Пребарај го блогов

петок, декември 15, 2006

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Поради неплатена струја чешмите на селскиот водовод во кумановското село Алгуња веќе три месеци се суви

СТОЛЕ БОЖИНОВСКИ

КУМАНОВО - Седумдесет домаќинства во кумановското село Алгуња имаат современ водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и од кладенци како пред сто години. Водоводот што своевремено им го изгради државата со средства од тогашниот Републички фонд за недоволно развиени подрачја наместо да им обезбедува редовно и квалитетно водоснабдување, стана предмет за постојани селски караници и меѓусебни обвинувања. Со објектот управуваат неколку лица од т.н. режиски одбор на чело со, како што велат селаните, главниот „режисер“ Часлав Симоновиќ во чии раце е клучот од главната славина на црпната станица и од неговата волја зависи дали ќе тече вода низ селската мрежа или чешмите ќе се суви како што е случај во последните три месеца.

На овие обвинувања од засегнатите селани прозваниот Часлав одговара: „Жителите од Алгуња сакаат да користат вода, а да не плаќаат. За потрошената вода тие моментно должат 330.000 денари. Поради тоа режискиот одбор не е во состојба редовно да ги плаќа сметките за потрошена електрична енергија на црпната станица. Причина за најновото „пресушување“ на водоводот е во тоа што кумановското електродистрибутивно претпријатие ја пресече струја за неплатен долг во висина од 130.000 денари“, возвраќа на обвинувањата шефот на водоводот во Алгуња, Часлав Симоновиќ.

„Ова никаде го нема. Да имаш водовод на подарок од државата, а луѓето да носат вода од кладенци, бунари, од долови. Во прашање се седумдесетина домаќинства со , главно, стари и снемоштени лица чии млади се отселени“, вели претседателот на Месната заедница, Миле Стојменовиќ. Тој додава дека има вистина во тоа дека сметките за потрошена вода нередовно се плаќаат, меѓутоа, има место и за сомневање дека собраните средства се залоупотребуваат. На негова иницијатива, во селото се собираат потписи на петиција со барање целиот систем за водоснабдување да му се довери на управување и одржување на Јавното комунално претпријатие од седиштето на Општината Старо Нагоричане под чија самоуправа е и селото Алгуња.

Loading...
Site Meter