Пребарај го блогов

понеделник, август 07, 2006

На Коњух, покрај тврдина, имало и град

ИнтервЈу
На Коњух, покрај тврдина, имало и град
Каролин С. Снајвли Археолог, која во земјава е присутна од 1971 година, ги открива тајните на локалитетот Коњух




ОБЈЕКТИ Еден од станбените објекти на северната страна на Големо Градиште, Коњух, датиран од 5-6 век



Катерина Богоева



Го истражувате археолошкиот локалитет Големо Градиште Коњух, во близина на Кратово, во рамките на македонско- американски проект заедно со колегите од Музејот на Македонија. Што говорат досега откриените материјали, која е неговата историја?

-Локалитетот Коњух ми беше познат по откриената црква - ротонда која влезе во светската литература, но прв пат го посетив заедно со археологот Киро Трајковски по завршувањето на заштитните ископувања на некрополата која се наоѓа во негова близина, а кои беа во функција на планираната пруга за Софија. Уште на прв поглед локалитетот ми беше интересен поради карпите и просториите исклесани во нив. Одлучивме да го истражуваме најнапред во рамките на пилот -проектот во 1998 година кога вршевме рекогносцирање на теренот, за во 2000 година да започнеме со ископувањата кои сеуште траат. Малку луѓе знаат за Коњух, но и малку археолози од земјава досега го посетиле. До 2004 година работевме на акрополата, во горниот дел и можеме со сигурност да кажеме дека таму се наоѓала тврдина, датирана од средината на шестиот век, од времето на царот Јустинијан И. Откривме бедем, имаме одредени сознанија како изгледала внатрешноста на градот, но и една цистерна на чие што дно, пронајдовме садови со рачки кои луѓето или намерно ги фрлале или ги губеле. Сеуште не знаеме како цистерната се снабдувала со вода.

Акрополата се наоѓа во средината на локалитетот, а од минатата година започнавме со копање на неговата тераса во долината на Крива Река и откривме објекти кои го потврдија постоењето на град, со податоци за живеење кои датираат од втората половина на петти и шести век, но има и податоци од порано. Мошне е важно што почнавме да добивме сознанија за распоредот на градот, за неговите улици, за станбените блокови.

Може ли да се говори за одреден континуитет на живеење низ вековите?

-Тоа е уште едно од отворените прашања поврзани со Коњух каде има податоци за живеење во периодот од 1- 3 век, што е и констатирано со откривањето на гробовите во текот на заштитните истражувања, како и со неколкуте натписи од надгробни споменици кои датираат од 3 -4 век. Проблем е што сеуште не знаеме каде се протегала раноримската населба, бидејќи ако има гробови, населбата мора да била во нивна близина. На овој простор има диви копања, а со векови селаните од Бељаковце и Коњух, од локалитетот земале камен што им служел како материјал за градење. Никој во тоа не ги спречувал. Годинава најдовме дваесеттина монети, најголем број римски, кои датираат од 2-3-4 век, како и голем број предмети изработени од коска (чешли, рачки од нож) кои сметаме дека се карактеристични за локалитетот. За нив и за другите добиени сознанија, заедно со колегите од Музејот на Македонија Елена Канзулова и Михаил Стојановски ќе говориме во октомври на симпозиумот на Македонското археолошко друштво во Делчево.

На овој локалитет може да се работи уште 50 години бидејќи е голем, но би сакала да работиме барем уште три до пет сезони. Задоволна сум од досега добиените сознанија за распоредот на градот, од откривањето на неговите улици.

Но не е докрај откриена ниту акрополата. Видовме дека нејзиното плато е вештачки создадено, дека Римјаните ги сечеле карпите на неговата северна и источната страна и така го создавале бедемот. На тој начин е создадено едно особено рамно место на кое се наоѓал главниот дел од тврдината која опфаќа и дел од терасата.

Интересно е дека тврдината на Јустинијан е градена во средината на град кој веќе постоел и пред половината на шестиот век, но и дека во тој крај се уште постои рударството, поради кое бил и важен патот што водел низ долината на Крива Река. Можеби на тогашните жители им била потребна тврдината токму заради заштита на рудниците, а по патот кој одел по долината на Крива Река има неколку тврдини. Коњух има и тврдина и град, но сеуште не се знае дали постојат градови и крај другите места со тврдини.

Го истражувавте и Стоби, работевте на неговиот водич, но професионално сте врзани за Гетизбур колеџот во Пенсилванија, во САД, каде предавате и живеете. Кое е вашето мислење за македонската археологија?

-Бев неколку пати летово на Стоби за да видам кои се новите откритија. Ме интересираат прашањата од областа на урбанизмот, особено римскиот и доцно -античкиот урбанизам. Во Македонија истражувам околу 35 години со прекини, најдолго во однос на другите балкански земји. За прв пат дојдов на истражувањата на Стоби во 1971 година, а досега сум работела и во Србија и Северна Грција.Мојот интерес е врзан за римската провинција Македонија.

Мислам дека денес во Македонија археологијата полека се развива, но луѓето знаат дека за развојот се потребни и опрема, компјутери, пари за ископувања. Парите се сигурно меѓу најважните прашања за археологијата, но тие не се потребни само за ископувања. Постојат многу непубликувани материјали , потребни се и пари за купување на книги од областа на археологијата, часописи, компјутери, Интернет, патувања до добри библиотеки (бидејќи овде ја нема потребната литература), за студии во странство и др.

Пругата кон Бугарија го блокира развојот на Крива Паланка

Недефинираната траса на пругата 14 години го остави градот без урбанистички план, со блокирани инвестиции и без развој на стопанството

Економскиот развој во Крива Паланка 14 години е блокиран. Не е донесен генералниот урбанистички план, ниту деталните планови. Блокиран е и развојот на општината, зошто никој не сака да инвестира на туѓо земјиште. Поради ова, целосно се запрени домашните и странските инвестиции и стопанските активности во градот, се жалат во локалната самоуправа во Крива Паланка.

- Новата пруга кон Бугарија од која се очекуваше економски бум во регионот и донесе само штети на општината и на регионот. Неизвесната реализација на железницата и немањето конечно решение за трасата низ градот прават огромни проблеми на општината, која не може да ја планира економската перспектива и да создаде услови за развој. Локалната самоуправа не може ниту да ги ажурира потребните урбанистички решенија, кои се стари 30 години и воопшто не одговараат на реалните потреби на градот поради што одамна требаше да бидат ревидирани - вели Добривој Николовски, раководител на секторот за урбанизам комунални работи и заштита на животната средина во Крива Паланка.

Тој вели дека, барем досега, не помогнале нивните напори и притисоци до надлежните институции во државата. Наместо решение, проблемите се' повеќе се натрупувале, а општината запаѓала во се' поголема економска бесперспективност.

Урбанистичкиот план стар 30 години

Генералниот урбанистички план на Крива Паланка е донесен во седумдесеттите, а последен пат бил ревидиран во 1989 година. Деталниот урбанистички план за десниот брег, каде што треба да минува железничката пруга е стар повеќе од 30 години. Во општината велат дека тие воопшто не одговараат на новиот систем на урбанистичкиот и економски развој кој треба да соодветствува на транзицијата, приватизацијата на стопанството и многу други работи што во меѓувреме се променети. Но, тие не можат да бидат направени се' додека не се дефинира железничката траса низ градското подрачје. Засега е изготвен само идеен проект, а работите околу утврдувањето на конечната траса целосно се стопирани.

- Никако не можеме да се вклопиме во новите услови на планирање на целокупниот развој на градот додека не се направат потребните измени и дополнувања на генералниот урбанистички план, а тие се директно условени од трасата на железницата. Треба да се прошири градското подрачје, кое сега има 540 хектари, со нови индустриски зони и локации за малото стопанство, нови стопански објекти, терцијални дејности и друго. Граѓаните пројавуваат голем интерес за малостопанственичките дејности, а има интерес и за странски инвестиции. Но, на општината и' се врзани рацете и не може да ја обезбеди потребната документација - велат во општината.

Во градот не можат да се создадат услови за стопанисување, иако од тоа зависат економските придобивки за општината и на населението. Проблем се и парцијалните решенија што исто така не можат да бидат донесени, се' додека не се изработи новиот генерален урбанистички план, со кој треба да се предвидат зоните за стопански, станбените и други инфраструктурни објекти. Поради сево ова, во градот никнуваат диви населби и нелегално изградени деловни објекти. Често реоните предвидени за индустриски и стопански зони се напаѓаат со индивидуална градба, а се нарушува и комуналната и друга инфраструктура. Надлежните велат дека на овој начин се создава урбанистички хаос во градот.

Трасата не е утврдена

Тие се жалат дека урбанизацијата мора да се приспособува на веќе изградените објекти, а и дека донесувањето несоодветни и непрактични решенија допрва многу скапо ќе ја чинат општината, но и државата.

- Поради стопираната градба и градежното уредување, во општинската каса не влегуваат ни планираните средства за наплата на комуналии, кое се еден од главните општински приходи, наменети токму за изградба на локалната инфраструктура, велат во општината.

Најпроблематично е уредувањето на десниот брег, со површина од околу 150 хектари каде што ќе минува железничката траса.

- Неколкупати досега ја менуваат трасата, а ние со години чекаме за да почнеме со градба. Ни пропаѓа градежен материјал што веќе сме го купиле и никако не можеме да ги надоместиме штетите, иако овој дел е најзначаен за градот. Тука беше предвидена и железничка станица, заради што очекувавме дека ќе можеме да изградиме деловни објекти, особено од услужните дејности потребни за железничкиот транспорт, со што ќе ја решиме и својата егзистенција, а ќе придонесуваме и за општината - велат жителите од ова подрачје.

Поради стопирањето на изградбата на железничката линија, блокирано е и изнаоѓањето нови пазари на најзначајните индустриски капацитети во општината.

Страда и стопанството

Рудниците за неметали „Бентомак“ не можат да обезбедат пласман на европските и другите подалечни пазари, каде што постои интерес за бентонитот, поради високите транспортни трошоци на камионскиот превоз. Поради грамадната форма на оваа руда, единствено исплатлив е железничкиот транспорт, преку кој може да се обезбедат големи економски ефекти. Слична е состојбата и со рудникот „Тораница“. Неизвесното довршување на железничкото поврзување го кочи и туристичкиот развој на Крива Паланка и искористувањето на природните потенцијали. Иако има многу заинтересирани за изградба на туристички локалитети и погони за производство на здрава храна, во рамките на пограничната соработка помеѓу Македонија, Бугарија и Србија и искористување на средствата од европските фондови, тие се соочени со потешкотии околу обезбедувањето локации и други потребни услови за стопанисување.

Во Министерството за транспорт и врски, надлежно за овој проблем, во изминативе години велат дека прашањето за продолжување на градежните работи на пругата кон Бугарија неколкупати било разгледувано, но проблем секогаш биле парите поради економска неисплатливост.

Жаклина Цветковска

четврток, август 03, 2006

ВО ПЕЛИНЦЕ ЗБОРУВАШЕ ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ

Илинден е на секое парче македонска земја

Скарите за славениците попривлечни од говорите

Во кумановското излетничко место Пелинце, пред споменикот во меморијалниот центар АСНОМ, го славеа Илинден посетители од Куманово, Скопје, Штип, Крива Паланка, Кратово и од други места на земјава и наши иселеници.

Пред споменикот положи венец новоизбраниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски, од името на шефот на државата се поклони Стево Пендаровски, а Владата ја претставуваа Радмила Шеќеринска и Стевче Јакимовски.

Венци положија и претставници на Сојузот на борците на Македонија, на АРМ, на Куманово и на повеќе политички партии.

- Пред една недела беше избран петтиот собраниски состав на самостојна и демократска Република Македонија и имам посебна чест што во името на новиот парламент можам да потсетам на огромното историско значење на двата Илиндена. Со првото заседание на АСНОМ се остварени вековните идеали и стремежи на македонскиот народ. Го одбележуваме тој значаен настан во Пелинце, во близината на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде што е одржано заседанието на АСНОМ. Но, споменот на Илинден е насекаде, на секое парче македонска земја. Вековниот сон за своја, слободна држава е остварен на заседанието на АСНОМ и остварен е заветот на илинденците - рече Георгиевски.

- Без Илинден 1903 немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот. На сегашните и на идните генерации останува да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да го ценат и да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава, која само во периодот на НОБ ја плати со над 24.000 жртви - рече Георгиевски.

Тој не пропушти да забележи и на грешките што беа направени по НОВ.

- За жал, вредностите како сигурност на личноста, имотот и сопственоста и правото на приватна стопанска иницијатива, беа брутално суспендирани за да се обноват половина век подоцна, кога со прогласување на самостојноста станаа темелни вредности - рече Георгиевски изразувајќи надеж Собранието да придонесе за успешна реализација на манифестираните заложби за наш брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и заедничко унапредување на меѓуетничкиот соживот со што ќе го надоградиме државниот континуитет почнат со двата Илиндена.
Г. Р.

ПРОХОР ПЧИЊСКИ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА?

ПРОХОР ПЧИЊСКИ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА?

МАНАСТИРСКИТЕ ПОРТИ СE ПОТЕШКИ

Втора година како македонска државна делегација не го слави АСНОМ во Манастирот Прохор Пчињски. Никој, ниту македонската држава, ниту пак властите во Белград не побараа да бидат примени, вели надлежниот епископ Пахомие

Параклисот пред манастирот, Св. Прохор Пчињски, изграден како место на кое треба да биде положено свежо цвеќе и оваа година остана празно. Македонската делегација не дојде да ја прослави 62-годишнината од основањето на македонската држава. Портите на манастирот "Св. Прохор Пчињски" останаа затворени. Одговорот на барањето дозвола од српското Министерство за надворешни работи не пристигна и од тие причини Македонија, втора година не го слави АСНОМ на автентичната локација. Вчера во манастирот беа само новинарските екипи. Им беше дозволено да ја проследат утринската литургија, но без право да снимаат во манастирот. Во Прохор Пчињски немаше ниту македонски верници. Во полупразната манастирска црква, литургијата со која чиноначалствуваше епископот Врањски Г. Пахомије, ја следеа мал број верници, најверојатно дојдени од Врање и околините села. Надлежниот епископ рече дека од нив никој не побарал дозвола за чествување на АСНОМ. - Никој, ниту македонската држава, ниту, пак, властите во Белград не побараа да бидат примени. Ако тоа го побараа од нас ние ќе им го овозможевме, изјави епископот Пахомије. Пахомије е убеден дека македонската држава е виновна за целата ситуација. Вели пред три години македонските власти им ветиле дека нема да ја прогонуваат Јовановата Православна охридска архиепископија и дека ќе и дозволат регистрација, а за возврат СПЦ се обврзала да овозможи непречена прослава во манастирот. - Не само што не го исполнија ветеното, туку и го продлабочија теророт против единствениот признат архиепископ Јован, изјави Пахомије. Денеска во манастирот, каде пред 62 години Македонија ги постави темелите на својата државност, ништо не потсетуваа дека овде се случувале значајни историски настани. Пахомие вели дека кога пред 14 години дошол да раководи со манастирот, овде не затекнал ништо од обележјата на АСНОМ. - Се што имало, колку што јас сум информиран, македонските власти ги повлекле во музејот во Скопје. Таму барајте ги - рече врањскиот епископ. - Мене навистина ми е жал што ќе Ви соопштам, но сите кои ја поддржувате МПЦ сте расколници, па макар таа бројка била и 99,9 проценти од Македонците, изјави вчера Пахомие одговарајќи на прашањето дали СПЦ е свесна дека македонските верници не го прифаќаат Јован Вранишковски. антрафиле

ЧАС ПО ИСТОРИЈА

Дел од новинарските екипи не излез од Р. Србија, вчера имаа квиз тестирања од надлежните српски цариници. Новинарите беа прилично изненадени од прашањата што до нив ги постави еден цариник. Дали Вие знаете што, всушност, се случило на овој ден во 1944? Кој ден Вие го славите? Што е тоа АСНОМ? и неколку други прашања... антрафиле

ВЕЧЕР ИАКО УРЕДНО ПОБАРА, НЕ ДОБИ ДОЗВОЛА ЗА СНИМАЊЕ ВО МАНАСТИРОТ

Се надеваме дека ќе дојде време - што поскоро, тоа подобро за сите нас - кога нема да мораме да даваме негативни одговори на барањата за снимање во манастирот. Кога политичарите и полицајците нема да се бават со внатрешната хиерарахија на црквата, кога потписникот на овие редови ќе може слободно да дојде во Скопје и кога и таму ќе се слави Свети Сава, тогаш ќе можеме да разговараме и како браќа, пријатели, но и како соседи. Ова е дел од договорот на Бачкиот епископ Иринеј, што место дозвола за снимање го испрати на барањето на нашата редакција упатено до него, петнаестина дена пред 2 Август.

Џорџевиќ: Огромно влијание на СПЦ врз државата Во последните години Илинден е во сенка на меѓуцрковниот спор меѓу СПЦ и МПЦ, смета српскиот социолог по религија Мирко Џорџевиќ. Според него, спорот меѓу двете цркви не требало да се пренесе и на државно ниво. - Требаше да се направи сето тоа да остане меѓуцрковен проблем кој може да биде решен со разговор. Вака дојдовме до ситуација трајно да се оповарат односите меѓу двете соседни држави, изјави Џорџевиќ за радио Б92. Тој посочува дека прославата на Илинден е само еден пример на огромното влијание на СПЦ врз државата. - Често пати не се знае дали црквата и државата навистина се одвоени или не. Овој пат имаме спрега на структурата на моќ во СПЦ и политичките партии на власт во Србија, вели Џорџевиќ, но додава дека ситуацијата не е различна ниту во другите православни земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Македонија не може да влијае врз СПЦ

Претседателот Црвенковски смета дека треба да се соочиме со фактот дека манастирот "Свети Прохор Пчињски" се наоѓа на територија на друга држава каде функционираат други закони врз кои Македонија, исто како и врз СПЦ не може да влијае. - Тоа беше и причината за изградба на меморијалниот центар "Пелинце" за да можеме достоинствено да го одбележуваме денот на одржувањето на АСНОМ без да зависиме од некој друг, рече Црвенковски. Тој смета дека односите меѓу Македонската и Српската православна црква долго време ги оптоваруваат релациите меѓу двете соседни земји. Според Црвенковски, пораките од македонските институции и од страна на официјален Белград се во функција на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение низ меѓусебен дијалог.

КУМАНОВСКА БАЊА ЗАПУШТЕНА И НЕУРЕДЕНА

Мнозина бараат лек и во руинираната бања

Познато е дека водата има лековити својства, сите посетители сметаат дека треба да се уреди бањата, а никој не знае во чија надлежност е таа

Секојдневно по стотина луѓе ги користат благодатите на лековитиот термален извор познат како Кумановска Бања, во селото Проевце, кој се наоѓа на три километри од градот. Тие главно бараат спас од нервни, стомачни и кожни заболувања, но водата од 40 Целзиусови степени е одлична и за релаксација и отпуштање од секојдневните стресови.

- Веќе 29 години доаѓам тука и многу подобро се чувствувам. Лекарот ми ја препорача и пред секое почнување на лекувањето ми го проверува притисокот, срцето, крвта, па дури тогаш доаѓам - вели 71- годишната кумановка Миланка.

Оваа бања лекарот и' ја препорачал и на 50-годишната Љубинка Ѓорѓиевска од Крива Паланка. Таа првпат доаѓа со надеж дека напнатоста ќе и' попушти, откако ќе ја заврши терапијата. Таа додава дека базените во бањата се чисти, но проблем е што нема редовен превоз од градот, а во близина на бањата нема никакви сместувачки капацитети.

- Можеби треба да има и лекар што ќе го надгледува здравјето на луѓето, оти многумина имаат проблеми со притисокот или со срцето - смета таа.

Во бањата луѓето често доаѓаат и самоиницијативно. Брачна двојка од липковското село Лојане вели дека е задоволна од лекувањето и дека иако без лекарска препорака „прават бањи“ и се чувствуваат многу подобро. Тие сметаат дека паркот околу бањата треба да биде уреден и чист, а пожелно е да има изградено и сместувачки капацитети за оние од подалеку, како и ресторани за ручек и освежување со пијалаци за оние што претпладне и попладне влегуваат во базените.

- Ова место е прекрасно и за излет на семејства со мали деца. Некој треба да инвестира тука, а тоа секако дека подоцна ќе се исплати -велат гостите.

Во Кумановска Бања секое лето доаѓаат и македонските граѓани на привремена работа во западноевропските земји.

- Оваа лековита вода да е во Швајцарија или во Германија, можете ли да замислите како би изгледала. Жалосно е што природните богатства кај нас никој не ги цени, па не ги ни одржува. Да е средено по европски стандарди, овде секоја година би било преполно од странски туристи - велат нашинци на привремена работа во странство.

Гостите имаат сериозни забелешки на нехигиената наоколу.

- Гледате ли каква е нехигиената! Паркот е голем, ама неуреден. Овие објекти станаа руини, а во нив на времето се сместуваа бањските гости. Во хотелот „Ку-Ба“ сите 300 легла беа малку во сезоната кога бањата наликуваше на нешто. Сега во „Ку-Ба“ се сместени раселените од Матејче, а друг хотел нема - раскажува 61-годишниот Славчо Величковски од селото Проевце.

Пред распадот на СФРЈ бањата имала гости од цела тогашна држава, имало и лекар, а реката што тече покрај бањата била чиста.

- Навечер кога ќе ја испуштеа водата од базените, на површина на водата во реката излегуваа риби, па ние ги фаќавме со раце. Сега реката е толку загадена што нема ниту жаби. Местото не го уредија, туку го вратија за сто години назад - вели Величковски.

Тој додава дека по лековитите својства оваа вода надалеку е прочуена, но револтиран е што никој во државава не се зафатил да ја модернизира бањата од што ќе имаат полза и оние што имаат потреба од неа, ама и државата.

Во близина на базените се и двете чешми од кои кумановци деноноќно полнат кисела вода за пиење. И околу нив е нечисто и неуредено. Сите се согласуваат дека бањата треба да се преуреди и да стане туристичко место, но никој не знае во чија надлежност е таа.

Локалната самоуправа со децении не презела мерки за уредување на овој простор. Неколку невладини организации од Куманово спроведуваа активности за чистење. Беа поставувани клупи и поплочени патеки, но тоа не се одржува, а несовесните посетители и забот на времето оставаат лоша слика.

Светлана Антик-Јовчевска

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ ВО ПЕЛИНЦЕ

Без Илинден ќе ја немаше ни Македонија

Без Илинден 1903 година немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот, до 1991 година кога Македонија стана самостојна држава, рече претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски

Без Илинден 1903 година немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот, до 1991 година кога Македонија стана самостојна држава, рече претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски вчера во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце.

Тој им порача на сегашните и на идните генерации „да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава која само во периодот на народноослободителната борба ја плати со над 24.000 жртви“.

На споменикот во Меморијалниот центар свежо цвеќе и венци, покрај Георгиевски, положија и вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски, претставници на на кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, на здруженија на борците од НОБ, претставници од Генералштабот на АРМ, како и од Општина Куманово.

Георгиевски потсети дека на Првото заседание на АСНОМ беа донесени решенијата со кои заседанието е прогласено за највисоко законодавно и извршно народно претставничко тело на македонската држава, за воведување на македонскиот како службен јазик и Декларацијата за основните права на граѓаните, правото на изразување на мајчин јазик и правото на вероисповед.

- За жал, вредностите како сигурност на личноста, имотот и сопственоста и правото на приватна стопанска иницијатива, беа брутално суспендирани за да се обноват половина век подоцна, кога со прогласување на самостојноста станаа темелни вредности - рече Георгиевски.

Тој очекува новиот парламентарен состав да даде голем придонес за брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и заедничко унапредување на меѓуетничкиот соживот. Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце Илинден го прославија околу 2.000 посетители.

(А.Д.)

вторник, август 01, 2006

Поплави во Скопско и во Кумановско

Време, број 796, 01.08.2006

НЕВРЕМЕТО НАПРАВИ ПУСТОШ
Поплави во Скопско и во Кумановско

Штетите од невремето дополнително ќе се проценуваат

Повеќе од 300 куќи во скопската населба Ченто се поплавени од силното невреме што во неделата попладне ја зафати земјава, велат од Дирекцијата за заштита и спасување. Екипи на дирекцијата вчера работеа на терен за да им помогнат на жителите да ја исцрпат водата од поплавените подруми и дворови.

На терен беа и екипи на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, како и на противпожарната бригада, кои со цистерни и со пумпи ја собираа насобраната вода од врнежите. Невремето ги погоди и скопските села Сингелиќ, Инџиково, северниот дел на Скопје каде што најпогодена беше општината Петровец. Врнежи проследени со силен ветер имаше и во кумановското село Старо Нагоричане, како и во тетовско Вејце. Штетата во сите овие места ќе се проценува дополнително.

- Дождот и градот не затекна додека бевме во автобус. Врнеше силно и возачот го сопре автобусот затоа што од врнежите не се гледаше патот. Чекавме педесетина минути за да престане дождот, а кога излеговме надвор, соседите веќе почнаа да ја црпат со кофи водата што им ги поплави подрумите - вели жителка од населбата Ченто.

Жителите од оваа населба, како и од другите места што беа погодени од невремето веќе два дена немаат струја поради дефект на електричната мрежа. Од општината Петровец велат дека вчера цел ден доаѓале граѓани за помош и совети, како и да пријават штети на нивите. Силниот дожд во општината Старо Нагоричане во повеќечасовен мрак ги остави селата Челопек и Пелинце. Селаните од овие села велат дека електричната мрежа во овој регион е многу слаба, па и најмал дожд предизвикувал прекин на струјата.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека неделава ќе биде стабилно и топло, а ако има врнежи, тие нема да бидат со ваков интензитет. Посилни врнежи се очекуваат за време на викендот.

Н.Ч. - М.М.


Нема Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“

Време, број 796, 01.08.2006

СРПСКАТА ЦРКВА НЕ ДАВА, МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА СЕ ОТКАЖА
Нема Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“

АСНОМ во Пелинце и во Прохор Пчински и Илинден во Крушево се стожери на националниот идентитет
Сунчица Стојановска
Никој друг освен владиката Пахомие не може да дозволи посета на манастирот „Свети Прохор Пчињски“, велат од српската епархија на прашањето дали ќе прават проблеми ако македонска делегација утре го посети манастирот каде што пред 62 години се удрени темелите на македонската државност.
Пахомие вчера беше недостапен и за одговор дали има контакти со расчинетиот Јован Вранишковски, по кого деновиве трага полицијата за да го однесе во затворот во Идризово.
Министерството за надворешни работи ниту вчера немаше одговор од српската влада, иако дозвола за посета на манастирот беше побарана пред околу една недела.
- Ќе чекаме уште денеска. Исто беше и минатата година, кога одговорот стигна во последен момент. Како и да е, Владата донесе одлука државна делегација годинава да не оди во „Прохор Пчињски“ – велат во МНР.
До пред две години државниот врв на Втори август барем можеше да влезе во манастирот на годишнината од АСНОМ. Од минатата година српските црковни власти целосно ги затворија портите за одбележување на Илинден. Причина е црковниот спор со Вранишковски, кој уште повеќе ги заостри односите меѓу МПЦ и СПЦ.
Централната манифестација за прослава на Илинден ќе се одржи во Крушево. Од Мечкин Камен ќе се обрати претседателот Бранко Црвенковски. Во Крушево ќе биде и премиерот во оставка Владо Бучковски.
Владината делегација во меморијалниот центар Пелинце ќе ја предводи министерот за култура Благоја Стефановски. Според протоколот, во Пелинце треба да оди и претседателот на Собранието. Прославата во Пелинце е замислена како народен собир.
На Мечкин Камен ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставуваат Трајко Славески и Силвана Бонева, а во Пелинце ќе одат Антонио Милошоски, Гордана Јанкуловска и Петар Поп Арсов.

Кумановската историја изложена во старата вила

Кумановската историја изложена во старата вила
Три од стотина откриените јами во Пелинското светилиште се дел од постојаната поставка на на Музеј - Куманово




Дел од фасцинантните народни носии



Катерина Богоева



Музејот на Куманово кој датира од 1964 година, со забележана седум години постара музејска дејност, за прв пат летово доби постојана музејска поставка. На приземјето и катот од реновираната музејска зграда изложен е репрезентативен дел, од досега собраните 7.000 експонати. Поставката е сместена во музејската зграда која се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот, и има типичен белег на стара градска архитектура. Изградена е во 1926 година и некогаш била вила на Живко Стојиљковиќ богат индустријалец од Лесковац Во нејзиниот двор и денес е сместен лапидариум, кој го привлекува вниманието на минувачите.

Музејските експонати за прв пат на едно место нудат пресек на историјата на Куманово и околината, воедно презентирајќи дел од збирките на археолошкото, историското и етнолошкото одделение. Нив јавноста во изминатите педесеттина години повремено можеше да ги види и на над 650 организирани тематски изложби

Изненадува фактот дека во кумановскиот регион се регистрирани над 250 археолошки локалитети од кои делумно се истражени само 14, но презентираните експонати уште од почетокот успеваат во поставката да го доловуват развојот на човековата мисла, креативноста, духот на жителите од неолитот па се до средниот век. Дел од ексклузивниот откриен материјал, со светско значење се наоѓа во збирката на Музејот на Македонија, од каде кумановските музеалци очекуваат или да биде вратен или евентуално да добијат копии. Во 26 витрини се изложени впечатливи предмети од различни периоди, а почетокот е врзан за 4.500 год.пр.н.е од средниот неолит, од кога датираат најстарите материјали откриени на локалитетот Брег кај Младо Нагоричане. Се издвојуваат: жртвеници, чинии „пинтадера" - предмет за украсување на леб или ткаенини и др..

„Од периодот 3 милениум пред.н.ера, наречен енеолит или бакарно време, кога почнува употребата на првите метали, имаме убави предмети од локалитетот Костоперска карпа кои се наоѓаат во Музејот на Македонија. Од почетокот пак на бронзениот период датира ексклузивниот материјал пронајден пред 20 години на локалитетот Градиште кај Пелинце " - посочува археологот Јовица Станковски на витрините во кои се реконструирани три, од над стотина откриени јами на т.н „Пелинско светилиште". Станува збор за најстариот откриен начин на почитување на големата Божица Мајка која бдее над домашното огниште, при што во природни вдлабнатини од стени, се поставувале дарови за бериќет.

Локалитетот Пелинце кој го истражувале археолозите Блажо Георгиевски и Лена Трајковска е поврзан и со актуелното Кокино, со локалитетот Татиќев камен каде Станковски минатата година открил слични јами со поставени дарови, што, според него говори за простор со силна обредност и вера. Од тој локалитет и од тумулната некропола на локалитетот Долинац во Стрнивац е изложен разновиден материјал (мелници за жито, тегови за разбој од камен, садови, реконструирано е погребување под тумул и др.), а во поставката засега недостигаат експонатите од средна бронза, кои откриени на недоистражениот локалитет Прибовце се сметаат за ексклузивни а се наоѓаат исто така во Музејот на Македонија.

Впечатлив е бронзениот накит од 7 век пре. н ера, од кога датира ексклузивниот привезок со соларен култ, кој го има во неколку примероци во светот, како и железните ножеви датирани од 8 век пр.н.е. Меѓу изложеното се и предметите од локалитетите Војник, Мијашки Рид, Косоперска карпа и др..

Од најистражениот локалитет од римскиот период некрополата Дрезга кај Лопате, можат да се видат садови и накит што фасцинираат со својата изработка. Меѓу нив се издвојуваат и два стаклени сада изработени еден во друг, што исто така се сметаат за ексклузивен наод.

„Сега учениците ќе имаат можност да ја видат целата историја на регионот. Периодот од шести век до доаѓањето на Турците не е многу истражуван, но има локалитети на кои може многу да се работи -потенцира Станковски.

Историската поставка започнува со доаѓањето на Турците, во почетокот на 16 век а завршува со крајот на Втората светска војна и во неа доминираат фотографии, документи, предмети од различен вид. Фотографиите се дел од збирката од над 2.000 фотографии што ја поседува историското одделение, а првиот изложен предмет во хронолошката низа е пописниот тефтер од 1519 година во кој Куманово се споменува за прв пат како мала касаба. Досега материјалот е изложуван на околу 80 -тина тематски изложби, а меѓу нив за најрепрезентативни, исторчарката на уметност, документаторот Славица Крстиќ ги посочува: знамето со две лица на Кумановската револуционерна организација од Илинденскиот период, печатот на организацијата од 1893 година, како и касата од Марсеј каде се чувале документите од првите кумановски парламентарни избори во 1920 година.

Етнолошката поставка е сместена на катот и е во неа е презентиран дел од 2000 предмети од неколку збирки од етнолошкото одделение кое датира од 1978 година. Амбиентално се поставени селска куќа, градска соба, раскошот на носиите и дел од занаетите.

„Единствено ни недостига дел од албанската, ромската и српската носија, кои не успеавме да ги обезбедиме а немавме ни поддршка од населението" - посочува етнологот Милица Пешевска-Николоска, говорејќи за изложените експонати, меѓу кои вниманието го привлекува раскошот на презентираната шопска, которска и влашка носија. Прикажани се и предмети од грнчарскиот, казанџискиот и качарскиот занает, издвоени од 15 -те познати занаети во Куманово и кумановско.

Поставката може да се менува, најавуваат нејзините автори, со уверување дека има многу вредни експонати што јавноста допрва треба да ги види.
Loading...

Архива на блогот

Site Meter