Пребарај го блогов

вторник, јули 08, 2008

Бронзено копје за првпат на Кокино

Бронзено копје за првпат на Кокино

Анета Ристеска

Ретки бронзени предмети, врв на бронзено копје со големина од 20 сантиметри и бронзени садови во поголеми димензии, за првпат се пронајдени при неодамнешните двонеделни ископувања на локалитетот „Татиќев камен“ во Кокино.
Директорот на кумановскиот музеј, Јовица Станковски, кој раководи со истражувања, рече дека ова било навистина плодна археолошка кампања.
- Пронајдовме садови што досега не сме ги имале. Тоа се нови форми од излиена бронза, кои не се повторуваат и ќе биде потребно време да направиме дополнителни споредби и со културните групи во соседството - објаснува Станковски.
Предметите се во фрагментирана форма и потекнуваат од бронзеното време, односно од 1900 до 1700 година п.н.е.
Археолошкиот тим од Кумановскиот музеј, при ископувањата пронашол и калапи за лиење бронзени предмети, како ножеви, шила, но и за предмети со непозната намена, кои досега не биле сретнати.
- Кокино е недоволно истражен локалитет. Досега се испитани само пет отсто од она што оваа света планина може да го понуди. Таа би можела да даде многу важни одговори за бронзеното време и тоа не само за Македонија, туку и многу пошироко, особено кога станува збор за култовите што се одвивале таму - вели Станковски.
Тој објаснува дека Кокино важела за света планина каде што се славеле култовите, речиси сите поврзани со култот кон Големата мајка. Таму има еден вистински репертоар на развој на бронзеното време, кое опфаќа период од 1.200 години во континуитет, од развојот на обредните култови до средниот век и населбите.
- За жал, со 3.000 евра планирани за ова ископување, мораше да ја прекинеме кампањата по само две недели. Но, се надеваме на дополнителни средства, за археолошките ископувања да не завршат тука - вели раководителот на Кумановскиот музеј, Станковски и додава дека во план се ископувања во близина на Пелинце, а во септември повторно се враќаат на „Татиќев камен“.
Инаку, Музејот годинава интензивно преговара со странски ликовни уметници кои ќе учествуваат на ликовната колонија, која се одржува во меморијалниот центар „АСНОМ“, а се реализира во соработка со локалната власт. Етнолошкото одделение од музејот работи и на своја изложба, која ќе се одржи во август.

среда, јули 02, 2008

Кокино е сираче меѓу поголемите локалитети

ЗАВРШИЈА ИСКОПУВАЊАТА НА ОПСЕРВАТОРИЈАТА


Кокино е сираче меѓу поголемите локалитети


Вака коментира археологот Јовица Станковски, кој завчера со своите колеги ги заврши двонеделните ископувања на Кокино, кои дадоа интересни и значајни наоди, а како што вели, се реализирале со малку средства


По две недели археолошки истражувања на локалитетот Кокино, завчера ископувањата финишираа. На локалитетот, кој пред неколку години НАСА го стави во четирите најзначајни праисториски опсерватории во светот, како што вели Јовица Станковски од Музејот во Куманово, биле пронајдени ексклузивни и интересни наоди.
-Неколку пати имам повторувано дека 3.000 евра за истражување на локалитет каков што е Кокино не се доволни. Кокино е како сираче меѓу големите археолошки локалитети. Потребно е околу 100 до 200 илјади евра инвестиција за локалитетот да биде туристички атрактивен, вели Станковски. Тој додава дека истражувањата потврдиле дека на Кокино имало моќна вера и богата митологија.

Кампањското истражување даде повеќе наоди меѓу кои и бронзено копје - целото сочувано, датирано во Бронзеното време, калапи за лиење на бронзени алати, садови од Бронзеното време какви што ретко има во Македонија. Станковски потенцира дека во последниот период на Кокино има многу туристи кои што имаат различен однос кон локалитетот, па добро е што има четири чувари кои што ќе го заштитат теренот од несовесните посетители. Во истражувањата кои ги предводеше Станковски учествуваа и двајца археолози од Србија, како и Лена Трајковска од Музејот во Куманово, Дејан Ѓоргиевски, Александар Митковски, како и две студентки од Куманово.

Станковски вели дека втора кампања истражување за Кокино нема да има, бидејќи нема одобрено пари, но додава дека ќе бараат вонредни средства. Тој смета дека државата мора да му даде некаков заштитен статус на Кокино, бидејќи со викендичката што никна во близина на локалитетот, можеби во следиот период може сериозно да му се наштети на овој терен, кој во светот му се дава исклучително признание.

На 31 јули голем настан на Кокино
Кокино во последниот период беше домаќин на неколку културни настани, а Станковски вели дека таквите настани се добредојдени за афирмација на локалитетот, но доколку се реализирани во согласност со стандардите за зачувување на Кокино. На 31 јули преку перформансот "Свето спојување меѓу небото и земјата" писатели и поети од Друштвото на писателите на Македонија и Драган Даутовски со неолитската флејта - окарина ќе го манифестираат својот свет однос кон Сонцето.

Локалитет од светски ранг
Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во атарот на Општината Старо Нагоричане, на 35 км оддалеченост од Куманово. Таа е поставена на врвот Татичев Камен, а името го добила по најблиското село Кокино. Опсерваторијата случајно е откриена во 2001 год. Таа е датирана во 1800 год. пр.н.е., односно раното Бронзено време. Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта, туку опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на 4 место. Првите 3 опсерватории според НАСА се: Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Британија и Ангкор Ват во Камбоџа.

Анита ЈОВАНОСКА
Фото: Д. АНДОНОВСКИ
Loading...
Site Meter