Пребарај го блогов

четврток, октомври 26, 2006

ЛАК И СТРЕЛА

Ова игра како деца ја игравме под пресија на филмовите за каобојци и индијанци. И славниот Робин Худ се разбира. Стрелата беше оружје на индијанците. Многу и романи од Карл Мај прочитав - попосле со таква тематика.

Потешко беше да се изработи Лак. Мораше да се најде некое јако но не предебело дрво кое има еластичност во себе... Дрен беше добар избор ... Но каде да најдеме дрен – тој во падините на Водно растеше но во маалото во која јас живеев (близу Техничко училиште – денешна Универзална) го немаше....

По земјотресот една година бев евакуиран во Словенија Камник (неколку месеци) и Пореч 8 месеци. Камник беше идеално место за правење на лак и стрела. Околу групите на куќи распрскани ваму таму – беа обронци на шума – густа шума и добар извор за материјал за Лак и Стрела. Но наставниците не ни дозволуваа да одиме сами во шума ... Словенчињата некако не не играа ... не избегаваа ...

Вистинските Лак и Стрела ги правев во населбата Бутел еден – каде моите добија барака после земјотресот ... Е таму кај самопослугите имаше остатоци од некаква шума од Багрем – која ја имаше се до некое време – кога поради старост ја исекоа ....

А уште повеќе материјал имав во селото во кое сум роден с. Старо Нагоричане. Пчиња изобилуваше со материјал за лак и стрела ... а за надополнување на сликата ... дедоми имаше прекрасна кобила по име “Ласта“ – која во полн трк – галоп - ме носеше и по неколку километри .... Во трки со коњи сега уживаат само побогатите слоеви а тогаш беше забава за нас сиромасите ....

Интерсно е дека кога ке паднеш од коњ во полн трк (се навалуваш како каскадерите од филмовите) и паѓаш под коњот ... Коњот веднаш се укопува во земја и не се десило коњ да нагази дете кое паднало ... Коњите се многу внимателни животни ....

Ласта ке ја јавнев и за десетина минути галоп бев во река – каде Ласта ке се напасеше на сочните ливади – јас ем ке се избањав во пчиња им ке најдев добар материјал - прав и доволно јак и жилав за Лак и Стрела ...

Потоа брзо ке се вратев на “работното место во селото“ – обично како и секое дете на село и јас добивав по некоја дневна задача (да се заработи ручекот – велеше дедоми) – претежно околу чување на крупниот добиток – неговото терање на паша и поење ....

Дома во двор кај дедоми ке најдев некоја стара жица и ке го оптегнев Лакот. А од тенките но јаки прутја ке направев стрели. На крај на стрелата оној кој беше од напред знаевме да уковаме пресечена шајка и правац чавки (омилени за одстрел) ... Ем доволно големи, ем штеточини ... Брзината на такви Стрели беше голема и знаевме да погодиме чавка дури и на 40 метри оддалеченост ... но се разбира најчесто промашувавме ...

Во меѓувреме (во право пладне – кога сонцето е највисоко) кога на село ништо не може да се работи – знаев често да се најдам во дворот на црквата св. Ѓорѓи – во дебелите сенки под големите багреми - во друштво на добра книга за мојата возраст ... Ех, детство ... најубавиот период на животот ...
Site Meter