Пребарај го блогов

петок, ноември 30, 2007

Бш‘ такој си га сакаше ... како па да не ...

Насловот е во спомен на мојата баба по мајками ... која почина пред некоја година ... 93 години ...

И другата моја баба живееше долго и ја паметам по други муабети ... Во некој друг пост ке и изразам пиетет и на нејзе ...

Бабами (по мајками ...) кога ке направеше некое јадење ... кое од одредени причини на некого немаше да му се допадне - знаеше да каже ... Е како па да не “мене бш‘ ми е добро едење ... бш‘ такво си га сакаше ...“ Ова остана поговорка која во фамилијата чест ја употребуваме ... :)

Зошто ми текна на мојата баба, на оваа изрека и што таа има врска со блоговите воопшто ... Често се појавуваат разни “критики“ кај одредени блогови во коментарите дека блогот бил ова ... блогот бил она ... имало и кај мене критики во смисла е зошто вака а не онака ...

Мојот одговор за сите нив е “е бш‘ такав си га сакам ...“

Бабо почивај во мир ... велат дека душата не умира се додека некој ја спомнува ... Знаеше да ми правиш секој ден нов вид на пита ... Десет дена, десет нови пити, баници ... вршник ... Мајстор за сирење особено жолто ... И онака стара мирисаше на бебе ... Чиста ... Од нејзината лоза - сите четири нејзини деца завршија најмалку средни школи ... меѓу внуците има бројни магистри и доктори на науки ... Чипот во нејзината глава ... меморијата работеше со огромна прецисност ... знаеше се на памет ... датумите ... често ги паметеше со броење на денови меѓу Ѓурговден и Митровден ... Пред или после вртоломе ...

петок, ноември 02, 2007

Затемнувањето на Сонцето и на Месечината на „Кокино“ се следело три века

Затемнувањето на Сонцето и на Месечината на „Кокино“ се следело три века

Висока цивилизација од 1917 пр.н.е. го следела затемнувањето

КАТЕРИНА БОГОЕВА

Мегалитската опсерваторија „Кокино“ содржи и посебни маркери и место за набљудување на циклусите на затемнување на Сонцето и Месечината. Затемнувањето на сонцето е честа појава, но поретко се гледа, додека пак на Месечината поретко се случува, но можат да го видат сите луѓе“ - ги воведе новинарите вчера во уште едно откритие на вредниот локалитет, раководителот на археоастрономските истражувања на древната опсерваторија Ѓоре Ценев.

Според добиените годишни сознанија, освен четирите маркери откриено е и посебно место за стоење, од каде што посочи Ценев, некој пред 4.000 години стоел и го следел затемнувањето

„Маркерите се совршено прецизно направени, од нив почетокот на затемнувањето може да се следи на секоја 54 година и 34 дена. Првиот маркер потекнува од 1917 пред.н.ера, по што се направени и другите, а нивното постоење не може да биде случајност. Во текот на целиот 20 век пред. н ера, тука живеел народ, население со извонредно познавање на циклусите на Сонцето и Месечината кое ја следело нивната промена и изработувале лунарен календар што им помагал да го организираат животот. На „Кокино“ некаде до 18 век пр.н.е. постоела развиена култура, а населението ги имало сите одлики на вистинска цивилизација. Но, информациите за постоењето на маркерите, не е можно да се пренесувале само усно, мора некаде да постојат и пишани докази што се' уште не се откриени. Тие мора да биле некаде забележани“, смета Ценев, кој добиените годинешни резултати (откриените маркери, сознанијата за мерење и на лунарните месеци), како и собраните податоци за верувањата на населението во земјава од областа на етноастрономијата, ги пренел во текот на октомври и меѓу стручните кругови на одржаната Меѓународна астрономска конференција во Белград.

Меѓутоа, иако информациите за „Кокино“ се шират се повеќе во светот, иако доказите во камен го потврдуваат некогашното присуство на висока цивилизација, чии траги потоа се губат, тие како вредност соодветно не се чуваат.

Ѓоре Ценев и вчера посочи на неопходноста од сеуште неорганизираната заштита на локалитетот, на фактот дека не постои чуварска служба, дека иако постојат обучени водичи, луѓето не ја бараат нивната помош и сами го посетуваат локалитетот. „Не постои вистинска туристичка понуда на „Кокино“, во околината нема ниту вода ако некој би сакал да се напие. Вредностите во камен не се заштитени, луѓето ги допираат и може да ги оштетат. Бараме да се покрене законска процедура за заштита на локалитетот како културен предел. Две години наназад, поднесуваме барање до Управата за заштита на културното наследство, локалитетот да се стави на листа за привремена заштита, но сеуште ништо“ - вели тој и потенцира дека неодамна и УНЕСКО побарал „Кокино“ да се најде на таква листа на објекти кои треба да се третираат како заштитено културно наследство.

Информациите за мегалитската опсерваторија „Кокино“ од неодамна се достапни и на веб-страницата www.kokino.org.mk

Loading...
Site Meter