Пребарај го блогов

четврток, јануари 24, 2008

За Кокино државата се уште прави многу малку

РАЗГОВОР: ЈОВИЦА СТАНКОВСКИ, ДИРЕКТОР НА МУЗЕЈ КУМАНОВО


За Кокино државата се уште прави многу малку


- За жал, иако со секоја археолошка кампања овој локалитет дава драгоцени податоци за животот на племенските заедници во југоисточна Европа, средствата кои се издвојуваат се исклучително мали. Вака мали средства ќе добијат и другите локалитети во Македонија, со исклучок на Плаошник и Скопското кале. Ова е многу депримирачка ситуација која овозможува пустошење на многу археолошки локалитети во Македонија од страна на дивите копачи, вели Станковски


- Државата се уште прави малку за праисториската опсерваторија Кокино. Со околу 100.000 евра локалитетот би можел да се стави во туристичка функција. Со грант од амбасадата на САД, лани внатрешно беше уреден теренот, но да се стави во комплетна функција потребно е уште. Според нашите проценки, средствата вложни во Кокино би се повратиле само со две до тригодишна туристичка експлоатација на локалитетот, вели Јовица Станковски, директор на Музеј Куманово

Кои се тековните активности на Музеј Куманово?
-Во 2007 година Музејот имаше богати и разновидни активности, од кои најголемиот дел беа финансирани од Министерството за култура. Беа организирани повеќе ликовни изложби, а по пауза од неколку години беше обновена ликовната колонија Кумановоо, која се одржа на просторот на меморијалниот центар на АСНОМ, во селото Пелинце. Тука е и изложбата за средновековните цркви во кумановскиот регион и изложбата на артефакти од локалитетот Татиќев каменн, кај селото Кокино, финансирана од грант на амбасадорот на САД во Македонија. Етнолозите, по извршените теренски истражувања во Козјачкиот крај, направија два етно филма за свадбените и жетвените обичаи во тој регион. Подготвуваме етнолошка изложба наречена Албум на стари фотографиии која ќе биде отворена кон крајот на овој месец. Во моментов сме преокупирани со средување и музејска обработка на материјалот добиен со археолошките, историските и етнолошките теренски истражувања.

Кокино е најважниот локалитет во кумановско. Има ли нови научни откритија околу овој локалитет, дали и со колку средства ќе се истражува?
-Археолошкиот локалитет кај с.Кокино е голем и комплексен. Тој го илустрира развојот на целото бронзено време во североисточниот дел на Македонија, период кој го опфаќа речиси целиот втор милениум пред н.е. Најновите археолошки наоди во јужниот дел на локалитетот кои потекнуваат од т.н. железно време (од првата половина на првинот милениум пред н.е.) покажаа дека целиот тој простор бил континуирано во употреба преку 1200 години. Но, најинтересни содржни на овој локалитет се неговата употреба како света планина, каде биле изведувани повеќе планински религиозни обреди, додека на самиот врв на ридот праисториските жители направиле опсерваторија каде, бележејќи ги со соодветни маркери изгревите на сонцето и месечината на источниот хоризонт, успеале да направат календар со зачудувачка точност. За жал, иако со секоја археолошка кампања овој локалитет дава драгоцени податоци за животот на племенските заедници во југоисточна Европа, за нивната материјална и духовна култура, средствата кои се издвојуваат за истражувањата на Кокино се исклучително мали. Иако годишната програма на Министерството за култура за 2008 година се уште не е усвоена, има навестување дека за археолошките истражувања на Кокино ќе бидат издвоени средства од околу две до три илјади евра. Вака мали средства ќе добијат и другите локалитети во Македонија, со исклучок на Плаошник и Скопското кале. Ова е многу депримирачка ситуација која овозможува пустошење на многу археолошки локалитети во Македонија од страна на дивите копачи.

Дали државата прави доволно за промоцијата на Кокино, ако се знаат сите факти дека НАСА го рангираше на многу високо место?
-Државата се уште не издвојува доволно средства за промоција на Кокино. Позначајни наменски средства добивме лани преку спомнатиот американски грант. Со тие средства внатрешно го уредивме локалитетот во смисла на олеснување на движењето на туристите низ него, уредување на места за одмор и соодветен печатен информативен материал (флаери за туристи, каталог за изложбата Кокино-тврдина на сонцетоо). За ставање на локалитетот во туристичка функција е потебно уште малку: да се изгради паркинг за возилата кои секојдневно доаѓаат на локалитетот и да се направи барака каде би била сместена чуварската служба, продавница за сувенири, простор за работа на археолозите и, евентуално, мал музеј. Сето ова би можело да се направи со средства помали од 100.000 евра. Тоа е предноста на ваквите локалитети, во однос на оние од античкиот период кои бараат многу поголеми вложувања. Според нашите проценки, средствата вложни во Кокино би се повратиле само со две до тригодишна туристичка експлоатација на локалитетот.

Речиси сите музеи во Македонија живуркаат. Имаат проблеми со вработувањето на стручен кадар, особено археолози. Каква е ситуацијата во вашиот музеј?
-Музејот во Куманово, со помош на Министерството за култура во текот на 2007 година делумно го реши овој навистина голем проблем за животот и развојот на институцијата. Имено, во текот на 2007 година Министерството ни одобри осум вработувања на определено време, со што, заедно со петнаесетте вработени на неопределено време Музејот сега брои 23 вработени. Сите вработени се млади дипломирани стручни луѓе кои одлично се снајдоа како кустоси етнолози, археолози, историчари на уметност. Јас сум многу задоволен од нивниот ангажман и очекувам дека Министерството за култура ќе ни овозможи нивно вработување на неопределено време.

Каква е состојбата со поставките во вашиот музеј, дали се обновуваат и дали се посетени?
-Музејот во Куманово се грижи за четири постојани поставки: постојаната музејска поставка ( археолошка, историска, етнолошка) која се наоѓа во старата музејска зграда, поставката во Меморијалниот центар АСНОМ во с.Пелинце, спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош и галеријата на икони во црквата Свети Никола во Куманово. Американскиот грант во 2007 година ни овозможи да ја збогатиме археолошката поставка, бидејќи дел од грантот се однесуваше на конзервација на археолошкиот материјал од Кокино. Свесни сме дека поставките мораа постојано да се обновуваат за да ги предизвикаат посетителите пак да ги видат. За жал, за ова располагме со сосема мали средства кои ги ограничуваат нашите напори на тој план.


Анита ЈОВАНОСКА
Site Meter