Пребарај го блогов

сабота, јануари 27, 2007

Во зафрленото Магленце се роди дванаесеттото дете

Во зафрленото Магленце се роди дванаесеттото дете

Градоначалникот на Старо Нагоричане му подари телевизор на семејството

КУМАНОВО - „Во нашето село се раѓаат деца како печурки на дожд“, велат на шега селаните од зафрленото кумановско село Магленце, каде што се роди дванаесеттото дете во последните шест години. На вториот ден на Божик, 8 јануари 2007 година, во семејството Крстиќ се роди женско дете кое го крстија Божица. Бебето е трето дете на брачната двојка Јадранка и Ставре Крстиќ. Деновиве градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, во чиј атар е ова малечко козјачко село со дваесетина куќи, го посети семејството Крстиќ и на новородената Божица и' подари телевизор, штедна книшка со 3.000 денари и пакет со бебешка храна, пелени и хигиенски средства.

„Ова е дел од програмата на Советот на Општината што ја донесовме на крајот од минатата година, според која на секое прво новородено дете во новата календарска година ќе му подаруваме телевизор, штедна книшка со 3.000 денари и пакет со храна и пелени како скромен прилог во насока на зголемување на наталитетот во селата од сиромашниот козјачки крај“, вели градоначалникот Ласто Димковиќ.

Инаку, во едно крајно пасивно село во Козјачијата, до кое со теренско возило одвај се стигнува за два часа, за шест години да се родат 11 деца е вистинско чудо и божји благослов. Селото се наоѓа од северната страна на Козјак, на самата граница со Србија, од каде што добива и струја, има педесетина жители во дваесет куќи, училиште со две деца, многу шума и вода. Но, најважно е тоа што има десетина куќи со млади брачни двојки решени тука да живеат и да раѓаат деца.

Брачната двојка Јадранка и Ставре живеат од чување добиток и од продажба на дрва за огрев. Никогаш не слушале за планирање на семејството и велат дека ќе имаат толку деца колку што рекол Господ! Телевизор немаат и подарокот од Советот на Општина Старо Нагоричане многу ги израдува, бидејќи ќе им биде единствен прозорец од нивното зафрлено село кон широкиот свет.

четврток, јануари 04, 2007

Миграцијата ја опустоши Козјачијата, во 39 села живеат 5.000 жители

КУМАНОВО - Во 39 села на подрачјето на Општина Старо Нагоричане живее население од се' на се' 5.000 жители, што е катастрофален демографски податок - вели градоначалникот Власто Димковиќ. „Ние сме сиромашна општина во уште посиромашната Козјачија, но како локална самоуправа донесовме стратегија за запирање на натамошното осиромашување, за намалување на миграцијата што во изминатите неколку децении буквално ги опустоши селата и за стопирање на т.н. „бела чума“. Одамна по нашите козјачки села свештениците не венчаваат и не крштаваат деца, а имаат работа само околу умирачки“ - се жали градоначалникот Димковиќ на чие инсистирање Советот на општината изгласа посебна одлука на мерки за популациона политика во насока на зголемување на бројот на населението.

На подрачјето на општината се евидентирани околу 40 брачни двојки во кои се раѓаат и се' уште можат да се раѓаат деца, а се водат како семејства со постојано место на живеење на територијата на Старо Нагоричане. Првото новороденче во 2007 година од Советот на општината ќе добие телевизор, а секое семејство во кое ќе се раѓа дете во иднина од буџетот на општината ќе биде стимулирано со еднократна парична помош во денарска противвредност од 50 евра. „Ова не е можеби којзнае што за некого, но е голема работа за луѓето од кое било од сиромашните села во Козјачијата“, вели градоначалникот на Старо Нагоричане и најавува и други мерки за поттикнување на наталитетот кај населението. Во разработка се идеи за ослободување на новоформираните млади брачни семејства од таксата за вода и други комунални давачки што се во надлежност на локалната самоуправа, а надежи за повторно заживување на селата се полагаат и во програми за побрз економски развој потпомогнат од Владата со средства од т.н. претпристапни фондови на ЕУ.

Шансите оваа територијално голема, а по население многу мала општина ги гледа во земјоделството и во сточарството. Вистински подем во развојот треба да обезбедат и неколкуте знаменитости, како што се Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, мегалитската опсерваторија Кокино и ранохристијанската црква „Св. Ѓорѓија“. Во догледно време овие три светилишта ќе бидат омилени дестинации на река љубопитни туристи од целиот свет - гласно сонува градоначалникот на Старо Нагоричане, Власто Димковиќ. (Ст.Б.)
Site Meter