Пребарај го блогов

петок, декември 15, 2006

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Во Алгуња имаат водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и кладенци

Поради неплатена струја чешмите на селскиот водовод во кумановското село Алгуња веќе три месеци се суви

СТОЛЕ БОЖИНОВСКИ

КУМАНОВО - Седумдесет домаќинства во кумановското село Алгуња имаат современ водовод, а со вода се снабдуваат од бунари и од кладенци како пред сто години. Водоводот што своевремено им го изгради државата со средства од тогашниот Републички фонд за недоволно развиени подрачја наместо да им обезбедува редовно и квалитетно водоснабдување, стана предмет за постојани селски караници и меѓусебни обвинувања. Со објектот управуваат неколку лица од т.н. режиски одбор на чело со, како што велат селаните, главниот „режисер“ Часлав Симоновиќ во чии раце е клучот од главната славина на црпната станица и од неговата волја зависи дали ќе тече вода низ селската мрежа или чешмите ќе се суви како што е случај во последните три месеца.

На овие обвинувања од засегнатите селани прозваниот Часлав одговара: „Жителите од Алгуња сакаат да користат вода, а да не плаќаат. За потрошената вода тие моментно должат 330.000 денари. Поради тоа режискиот одбор не е во состојба редовно да ги плаќа сметките за потрошена електрична енергија на црпната станица. Причина за најновото „пресушување“ на водоводот е во тоа што кумановското електродистрибутивно претпријатие ја пресече струја за неплатен долг во висина од 130.000 денари“, возвраќа на обвинувањата шефот на водоводот во Алгуња, Часлав Симоновиќ.

„Ова никаде го нема. Да имаш водовод на подарок од државата, а луѓето да носат вода од кладенци, бунари, од долови. Во прашање се седумдесетина домаќинства со , главно, стари и снемоштени лица чии млади се отселени“, вели претседателот на Месната заедница, Миле Стојменовиќ. Тој додава дека има вистина во тоа дека сметките за потрошена вода нередовно се плаќаат, меѓутоа, има место и за сомневање дека собраните средства се залоупотребуваат. На негова иницијатива, во селото се собираат потписи на петиција со барање целиот систем за водоснабдување да му се довери на управување и одржување на Јавното комунално претпријатие од седиштето на Општината Старо Нагоричане под чија самоуправа е и селото Алгуња.

четврток, октомври 26, 2006

ЛАК И СТРЕЛА

Ова игра како деца ја игравме под пресија на филмовите за каобојци и индијанци. И славниот Робин Худ се разбира. Стрелата беше оружје на индијанците. Многу и романи од Карл Мај прочитав - попосле со таква тематика.

Потешко беше да се изработи Лак. Мораше да се најде некое јако но не предебело дрво кое има еластичност во себе... Дрен беше добар избор ... Но каде да најдеме дрен – тој во падините на Водно растеше но во маалото во која јас живеев (близу Техничко училиште – денешна Универзална) го немаше....

По земјотресот една година бев евакуиран во Словенија Камник (неколку месеци) и Пореч 8 месеци. Камник беше идеално место за правење на лак и стрела. Околу групите на куќи распрскани ваму таму – беа обронци на шума – густа шума и добар извор за материјал за Лак и Стрела. Но наставниците не ни дозволуваа да одиме сами во шума ... Словенчињата некако не не играа ... не избегаваа ...

Вистинските Лак и Стрела ги правев во населбата Бутел еден – каде моите добија барака после земјотресот ... Е таму кај самопослугите имаше остатоци од некаква шума од Багрем – која ја имаше се до некое време – кога поради старост ја исекоа ....

А уште повеќе материјал имав во селото во кое сум роден с. Старо Нагоричане. Пчиња изобилуваше со материјал за лак и стрела ... а за надополнување на сликата ... дедоми имаше прекрасна кобила по име “Ласта“ – која во полн трк – галоп - ме носеше и по неколку километри .... Во трки со коњи сега уживаат само побогатите слоеви а тогаш беше забава за нас сиромасите ....

Интерсно е дека кога ке паднеш од коњ во полн трк (се навалуваш како каскадерите од филмовите) и паѓаш под коњот ... Коњот веднаш се укопува во земја и не се десило коњ да нагази дете кое паднало ... Коњите се многу внимателни животни ....

Ласта ке ја јавнев и за десетина минути галоп бев во река – каде Ласта ке се напасеше на сочните ливади – јас ем ке се избањав во пчиња им ке најдев добар материјал - прав и доволно јак и жилав за Лак и Стрела ...

Потоа брзо ке се вратев на “работното место во селото“ – обично како и секое дете на село и јас добивав по некоја дневна задача (да се заработи ручекот – велеше дедоми) – претежно околу чување на крупниот добиток – неговото терање на паша и поење ....

Дома во двор кај дедоми ке најдев некоја стара жица и ке го оптегнев Лакот. А од тенките но јаки прутја ке направев стрели. На крај на стрелата оној кој беше од напред знаевме да уковаме пресечена шајка и правац чавки (омилени за одстрел) ... Ем доволно големи, ем штеточини ... Брзината на такви Стрели беше голема и знаевме да погодиме чавка дури и на 40 метри оддалеченост ... но се разбира најчесто промашувавме ...

Во меѓувреме (во право пладне – кога сонцето е највисоко) кога на село ништо не може да се работи – знаев често да се најдам во дворот на црквата св. Ѓорѓи – во дебелите сенки под големите багреми - во друштво на добра книга за мојата возраст ... Ех, детство ... најубавиот период на животот ...

четврток, септември 28, 2006

МОЈ КЕ ГА ЦЕЛИВАТЕ !

Навистина е грев да се краде од верски објект.

Од верските објекти се краде се и сешто... Се крадат ситните пари ставени на иконите ... Се крадат и вредните икони - поготову од помалку обезбедувани објекти ... но се краде и во Цркви и по градовите ...

Во Охрид нели се украдоа и делови од мошти на еден светец ?!

Еве за да имаме рамноправност “рамковна“ се потрудија крадците на бакарните плоќи на амамот во Дебар ....

На сета мака - ми текна да ви раскажам една случка од црквата од мојот крај ...

Попот на Црквата - кој впрочем е и мој подалечен предок - ги собрал селаните на селската слава во црквата и им одржал беседа:

Манастирска Црква во Старо Нагоричане - Кумановско

Манастирска Црква во Старо Нагоричане - Кумановско
“Драги мои сељани, сабрамо се на овој славу - свету славу - да гу прославимо селски славу ... Еве гледам дека сте донеле леб, погаче и вино да ви гу благослову славу... И тој ке га направу ... Ама имам едну муку да ви кажу и да ви пренесу и споделу с‘ас вас ...

Имасмо златан крст на цркву, да га *бу. Украдосте га ...
Купимо сребрен крс за нашу цркву да га *бу. И т‘ј га украдосте ...
Купимо железан крст - ама и т‘ј га украдосте да га е‘у ...
С‘г сам купија дрвен крст да га *бу ... Ако га украдете и њега после мој ке га целивате ....

„Свети Прохор Пчињски“ е отстапен на Србија од страна на Лазар Колишевски

Според мислењето на многи еминентни македонски историчари, Манастирот "Свети Прохор Пчињски" по Втората светска војна премолчено и го отстапиле на Србија тогашните македонски власти.


Постојат многу документи во повоениот период од кои се гледа дека манастирот е на македонска територија. Постојат дури и географски карти.

Се претпоставува дека манастирот "Свети Прохор Пчињски" и припаднал на Србија откако била донесена одлука со него да управуваат владиците на Српската православна црква. СПЦ, по се изгледа, извршила силен притисок нејзе да и припадне манастирот и тогаш се случила и промената на границата помеѓу Македонија и Србија.

Преовладува тврдењето дека македонската влада на чело со Лазар Колишевски дефинитивно се откажала од манастирот кога е донесен законот за територијална поделба на федерална Македонија на окрузи.

Во 1945 година, македонскиот Президиум, на чие чело бил Методија Андонов Ченто, го донесол Законот за територијална поделба на федерална Македонија на окрузи. За жал, со законот и се дава овластување токму на владата, на чие чело бил Лазар Колишевски да донесе уредба за бројот и за територијалните подрачја на околиите. Владата, со задскриена намера, го донесла тој државен подзаконски акт на 21 ноември 1945 година. Скопскиот округ, според член 4 од Уредбата, се состоел од: Кривопаланечка, Козјачка, Кумановска, Маџарска, Ѓорчепетровска, Драчевска, Теаречка, Тетовска, Гостиварска и Дебарска околија. Погубниот дел за Македонија е роа што со Уредбата се испуштени цели околии - Качаничката и Прешевската, Бујановачката, Трговишката, како и дел од Козјачката околија, селото Старац, каде што се наоѓа манастирот "Св. Отец Прохор Пчињски".

Во 1945 година, на сојузно федерално југословенско ниво, како и во секоја република биле донесени закони за аграрна реформа и колонизација, со што по револуционерен пат приватната сопственост преминала во државна сопственост. Под удар паѓаат и манастирите и нивните имоти. Таква судбина има и манастирот "Св. Отец Прохор Пчињски" при што српската, а не македонската влада, донесла одлука со која и манастирот бил предмет на аграрната реформа во 1946 година. На манастирот тогаш му биле оставени максимум 24 хектари обработливо земјиште и 30 хектари шума.

Sveti Prohor Pcinski.jpg

петок, септември 22, 2006

ГРАНТ ЗА МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА

ГРАНТ ЗА МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА

Со американски пари ќе го чистиме ѓубрето од Кокино

Само по една година, откако нема истражување на Кокино, посетителите на оваа опсерваторија зад себе оставаат ѓубре на камењата стари над 3800 години



- Мегалитската опсерваторија Кокино, која НАСА ја рангираше на четвртото место во светот по важност, е преплавена е со најлон ќесиња, со ѓубре и за една година колку што нема истражувања на овој локалитет, теренот е запуштен. Грантот од 27.000 долари кој се доделува од Фондот на амбасадорот на САД за заштита на културното наследство е спас, вели раководителот на истражувањата, археологот Јовица Станковски.
- Летово требаше да има археолошки истражувања на Кокино, но поради изборите, тоа не се реализира. Во октомври, се надеваме дека ќе ги добиеме ветените 200.000 денари, додава Станковски.
Со американскиот грант, за кој договор потпишаа амбасадорот на САД, Џилијан Миловановиќ и министерот за култура, Илиријан Беќири, не се предвидени археолошки истражувања, туку парите ќе се искористат за целосно уредување на локалитетот.
- Конечно ќе се постави голем билборд на кој ќе биде претставено Кокино и со сите информации за него. Сега, посетителите ако нема некој да им ја каже приказната за Кокино, мислат дека тоа се само куп камења, додава археологот. Ќе бидат поставени и клупи, канти за ѓубре, а ќе има предавања и за локалното население да се запознае со значењето на овој локалитет.
- Голем проблем претставува тоа што на теренот нема чуварска служба. Посетителите кои доаѓаат неорганизирано оставаат ѓубре, си прават скари на локалитетот, го уништуваат. Првото што ќе го побараме од новата влада е да постават барем двајца чувари кои ќе го надгледуваат локалитетот, вели Станковски.
Со грантот, исто така, ќе биде организирана и голема изложба за промоција на Кокино, ќе бидат испечатени флаери за туристи, а ќе биде извршена и конзервација на пронајдениот материјал. Со завршувањето на грантот, локалитетот би требало да е комплетно уреден.

Старост од 3800 години
Кокино датира од 1800 години пред нашата ера, односно минимум е старо 3800 години и е значаен остаток од мегалитската култура. Овој локалитет е рамо до рамо со Стоунхенџ во Британија, Абу Симбел во Египет и Ангкор-Ват во Камбоџа.

Анита ЈОВАНОСКА

четврток, септември 21, 2006

Кокино доби пари од САД


ПОТПИШАН ДОГОВОР МЕЃУ АМБАСАДОРКАТА МИЛОВАНОВИЌ И МИНИСТЕРОТ БЕЌИРИ
Кокино доби пари од САД
Амбасадорката на САД во Македонија Џулијан Миловановиќ од амбасадорскиот фонд за културна заштита, ќе донира 27.000 долари за мегалитската обсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане, кумановски.

Амбасадорката на САД во Македонија Џулијан Миловановиќ од амбасадорскиот фонд за културна заштита, ќе донира 27.000 долари за мегалитската обсерваторија Кокино, во Старо Нагоричане, кумановски.
Парите се наменти за астро-археолошки истражувања, за развој , промоција и презентација на Кокино. Кокино овие пари ги добива по потпишувањето на Договорот за научна и технолошка соработка меѓу САД и Македонија.Амбасадорскиот фонд е основан од Американскиот конгрес, а Кокино грантот го добива по признавањето од НАСА како чеврта најважна античка обсерваторија во светот.
Договорот за доделувањето на грантот вчера го потпишаа амбасадорката Миловановиќ и минисдтерот за култура Илиријан Беќири.
Ова е петти грнат што Македонија го добива од американскиот амабсадорски фонд за заштита на културното наследство. Дадени се средсрва за Варадарски рид, за Римскиот форум во Стоби, за реставарација на црквата "Свети Спас" во Скопје и за турската бања Хам Ам во тетово. Ц.З.

понеделник, август 07, 2006

На Коњух, покрај тврдина, имало и град

ИнтервЈу
На Коњух, покрај тврдина, имало и град
Каролин С. Снајвли Археолог, која во земјава е присутна од 1971 година, ги открива тајните на локалитетот Коњух




ОБЈЕКТИ Еден од станбените објекти на северната страна на Големо Градиште, Коњух, датиран од 5-6 век



Катерина Богоева



Го истражувате археолошкиот локалитет Големо Градиште Коњух, во близина на Кратово, во рамките на македонско- американски проект заедно со колегите од Музејот на Македонија. Што говорат досега откриените материјали, која е неговата историја?

-Локалитетот Коњух ми беше познат по откриената црква - ротонда која влезе во светската литература, но прв пат го посетив заедно со археологот Киро Трајковски по завршувањето на заштитните ископувања на некрополата која се наоѓа во негова близина, а кои беа во функција на планираната пруга за Софија. Уште на прв поглед локалитетот ми беше интересен поради карпите и просториите исклесани во нив. Одлучивме да го истражуваме најнапред во рамките на пилот -проектот во 1998 година кога вршевме рекогносцирање на теренот, за во 2000 година да започнеме со ископувањата кои сеуште траат. Малку луѓе знаат за Коњух, но и малку археолози од земјава досега го посетиле. До 2004 година работевме на акрополата, во горниот дел и можеме со сигурност да кажеме дека таму се наоѓала тврдина, датирана од средината на шестиот век, од времето на царот Јустинијан И. Откривме бедем, имаме одредени сознанија како изгледала внатрешноста на градот, но и една цистерна на чие што дно, пронајдовме садови со рачки кои луѓето или намерно ги фрлале или ги губеле. Сеуште не знаеме како цистерната се снабдувала со вода.

Акрополата се наоѓа во средината на локалитетот, а од минатата година започнавме со копање на неговата тераса во долината на Крива Река и откривме објекти кои го потврдија постоењето на град, со податоци за живеење кои датираат од втората половина на петти и шести век, но има и податоци од порано. Мошне е важно што почнавме да добивме сознанија за распоредот на градот, за неговите улици, за станбените блокови.

Може ли да се говори за одреден континуитет на живеење низ вековите?

-Тоа е уште едно од отворените прашања поврзани со Коњух каде има податоци за живеење во периодот од 1- 3 век, што е и констатирано со откривањето на гробовите во текот на заштитните истражувања, како и со неколкуте натписи од надгробни споменици кои датираат од 3 -4 век. Проблем е што сеуште не знаеме каде се протегала раноримската населба, бидејќи ако има гробови, населбата мора да била во нивна близина. На овој простор има диви копања, а со векови селаните од Бељаковце и Коњух, од локалитетот земале камен што им служел како материјал за градење. Никој во тоа не ги спречувал. Годинава најдовме дваесеттина монети, најголем број римски, кои датираат од 2-3-4 век, како и голем број предмети изработени од коска (чешли, рачки од нож) кои сметаме дека се карактеристични за локалитетот. За нив и за другите добиени сознанија, заедно со колегите од Музејот на Македонија Елена Канзулова и Михаил Стојановски ќе говориме во октомври на симпозиумот на Македонското археолошко друштво во Делчево.

На овој локалитет може да се работи уште 50 години бидејќи е голем, но би сакала да работиме барем уште три до пет сезони. Задоволна сум од досега добиените сознанија за распоредот на градот, од откривањето на неговите улици.

Но не е докрај откриена ниту акрополата. Видовме дека нејзиното плато е вештачки создадено, дека Римјаните ги сечеле карпите на неговата северна и источната страна и така го создавале бедемот. На тој начин е создадено едно особено рамно место на кое се наоѓал главниот дел од тврдината која опфаќа и дел од терасата.

Интересно е дека тврдината на Јустинијан е градена во средината на град кој веќе постоел и пред половината на шестиот век, но и дека во тој крај се уште постои рударството, поради кое бил и важен патот што водел низ долината на Крива Река. Можеби на тогашните жители им била потребна тврдината токму заради заштита на рудниците, а по патот кој одел по долината на Крива Река има неколку тврдини. Коњух има и тврдина и град, но сеуште не се знае дали постојат градови и крај другите места со тврдини.

Го истражувавте и Стоби, работевте на неговиот водич, но професионално сте врзани за Гетизбур колеџот во Пенсилванија, во САД, каде предавате и живеете. Кое е вашето мислење за македонската археологија?

-Бев неколку пати летово на Стоби за да видам кои се новите откритија. Ме интересираат прашањата од областа на урбанизмот, особено римскиот и доцно -античкиот урбанизам. Во Македонија истражувам околу 35 години со прекини, најдолго во однос на другите балкански земји. За прв пат дојдов на истражувањата на Стоби во 1971 година, а досега сум работела и во Србија и Северна Грција.Мојот интерес е врзан за римската провинција Македонија.

Мислам дека денес во Македонија археологијата полека се развива, но луѓето знаат дека за развојот се потребни и опрема, компјутери, пари за ископувања. Парите се сигурно меѓу најважните прашања за археологијата, но тие не се потребни само за ископувања. Постојат многу непубликувани материјали , потребни се и пари за купување на книги од областа на археологијата, часописи, компјутери, Интернет, патувања до добри библиотеки (бидејќи овде ја нема потребната литература), за студии во странство и др.

Пругата кон Бугарија го блокира развојот на Крива Паланка

Недефинираната траса на пругата 14 години го остави градот без урбанистички план, со блокирани инвестиции и без развој на стопанството

Економскиот развој во Крива Паланка 14 години е блокиран. Не е донесен генералниот урбанистички план, ниту деталните планови. Блокиран е и развојот на општината, зошто никој не сака да инвестира на туѓо земјиште. Поради ова, целосно се запрени домашните и странските инвестиции и стопанските активности во градот, се жалат во локалната самоуправа во Крива Паланка.

- Новата пруга кон Бугарија од која се очекуваше економски бум во регионот и донесе само штети на општината и на регионот. Неизвесната реализација на железницата и немањето конечно решение за трасата низ градот прават огромни проблеми на општината, која не може да ја планира економската перспектива и да создаде услови за развој. Локалната самоуправа не може ниту да ги ажурира потребните урбанистички решенија, кои се стари 30 години и воопшто не одговараат на реалните потреби на градот поради што одамна требаше да бидат ревидирани - вели Добривој Николовски, раководител на секторот за урбанизам комунални работи и заштита на животната средина во Крива Паланка.

Тој вели дека, барем досега, не помогнале нивните напори и притисоци до надлежните институции во државата. Наместо решение, проблемите се' повеќе се натрупувале, а општината запаѓала во се' поголема економска бесперспективност.

Урбанистичкиот план стар 30 години

Генералниот урбанистички план на Крива Паланка е донесен во седумдесеттите, а последен пат бил ревидиран во 1989 година. Деталниот урбанистички план за десниот брег, каде што треба да минува железничката пруга е стар повеќе од 30 години. Во општината велат дека тие воопшто не одговараат на новиот систем на урбанистичкиот и економски развој кој треба да соодветствува на транзицијата, приватизацијата на стопанството и многу други работи што во меѓувреме се променети. Но, тие не можат да бидат направени се' додека не се дефинира железничката траса низ градското подрачје. Засега е изготвен само идеен проект, а работите околу утврдувањето на конечната траса целосно се стопирани.

- Никако не можеме да се вклопиме во новите услови на планирање на целокупниот развој на градот додека не се направат потребните измени и дополнувања на генералниот урбанистички план, а тие се директно условени од трасата на железницата. Треба да се прошири градското подрачје, кое сега има 540 хектари, со нови индустриски зони и локации за малото стопанство, нови стопански објекти, терцијални дејности и друго. Граѓаните пројавуваат голем интерес за малостопанственичките дејности, а има интерес и за странски инвестиции. Но, на општината и' се врзани рацете и не може да ја обезбеди потребната документација - велат во општината.

Во градот не можат да се создадат услови за стопанисување, иако од тоа зависат економските придобивки за општината и на населението. Проблем се и парцијалните решенија што исто така не можат да бидат донесени, се' додека не се изработи новиот генерален урбанистички план, со кој треба да се предвидат зоните за стопански, станбените и други инфраструктурни објекти. Поради сево ова, во градот никнуваат диви населби и нелегално изградени деловни објекти. Често реоните предвидени за индустриски и стопански зони се напаѓаат со индивидуална градба, а се нарушува и комуналната и друга инфраструктура. Надлежните велат дека на овој начин се создава урбанистички хаос во градот.

Трасата не е утврдена

Тие се жалат дека урбанизацијата мора да се приспособува на веќе изградените објекти, а и дека донесувањето несоодветни и непрактични решенија допрва многу скапо ќе ја чинат општината, но и државата.

- Поради стопираната градба и градежното уредување, во општинската каса не влегуваат ни планираните средства за наплата на комуналии, кое се еден од главните општински приходи, наменети токму за изградба на локалната инфраструктура, велат во општината.

Најпроблематично е уредувањето на десниот брег, со површина од околу 150 хектари каде што ќе минува железничката траса.

- Неколкупати досега ја менуваат трасата, а ние со години чекаме за да почнеме со градба. Ни пропаѓа градежен материјал што веќе сме го купиле и никако не можеме да ги надоместиме штетите, иако овој дел е најзначаен за градот. Тука беше предвидена и железничка станица, заради што очекувавме дека ќе можеме да изградиме деловни објекти, особено од услужните дејности потребни за железничкиот транспорт, со што ќе ја решиме и својата егзистенција, а ќе придонесуваме и за општината - велат жителите од ова подрачје.

Поради стопирањето на изградбата на железничката линија, блокирано е и изнаоѓањето нови пазари на најзначајните индустриски капацитети во општината.

Страда и стопанството

Рудниците за неметали „Бентомак“ не можат да обезбедат пласман на европските и другите подалечни пазари, каде што постои интерес за бентонитот, поради високите транспортни трошоци на камионскиот превоз. Поради грамадната форма на оваа руда, единствено исплатлив е железничкиот транспорт, преку кој може да се обезбедат големи економски ефекти. Слична е состојбата и со рудникот „Тораница“. Неизвесното довршување на железничкото поврзување го кочи и туристичкиот развој на Крива Паланка и искористувањето на природните потенцијали. Иако има многу заинтересирани за изградба на туристички локалитети и погони за производство на здрава храна, во рамките на пограничната соработка помеѓу Македонија, Бугарија и Србија и искористување на средствата од европските фондови, тие се соочени со потешкотии околу обезбедувањето локации и други потребни услови за стопанисување.

Во Министерството за транспорт и врски, надлежно за овој проблем, во изминативе години велат дека прашањето за продолжување на градежните работи на пругата кон Бугарија неколкупати било разгледувано, но проблем секогаш биле парите поради економска неисплатливост.

Жаклина Цветковска

четврток, август 03, 2006

ВО ПЕЛИНЦЕ ЗБОРУВАШЕ ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ

Илинден е на секое парче македонска земја

Скарите за славениците попривлечни од говорите

Во кумановското излетничко место Пелинце, пред споменикот во меморијалниот центар АСНОМ, го славеа Илинден посетители од Куманово, Скопје, Штип, Крива Паланка, Кратово и од други места на земјава и наши иселеници.

Пред споменикот положи венец новоизбраниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски, од името на шефот на државата се поклони Стево Пендаровски, а Владата ја претставуваа Радмила Шеќеринска и Стевче Јакимовски.

Венци положија и претставници на Сојузот на борците на Македонија, на АРМ, на Куманово и на повеќе политички партии.

- Пред една недела беше избран петтиот собраниски состав на самостојна и демократска Република Македонија и имам посебна чест што во името на новиот парламент можам да потсетам на огромното историско значење на двата Илиндена. Со првото заседание на АСНОМ се остварени вековните идеали и стремежи на македонскиот народ. Го одбележуваме тој значаен настан во Пелинце, во близината на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде што е одржано заседанието на АСНОМ. Но, споменот на Илинден е насекаде, на секое парче македонска земја. Вековниот сон за своја, слободна држава е остварен на заседанието на АСНОМ и остварен е заветот на илинденците - рече Георгиевски.

- Без Илинден 1903 немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот. На сегашните и на идните генерации останува да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да го ценат и да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава, која само во периодот на НОБ ја плати со над 24.000 жртви - рече Георгиевски.

Тој не пропушти да забележи и на грешките што беа направени по НОВ.

- За жал, вредностите како сигурност на личноста, имотот и сопственоста и правото на приватна стопанска иницијатива, беа брутално суспендирани за да се обноват половина век подоцна, кога со прогласување на самостојноста станаа темелни вредности - рече Георгиевски изразувајќи надеж Собранието да придонесе за успешна реализација на манифестираните заложби за наш брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и заедничко унапредување на меѓуетничкиот соживот со што ќе го надоградиме државниот континуитет почнат со двата Илиндена.
Г. Р.

ПРОХОР ПЧИЊСКИ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА?

ПРОХОР ПЧИЊСКИ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА?

МАНАСТИРСКИТЕ ПОРТИ СE ПОТЕШКИ

Втора година како македонска државна делегација не го слави АСНОМ во Манастирот Прохор Пчињски. Никој, ниту македонската држава, ниту пак властите во Белград не побараа да бидат примени, вели надлежниот епископ Пахомие

Параклисот пред манастирот, Св. Прохор Пчињски, изграден како место на кое треба да биде положено свежо цвеќе и оваа година остана празно. Македонската делегација не дојде да ја прослави 62-годишнината од основањето на македонската држава. Портите на манастирот "Св. Прохор Пчињски" останаа затворени. Одговорот на барањето дозвола од српското Министерство за надворешни работи не пристигна и од тие причини Македонија, втора година не го слави АСНОМ на автентичната локација. Вчера во манастирот беа само новинарските екипи. Им беше дозволено да ја проследат утринската литургија, но без право да снимаат во манастирот. Во Прохор Пчињски немаше ниту македонски верници. Во полупразната манастирска црква, литургијата со која чиноначалствуваше епископот Врањски Г. Пахомије, ја следеа мал број верници, најверојатно дојдени од Врање и околините села. Надлежниот епископ рече дека од нив никој не побарал дозвола за чествување на АСНОМ. - Никој, ниту македонската држава, ниту, пак, властите во Белград не побараа да бидат примени. Ако тоа го побараа од нас ние ќе им го овозможевме, изјави епископот Пахомије. Пахомије е убеден дека македонската држава е виновна за целата ситуација. Вели пред три години македонските власти им ветиле дека нема да ја прогонуваат Јовановата Православна охридска архиепископија и дека ќе и дозволат регистрација, а за возврат СПЦ се обврзала да овозможи непречена прослава во манастирот. - Не само што не го исполнија ветеното, туку и го продлабочија теророт против единствениот признат архиепископ Јован, изјави Пахомије. Денеска во манастирот, каде пред 62 години Македонија ги постави темелите на својата државност, ништо не потсетуваа дека овде се случувале значајни историски настани. Пахомие вели дека кога пред 14 години дошол да раководи со манастирот, овде не затекнал ништо од обележјата на АСНОМ. - Се што имало, колку што јас сум информиран, македонските власти ги повлекле во музејот во Скопје. Таму барајте ги - рече врањскиот епископ. - Мене навистина ми е жал што ќе Ви соопштам, но сите кои ја поддржувате МПЦ сте расколници, па макар таа бројка била и 99,9 проценти од Македонците, изјави вчера Пахомие одговарајќи на прашањето дали СПЦ е свесна дека македонските верници не го прифаќаат Јован Вранишковски. антрафиле

ЧАС ПО ИСТОРИЈА

Дел од новинарските екипи не излез од Р. Србија, вчера имаа квиз тестирања од надлежните српски цариници. Новинарите беа прилично изненадени од прашањата што до нив ги постави еден цариник. Дали Вие знаете што, всушност, се случило на овој ден во 1944? Кој ден Вие го славите? Што е тоа АСНОМ? и неколку други прашања... антрафиле

ВЕЧЕР ИАКО УРЕДНО ПОБАРА, НЕ ДОБИ ДОЗВОЛА ЗА СНИМАЊЕ ВО МАНАСТИРОТ

Се надеваме дека ќе дојде време - што поскоро, тоа подобро за сите нас - кога нема да мораме да даваме негативни одговори на барањата за снимање во манастирот. Кога политичарите и полицајците нема да се бават со внатрешната хиерарахија на црквата, кога потписникот на овие редови ќе може слободно да дојде во Скопје и кога и таму ќе се слави Свети Сава, тогаш ќе можеме да разговараме и како браќа, пријатели, но и како соседи. Ова е дел од договорот на Бачкиот епископ Иринеј, што место дозвола за снимање го испрати на барањето на нашата редакција упатено до него, петнаестина дена пред 2 Август.

Џорџевиќ: Огромно влијание на СПЦ врз државата Во последните години Илинден е во сенка на меѓуцрковниот спор меѓу СПЦ и МПЦ, смета српскиот социолог по религија Мирко Џорџевиќ. Според него, спорот меѓу двете цркви не требало да се пренесе и на државно ниво. - Требаше да се направи сето тоа да остане меѓуцрковен проблем кој може да биде решен со разговор. Вака дојдовме до ситуација трајно да се оповарат односите меѓу двете соседни држави, изјави Џорџевиќ за радио Б92. Тој посочува дека прославата на Илинден е само еден пример на огромното влијание на СПЦ врз државата. - Често пати не се знае дали црквата и државата навистина се одвоени или не. Овој пат имаме спрега на структурата на моќ во СПЦ и политичките партии на власт во Србија, вели Џорџевиќ, но додава дека ситуацијата не е различна ниту во другите православни земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Македонија не може да влијае врз СПЦ

Претседателот Црвенковски смета дека треба да се соочиме со фактот дека манастирот "Свети Прохор Пчињски" се наоѓа на територија на друга држава каде функционираат други закони врз кои Македонија, исто како и врз СПЦ не може да влијае. - Тоа беше и причината за изградба на меморијалниот центар "Пелинце" за да можеме достоинствено да го одбележуваме денот на одржувањето на АСНОМ без да зависиме од некој друг, рече Црвенковски. Тој смета дека односите меѓу Македонската и Српската православна црква долго време ги оптоваруваат релациите меѓу двете соседни земји. Според Црвенковски, пораките од македонските институции и од страна на официјален Белград се во функција на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение низ меѓусебен дијалог.

КУМАНОВСКА БАЊА ЗАПУШТЕНА И НЕУРЕДЕНА

Мнозина бараат лек и во руинираната бања

Познато е дека водата има лековити својства, сите посетители сметаат дека треба да се уреди бањата, а никој не знае во чија надлежност е таа

Секојдневно по стотина луѓе ги користат благодатите на лековитиот термален извор познат како Кумановска Бања, во селото Проевце, кој се наоѓа на три километри од градот. Тие главно бараат спас од нервни, стомачни и кожни заболувања, но водата од 40 Целзиусови степени е одлична и за релаксација и отпуштање од секојдневните стресови.

- Веќе 29 години доаѓам тука и многу подобро се чувствувам. Лекарот ми ја препорача и пред секое почнување на лекувањето ми го проверува притисокот, срцето, крвта, па дури тогаш доаѓам - вели 71- годишната кумановка Миланка.

Оваа бања лекарот и' ја препорачал и на 50-годишната Љубинка Ѓорѓиевска од Крива Паланка. Таа првпат доаѓа со надеж дека напнатоста ќе и' попушти, откако ќе ја заврши терапијата. Таа додава дека базените во бањата се чисти, но проблем е што нема редовен превоз од градот, а во близина на бањата нема никакви сместувачки капацитети.

- Можеби треба да има и лекар што ќе го надгледува здравјето на луѓето, оти многумина имаат проблеми со притисокот или со срцето - смета таа.

Во бањата луѓето често доаѓаат и самоиницијативно. Брачна двојка од липковското село Лојане вели дека е задоволна од лекувањето и дека иако без лекарска препорака „прават бањи“ и се чувствуваат многу подобро. Тие сметаат дека паркот околу бањата треба да биде уреден и чист, а пожелно е да има изградено и сместувачки капацитети за оние од подалеку, како и ресторани за ручек и освежување со пијалаци за оние што претпладне и попладне влегуваат во базените.

- Ова место е прекрасно и за излет на семејства со мали деца. Некој треба да инвестира тука, а тоа секако дека подоцна ќе се исплати -велат гостите.

Во Кумановска Бања секое лето доаѓаат и македонските граѓани на привремена работа во западноевропските земји.

- Оваа лековита вода да е во Швајцарија или во Германија, можете ли да замислите како би изгледала. Жалосно е што природните богатства кај нас никој не ги цени, па не ги ни одржува. Да е средено по европски стандарди, овде секоја година би било преполно од странски туристи - велат нашинци на привремена работа во странство.

Гостите имаат сериозни забелешки на нехигиената наоколу.

- Гледате ли каква е нехигиената! Паркот е голем, ама неуреден. Овие објекти станаа руини, а во нив на времето се сместуваа бањските гости. Во хотелот „Ку-Ба“ сите 300 легла беа малку во сезоната кога бањата наликуваше на нешто. Сега во „Ку-Ба“ се сместени раселените од Матејче, а друг хотел нема - раскажува 61-годишниот Славчо Величковски од селото Проевце.

Пред распадот на СФРЈ бањата имала гости од цела тогашна држава, имало и лекар, а реката што тече покрај бањата била чиста.

- Навечер кога ќе ја испуштеа водата од базените, на површина на водата во реката излегуваа риби, па ние ги фаќавме со раце. Сега реката е толку загадена што нема ниту жаби. Местото не го уредија, туку го вратија за сто години назад - вели Величковски.

Тој додава дека по лековитите својства оваа вода надалеку е прочуена, но револтиран е што никој во државава не се зафатил да ја модернизира бањата од што ќе имаат полза и оние што имаат потреба од неа, ама и државата.

Во близина на базените се и двете чешми од кои кумановци деноноќно полнат кисела вода за пиење. И околу нив е нечисто и неуредено. Сите се согласуваат дека бањата треба да се преуреди и да стане туристичко место, но никој не знае во чија надлежност е таа.

Локалната самоуправа со децении не презела мерки за уредување на овој простор. Неколку невладини организации од Куманово спроведуваа активности за чистење. Беа поставувани клупи и поплочени патеки, но тоа не се одржува, а несовесните посетители и забот на времето оставаат лоша слика.

Светлана Антик-Јовчевска

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ ВО ПЕЛИНЦЕ

Без Илинден ќе ја немаше ни Македонија

Без Илинден 1903 година немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот, до 1991 година кога Македонија стана самостојна држава, рече претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски

Без Илинден 1903 година немаше да го имаме Илинден 1944 година, а без овој немаше да дојдеме до третиот, до 1991 година кога Македонија стана самостојна држава, рече претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски вчера во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце.

Тој им порача на сегашните и на идните генерации „да знаат да го ценат ова што денес го имаме, да се борат да ја сочуваат слободата и сувереноста на нашата држава која само во периодот на народноослободителната борба ја плати со над 24.000 жртви“.

На споменикот во Меморијалниот центар свежо цвеќе и венци, покрај Георгиевски, положија и вицепремиерката Радмила Шеќеринска, министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски, претставници на на кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, на здруженија на борците од НОБ, претставници од Генералштабот на АРМ, како и од Општина Куманово.

Георгиевски потсети дека на Првото заседание на АСНОМ беа донесени решенијата со кои заседанието е прогласено за највисоко законодавно и извршно народно претставничко тело на македонската држава, за воведување на македонскиот како службен јазик и Декларацијата за основните права на граѓаните, правото на изразување на мајчин јазик и правото на вероисповед.

- За жал, вредностите како сигурност на личноста, имотот и сопственоста и правото на приватна стопанска иницијатива, беа брутално суспендирани за да се обноват половина век подоцна, кога со прогласување на самостојноста станаа темелни вредности - рече Георгиевски.

Тој очекува новиот парламентарен состав да даде голем придонес за брз економски развој, евроатлантско интегрирање и стандардизирање и заедничко унапредување на меѓуетничкиот соживот. Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце Илинден го прославија околу 2.000 посетители.

(А.Д.)

вторник, август 01, 2006

Поплави во Скопско и во Кумановско

Време, број 796, 01.08.2006

НЕВРЕМЕТО НАПРАВИ ПУСТОШ
Поплави во Скопско и во Кумановско

Штетите од невремето дополнително ќе се проценуваат

Повеќе од 300 куќи во скопската населба Ченто се поплавени од силното невреме што во неделата попладне ја зафати земјава, велат од Дирекцијата за заштита и спасување. Екипи на дирекцијата вчера работеа на терен за да им помогнат на жителите да ја исцрпат водата од поплавените подруми и дворови.

На терен беа и екипи на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, како и на противпожарната бригада, кои со цистерни и со пумпи ја собираа насобраната вода од врнежите. Невремето ги погоди и скопските села Сингелиќ, Инџиково, северниот дел на Скопје каде што најпогодена беше општината Петровец. Врнежи проследени со силен ветер имаше и во кумановското село Старо Нагоричане, како и во тетовско Вејце. Штетата во сите овие места ќе се проценува дополнително.

- Дождот и градот не затекна додека бевме во автобус. Врнеше силно и возачот го сопре автобусот затоа што од врнежите не се гледаше патот. Чекавме педесетина минути за да престане дождот, а кога излеговме надвор, соседите веќе почнаа да ја црпат со кофи водата што им ги поплави подрумите - вели жителка од населбата Ченто.

Жителите од оваа населба, како и од другите места што беа погодени од невремето веќе два дена немаат струја поради дефект на електричната мрежа. Од општината Петровец велат дека вчера цел ден доаѓале граѓани за помош и совети, како и да пријават штети на нивите. Силниот дожд во општината Старо Нагоричане во повеќечасовен мрак ги остави селата Челопек и Пелинце. Селаните од овие села велат дека електричната мрежа во овој регион е многу слаба, па и најмал дожд предизвикувал прекин на струјата.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека неделава ќе биде стабилно и топло, а ако има врнежи, тие нема да бидат со ваков интензитет. Посилни врнежи се очекуваат за време на викендот.

Н.Ч. - М.М.


Нема Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“

Време, број 796, 01.08.2006

СРПСКАТА ЦРКВА НЕ ДАВА, МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА СЕ ОТКАЖА
Нема Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“

АСНОМ во Пелинце и во Прохор Пчински и Илинден во Крушево се стожери на националниот идентитет
Сунчица Стојановска
Никој друг освен владиката Пахомие не може да дозволи посета на манастирот „Свети Прохор Пчињски“, велат од српската епархија на прашањето дали ќе прават проблеми ако македонска делегација утре го посети манастирот каде што пред 62 години се удрени темелите на македонската државност.
Пахомие вчера беше недостапен и за одговор дали има контакти со расчинетиот Јован Вранишковски, по кого деновиве трага полицијата за да го однесе во затворот во Идризово.
Министерството за надворешни работи ниту вчера немаше одговор од српската влада, иако дозвола за посета на манастирот беше побарана пред околу една недела.
- Ќе чекаме уште денеска. Исто беше и минатата година, кога одговорот стигна во последен момент. Како и да е, Владата донесе одлука државна делегација годинава да не оди во „Прохор Пчињски“ – велат во МНР.
До пред две години државниот врв на Втори август барем можеше да влезе во манастирот на годишнината од АСНОМ. Од минатата година српските црковни власти целосно ги затворија портите за одбележување на Илинден. Причина е црковниот спор со Вранишковски, кој уште повеќе ги заостри односите меѓу МПЦ и СПЦ.
Централната манифестација за прослава на Илинден ќе се одржи во Крушево. Од Мечкин Камен ќе се обрати претседателот Бранко Црвенковски. Во Крушево ќе биде и премиерот во оставка Владо Бучковски.
Владината делегација во меморијалниот центар Пелинце ќе ја предводи министерот за култура Благоја Стефановски. Според протоколот, во Пелинце треба да оди и претседателот на Собранието. Прославата во Пелинце е замислена како народен собир.
На Мечкин Камен ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставуваат Трајко Славески и Силвана Бонева, а во Пелинце ќе одат Антонио Милошоски, Гордана Јанкуловска и Петар Поп Арсов.

Кумановската историја изложена во старата вила

Кумановската историја изложена во старата вила
Три од стотина откриените јами во Пелинското светилиште се дел од постојаната поставка на на Музеј - Куманово




Дел од фасцинантните народни носии



Катерина Богоева



Музејот на Куманово кој датира од 1964 година, со забележана седум години постара музејска дејност, за прв пат летово доби постојана музејска поставка. На приземјето и катот од реновираната музејска зграда изложен е репрезентативен дел, од досега собраните 7.000 експонати. Поставката е сместена во музејската зграда која се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот, и има типичен белег на стара градска архитектура. Изградена е во 1926 година и некогаш била вила на Живко Стојиљковиќ богат индустријалец од Лесковац Во нејзиниот двор и денес е сместен лапидариум, кој го привлекува вниманието на минувачите.

Музејските експонати за прв пат на едно место нудат пресек на историјата на Куманово и околината, воедно презентирајќи дел од збирките на археолошкото, историското и етнолошкото одделение. Нив јавноста во изминатите педесеттина години повремено можеше да ги види и на над 650 организирани тематски изложби

Изненадува фактот дека во кумановскиот регион се регистрирани над 250 археолошки локалитети од кои делумно се истражени само 14, но презентираните експонати уште од почетокот успеваат во поставката да го доловуват развојот на човековата мисла, креативноста, духот на жителите од неолитот па се до средниот век. Дел од ексклузивниот откриен материјал, со светско значење се наоѓа во збирката на Музејот на Македонија, од каде кумановските музеалци очекуваат или да биде вратен или евентуално да добијат копии. Во 26 витрини се изложени впечатливи предмети од различни периоди, а почетокот е врзан за 4.500 год.пр.н.е од средниот неолит, од кога датираат најстарите материјали откриени на локалитетот Брег кај Младо Нагоричане. Се издвојуваат: жртвеници, чинии „пинтадера" - предмет за украсување на леб или ткаенини и др..

„Од периодот 3 милениум пред.н.ера, наречен енеолит или бакарно време, кога почнува употребата на првите метали, имаме убави предмети од локалитетот Костоперска карпа кои се наоѓаат во Музејот на Македонија. Од почетокот пак на бронзениот период датира ексклузивниот материјал пронајден пред 20 години на локалитетот Градиште кај Пелинце " - посочува археологот Јовица Станковски на витрините во кои се реконструирани три, од над стотина откриени јами на т.н „Пелинско светилиште". Станува збор за најстариот откриен начин на почитување на големата Божица Мајка која бдее над домашното огниште, при што во природни вдлабнатини од стени, се поставувале дарови за бериќет.

Локалитетот Пелинце кој го истражувале археолозите Блажо Георгиевски и Лена Трајковска е поврзан и со актуелното Кокино, со локалитетот Татиќев камен каде Станковски минатата година открил слични јами со поставени дарови, што, според него говори за простор со силна обредност и вера. Од тој локалитет и од тумулната некропола на локалитетот Долинац во Стрнивац е изложен разновиден материјал (мелници за жито, тегови за разбој од камен, садови, реконструирано е погребување под тумул и др.), а во поставката засега недостигаат експонатите од средна бронза, кои откриени на недоистражениот локалитет Прибовце се сметаат за ексклузивни а се наоѓаат исто така во Музејот на Македонија.

Впечатлив е бронзениот накит од 7 век пре. н ера, од кога датира ексклузивниот привезок со соларен култ, кој го има во неколку примероци во светот, како и железните ножеви датирани од 8 век пр.н.е. Меѓу изложеното се и предметите од локалитетите Војник, Мијашки Рид, Косоперска карпа и др..

Од најистражениот локалитет од римскиот период некрополата Дрезга кај Лопате, можат да се видат садови и накит што фасцинираат со својата изработка. Меѓу нив се издвојуваат и два стаклени сада изработени еден во друг, што исто така се сметаат за ексклузивен наод.

„Сега учениците ќе имаат можност да ја видат целата историја на регионот. Периодот од шести век до доаѓањето на Турците не е многу истражуван, но има локалитети на кои може многу да се работи -потенцира Станковски.

Историската поставка започнува со доаѓањето на Турците, во почетокот на 16 век а завршува со крајот на Втората светска војна и во неа доминираат фотографии, документи, предмети од различен вид. Фотографиите се дел од збирката од над 2.000 фотографии што ја поседува историското одделение, а првиот изложен предмет во хронолошката низа е пописниот тефтер од 1519 година во кој Куманово се споменува за прв пат како мала касаба. Досега материјалот е изложуван на околу 80 -тина тематски изложби, а меѓу нив за најрепрезентативни, исторчарката на уметност, документаторот Славица Крстиќ ги посочува: знамето со две лица на Кумановската револуционерна организација од Илинденскиот период, печатот на организацијата од 1893 година, како и касата од Марсеј каде се чувале документите од првите кумановски парламентарни избори во 1920 година.

Етнолошката поставка е сместена на катот и е во неа е презентиран дел од 2000 предмети од неколку збирки од етнолошкото одделение кое датира од 1978 година. Амбиентално се поставени селска куќа, градска соба, раскошот на носиите и дел од занаетите.

„Единствено ни недостига дел од албанската, ромската и српската носија, кои не успеавме да ги обезбедиме а немавме ни поддршка од населението" - посочува етнологот Милица Пешевска-Николоска, говорејќи за изложените експонати, меѓу кои вниманието го привлекува раскошот на презентираната шопска, которска и влашка носија. Прикажани се и предмети од грнчарскиот, казанџискиот и качарскиот занает, издвоени од 15 -те познати занаети во Куманово и кумановско.

Поставката може да се менува, најавуваат нејзините автори, со уверување дека има многу вредни експонати што јавноста допрва треба да ги види.

понеделник, јули 31, 2006

Старо Нагоричане цела недела без струја

Старо Нагоричане цела недела без струја

Десетина куќи од селото Старо Нагоричане веќе цела недела немаат струја, а екипите од ЕСМ подружница Куманово не излегуваат на терен да го отстранат дефектот. 30-ина жители од едно од маалата во селото каде што живее и градоначалникот останале без струја пред седум дена, кога ги зафатило силно невреме, кое урнало повеќе бандери и ги искинало жиците.
"Секој ден по неколку пати се јавуваме во 'Светлина' во Куманово да дојдат да интервенираат, но никој не не ферма. Се одмрзнаа фрижидерите и замрзнувачите, ни се расипа храната и ни кисне млекото. Не можеме да наводнуваме и да мелеме храна за добитокот. Без струја не се живее ни во село", велат мештаните. И градоначалникот Власта Димковиќ потврди дека екипите во "Светлина" ги игнорираат нивните повици и ги оставиле во мрак подолго време.
"Во селото има паднато столбови и електрични жици. Тоа е многу опасно и ако на нив налета некое животно или човек. Не знам зошто луѓето од ЕСМ не се поодговорни кон жителите од селските населени места кога и ние редовно си ги плаќаме и намируваме долговите кон нив", прашува градоначалникот.
Во кумановските села честа појава е да нема струја со денови, а за претрпената штета во домаќинствата да не одговара никој и таа да се смета за колатерална. Сите се прашуваат дали со приватизацијата на ЕСМ ќе се смени оваа појава.

С.Н.

Во Пелинце се гради и Меѓународен уметнички центар

Во Пелинце се гради и Меѓународен уметнички центар
Предвидениот објект за библиотека се пренаменува во центар во кој ќе биде сместена и ликовната колонија „Куманово"




Планираната библиотека прераснува во Меѓународен уметнички центар



Катерина Богоева



Деновиве во рамките на комплексот во Пелинце, се забрзани работите на уште еден објект кој според предвидувањата на крајот од минатата година, кога Куманово стана град на културата за 2006, требаше досега и да биде и завршен. Станува збор за планираната библиотека, објект со површина од 400 квадратни метри кој сега добива нова намена и со видливите градежни интервенции треба, според советникот за ликовна дејност во Министерството за култура Гоце Божурски, да прерасне во Меѓународен уметнички центар. Во него свој простор треба да добие и во иднина тука да се одржува и ликовната колонија Куманово, чии што почетоци се врзани за конаците на манастирот Прохор Пчински кој се наоѓа во близина.

Првичниот план овде да се смести голема библиотека е напуштен поради одалеченоста на Пелинце од Куманово и сомнежот дека истата ќе биде и посетувана. Новата идеја за функционирање на идниот центар сеуште не е оформена во конкретна програма за работа, а според Божурски идејата ќе се конкретизира со учество на уметници и одредени институции.

"Во објектот се гради работен простор за сликарско ателје, сала за одржување на концерти, промоции и за одредени активности од камерен тип како и десет соби за сместување на уметниците. Овде ќе се смести и ликовната колонија Куманово а нашата идеја да доаѓаат и да работат уметници и надвор од колонијата, уметници од Македонија и странство. Постојат и размислувања за организирање на гостувања на поети, учесници на Струшките вечери на поезијата, на Млада Струга, а за нив како и за другите уметници, музичарите на пример, просторот ќе биде отворен во текот на целата година " - вели Божурски и напоменува дека целиот комплекс на Пелинце освен Меморијалниот центар АСНОМ, со одлука на Владата му е доделен на општината Куманово и дека досега, со градските власти е разговарано за начините на нивното учество во конечното оформување на Меѓународниот уметнички центар и негово ставање во функција.

Работите кои сега се одвиваат на објектот се финансираат по проект на Министерството за култура, а во близина се гради и ресторан.

Иако советникот за ликовна дејност на министерот за култура во заминување Благоја Стефановски, не ја исклучува можноста најдоцна есенва тука и да се одржи планираната ликовна колонија Куманово, тоа, според досегашната динамика на работите не изгледа многу веројатно. Деновие таму забрзано се работи, се прават пристапни патеки, но сеуште градежните работи ни оддалеку не изгледаат дека во споменатиот рок ќе бидат завршени, за да можат да ги примат и првите гости кои на колонијата доаѓаат и од другите земји, најчесто од Србија и Бугарија.

Сеуште не постои оформена програма како би се организирало и финансирало доаѓањето и престојот на уметниците од странство, презентацијата на создаденото творештво во Македонија, но, Божурски смета дека не би имало проблем во иднина тоа да се организира со финансиско учество на земјите од каде би доаѓале уметниците, со вклучување на градот Куманово во обезбедување на средства за сместување и храна, но и на Министерството за култура, кое би учествувало во обезбедување на начините на презентација на создаденото творештво.

Ликовната колонија Куманово е создадена во 1974 година и до деведесеттите години на минатиот век била наречена Прохор Пчински, по манастирот во кој започнала и каде работеле ликовните уметници од поранешна Југославија и странство. Потоа, колонијата се сели во манастирот Матејче, и го носи неговото име, за по започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, па се до лани да се одржува во различни места во градот Куманово.

сабота, јули 29, 2006

ОПШТИНА СТАРО НАГОРИЧИНО

Општина Старо Нагоричино има око 5.000 становника (27 одсто српске националности), једна је од већих у Македонији, али спада међу најмање развијене и најслабије насељене. Домаћинства су сеоска и углавном се баве пољопривредом и сточарством, а крај је богат виноградима и познат по одличном вину и ракији.

Од 33 насеља на територији општине трећина је на беспутном Козјаку, уз границу са Србијом, и та села су због рђавих саобраћајних веза с Кумановом доста упућена на Србију где се многи лече, иду у школу, понеки и струју добијају отуд. Врло често граница пролази кроз дворишта, па су некима куће у Македонији, а баште у Србији.

Централно место и седиште општине, село Старо Нагоричино, први пут је поменуто у 16. веку, у турским пописним дефтерима, као Хагоричка нахија у чијем је саставу било 128 насеља.

Скоро сва насеља имају струју, а више од 60 одсто домаћинстава телефон. Пре четири године у дворишту старе амбуланте у селу Старо Нагоричино изграђена је савремена зграда са неопходном опремом за здравствену заштиту више од 3.000 становника козјачких села који више не морају и за обичан лекарски преглед да иду у Куманово.

Почеци образовања у овом крају датирају од 19. века, а сада у општини Старо Нагоричино раде четири основне школе у којима наставу прати око 400 ученика.

Панорамом овог краја доминира оскрнављени споменик на брду Зебрњак, упркос варварству Бугара који су га минирали у Другом светском рату, јер и остаци монументалног дела архитекте Момира Коруновића сведоче о херојству српских ратника, победника Кумановске битке, кључног догађаја Првог балканског рата, када су Турци после пет векова окупације протерани с највећег дела Балкана.

Општина Старо Нагоричино богата је и другим веома значајним културно-историјским споменицима, попут задужбине српског краља Милутина Немањића манастира Свети Ђорђе с почетка 14. века, манастира Забел, древне мегалитске опсерваторије ²Кокино², а не оскудева ни даровима природе какав је термоминерални извор Стрновац.

Градоначелник дипломирани агроном Власта Димковић перспективу види у искоришћавању природних богатстава општине и уверен је да су велике површине обрадивог земљишта, пашњака, шума и термоминералних извора довољан мотив за привреднике да инвестирају.

Локалитети - културни и историски

Lokaliteti

ПРАИСТОРИСКИТЕ ЛУЃЕ ОД КОКИНО ГИ СЛЕДЕЛЕ НЕБЕСКИТЕ ТЕЛА

Во атарот на Општината Старо Нагоричане, на околу 50 километри воздушна линија од Скопје, се наоѓа старата опсерваторија Кокино. Археолозите ја датираат во 1800 година пред нашата ера, а ја создале праисториските луѓе од раното бронзено време. Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи. Дел од тие процепи направени од природата биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето. Бронзените луѓе ги набљудувале планетите, а остатоците пронајдени на овој локалитет укажуваат на нивната висока развиеност. Тоа ги побива вообичаените мислења или предрасуди дека овие праисториски луѓе биле дивјаци.
Физичарот Ѓоре Цанев од планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје, кој неколку години прави археоастрономски анализи во Кокино, вели оти сме во заблуда дека Сонцето постојано изгрева на Исток. Истражувањата во Кокино покажале дека Сонцето само двапати годишно изгрева точно на Исток и, исто така, два пати заоѓа на Запад. Сите други денови од годината има отклонувања.
Камените маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. "Сонцето, всушност, само на рамнодневиците - на 21 март и на 21 септември - изгрева точно на Исток и заоѓа точно на Запад. Потоа постепено има отклонување до 45 степени", вели физичарот Цанев.
Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. "Очигледно, вели Цанев, некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството" вели Цанев.
Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.
Опсерваторијата е откриена од дивите копачи во 2001 година. Дел од предметите кои тие ги пронашле таму ги однеле во Музејот во Куманово. Набргу потоа археологот Јовица Станковски и неговата екипа од Музејот почнале да го истражуваат локалитетот и дошле до сознанијата дека тука се наоѓало светилиште каде што се величал култот на Големата мајка Земја и на таткото Сонце. Тоа довело и до претпоставката дека на истото место е и старата опсерваторија.
Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на стените се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето.
Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 година американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место.



Manastir Zabel - Staro Nagorichane

Едно од најстарите духовни светилишта во Кумановско, манастирот "Забел" во селото Старо Нагоричане, се распаѓа. Во него одамна е замрен духовниот живот и поради тоа голем број верници, предадени на традицијата, го посетуваат само на денот на патронот, иако имаат желба вратите на манастирот постојано да бидат отворени.
Црквата "Пресвета Богородица" во манастирот "Забел" е изградена 1330 година, но како и повеќето православни светилишта во Македонија, во времето на турското владеење била целосно срушена.
Според легендата што ја прераскажуваат жителите од овој крај, од разурнатиот манастир останале само три гроба во олтарот. На некој човек од селото му се сонило дека во еден од гробовите има скриено богатство, со кое треба да се обнови стариот манастир. Тој навистина откопал злато, а потоа отишол кај игуменот во матејчкиот манастир да побара согласност од Цариград да му дозволат да го подигне светилиштето. Обновата почнала во 1852 година. На темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, за четири години бил изграден новиот храм. Мајсторите го поставиле и олтарот, но не успеале докрај да го изработат фрескоживописот и внатрешно да ја уредат црквата. И по толку години постоење, досега никој не се нашол да ја уреди црквата.
Манастирот "Забел" се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од Куманово. Местото на кое е изграден потсетува на гнездо. Неговата скриеност од сите страни и зафрленоста не биле пречка ова духовно светилиште некогаш да врие од луѓе и живот. "Порано тука се вкрстувале многу патишта, па во манастирот доаѓале многумина верници и патници-намерници, кои ноќевале во конаците. Со својата плодна земја и густа шума, манастирот бил еден од најбогатите во земјата. Го опслужувале дваесетина семејства, кои одгледувале над 200 овци, 20 грла крупен и ситен добиток. Во манастирскиот двор имало неколку бунари, амбари, воденица за мелење брашно, фурна и се друго што му требало на едно богато селско домаќинство. Во него, се до средината на минатиот век, живееле и калуѓери. По војната тие биле протерани и животот во манастирот замрел", вели Слободан Јовановиќ од Старо Нагоричане, претставник од црковниот одбор.
Негрижата и запуштеноста довеле до целосно распаѓање на конаците, шталите, помошните простории. Распаднати се и манастирските порти. Руинираните објекти немо сведочат за негрижата на човекот кон духовното наследство.
Црквата "Успение на Пресвета Богородица", сепак, успеала низ вековите да му се спротивстави на времето и да зачува дел од убавината што и ја дариле градителите. Но, пред две години од црквата се украдени четири икони стари над сто педесет години. Иконата на Мајка Богородица и уште три други, со димензија од метар и половина на седумдесет сантиметри, се извадени од нејзиниот олтар. Ги изработил познатиот живописец Дичо Зографот и нивната вредност е непроценлива. Од нив се уште нема никаква трага. Постарите жители велат дека ова не е прва кражба и дека судбината на оваа црква е многу тажна, бидејќи никој вистински не сака да се заложи за нејзино обновување.
На празникот Голема Богородица манастирот беше преполн со народ и верници, кои дојдоа на прославата. Во дворот на црквата се делеше манастирско гравче, а на празничната трпеза имаше многу гости. На ливадите и полјанките во дебелите дабови сенки, луѓе на сите возрасти уживаа во прекрасната природа, далеку од градската жега.
- Ова место е Божји рај. Тука природата е недопрена, а Господ не штедел кога ја создавал. Има се што може да се посака за одмор на душата. Сега, човекот треба да се погрижи да ги искористи овие убавини. Ние мораме да и помогнеме на црквата да го врати некогашниот сјај на ова свето место. Општината да обезбеди средства за изградба на инфраструктура и да создаде излетничко и духовно место, кое многу му недостига на нашиот крај - вели една посетителка.
Годинешнава посетеност на "Забел" за Голема Богородица влева надеж дека овој храм набрзо вистински ќе заживее и широко ќе ги прифати потомците на своите градители.



Manastir Sveti Joakim Osogovski - Kriva Palanka

Манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски е лоциран на околу 3 км. источно од Крива Паланка и зазема прекрасна положба на стрмните падини на шумовитата долина Бабин Дол односно месноста Сарандопор, што на грчки јазик значи четириесет кривини.
По својата содржина, манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски е најголем на територијата на Република Македонија, што му дава посебен белег.
Самиот манастир се наоѓа на надморска висина од 825 метри. Просечната годишна темперетура е 10.8°C (во текот на летото просечната темперетура е 16.7°C, а влажноста на воздухот 62%).



Manastir Prohor Pchinjski

Нашиот северен сосед, во манастирот "Свети Прохор Пчињски", ќе гради нов иконостас, а црквата ќе добие и потполно нов изглед и во таа насока веќе почнаа значајни зафати. Како што пренесува српскиот весник "Глас Јавности", неодамна завршиле и интензивните археолошки ископувања во манастирскиот комплекс од страна на Заводот за заштита на спомениците од Ниш. Повод за интензивните ископувања било поставувањето на подно греење.
"Во 16 век, како што веруваме, манастирот бил многу богат. Додаден е уште еден олтар, параклис посветен на Богородица, така што манастирот има два олтара. Еден посветен на Светецот, а другиот на Богородица", вели Александар Алексиќ, еден од археолозите што работеше на ископувањата. Весникот пренесува дека при копањето во внатрешноста на црквата, до два метра во длабочина, биле пронајдени темелите на црквата на кралот Милутин, но не и крајот на манастирските темели од сегашниот објект. Се претпоставува дека започнатите темели биле предвидени за многу поголем објект.
Ископувањата откриле дека целиот простор околу старата црква бил некропола. Според српскиот весник, во подот под манастирот се пронајдени многу пари од турско време и доцниот Среден век.
Што се однесува до копачите на злато, какви што во овој дел од јужна Србија ги има многу, проверено е дека се неточни приказните дека под олтарот се крие закопано злато, од времето на Александар Македонски. "Просторот околу олтарот е прекопан и не е најдено баш ништо", пренесува "Глас Јавности".
Иако археолозите се задоволни со завршената работа, мештаните негодуваат поради големото нарушување на внатрешноста на манастирот, која кај населението од овој крај се почитува како свето место.



Skachkovce

Во кумановското село Скачковце, во 18 век владеел Јашар-бег кој ги уживал сите благодати на животот, но не бил среќен, бидејќи носел голема рана на срцето. За неговиот тешко болен син немало спас. Барал лек насекаде по светот, но помош немало од никаде. Во тие денови на болка и неизвесност, на сон му се јавил Господ кој му рекол чарето да го бара во покајание и молитва пред Крстот, кој се наоѓа на високиот рид над селото. Бегот не поверувал во претскажувањето. Како што одминувало времето, болеста на детето напредувала, а семејството се повеќе паѓало во очај и безнадежност дека нема лек за синот. Еден ден во беговата куќа дошла една старица и со страв на господарот му кажала дека му носи порака од Бога за спас на неговото чедо.
"Детето да го однесете на ридот пред Светиот крст за да оздрави и долго да поживее", им рекла бабата. Тогаш бегот се сетил и на својот сон и немајќи каде, решил да го прифати аберот што му го праќал севишниот. Се искачил на ридот на светото место паднал на колена пред Крстот и почнал да се моли за здравје на детето. Ветил пред селаните дека ако Господ ја услиша неговата молба, на христијаните од селото ќе им дозволи да изградат манастир на светото место и ќе ги ослободи од плаќање на сите давачки. Пред очите на присутните кај Крстот се случило чудо. Дотогаш неподвижното дете станало од постелата и почнало да чекори кон кулата која се наоѓала од спротивната страна на крстот. Пресреќен од она што го гледа, Јашар-бег наредил местото да се заштити како свето, а Света Троица, денот на победата над тешката болест на син му, да се празнува како најголем празник. Брзо потоа тој издал и декрет во кој наредил православните од Кумановско и Светиниколско на првиот ден по Духовден да не работат за да можат во предвечерјето на празникот Света Троица да се собираат и да прославуваат.
Оваа легенда за моќта и силата на Светиот крст во селото Скачковце се пренесува и прераскажува веќе три века. Ветувањата што бегот ги дал за спасение на својот син делумно ги исполнил. Ги ослободил селаните од плаќање данок, им ја разделил земјата од својот чифлик на сиромашните, ги ослободил од работа на празникот Света Троица, но не го изградил ветеното светилиште. Местото каде што требало да никне духовниот храм со векови стоело пусто обраснато во трње и трева, а селаните го посетувале само за празникот. Три века подоцна, еден од потомците од Скачковце, прота Стојан Пајковски се нафатил да ја реализира желбата на неговите предци.
- Пред својата смрт мојот дедо Насе Пајковски ми остави аманет да го обележам Светиот рид со Божји храм. На смртна постела ми рече: 'Синко, те молам исполни ми ја последната желба која досега никој не можеше да ја оствари. Обележи го ова место, бидејќи тебе ти падна чест да служиш на олтарот на својот народ и на нашата православна вера", се сеќава прота Пајко. Тој откако се вратил од Австралија каде бил на повеќегодишна мисија, се зафатил да ја исполни преземената обврска. "Кога во 1991 година на Света Троица, по долги години стапнав на ова место, во длабочината на мојата душа како да почувствував дека ме следи духот на мојот дедо Насе. Во мислите ми дојде неговата последна желба, а пред очите ми се појави сликата на Крстот блеснат во сета негова убавина. Си дадов завет дека со Божја помош ќе го возобновам стариот крст, а покрај него ќе изградам манастир. Веднаш заминав кај моите родители Деска и Санде и им ја пренесов мојата одлука. Трогнати од мојата решителност, посакаа работата да ја завршам побрзо додека тие се живи за да ја почувствуваат семејната гордост и да ја прослават убавината и големината на Крстот", раскажува прота Пајко.
Со тешка и напорна работа, попот Пајко успеал со механизација да го пробие патот до Крстот и да доведе струја. На 8 јуни 1998 на големиот празник Света Троица бил поставен Светиот крст, висок 12 метри и широк 7 метри кој ги симболизира 12 апостоли. Наредната година на истиот празник биле удрени и темелите на манастирот Света Троица кој во 2000 година бил целосно изграден и осветен. Две години подоцна биле изградени и манастирските конаци. Денеска манастирскиот комплекс претставува вистински рај за очите и душата. На површина од 18 хектари засадени се 2.600 украсни зимзелени дрвја, а целиот комплекс е опкружен со дабова шума. Зеленилото е пресечено со уредени патеки, клупи за одмор и летниковци каде верниците и гостите можат да се одморат по прошетките. До Крстот се наоѓа големата трпеза направена од камен каде за празниците можат да седнат и над сто гости на црковниот ручек, има чешма, бунар, фурна и прекрасна фонтана изработени од квалитетен камен.
"Комплексот се наоѓа на само 12 километри од Куманово на патот кон Свети Николе на надморска височина од 500 метри и пружа прекрасен поглед на Градишко Поле. Има карактеристики на воздушна бања и тука е идеално за престој на лица со срцеви и респираторни проблеми. Природата е недопрена, оти во близина нема ниту еден индустриски загадувач или фабрика. Во конакот имаме соби за ноќевање и кујна за гостите, а оброците по желба ќе ги подготвуваат жените од селото. Сакам да го поттикнам развојот на селскиот туризам затоа што во целиот регион јадењата се приготвуваат на традиционален начин по рецептите на нашите баби. Мислам дека во ова време на брзо живеење токму тоа им недостига на нашите луѓе кои во трката по пари ги заборавија своите корени и традицијата ", вели прота Пајко.
За потребите на манастирот, Пајковски одгледува кокошки, а има и ретки примероци на фазани, пауни, препелици и друга украсна живина која ја чува во убаво уредени кафези. На манастирското земјиште има засадено жито, а има и 10 пчелни места за добивање квалитетен мед и за производство на восок за потребите на манастирот. И покрај повеќенаменските содржини и многуте планови за иднината, за прота Пајко комплексот е духовен центар од каде тој кога ќе замине во пензија, ќе ја пренесува православната вера на младите. Во конакот има библиотека со над 3.000 книги од сите жанрови, а пред се теолошка литература и етнолошка соба со народни носии и стари предмети. Тој размислува еден ден да ги прошири конаците со уште 36 соби и да го заживее монашкиот живот. Стојан Пајковски, многу попознат кај своите верници и пријатели како прота Пајко, работи како свештеник во црквата Свети Димитрија во Скопје, но, како што кажува самиот, со мислите и душата постојано е во неговиот манастир, каде со сопругата Марина го поминува секој слободен момент.



Cocev Kamen

Карпата Цоцев Камен во близина на кратовското село Цоцевци е една од ретките во Македонија кои знаат да "зборувааат". Уште кога ќе се забележи од далеку крпата како да ги повикува посетителите. На прв поглед личи како и секоја друга поголема карпа во Македонија, но чудно е што веднаш го задржува погледот. Нејзините вдлабнатини во вид на пештери се разместени на чуден начин, како на катови и сите како да комуницираат една со друга. Но она што се забележува од далеку не е ништо во однос на импозантниот локалитет кој се отвора пред очите на само неколку чекори од карпата. Пештери, платоа, базени, остатоци од своевидни скали, седала, камен престол, патеки и ред други знаци покажуваат дека тука некогаш престојувале луѓе. Но сето ова не може да се види наеднаш. Иако пештерите се отворени и се гледаат речиси е невозможно да се открие како се стигнува до сите нив. Цоцев Камен е локалитет каде не може да се оди без водич. Стевче Доневски од центарот за карпеста уметност во Кратово на прсти го знае секое делче од карпата.
"Во пештерите на Цоцев Камен има само еден влез, со две порти. Едната е наречена мала порта. Се наоѓа меѓу две карпи и е многу тесна, а другата, големата порта е формирана од карпи со многу поголеми димензии. На sидовите од карпата кај големата порта има вдлабнатини во форма на буквата Г кои укажуваат дека тука имало и дрвена врата. Само од ова место може да се стигне до скалите кои водат до пештерите и разните нивоа на Цоцев Камен", вели Стевче Доневски од Центарот за карпеста уметност. Скриен тесен влез бил неопходен за место како што според кажувањата на Душко Алексовски, основач на првиот Центар за карпеста уметност во Македонија, бил Цоцев Камен. Тој вели дека оваа карпа некогаш била светилиште со жртвеник и простор за духовни церемонии, а на едно од повисоките места на карпата, сместени се елементи кои укажуваат дека тука имало опсерваторија.
"Додека се изведувале духовните церемонии на разните платоа од карпата, влезовите се обезбедувале. Кај големата порта, според сите мои досегашни истражувања обично стоела и вооружена стража за да не се попречува церемонијата, а стражари имало и кај малата порта", вели Алексовски. Главните церемонии се извршувале во пештерата на второто ниво на Цоцев Камен. Во неа издлабени се едно мало и едно големо корито. Покрај нив има еден повисок дел, кој според кажувањата на Алексовски најверојатно бил место каде седеле официјалните лица, а непосредно до двете корита, на повисокото плато издлабени се две минијатурни корита, идентични на двете големи.
"Локалитетот датира од бронзено време и сите знаци укажуваат дека пештерата со двете корита некогаш била светилиште посветено на богот на виното и плодноста. Тука племињата што живееле во околина принесувале дарови на боговите. Има знаци на подот на светилиштето кои укажуваат дека даровите се носеле во керамички тањири кои тука и се кршеле. Луѓето оставале еден дел од тањирот во светилиштето, а другиот го носеле дома за да ја остварат врската со боговите. Дар најчесто било грозјето, а се носело од почетокот на гроздоберот па се до неговиот крај. На една од карпите во Цоцев Камен дури има и вдлабено винова лоза. Освен тоа на ова плато се изведувало и ритуално капење. Над пештерата со двете корита има два базени. Едниот е голем и собира околу 10 кубици вода. Водата од базените во дел од церемонијата била пуштана да тече и паѓала точно во пештерата со коритата каде поминувале луѓето и го изведувале ритуалното капење", раскажува Алексовски.
Според него, за да се обработи карпата и да се направат базените на таа височина потребни биле натчовечки напори. Тие биле покриени со дрвени греди, а надворешниот sид на големиот базен е во форма на триаголник. Во еден од ќошевите на триаголникот, (најнискиот) имало дрвен чеп кој се кревал кога требало водата да истече, над базенот, пак, во карпата е вдлабена алка на која со коноп се закачувал чепот.
Од светилиштето преку вдлабени скали во каменот кои се многу стрмни се стигнува до жртвеникот. Тоа е окриено рамно плато, на кое се принесувале жртви. На северната страна имало портрет - скулптура на некој од античките богови ставена во камена рамка. Рамката стои и денес, но скулптурата според кажувањата на Алексовски ја искршиле копачи на злато мислејќи дека во неа има скриено богатство. Оваа портрет - скулптура била забележана и во записите на Стеван Симиќ од 1911 година, историчар чии дела се во Државниот архив на Србија и Црна Гора.
Дел од духовните церемонии се изведувале и на платото каде и денес стои престол. Од десната срана на престолот се изработени седишта за неколку лица. Ова плато и престолот се претпоставува дека ја сочинувале тогашната опсерваторија.
"Лево од престолот, на исток на соседниот рид има мегалити или ориентири по кои се одредувала позицијата на сонцето. На мегалитите, како и насекаде низ капрата Цоцев Камен има карпести гравири - квадратни и полукружни вдлабнувања во карпите", објаснува Алексовски.
Пештерите и платоата во кои се изведувале ритуалните церемонии се на источниот дел од Цоцев Камен. Истражувачите велат дека тоа бил многу мудар чекор на племињата бидејќи на оваа страна нема ветар. Пештери има и на западната страна, но таму не се изведувале ритуалите и до нив може полесно да се стигне. Во една од нив најдено е своевидно писмо.
"Исцртани се некои знаци на sидот во пештерата кои имаат црвена боја. Местото не го фаќа дожд и најверојатно поради тоа се уште стои писмото. Не можеме ниту да претпоставиме за каква боја се работи. Писмото е откриено сосема случајно. Заврнало дожд и некој овчар од блиските села се затекнал на западната страна на Цоцев Камен и за да се засолни од дождот влегол во пештерата и го забележал писмото. Од него дознавме за овој запис", вели Стевче Доневски од Центарот за карпеста уметност.
Локалитетот Цоцев Камен и неговата вредност го открил Алексовски уште во 1971 година и ги информирал тогашните надлежни органи. Тој е единствен локалитет во Југоисточна Европа кој на едно место обединува жртвеник, светилиште, простор за духовни церемонии и опсерваторија. За него се известени Заводите за заштита на културни споменици, но досега не се нашол човек што навистина ќе се заинтересира и ќе го актуелизира.
Луѓето кои знаат за Цоцев Камен во Македонија на прсти може да се избројат. Душко Алексовски прави напори да го заштити овој локалитет и да го направи туристичка атракција, а за тоа добил ветување и од тенорот Борис Трајанов кој го посетил Цоцев Камен, но не во улога на пејач туку како амбасадор на УНЕСКО. Алексовски вели дека добил ветување дека Трајанов ќе стори се за да го заштити ова богатство. Во четвротокот оваа недела пак, со цел да го актуелизира ова место Алексовски имаше гости од Словенија кои се искачија на карпата и со голем интерес го следеа излагањето на Алексовски.
Цоцев Камен е карпа висока стотина метри и искачувањето по нејзините стрмнини е еднакво на некој ектремен спорт бидејќи местото не е заштитено и само еден погрешен чекор може да биде фатален. За оние што не веруваат во величината на овој локалитет Алексовски вели: "Кој не верува може да се увери на самото место".



Strnovac

Кај кумановското село Стрновац, на местото каде што во минатото во топли езерца се бањале биволи, изграден е бетонски базен кој постојано се полни со лековита вода. Термалниот извор клокоти како зовриена вода во тенџере и низ широчинката меѓу високите дрвја покрај реката Пчиња шири пареа со миризба на варено јајце.
Тие што барем еднаш се избањале во базенот, велат дека водата е маѓепсна. Кожата ја правела мека како памук и нежна како свила, а температурата од околу педесетина степени била одлична за лекување на реума и болки во коските. Топлата вода од Стрновац бргу ги зараснувала и раните кои тешко заздравуваат.
Скриен во живописна природа, лековитиот извор Стрновац има посетители и лете и зиме. Тој е таинствено место за одмор и уживање, далеку од асфалтираниот пат по кој се оди до граничниот премин Пелинце. До него се стигнува само по тешкопрооден макадам кој е поврзан со дрвен мост над Пчиња, преку кој се оди до селото Стрновац.
Мештаните велат дека е најубаво преку лето кога за да се влезе во базенот, се чека ред. Цел ден и цела ноќ вриело од посетители. Тие дури и им го научиле распоредот кога доаѓаат, па на шега раскажуваат кој, кога и зошто доаѓал за термалната вода.
Од 5 часот утрото до 17 часот, велат мештаните, во топлата вода ја затегнувале отпуштената кожа и ги лекувале болките од реума стари лица. Кога ќе почнело да се смрачува, по 17 часот до полноќ во базенот под отворено небо уживале вљубените. До мугри, пак, во лековитата вода се трезнеле пијани. Тие што пробале да се освестат со неа, тврдат дека дејствувала за многу кратко време, па и на најпијаните им ги отворала очите само за дваесетина минути.
Преку зима нема многу посетители, тие доаѓале само одвреме-навреме, ако си имале некоја мака или ако сакале да уживаат во топлата вода, дури и тогаш кога се околу изворот е смрзнато. Не работат и неколкуте импровизирани кафеани кои биле отворени пред две-три години. Тие заживувале во пролет и лето.
М-р Неделко Ѓорѓевиќ, инженер геолог од Куманово, кој е еден од иницијаторите за откривање на лековитата вода, вели дека првите дупчења кај базенот биле направени од ЗИК "Куманово" во 1972 година. Тогаш се дупчело до околу 300 метри, по што на површината избила вода со температура од 42 до 46 степени.
"Ако се дупчи површина која ќе биде на многу поголема длабочина, очекуваната температура на водата треба да биде до 185 степани", ни рече Ѓорѓевиќ.
Но термалниот потенцијал не е искористен. Лековитата вода, богата со сулфур, железо, хидрокарбонат, калиум, натриум и со други минерали, повеќе од 30 години истекува од базенот и се влева во Пчиња. Поради големото количина железо, откако ќе испари, почвата и камењата околу изворот стануваат црвени.
Ни просторот околу базенот не е уреден. Насекаде околу термалниот извор се расфрлани пластични шишиња, лименки, ќесиња, хартии, се и сешто. Нема никаков објект, а само на педесетина метра од базенот е направено полско веце. Ѓорѓевиќ вели дека местото каде што е направен базенот е земјиште во сопственост на државата и таа треба да води грижа за неговото одржување. Пред триесетина години, раскажува Ѓорѓевиќ, за искористување на термалната вода била заинтересирана некоја фирма од Израел. Во седумдесеттите години Израелците сакале да направат плантажи за одгледување зеленчук и овошје кои ќе се наводнувале и затоплувале со водата од изворот. Тие дури сакале кај Стрновац да направат бањски комплекс, но идејата на фирмата од Израел останала само празно зборување. "Времињата се променија, ЗИК 'Куманово' се распадна и прекрасниот проект никогаш не се реализира. И сега има заинтересирани фирми за добивање на концесија за полнење на водата, но не знам зошто државата не им дозволува", вели Ѓорѓевиќ.



Kokino

Stone thrones, astronomical marks, plateaus designed for observations of the sun, the moon and the stars, a room for rituals - these are only a few of the elements of the ancient observatory of Kokino, where a civilisation that inhabited this area 38 centuries ago, unidentified by now, carried out astronomical observations of the skies. The megalithic observatory of Kokino is unique in the Balkans, and wider in Europe, for its values, whereas in its beauty it is up to par to the legendary Stonehenge.

Мегалитската опсерваторија Кокино, заедно со населбата околу неа, на која во моментов се вршат археолошките ископувања ќе биде првата која ќе биде прогласена за културен предел, поим што се воведува со новиот Закон за заштита на културното наследство. Ова ни го потврдија и од Управата за заштита, како и археологот раководител со локалитетот Јовица Станковски. Според Законот, овој поим во себе ги вклучува и природните и културните вредности на одреден предел.
Целиот простор околу мегалитската опсерваторија и археолошкиот локалитет Кокино во последно време добиваат нови насоки во своето обликување. Тоа се случува откако и нашата влада оддели тројно повеќе пари за археолошките истражувања кои досега се одвиваа во многу скромни услови. Во јулскиот дел од работата Станковски предводи четиричлена екипа од експерти и 20-ина работници. Тој вели дека годинава добиле 300.000 денари, што е тројно повеќе од инвестициите во претходните четири години, откако тој го посочи значењето на локалитетот.
Сепак, овие пари уследија откако и американската вселенска агенција НАСА го рангираше Кокино на четврто место во светот, по опсерваториите Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Анкор Ват во Камбоџа. Станковски вели дека овој локалитет е еден од оние на кои не им се потребни посебни зафати за да може веднаш да се стави во функција на т.н. културен туризам. Локалитетот веќе го посетуваат бројни туристи од странство, особено, вели Станковски, организирани групи од Словенија. Затоа и нивната следна етапа на работа, која ќе се одвива во август, ќе биде токму насочена во олеснување на туристичките разгледувања. Таа кампања ќе се реализира со помош на холандски пари од фондацијата ИПК, при што ќе биде подготвен флаер и мултиетничка група од 40-ина деца ќе работи проект што во себе ќе има еколошки, едукативни, археолошки аспекти. Локалитетот ќе биде расчистен од отпад и ќе бидат трасирани патеки за движење на гостите. Атрактивноста на мегалитската населба, покрај значењето на самата опсерваторија која датира од 1.800 година пред н. е. со археолошките истражувања ги привлекува туристите и за населбата и луѓето кои овде се населуваат подоцна, помеѓу 1.100 и 1.400 година пред н. е.. Како што велат научниците, се работи за номадски племиња кои останале на овој потег при големата егејска преселба во 13 и 12 век пред н.е. кога дошло и до уништувањето на микенската цивилизација.



Ginovce

Некаде на половина пат возење од Куманово кон Крива Паланка, до самиот коловоз стои табла со известување - Спортско рекреативен центар Гиновце. Информација доволна да ја побуди љубопитноста на секој минувач, па и нашата. Си помислуваме зошто да не, и скршнуваме од главниот пат. За само по неколку минути возење и поминати 2,5 километри по навистина тесен, но асфалтиран пат, пристигнуваме на нашата дестинација. На малата ширинка која претставува паркиралиште веќе се наоѓаат десетина возила со регистрација од сите делови на државата,Тетово, Куманово... и најмногу Скопје. Очигледно местото им е познато на љубителите на природата. Доаѓаме и до влезот. Уреден со природен материјал, камен и дрво претставува оригинален и интересен начин да се претстави една природна убавина, секако дополнително култивирана и приспособена токму за пријатен викенд- одмор.
Веќе по неколку чекори преку импровизираниот мост, не пречекува вработениот домаќин. Работното место му е покрај ладилникот со храна за риби и вагата. За да нема забуна, тука е и огласната табла со куќниот ред на овој спортско-рекреативен центар. "Рибата во езерото може да се лови максимум со три трски, работното време е од седум до 20 часот за што ќе издвоите 100 денари, ако, пак, сакате да ловите ноќе, тоа задоволство ќе ве чини двесте денари. Ако уловената риба ја носите дома, ќе платите по 160 денари за килограм, а можете да изразите желба таа да ви биде подготвена во ресторанот кој работи во составот на центарот." Ова се само дел од информациите што веднаш ги добиваме.
Повелете, кратко и јасно ни се обраќаат додека ние го разгледуваме просторот околу нас. Чиниш, рај на земјата, а мирот и тишината што веднаш ја забележавме ја нарушува само крикот на јатото птици, кои одвреме-навреме поминуваат од тука. Дури и рибарите сместени и удобно навалени во столчињата, на десетте платформи покрај езерото, молчат. Уживаат во природата и медитираат. Набрзо дознаваме дека со себе повеле и друштво. Пријателите или семејствата, спасот од горештините го побараа во сенката на големите крошни кои надвиснуваат над површината на езерцето длабоко околу четири метри, во кое, речиси, на секоја секунда можеа да се забележат акробациите на голем број риби.
- Ова е вторпат како тука доаѓам со семејството и пријателите. Од Штип сум и овдека навистина се релаксирам. Бев минатиот викенд, а решив и денес денот да го поминам на езерото, вели Трајче Миладинов, кого го сретнавме на една од платформите, со јадица в рака, а неговите пријатели на шега ќе додадат. Му личи, како вистински рибар е.
Златко од Скопје, пак, ги повел жената и детето, но на смеа ни објаснува, на риболов се оди сам, во спротивно ќе фатите само две рипчиња. Сепак, по мерењето утврдивме и дека не се работи за мали примероци, бидејќи едната имаше над три килограми.
Интересот на малиот Дејан, пак, кој тука дојде со неговите родители беше насочен кон импровизираната зоолошка градина. Тој уживаше во разгледувањето на зајаците, шатките, козите и срничката. Вниманието сепак, најмногу му привлече пони-коњчето за кое дознаваме дека е донесено од Војводина. Имало и ноеви, но тие не ја издржале зимата, ни објасни Раде Стојчевски.


Дознаваме дека езерцето кое прво било див ископ, направен со копање на бентонит руда е култивирано пред пет години од страна на неговиот зет, страсен риболовец кој учествувал на многу натпревари во Белгија, Шпанија и Италија.
Бројот на посетители секоја година е се поголем. Доаѓаат цели семејства, па и туристи од странство. Во склоп на центарот засега работи само ресторанот во која може да се нарачаат голем број јадења, кои потоа ако изразите желба ќе ви бидат сервирани и на самото езеро на една од платформите. Но, во перспектива, целта ни е да изградиме и бунгалови за сместување на гостите, како и базен, а во сопствена режија веќе градиме и црквичка, која ќе има и конаци, објаснува Стојчевски.
Реквизити наменети за најмладите посетители, исто така допрва ќе се постават. Колку децата да бидат мирни додека нивните татковци во тишина се обидуваат да фатат некое крапче, ако така може да се каже, бидејќи на самиот излез имавме можност да дознаеме дека некое од овие риби во езерото достигнуваат тежина и до 12 килограми. Колку изјавата е веродостојна, останува да проверат тие што ќе решат викендот да го поминат во еден ваков амбиент.



Radibush

Општината Ранковце и најголемото село под исто име, можеби, се само попатна станица меѓу Куманово и Крива Паланка, но за оние што од ова населено место тргнале кон планината Герман тоа е засигурно почетна станица на патот кон чиста, речиси недопрена и со еден збор незаборавна природна убавина. А патот кон планината, која можеби повеќе е позната по јадриот компир што тамошните жители го одгледуваат со децении, отколку по селата и околината која изобилува со реки и поточиња, навистина може да ви понуди несекојдневни доживувања. Ако некогаш случајно или намерно се најдете таму, нема да се разочарате. Амбиентот ќе ве одушеви, а уживањето ќе биде потполно, особено ако природата ја доживеете долж една река, позната во крајот како Радибушка река. Иако во Ранковце секој посетител е добредојден, а тукашните жители сакаат да муабетат седнати пред продавницата или кафеаната, каде што се одмораат од напорниот ден на нива, тргнавме да бараме она што го немаме во градовите, природа, наменета за секој што знае да ја почитува и да ужива во неа. На само три до четири километри возење по тесниот пат кон Герман, скршнуваме по земјениот пат за да се спуштиме до Радибушка Река. Таму дознавме има црква од 1859 година и живее попот на Ранковачката парохија, кој ги крстел сите деца и ги благословил сите бракови во крајот. Среде селото Радибуш, коешто е од растурен тип и познат по голем број маала во кои денес речиси и да нема куќа со млади семејства, навистина не пречека првиот човек на ова населено место. Пред куќата во чиј двор можевме да видиме кошнички за пчели и шатки како се шетаат низ реката, се запознавме со минатото на овој крај. -До седумдесеттите години тука имаше многу население. Луѓето се занимаваа со земјоделие и градежништво. Но, оттогаш почнаа нагло да се иселуваат во потрага по подобра иднина. Денес, селските маала се речиси празни, куќите се главно трошни, а нивните некогашни жители се враќаат само за викендите и празниците, да се потсетат на минатото и да уживаат во природата. Во целата парохија денес свадбите и крштевките во текот на годината можат да се избројат на прсти од една рака. Во селското училиште има тринаесет деца, кои учат само до четврто одделение, а во самото село има 13 ергени, сите невработени, па и невести веќе не доаѓаат..., ја раскажува приказната прота ставрофор, Стојко Јоксимовски, седумдесет и тригодиниот ранковачки парох.
Дознавме и дека по патот кон Герман секое село е налик едно на друго. Отошница, Гулинце, Пклиште, Станча и Герман. Многумина оттаму си одат во градовите, а речиси никој не се враќа, иако во селата има и струја и телефон.
Ја посетивме и селската црква Света Параскева, како што дознаваме изградена 1869 година, а обновена 1896 за времето на цара Султана Амида. Поминувајќи покрај црквата тргнавме по реката опкружна со зелени ливади, дрвја и карпи во разни форми, на кои можевме да забележиме колорит од сите пастелни нијанси. На нашиот пат среќаваме и други луѓе, мештани, но и викендаши. Оние што некогаш си отишле од селото, но носталгијата секогаш повторно ги враќала. Некои на реката си направиле и рибници, егзистенцијата и љубов кон природата велат, се добра комбинација. Некаде по пат среќаваме и напуштена воденица, во која некогаш тука на големо се мелело жито. Сега градбата стои како спомен на некое друго време.
Дознавме дека реката води кон местото меѓу мештаните познато како "бенд". Се прашуваме дали изразот некогаш порано сме го слушнале. Но наскоро од оние што се движеа во иста насока во овие спарни доцни летни денови дознавме дека се работи за водопад, и езерцето во карпите направено од мештаните со преградување на реката. Природна бања за оние што живеат во околината. И навистина местото ни остави силен впечаток. Затскриено и речиси недостапно ако не сте доволно вешти да се движите меѓу карпите. Џагор на луѓе и деца само за миг потсетуваше на времето од пред половина век. Или можеби и на осми август кога од речиси сите краеви на земјата потомците доаѓаат на селската слава Света Петка, кога во овој крај има собор. Чиниш, таму се сите оние што викендов се затекле во радибушките маала. Ја искористија можноста барем за миг да се разладат во езерцето, чија вода со својата проѕирност ги мами капачите. Од нив дознаваме дека бендот, всушност, е крајната станица на оваа река, бидејќи понатамошното движење ви го оневозможуваат карпите. Некаде во далечина го гледаме бачилото, и боровата шума. Мештаните велат, престојот во тој предел е лек за болните од бронхитис.
Како и да е, се вративме задоволни. Викендите во природа навистина се рај за жителите на градовите.



Rudjince

Селото Ругинце, кривопаланечко, со години битисува без детска смеа, заборавено од луѓето. Жителите одат по три километри и на магаре носат вода за пиење. Ниту знак ниту патоказ, само кривулеститот земјен пат е најава за селото кое лежи распрскано по ридот. Патот почнува лево од автопатот кон Страцин, и едвај се насетува по поројните дождови кои однеле најголем дел од него. Ругинце - едно од „камените“ села во овој крај брои дваесетина трошни куќи. Лево нè пресретнуваат една до две куќи, па таму угоре по ридот уште неколку други.
Дедо Ѓеро седи во зачадената соба, во неговата куќа на крајот од селото. Ќумбето не му чини, а тој сиротиот се обидува ручек да направи. Низ малото камено прозорче влегува сноп светлина, единственото светло во темната соба од камен. Онаков стар, подгрбавен осамен со болно око, намамува тага во нашите очи. Овој човек веќе четири години нема со кого муабет да си направи. Како детска играчка, како нешто најскапоцено тој повеќе од педесет години чува голем овален керамички ќуп во темниот амбар, и со нескриена радост го крева резето од вратата на амбарот и го споделува со нас со нас.
Седумдесет и шест годишниот дедо Ѓеро е изненаден од нашата посета, оти жив човек со години не стапнал тука. Ни вели:
„Што ќе гледате бре дедино. Младите сите избегаа, а старите изумреа. А јас тој сум еден што ме гледате и таков сум. Четири години како сум сам.“
Имаш ли бре дедо Ѓеро со кого да се скараш? - го прашуваме на смеа.
„Има еден „бесник“ во долната куќа, што цело село на нозе го крева,“ одговара тој .
Во оваа пустелија, неговата зеленчукова и овошна оаза, во бавчата во дворот, му помага да се прехрани за да преживее. “Пиперките годинава господ ги навади. Јас неможам да работам”, ни вели овој подгрбавен старец. Допирајќи го постојано болното око, тој ни се жали дека ич негледа со левото око, со десното гледал малку, ама од скоро ни со него не гледа.
“Го крпев лани окото во Скопје, операција правев, ама ништо не успеа. Никој неможе да помогне, пак си боли”, вели тој додавајќи: “Боли, ама па срам ми е да одам да досадувам, се млади деца по болниците, правнуци можат да ми бидат, а јас да ги мачам на 76 години да ме лечат”.
Пред четири години, ни раскажува, му починала женичката, а двајцата синови во Куманово му живеат. Го прашуваме дали доаѓаат одвреме навреме да го видат. Вели: „Доаѓаат, доаѓаат еднаш во три години!“ Тажно подзамижува.
Четвороножното дрвено столче со наслон, излитено и издлабено од седење, креветот и ќумбето што чади се сè што дедо Ѓеро поседува во ова селско царство. И овалниот керамички ќуп во темниот амбар. Ги привикнуваме очите на темнината, и ни треба малку време додека го забележиме навален на темниот агол.
Ќупот кај дедо Ѓеро изгледа величествено голем. Ни го одзема здивот кога го здогледуваме во темниот амбар. Наклатен во ќошето, потпрен со камења одоколу за да не се струполи, е „мало богатство“ за дедо Ѓеро кој со години го поседува. Ни го покажува радувајќи се како мало дете, му помагаме да го подисправи - оти самиот неможе и ни раскажува дека му се наоѓа ќупов за разни работи: те комиње си става внатре, те жито.
Седејќи на железниот кревет и со едната рака, држејќи го ќупот раскажува оти бил пронајден од неговата мајка која пасела овци на околниот рид. Вели дека во селото има уште вакви ќупови, а во некои куќи ги имаат и по неколку!
Сличен, но помал ќуп наоѓаме и во дворот на тетка Драга. Таа си го користи во домаќинството и веќе е напукнат. Покриен со камена плоча, во дворот пред куќата, личи на вистински украс. Драга вели дека го наследила од свекрва . - Немаат сите ќупови, кој има - има!, вели таа, раскажувајќи ни дека слушала од постарите дека ќуповите, кои се навистина огромни, биле со јажиња спуштани надолу по брдото. И таа како и дедо Ѓеро, верува оти горе на ридот некогаш имало некој град, во кој луѓе живееле, па веројатно ќуповите се останати од тогаш.
Додека пиеме кафе во домот на Драга, си муабетиме. Се се сведува на претпоставки. Гласно размислуваме дека можеби во ќуповите било чувано жито, кое потоа било закопувано на ридот, во земјата која како природен фрижидер го сочувала подолго време. Можеби пак, ни доаѓа напамет, дека за време на турско, кога бил собиран арач, селаните го криеле житото во ќуповите и го закопувале на ридот, за да сочуваат нешто за исхрана на своите деца. Тетка Драга молчеливо не гледа и вели : „Може имате право деца . И Ѓеро вели дека кога бил најден ќупот во него имало остатоци од жито.“ Драга раскажува дека некои луѓе од музеј скоро доаѓале, се распрашувале кај дедо Ѓеро за ќупот, сакале да го земат, ама тој не им го дал.
Селото е пусто , одамна нема детска смеа во него, оти нема ни училиште каде што ќе можат децата да учат. Старците што се останати немаат пензии : живеат од тоа што самите со две раце ќе го произведат. Драга живее во селото со својот сопруг. Има 60 години, ама од напорна работа се чувствува предвреме остарена . „Шеесетина години имам, ама неможам да одам. Нозете и рацете ме болат. Лекарите велат - реума мајче“, ни раскажува таа. Во селово ретко луѓе навраќаат, па секој што ќе дојде е добредојден за малку муабет. Селото спие во тишина, ама мирна, блага, спокојна. Само повременото рикање на магарето се слуша. Кај селскиот кладенец, од кој локалното население полни вода ја среќаваме Јагода, 84-годишна старица. Таа вели дека веќе триесетина години како е останата сама без мажот, кој починал, според неа, од се уште неразјаснети причини. Ни се жали дека живее без никаква пензија, пет деца исчувала, а со тага се сеќава дека шестите - близначињата и починале по раѓањето. Седиме на ѕитчето на ограденото манастирче на сред село од кое тече лековита вода. Ни раскажува дека порано тука доѓале многу луѓе за да се лечат од секакви болести. Над лековитата вода виснала крушка и се истурила од раѓање мали тркалезни зимски крувчиња.
Лево од нас, стар камен крст го привлекува нашето внимание.
„Уште кога дојдов, девојчиште бев, а тие тука кај крстот на собор се собираа, на св. Петка. Но некој ден на празникот голема вода паднала, ги поплавила казаните во кои било подготвувано јадењето, и народот од страв престанал да се собира на ова место. Порано многу народ доаѓаше и од други села идеа, ама сега никој веќе не навраќа во селото. Имаше времиња кога во селово имаше стотина куќи, сега дваесет ако останаа. Само старците што неможат да одат и ги влечат нозете како мене,“ вели Јагода.
Таа ни раскажува дека порано имало врвулица по ридовиве... Секаков народ доаѓал. Често со автомобили од Куманово доаѓале луѓе кои барале злато, па пребарувајќи го прекопале цел рид, кој таа го нарекува Велестрана. Ни раскажува за ќуповите пронајдени на ридот, одамнешни.
Ругинце изобилува со крушки, камења и трње. Лево од манастирчето се наоѓа селскиот кладенец длабок 3-4 метри од кој црпат вода за пиење. Некои водата ја имаат доведено до пред куќите, а некои од старците на магариња одат повеќе од три километри дневно за да полнат вода за пиење. Понатаму по тесната патека забележуваме повеќе кладенци, камени корита за перење, како и камени и дрвени поила за стоката. Сето тоа од памтивек. Низ селото нè пресретнуваат камени градби со мали прозорчиња. Над вратата на една таква градба забележуваме вдлабнатина во ѕидот - можеби некогаш тука го криеле кесето со златниците, ни поминува низ глава оваа мисла.
За камените градби на врвот на ридот селаните велат дека се од град, кој порано постоел и во кој живееле некои други луѓе, кои во нивната замисла се неверојатно силни и вешти мајстори. Дедо Ѓеро ја почешува старечката брада и вели : „Тие луѓе, овие огромни ѓумови ги носеле на раце, како што ние ги носиме бардачињата. Па можете да замислите, што народ бил тоа.“
Лаички ги разгледуваме камените зданија на ридот, под кој се протегаат пространи зелени ледини и пасишта. Одвреме на време наидуваме на еден метар високи оградени камени оградени простори. Ги има речиси насекаде по ридот. Можеби се бачила или мали бавчи направени од селаните, кои ги оградувале со камења за да ги заштитат од стоката што пасела наоколу. Ја прашуваме тетка Драга за нив, а таа незнае да ни одговори. Вели дека не ја држат нозете и дека никогаш не се качила на ридот, ниту пак, видела што има таму. Дедо Ѓеро нè следи и нè подиспраќа по калливото патче на заминување.
Го оставаме со ќупот, магарето и самотијата. Иако стар, ама оди па дури и поттрчнува, подавајќи ни јаболка и дуњи од дворот. Она што господ му дал за да преживее. Нè испраќа со погледот кон кривулестата патека кон ридот и се враќа на зачадената соба, на тишината и молкот, оставајќи ни ја длабоко во душата неговата последна желба: да го сликаме со бабата за последен пат, мислејќи на заедничка слика со гробот на неговата почината животна другарка.



ПРИЈАТЕН ВИКЕНД ВО КРИВОПАЛАНЕЧКО И КРАТОВСКО

Западниот дел на Македонија е прекрасен, тоа го знаевме, и го имавме видено. За источниот дел, за тамошните убавини, многу малку зборувавме, а уште помалку знаевме. Дали, пак, тамошните жители сфаќаат колку убавини, историја, митови приказни и вистини можат да им понудат на посетителите? Одиме за Кривопаланечко. Патот од Скопје до градот е сосема солиден.
По тој пат, некаде по напуштањето на Куманово, се наоѓа неодамна откриениот македонски „Стоунхенџ“. Но, не знаеме каде точно, па продолжуваме. За околу еден час пристигнуваме во Крива Паланка. Градот е необичен, искривен, змијовидно послан, од двете страни на реката, нормално, Крива Река. Како и повеќето Македонци, нашите познаници од градот топло нè пречекуваат и не го жалат нивното „потрошено“ време на нас. Се семстуваме во конаците на нивната гордост, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Сместен над градот, на неколку километри од него, во подножјето на Осоговските Планини. Едноставно, ни се случува убавина.



Манастирот датира од деветнаесеттиот век. За историјата нема да ви зборуваме. Таа е напишана на влезот на манастирот. Но, распрашајте се за митовите, за преданијата врзани за овој манастир и за неговиот Светец-заштитиник, Јоаким Осоговски, кои одат многу поназад од 19-тиот век. Прашајте ја сестра Злата, која го посветила својот живот на овој и во овој манастир, прашајте го домарот Велин. Прашајте ги жителите на градот. Има толку топлина и магичност во тие преданија, се наежуваш. На пример, прашајте за муслиманскиот симбол поставен пред влезот на црквата, на оградата. Одете таму и прашувајте, откривајте.
Нашите познаници вечерта нè водат „во ноќен живот“. Сите се забавуваат, играат, сите пријатно изгледаат. Како да живеат во „идеално“ општество, без егзистенцијални грижи. Поминете една ваква ноќ во градот.


Сцени од Книгата на откровението од Новиот завет.
Се будиме в мугри, во конаците, да ја фатиме неделната литургија. Ислушајте ја неа, за тоа не мора да сте верник. Можете и да се исповедате.

Додека ловат, рибарите може да уживаат во комбинирани задоволства. Човекот на сликата се мези со шопска салата.
Околу пладне, повторно со нашите пријатни познаници, заминуваме на десетина километри надвор од градот, по патот за Куманово. Педесетина метри по Бензиската пумпа и Хотелот „Вулкан“, покрај патот, вртиме десно, за Рибникот „Биг фиш“.
Всушност, тоа е една убаво средена фарма, во западен стил на зборот, со богат рибник, со благородните пауни и со фазани, со диви свињи и зајаци, со пар ноеви… Има и ресторан, па можете да ручате, како што направивме и ние, свеж крап, или сом. Има и мавровска пастрмка и преспанска плашица… И јадења од повеќе видови месо. Пријатен ручек.
Го продолжуваме магичното патување кон Музејот за карпеста уметност под отворено небо. По патот за Куманово го гледаме патоказот за Кратово. Па, вртиме кон таму, лево, и на 5-6 километри повторно лево, откако ќе го здогледаме знакот што кажува каде се наоѓа овој музеј.

Знаци изгравирани во каменот. Некои од нив се во вид на подредени крстови
А на неколку стотина метри погоре, по земјениот пат, на околните карпи нашите дамнешни претци, од пред 35 до 40 века, ја оставиле нивната врска со нас, врска од минатото за иднинаната. На нив, просто кажано, можете да видите сликово писмо, со чудни знаци и симболи, нацртани соѕвездија… Дали се одгатнати, не знаеме.


Се враќаме на главниот пат за Кратово. По него продолжуваме да се движиме уште 5-6 километри. Ја бараме Куклица. По едно мосте, по необележан пат, вртиме десно.


Земјениот пат не води низ полупразни убави стари македонски села. 2-3 километри, и ете нè пред скаменетите свадбари или скаменетите војници, сеедно.
Повторно волшебство и повторно митови и легенди, вистини и приказни, сè на едно место. Карпите-кукли, издигнати по дваесетина метри, нудат единствена слика. И тие се едни од немите сведоци и врски со минатото на нашата земја. Нашите претци, немајќи објаснение за нивниот постанок, на нив гледале со страхопочит. Дури не се осмелувале да ја поминат реката оддалечена стотина метри од Куклите. За нив тие биле богови, тотеми. Преминувањето на реката било можно само ако се барало помош од нив.


Тоа е приказна. Има и легенда, или легенди.
Едната од нив кажува дека тука се скаменетите свадбари. Невестите од Горно Маало и од Долно Маало, за време на своите свадби не смееле да се погледнат. Но, еден ист младоженец закажал свадба и со моми од двете маала, во исто време. Сепак, невестата од Горно Маало посакала да види која е невестата и кој е зетот од Долно Маало. Здогледувајќи го нејзиниот свршеник на тоа место, се проколнала себеси и сите други: „Да се скаменам јас, но и сите околу мене“. И, ете ги таму, сè уште мистично опстојуваат. Или, како што кажува друга легенда, тоа се војници кои смрзнале тука, поминувајќи по ниските температури…

Има и вистина. Текстот на Вест за Куклица цитира неименувани научници кои мислат дека геоморфолошките фигури се формирале пред околу 10 милиони години од минерали што се растворливи во вода. Со ерозијата останала само цврстата материја и ситни парченца руда. Потоа приодата станала вајар на времето.
Или има уште вистини? Кој знае дали некогаш мистеријата ќе се одгатне!?



Kostoperski kamen

Arrival to the village of Mlado Nagorichane - first stop and visit to the well- known basalt slabs (volcanic or magma slabs) that are remnants from the volcanoes in this area that were once active. Visit to the Kostoperska rock at the bottom of which remains of a Neolithic settlement have been found. Continue to Tatichev rock, where the ancient observatory is located, at an altitude of 1013 m.

Loading...

Архива на блогот

Site Meter