Пребарај го блогов

четврток, јануари 29, 2009

„Кокино“ доби Фондација

„Кокино“ доби Фондација

Катерина Богоева

„Дојдовме до степен кога веќе за афирмација и популаризација на „Кокино“ не е доволно да се грижат само државните и локалните институции, туку и невладини организации преку соработка со низа домашни и странски институции“ - изјави Јовица Станковски, претседател на вчера основаната Фондација за заштита и популаризација на културниот предел „Кокино“, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Фондацијата која е регистрирана како непрофитна организација и основана на неопределен период со дејствување на територијата на Македонија, ќе работи на прибирање на парични средства и друг вид материјални вредности за поддршка на програми и проекти за културниот предел, на ширење на сознанијата за вредностите за неговото значење и улога, на развивање на активности за остварување и задоволување на индивидуалните и задничките културни, воспитно -образовни научни, рекреативни, туристички и слични интереси во врска со заштитата, чувањето, одржувањето, уредувањето, означувањето, презентацијата, популаризацијата и користењето на заштитеното подрачје и др.

Освен археологот Станковски кој е и претседател на оформениот Управен одбор, оснивачи на Фондацијата со седиште во центарот на Скопје се и Билјана Станковска, Невенка Перица, Јован Ристов, Татјана Ѓуровска, Петар Петренко и Сашо Ѓуровски. Меѓу другите органи и тела предвидено е во неа да функционираат и Клуб на донатори и Клуб на пријатели на „Кокино“. На основачко собрание воведна реч за моќта и предизвиците на „Кокино“ имаше писателот Венко Андоновски, а режисерот Иван Митевски информираше за првиот проект на Фондацијата, филмот кој тој ќе го снима годинава сочинет од две приказни. За значењето на мегалитската опсерваторија ќе говорат денешните научници, а втората приказна ќе биде врзана за периодот од 1.800 години пр. н.ера, кога некогашните жители одтаму го мереле времето. (К.Б.)

недела, јануари 11, 2009

Кокино ќе гради популарност

Кокино ќе гради популарност - Маја Неделковска


Кокино ќе добие фондација, чија цел е да го популаризира и промовира локалитетот и ќе почне да функционира за десетина дена.
Фондација за заштита на културниот предел Кокино не е планирано да финансира археолошки или астрономски истражувања, но понатаму, како што рече директорот на кумановскиот музеј, Јовица Станковски, можно е да има и такви проекти. Станковски, кој е надлежен за истражувањата на Кокино, рече дека фондацијата нема да се меша во работата на музејот, ниту на другите државни институции кои работат на локалитетот.
- Музејот ќе продолжи со истражувањата на целиот локалитет, а истражувањата ќе траат и во наредниве 20-30 години, бидејќи местото навистина има многу што да покаже - вели Станковски.
Фондацијата ќе финансира печатење пропагандни материјали за Кокино, нивна дистрибуција, ќе организира разни културни настани, средби и работилници со писатели, сликари, посети, симпозиуми. Станковски најави и почеток на ликовна колонија Кокино, а делата ќе можат да се продаваат и така дополнително да се добиваат пари за локалитетот. Фондацијата ќе се финансира со донации од Македонија и од странство, а ќе се организираат и научни предавања.
Фондација ќе се грижи за целото место во кое спаѓа опсерваторијата, светата планина, археолошкиот локалитет. Фондацијата ќе има и активности во странство, односно ќе се прави промоција и надвор од земјава. Планирано е да се снимаат кратки филмови, ќе се прават редовни туристички тури со обучени водичи специјално за Кокино. Станковски рече и дека е почната изградба на барака каде што ќе се продаваат брошури за локалитетот, а се планира и продажба на сувенири. Поставени се и патокази, а годинава Кокино е во фокусот на работата на кумановскиот музеј.

Оперски ѕвезди на македонскиот Стоунхенџ

Познати светски оперски имиња се во преговори за настап на отворено на Кокино, а деталите за ваквите концерти ќе се знаат наскоро. Засега не се соопштуваат детали за концертите, а планирано е со овие настани локалитетот да добие дополнителна промоција во светот.
Поради овие настани се очекува и зголемена посетеност на Кокино, но затоа е активна чуварската служба, која ќе го штити локалитетот од можните оштетувања на природната реткост на Кокино.
- На Стоунхенџ пред шеесетина години поставуваа електрични столбови, а сега сето тоа се трга и се се враќа кон природниот изглед на местото. Ние нема да дозволиме Кокино да биде изменето и ќе го зачуваме - вели Станковски.

сабота, јануари 10, 2009

Куде цркву и пештеру

НЕПОЗНАТА МАКЕДОНИЈА: СПОМЕНИЦИТЕ НА КУЛТУРАТА ВО СЕЛОТО СТАРО НАГОРИЧАНЕЕ СТАРТУВА ТРЕТИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ
Куде цркву и пештеру
Црквата "Св. Ѓорѓи" и пештерата во која живеел светиот отец Прохор Пчински во селото Старо Нагоричане се презентираат на кумановски дијалект што е посебен куриозитет

Кумановскиот крај е богат со споменици на културата и природни реткости. Такви се и црквата "Св. Ѓорѓи" и пештерата во која живеел светиот отец Прохор Пчински во селото Старо Нагоричане, на околу 13 километри од Куманово.
Патувањето до нив е посебно уживање. Најпрвин, по Куманово, навлегувате во еден разбрануван пејсаж. Десно од магистралниот пат Куманово - Крива Паланка, во далечината се гледа споменикот на паднатите српски војници во Првата Балканска војна. Споменикот е изграден на брдото "Зебрњак" високо 511 метри и делува импозантно. Веднаш потоа пред вас се испречуваат, од левата страна два округли рида кои со своите високи вертикални карпи наликуваат на тие во вестерн филмовите во Америка со зарамнети врвови. И романтиката не би била целосна ако стариот пат не минуваше меѓу нив, а новиот врти десно, како да се одбива од нив. Чинам дека тие се заштитени со Законот за природни реткости.
Кога кај селото Младо Нагоричане ќе скршнете лево, кон Старо Нагоричане, навлегувате во амбиент каде пејсажот се менува како на филмска лента, плодни ниви, овоштарници и лозја, се до самото село. Таму, сред село се наоѓа црквата "Св. Ѓорѓи". Таа најпрвин била византиска базилика подоцна во урнатини, а во почетокот на 14 век ја обновил српскиот крал Милутин во 1308 година. Видлива е разликата во градбата; старата во четвртасти камени блокови и доградбата во наизменично редење камен и цигли. Објектот има пет куполи: четири еднакви по димензии и една во средина иста по форма, но поголема и повисока. Неверојатно е чувството кај посетителот за византискиот дел кој делува монументално, но и студено од горниот. Таму, sидовите и куполите со двојните прозорци - бифорите и единечните, со богатството орнаменти и архитектонски форми, делуваат раскошно топло и разиграно.
Внатре, пак, има архитектонски елементи кои говорат дека со ширењето на српската држава во Македонија, се пренесени и пластични елементи од Запад. Тоа е присутно во изработката на капителите на колонките на иконостасот во Романски стил. Внатрешниот впечаток за богатството на овој споменик на културата е уште поимпресивен зашто фрескоживописот, по налог на кралот Милутин, е изработен од тогаш познатите зографи Михаил Астрапа и Евритихиј. Тие работат во времето кога во црковната уметност постепено Комненовскиот стил се заменува со Палеолошкиот кој ќе остане се до доаѓањето на Турците. Овие влијанија во Македонија се дојдени од Цариград, веројатно преку Солун. Живописот на црквата "Св. Ѓорѓи" во Старо Нагоричане го карактеризираат големиот број композиции, а бидејќи црквата е посветена на животот на светецот, зографите изработиле цел еден циклус, на северниот sид од наосот. Како посебност е и тоа што и иконите на стариот иконостас се изработени во фрескотехника.
Богатство на овој споменик на културата претставуваат и портретите. Оние на охридскиот архиепископ Константин Кавасилас и особено на ктиторот - кралот Мулутин, и за чудо, на Симонида, ќерката на императорот Андроник втори Палеолог. Ова ја докажува виталноста на двајцата спомнати зографи, кои умешно ги усогласувале своите концепции со барањата на ктиторите кои го имале влијанието на кралицата Симонида. Треба да се истакне дека Палеолошкиот стил, за разлика од претходниот - Комненовскиот, се одликува со тенденција кон наративност, кон теолошки искажувања со ликовни изразни средства, но не баш со онаа рафинираност што ја има во Цариград. Но токму тоа е карактеристичноста на живописот во Македонија, кој го дели од другите на Балканот. Драматизмот, на пример, не се губи, туку се повеќе се потенцира.
Дека богатството на црквата во Старо Нагоричане не е локално, сведочи и фактот што во 1978 година од Санкт Петербург, тогашен Ленинград, објектот го посети соработник на Академијата на науките на СССР - оддел во Ленинград. Тој во детали го нотираше живописот на 14, но не заборави да го забележи и фрагментот голем колку човечка дланка од рака, на долниот дел од северниот sид во наосот. Ова архитектонско-фрескоживописно сокровиште во Старо Нагоричане, ако појдете таму од водичот ќе ви биде презентирано на тамошен дијалект, кумановски, што е посебен куриозитет.
Моментната состојба на објектот, од надвор, не е за фалење зашто одржувањето не е соодветно. Имено, на северниот sид, горе до северозападното ќоше, веќе пуштило гранка дрвце кое може постепено да го разори sидот. Потребна е мала интервенција, зашто на посетителите им не и прави добар впечаток.
Недалеку од црквата, во селото,е пештерата во која живеел, аскетски, светиот отец Прохор. Таа е под мала карпа и внатре има скромна покуќнина. Таа е со димензии околу два на два метра. Според житието, Прохор Пчињски е роден во 11 век во Овче Поле. Кога родителите сакале да го женат, тој избегал во пустина и таму поминал 32 години, без да види човек. Тука еднаш се сретнал со ловецот Роман Диоген, на кого му прорекол дека ќе стане цар на Византија, и го поучил како да дојде до царската круна, напоменувајќи му притоа, да се сети на пророштвото. Откако станал цар, Диоген во чест на починатиот светец изградил манастир, веројатно сегашната црква "Св. Ѓорѓи", со намера во него да ги пренесе неговите мошти. Меѓутоа, Св. Прохор Пчињски му се јавил на сон и побарал да изгради друг манастир до реката Пчиња, и таму да ги смести моштите на светецот. Тоа е денешниот манастир, каде е одржано и Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Манастирот и денес меѓу народот е познат како "Свети Отец". Тој е на левата страна на Пчиња, под планината Козјак. И, се би било во ред, ако објаснувачот, по црквата и тука, пред пештерата објаснувањето го даваше на својот дијалект, а даде и поинаква верзија на житието. Имено, дека Св. Прохор Пчињски се сретнал, не со Диоген, туку со кралот Милутин и му прорекол дека ќе стане цар односно император! Ова можеби ќе упалеше ако од присутните не беше коригиран, зашто Прохор Пчињски живеел во 11 век, а крал Милутин во 12-13 век. Можеби ова беше лапсус од водичот. Одговорните треба да се заземат објаснувањето да е со чисти историски вистини, зашто, и едниот и другиот споменик се посетуваат од наши и странски посетители, а и од научници кои би биле изненадени од ваквата научна фантастика.
Ристо Ќортошев

Loading...
Site Meter