форми и по набљудувањето на паѓањето на метеорите. Тие понекогаш се распоредени налик на ѕвездениот систем, во круг, триаголник, во низа по две и повеќе купули, крстовидни гравири, идолиформи, во форма на лак и многу други. Овие гравири, се првите никулци на светската писмености, факт кој упатува на рани почетоци на развојот на писмена култура. Тие понекогаш имаат многу комплексна форма, а понекогаш се среќаваат поедноставни и асоцираат на букви од денешниот алфабет. Вакви гравири во поголема концентрација се наоѓаат во Кумановските села: Добрача, Становац, Пузаљка и другите села. Во Македонија се наоѓаат бројни гравири од овој тип во одлична состојба.



Следат крстовидните гравири, како трет духовен производ на нашите предци. Понекогаш ваквите гравири се толку чести што и самото место каде се наоѓаат ови видови гравири го носат името: Крст, Крстат Камен и сл. Откриените крстови од праисторискиот период со леви и десни свастики, пентограми, зборуваат за факт дека симболите на главните филозофско-религиозни правци имаат своја аналогија на карпестите примери откриени на оваа територија Не случајно овој гравир постанал симбол на христијанското учење.

Доколку праисторискиот предок сакал да покаже човечка фигура во ритуален танц, тој исцртувал крст, чија долна линија има брановидна форма. Крстот чии страни завршуваат со купули од карпата постојат во с. Талашманце, единствен по својата форма, ретка форма на гравир, кој се среќава во светот. Има комплекси од гравири со исклучива крстовидна форма, каде крстовите се во различен распоред и големина. Крстови во контекст на: ретикули, идолиформи (гравири кои претставуваат божества) и др. Во Кочанскиот регион постојат крстовидни гравири, од кои е создаден совршен крстовиден писмен систем, кој подоцна широко бил употребуван на Балканските простори.

Не е мал број на откриени соларни симболи во различни форми и симболи. Бројноста на карпестите гравири што го претставуваат сонцето покажува дека Македонија е лулка на култот на сонцето. Од таму симболичната поврзаност на центарот на сонцето со центарот на земјата кај гравирите од локалитетот “Ѓаволска Црква“, с.Руѓинце, како и во с. Младо Нагоричане, Кумановско. Импресивен комплекс од гравири од типот аркуформи, или форми на стрела има во месноста: “Писан Камен“ во с. Железница, Кратовско, содржински најбогат во светски рамки. На местото “Илин рид” во с. Опила, Ранковце има цртежи кои немаат преседан во консталацијата на божества, прекрасен комплекс од идолиформи, поврзано со плодноста, раѓањето и сл. Во местото “Орлов Камен“, во с.Трновец, Кратовско, постои божество на плодноста, Над божеството е исклесано и името на божеството кое започнува со буквите КОК.....додека последните букви не се идентификувани поради оштетеност. Тоа значи дека се почитувале божества кои не биле познати во нејзиното соседство, нешто што го потврдува и фактот дека карпестата уметност е основа и на религиозното наследство на светската цивилизација.



На локалитетот “Цоцев Kамен” може да се види Сликана карпеста уметност од времето на доцен неолит и рано бронзано време.

Во с. Дебеше, Кавадаречко врз една цврста мермерно-магнезитна карпа забележани се најмалите купули во светот, чија длабочина и широчина се мерат со дел од милиметарот.



На местото “Плочи” во с.Нежилово е открина првата астро карта во светот каде со повеќе од 3000 мали вдлабнатини се представени ѕвезди, неколку соѕвездија, метеори а на средина Месечина.

На територијата на Македонија се среќаваат гравири од сите стилистички периоди со сите форми и димензии, досега познати во светот. Најзначајни ликалитети со карпеста уметност во Македонија се: Опила, Трновец, Долно Јаболчиште, Десово, Црн Камен.

Мора да се спомене и комплексот “Чамот“ во с. Смоларе, каде на сосема мала површина постојат минијатурни карпести гравири. Изненадува фактот дека сите овие гравири се изработени со прецизно тенка линија, како да се изработени во време кога карпата била во поинаква агрегатна состојба. Овој комплекс остава впечаток како да претставува праисториски Универзитет, комплекс прв од ваков вид во светот. Со откривањето на гравирите, како што стручно се нарекуваат пиктажи се стави последна коцка во мозаикот наречен форми на карпестата уметност во Македонија.

Такви видови има и по долината на реката Пена, Тетовско. Формите на овие видови гравири се различни, обични линии, форми на животни и геометриски фигури. Праисторискиот културен деец се обидел и тоа со успех природно оформените карпи во вид на човечка фигура со помош на брзите води на Пена да ги преобрази во човечки фигури со маска. Ваквите творби немаат преседан во карпестата уметност во светот.

Според стилско тематската содржина на еден гравиран комплекс карпестата уметност во Македоија ја има во неколку периоди и тоа: 1. Шематски период (5.300 - 3.400 г. пр. н. е.); 2. Симболичен период (3.400 - 1.800 г. пр. н. е.); 3. Геометриски период (1.800 - 200 г. по н. е.); 4. Период на христијанизација.



Од времето на шематскиот период имаме прекрасно гравирани комплекси во Кратовскиот регион. Доминира темата: Церемонија на породување. Мајката е претставена со поголем крст, додека детето е претставено со помал крст. Сите човечки фигури се претставени со помали или поголеми крстови, во зависност од желбата да се претстават деца и возрасни. Има и претстави на домашни животни, овца и куче, кои се претставени сосема шематски. Најдобар претставник на симболичкиот период е унијата од два гравира, каде едниот гравир го претставува сонцето, додека другиот гравир ја претставува земјата, која е претставена со крст врежан во круг. Центрите на овие два гравира се поврзани со линија за да се покаже симболичната врска на земјата со нејзиниот животен извор сонцето.


Дека во Македонија културно се делувало и тоа во континуитет со милениуми потврдува и фактот што во с. Војник, Кумановско, е откриен карпест гравир од типот идолиформи (божества), кој е скоро идентичен со орнаментот изработен во едно перниче во селото Бељаковце, Кумановско. Жената која го изработила перничето до денес не го видела гравирот од с. Војник. Тоа недвосмислено покажува дека праисториската култура живее во потсвеста на македонскиот гениј. Присуството на купулите од времето на палеолитот, па се до неколку века по новата ера и нивно преточување во домашните ракотворби се уште еден многу битен показател дека на македонскиот простор културно се создавало во континуитет. Луѓето доаѓале на овие простори, заминувале, но секогаш имало една компактна маса на луѓе кои секогаш живееел и опстојувале и многу повеќе влијаеле врз духовниот развој на околните жители отколку што тие трпеле влијанија однадвор.


Центар за Карпеста уметност во Македонија

На 14 септември 1994 г. е откриен гравиран сончев симбол Сличен на знамето на Македонија. Гравирот е откриен од Македонско-италијанска научна експедиција во с. Трновец, Кратовско. Тоа е универзален симбол со силно изразено симболично значење.

На конгресот на IFRAO во Италија 1995 г. авторот на монографијата “Карпеста уметност основа на светската уметност”, Душко Алексовски, е вбројан меѓу 2000 најзначајни личности во светот во XX век.

На ридот во месноста Орлов Камен во с. Трновец Кратовско на 7 октомври 1998 г. е отворен Резерватот за карпеста уметност. Тука е првата карпа каде е потврдена предпоставката за постоење на карпестата уметност во Македонија. Се протега на 1.200 м2 од вливот на на Крива Река во реката Пчиња се до бугарска граница. Во тој потег речиси нема камен кој што не бил предмет на духовна манифестација на праисторискиот човек.

Светски Конгрес на карпест уметност беше одржан во Скопје од 14-21 јули 2002 г. А на 21 јули 2002 г. донесена е одлука за формирање на Светска академија за карпеста уметност, единствена ваква високонаучна институција во светот со седиште во Скопје.

Во Кратово 24 фебруари 2006 г. за прв е отворена Постојана изложба, и за сега единствена од ваков вид во Балканскиот регион, посветена на карпестата уметност. Македонскиот центар планира отворање регионални центри за карпеста уметност во Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Велес, Охрид, Штип, Кочани, Делчево, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Берово Радовиш и Крива Паланка. Карпестата уметност влезе и во образовниот процес преку предметот историја за прва година. Во тек е постапката за изградба на зграда на Центарот за карпеста уметност на Македонија со постојана поставка - Лапидариум, Музејски простории, простор за Светската академија за карпеста уметност и др.

Врз основа на се она што е направено на истражувачки план, институциите од областа на карпестата уметност во светот одлучија Македонија по втор пат 2009 г. да биде организатор на најголемиот светски собир, на Конгресот на истражувачите на карпестата уметност.

Костоперска Карпа с. Младо Нагоричане

Костоперска Карпа с. Младо Нагоричане





Локалитет природна и културна реткост "Костоперска Карпа" во околината на селото Младо Нагоричане на која се извршени неколку систематски истражувања кои дадоа извонреден материјал за културниот профил на населбата која имала егзистенција од енеолитот до средниот век, а околу неа и денес се живее. Таа се наоѓа помеѓу стариот и новиот магистрален пат, 10 км. источно од Куманово. Има извонредна стратешка положба и видливост со сите околни градишта со кои имала визуелна комуникација и од која вршела контрола на магистралниот и локалниот пат кој одел паралено со сегашниот пат, северно кон Прохор Пчински. Пронајдениот археолошки материјал од населбата и некрополата, загадочниот т.н. подземен објект и базиликата од VI в. на платото на карпата го потврдуваат значењето на овој населен комплекс на кој му се фатени контурите и кој допрва треба систематски да се истражува.

Ископувањата на просторот на некрополата која според досега откриените гробни конструкции хронолошки е детерминирана од крајот на I-IV в. н. е. откри 74 гробови со начин на погребување, кремации како постари и инхумации како погребувања од III-IV в. Во гробовите е откриен богат археолошки материјал како што е накит од злато, сребро, килибар, стаклена паста и бронза, како и керамички садови (стомни, паници, мали садови итн).

Освен ова, особен куриозитет се надгробните стели од кои се формирани гробните конструкции извонредно значаен епиграфски извор, бидејќи во нивното натписно поле дознаваме за идентитетот на покојникот што воедно се изворни податоци за структурата на населението во овој дел од регионот. Инаку, овој локалитет е во директна комуникациска врска со Скупи и се наоѓа покрај патната комуникација од каде се одделувале два патни правца, еден продолжувал кон моравската магистрала на север, а другиот скршнувал на исток и се движел речиси идентично со денешниот магистрален пат.

С. Старо Нагоричане

С. Старо Нагоричане

Повеќе од седум века црквата Свети Ѓорѓи го штити од зло кумановското с Старо Нагоричане. Мештаните веруваат дека стариот храм им носи среќа. Велат дека и во најтешките мигови од животот утеха наоѓале во него. Доаѓаат за празници и во неделите кога има богослужби. Најубаво е за Ѓурѓовден кога има слава. Тогаш во Старо Нагоричане се собираат луѓе од сите околни села. Го слават и Свети Сава. Во негова чест во црквата има богослужба, а во основното училиште во селото за добар успех и добро здравје на учениците се крши славска погача, одбележувањето е со голема традиција. Мештаните велат дека тоа е ден кога побогатите луѓе им даваат подароци на децата кои се школуваат. Празник кој треба да се помине со семејството на скромна трпеза.


Стариот храм не може никако да се одмине. Тој е издигнат сред село на една височинка над главната улица по која се стигнува до општината. Под црквата и над неа меѓу високите дрвја има убави стари селски куќи кои можеби се изградени уште пред стотина години. Дебелите sидови во нејзината внатрешност ги красат живописни фрески.

Веднаш над главната голема влезна врата е насликана фреска со успетието на Богородица, на двата странични sида збиено еден до друг во повеќе редови се насликани светци. Зад олтарот со богат иконостас се наsира огромна фреска со тајната вечера. Црквата според легендата била изградена многу порано од 14 век. Неа ја направил Роман Диоген уште во Римско време во чест на големиот пророк Прохор кој долго време живеел сред село како испосник во една мала пештера. Веднаш над црквата до селската чешма се уште постои пештерата на пророкот Прохор. Сега до неа е изградена една мала црквичка и целиот простор кој е уреден и ограден се верува дека е свето место.



Според легендата Роман еден ден кога бил на лов во шумата која се наоѓа веднаш над селото ранил една срна. Животното му побегнало и се скрило во пештерата каде што живеел Прохор. Следејќи ги трагите од крв тој стигнал до пештерата на пророкот. Сакал да ја застрела срната, но Прохор му рекол дека за многу кратко време тој ќе стане цар ако не ја убие. Роман Диоген го послушал пророкот Прохор, го спуштил нанишанетото копје и си заминал. По неколку години тој се вратил во Старо Нагоричани, но облечен во царска облека со круна на главата. Дошол да го види Прохор и да му се заблагодари за убавото пророштво. Пророкот повеќе го немало во пештерата. Си заминал од селото оти мештаните му станале здодевни со нивните чести желби да им ја претскажува иднината. Тој нашол ново живеалиште - манастирот Прохор Пчински кој е во близина на селото Старо Нагоричане.



Царот Роман за сеќавање на Прохор кај неговата пештера изградил голем храм. Но, времето ги нагризало камењата, војните ги попуштиле темелите и стариот храм се урнал. Во 1313 г кога во Старо Нагоричане дошол цар Милутин и на местото на старата црква изградил нова која била многу слична на таа што ја направил Роман Диоген за Прохор. Од тогаш до сега црквата не е многу изменета.

МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА КОKИНО

МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА КОKИНО


По слегувањето од автобусите се договараат основните правила за движење на теренот, запазување на чистотата и внимателен однос кон објектите и предметите на локалитетот. Посетителите да нe се движат надвор од патеката. Сите карпи, камења и камени маркери дa не се оштетуваат или поместуваат. Ако се наиде на исфрлени предмети на површината (пред се од кртовите) да не се поместуваат или пак земаат. Предупредување за ризиците: Посетата е лична одлука на секој посетител и самиот одговара за последиците по неговото здравје, или друга материјална и нематеријална штета. Посетата на опсерваторијата не се препорачува за деца помлади од 10 г, како и сите лица кои имаат тешки заболувања.

Плато над првото ридче

Мегалитската опсерваторија се наоѓа во североисточниот дел на Мекедонија, (г.ш. 420 15’, г.д. 210 57”), во атарот на с. Кокино, на граница со с. Арбанашко. Во поширокиот регион има голем број на археолошки наоѓалишта од римско, античкио, железното, бронзеното и неолитското време. Тоа значи дека регионот има историја долга 7000 г. преполна со значајни населби, светилишта, настани и личности.

Денес целиот регион е ретко населен. Целиот регион практично бил ненаселен се до почетокот на XIX в. Доселениците имале свое влијание во менувањето на топонимите во овој регион. Така, за оваа планина Татиќев Камен се смета дека е од поново време, затоа што околните врвови имаат имиња кои во основа го имаат коренот “пер” кој имал значење камен. Интересно е да се каже дека според легендите кои ги раскажуваат селаните, во далечното минато во овој регион се одгледувале многу коњи, а многумина биле вешти коњаници. Според некои тврдења, голем дел од елитната коњаница на Александар била составена од жителите на овој регион и на неколку наврати му го спасиле животот.

Кај сондата од железно време

Од ова место се уште не се гледа самата опсерваторија, туку само карпите кои ја опкружуваат. Според анализите на геолозите оваа планина всушнност е еден неовулкански рид. Тоа значи дека во далечното минато од вжештената лава на ова место се издигнале така наречени андезитни карпи. Археолошките истражувања во изминатите години покажаа дека во минатото имала улога на света планина.

Во преданијата се раскажува за овие свети планини. Планината се сметала за место каде се сретнуваат земјата и небото, престојувалиште на боговите и место на средба на луѓето со боговите. Во верувањата искачувањето на планината го симболизира животниот пат на човекот. Гледано од подножјето таа има симбол на оска околу која се врти целата Вселена. Гледано од врвот на планината таа има симбол на центар на светот и враќање кон праисконските правила на создавање на светот. Затоа врвот на светата планина често пати се изедначува со папакот на светот.

Во народот има легенди за постоење на митски и свети планини. Во селата се верува дека судбината на луѓето може да се промени, човекот мора да оди многу далеку и да стигне до врвот на некоја митска планина каде живее Сонцето со неговата мајка, постојат многу легенди во кои се раскажува за средбата со Богот Сонце, при им помогнал да ги решат своите проблеми. Тоа значи дека обожувањето на Сонцето на овие простори е присутно од праисториското доба, до денес.

Местото каде археолозите ископаа керамички предмети од железно време.

Ако се знае дека се најдени предмети кои потекнуваат од раниот бронзен период или околу 1900 г п н е, тогаш станува јасно дека целата оваа планина имала улога на свето место и се употребувала како стара опсерваторија најмалку 1200 г. Затоа, од ова место па се до врвот по целата патека ќе наидуваме на парчиња керамика кои сведочат дека во далечното минато ова место го посетувале многу луѓе изведувајќи разни обреди и ритуали.

Кај сондата со жртвените јами

Источен хоризонт каде се пронајдоа жртвени јами, кои се природни вдлабнатини во карпите во кои се ставале керамички садови со поклони наменети на Големата Божица Мајка. Според верувањата ова е местото каде се соединувале земјата и небото, на ова место се изведувале ритуали посветени на земјата, небесните богови, пред се на Богот Сонце. Обредните јами ја имаат улогата на место каде даровите се ставаат во утробата на Големата Мајка. Во садовите веројатно биле ставани разни семки од растенија за кои се верувало дека ќе ги оплоди, а со тоа ќе се гарантира многу побогат род. Според ископаната керамика ритуалите се изведувале 1900 г.п.н.е, старост потврдена и со астрономските мерења Во верувањата земјата имала многу значајна улога. Земјата е спротивност на небото, го симболизира женскиот, а небото машкиот принцип во создавањето на светот.

И ден денес ако селанец ја навреди земјата, тој три пати се клања, ја бакнува и вели “Опрости ми земјо мила мајко моја”, затоа што се плаши дека кога ќе умре земјата нема да го прими назад во својата утроба.

Кај обредната просторија Во просторот, кој е природно заградена просторија, во 2001 г, за прв пат беа извршени археолошки истражувања и од 100 м2 беа ископани 1 000 кг. керамика од бронзениот период (1200-1400 г.п.н.е). и дваесетина рачни мелници за жито, може да се каже дека се изведувале некои ритуали поврзани со денот на жетвата, откриени се посебно обработени камени маркери со кои се означувале местата на изгревање на Сонцето и Месечината, но и во некои обредни или ритуални денови. Токму еден ваков маркантен маркер можете да видите овде, над оваа просторија. Според астрономските мерења, во деновите кога завршува жетвата или во средината на летото кон крајот на јули, Сонцето наутро изгревало точно во отворот на маркерот, при што се јавувал еден силен зрак од сончева светлина. На спротивната, или на западната страна се гледа вештачки изработен засек во карпите познат како траншеа. Отворот не е случаен. На едната ивица од засекот се наоѓа посебно изработен и обликуван маркер на кој Сонцето изгревало во денот на летната долгоденица.

Ова е многу важен маркер бидејќи според неговите координати астрономите ја определија староста на опсерваторијата, точно на овој маркер изгревало 1800 г.п.н.е. Другата ивица исто така многу е важна, затоа што, во денот на жетвата сончевиот зрак поминувал точно покрај ивица и паѓал само на еден од камените престоли на долната платформа. Мегалитската опсерваторија се наоѓа на две платформи при што секоја од нив има свои карактеристични содржини. Должината на опсерваторијата е 90-50 м. Доминираат посебно изработени камени седишта познати како тронови, се верувало дека тука седеле боговите.

На горната платформа постои камен маркер во кого Сонцето изгрева во денот кој го обележувал крајот на жетвата. Во тој момент од отворот на маркерот блеснува силен сноп сончева светлина кој поминува покрај ивицата на траншеата и го освелува владетелот на племето кој седел на еден од престолите. Според верувањето во моментот на осветлување владетелот ритуално се соединувал со Богот Сонце и тоа било гаранција дека и идната година ќе има богата жетва, добар и мирен живот. Оттаму потекна и идејата дека од ова место се набљудувале небесните тела кои изгревале на хоризонтот. Астрономските мерења покажаа дека троновите се свето и обредно место и не се поврзани со астрономските набљудувања.

На брегот позади престолите За да разбереме зошто ова место е древна опсерваторија, треба да се потсетиме на основните карактарестики на движењето на Сонцето и Месечината. Во текот на една календарска година Сонцето и полната Месечина изгреваат на различни места на хоризонтот. Тоа значи дека Сонцето во зима кога денот е најкус, (22 декември) изгрева најјужно на хоризонтот. Потоа, секој ден, оди кон север и во денот на пр. рамноденица (21 март) изгрева точно на исток. Сонцето продолжува да се движи кон север, должината на денот се зголемува и на (21 јуни) ќе изгрее најсеверно на хоризонтот. Потоа се враќа назад и на (23 септември) ќе изгрее на исток за да повторно, на 22 декември изгрее во точката на зимската краткоденица. Такви камени маркери се откриени на ова место при што маркерот на л. долгоденица е добро сочуван, маркерот на пр. и ес. рамноденица малку е оштетен, а најголеми оштетувања претрпел маркерот на з. краткоденица. Овие оштетувања се должат најверојтно на земјотресите. Познато е дека територијата е зафатена со земјотрес на секои 500 г. Покрај оштетувањата на маркерите, можат да се видат и две свлечишта на земјиштето.

Месечината има малку покомплицирано движење и одбележувањето на местата на изгревање на хоризонтот се доста тешки. Наједноставно е да се каже дека во текот на зимата таа се движи на небото на места каде што се движи Сонцето летно време, а летно време на местата на небото каде што се движи Сонцето зимно време. Зато околу маркерите треба да има лево и десно по два камени маркери кои ќе ги означуваат местата на изгревање на Месечината. Овие маркери исто така постојат на овој локалитет. За да локалитетот биде опсерваторија треба да е исполнет уште еден многу важен услов. Сите овие седум маркери треба да се гледаат од едно исто место, или линиите кои поминуваат низ маркерите треба да се сечат во една точка, која всушност е централна точка на опсерваторијата. Ова централно место се наоѓа доле, но, не смее да се застанува, затоа што целиот терен е оштетен.

Научните истражувања од областа на археологијата и астрономијата не се во целост завршени и затоа во иднина може да се очекува и нови изненадувања кои само можат да ја зголемат научната вредност и атрактивноста на овој локалитет.

Mанастир Забел с. Старо Нагоричане

Mанастир Забел с. Старо Нагоричане

Црквата "Пресвета Богородица" во манастирот "Забел" е изградена 1330 година, но како и повеќето православни светилишта во Македонија, во времето на турското владеење била целосно срушена. Според легендата што ја прераскажуваат жителите од овој крај, од разурнатиот манастир останале само три гроба во олтарот. На некој човек од селото му се сонило дека во еден од гробовите има скриено богатство, со кое треба да се обнови стариот манастир. Тој навистина откопал злато, а потоа отишол кај игуменот во матејчкиот манастир да побара согласност од Цариград да му дозволат да го подигне светилиштето. Обновата почнала во 1852 година. На темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, за четири години бил изграден новиот храм. Мајсторите го поставиле и олтарот, но не успеале докрај да го изработат фрескоживописот и внатрешно да ја уредат црквата. И по толку години постоење, досега никој не се нашол да ја уреди црквата.

Манастирот "Забел" се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од Куманово.

Местото на кое е изграден потсетува на гнездо. Неговата скриеност од сите страни и зафрленоста не биле пречка ова духовно светилиште некогаш да врие од луѓе и живот.

"Порано тука се вкрстувале многу патишта, па во манастирот доаѓале многумина верници и патници-намерници, кои ноќевале во конаците. Со својата плодна земја и густа шума, манастирот бил еден од најбогатите во земјата. Го опслужувале дваесетина семејства, кои одгледувале над 200 овци, 20 грла крупен и ситен добиток. Во манастирскиот двор имало неколку бунари, амбари, воденица за мелење брашно, фурна и се друго што му требало на едно богато селско домаќинство. Во него, се до средината на минатиот век, живееле и калуѓери. По војната тие биле протерани и животот во манастирот замрел", вели Слободан Јовановиќ од Старо Нагоричане, претставник од црковниот одбор.

Негрижата и запуштеноста довеле до целосно распаѓање на конаците, шталите, помошните простории. Распаднати се и манастирските порти. Руинираните објекти немо сведочат за негрижата на човекот кон духовното наследство.

Црквата "Успение на Пресвета Богородица", сепак, успеала низ вековите да му се спротивстави на времето и да зачува дел од убавината што и ја дариле градителите. Но, пред две години од црквата се украдени четири икони стари над сто педесет години. Иконата на Мајка Богородица и уште три други, со димензија од метар и половина на седумдесет сантиметри, се извадени од нејзиниот олтар. Ги изработил познатиот живописец Дичо Зографот и нивната вредност е непроценлива. Од нив се уште нема никаква трага. Постарите жители велат дека ова не е прва кражба и дека судбината на оваа црква е многу тажна, бидејќи никој вистински не сака да се заложи за нејзино обновување.

На празникот Голема Богородица манастирот беше преполн со народ и верници, кои дојдоа на прославата. Во дворот на црквата се делеше манастирско гравче, а на празничната трпеза имаше многу гости. На ливадите и полјанките во дебелите дабови сенки, луѓе на сите возрасти уживаа во прекрасната природа, далеку од градската жега.

- Ова место е Божји рај. Тука природата е недопрена, а Господ не штедел кога ја создавал. Има се што може да се посака за одмор на душата. Сега, човекот треба да се погрижи да ги искористи овие убавини. Ние мораме да и помогнеме на црквата да го врати некогашниот сјај на ова свето место. Општината да обезбеди средства за изградба на инфраструктура и да создаде излетничко и духовно место, кое многу му недостига на нашиот крај - вели една посетителка.

Годинешнава посетеност на "Забел" за Голема Богородица влева надеж дека овој храм набрзо вистински ќе заживее и широко ќе ги прифати потомците на своите градители.
Site Meter