Пребарај го блогов

вторник, март 18, 2008

Антиквитетите од Кокино се чуваат во гаража

ПОРАДИ ЛОША КООРДИНАЦИЈА МЕЃУ КУМАНОВСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Антиквитетите од Кокино се чуваат во гаража

Во влажни и несоодветни услови се чуваат и стотина слики и други предмети од колекцијата на Музејот во Куманово

Антиквитетите пронајдени на мегалитската опсерваторија Кокино се чуваат во гаража, бидејќи кумановскиот музеј нема простор за депо каде што би се чувале драгоцените предмети. Во влажни и несоодветни услови се чуваат и стотина слики и други предмети од колекцијата на Музејот. Јовица Станковски, директор на кумановскиот музеј вели дека овој проблем не е нов, но се усложнува. Како што се зголемува бројот на антиквитетите што археолозите ги пронаоѓаат на локалитетите, така се намалува просторот каде што потоа треба да се чуваат.Станковски вели дека има решение за проблемот, само никако не може да се договорат со тие што може да помогнат. Кумановската подружница на Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор поседува неколку канцеларии што се во зградата на музејот. Тие простории се изнајмуваат и може да се користат и како депоа.

- Проблемот со депоата станува сериозен. Има простории што би можеле да ги искористиме, но немаме никакво разбирање од подружницата на Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор. Тие имаат празни канцеларии. Долго бараме да ни ги изнајмат. Не ги бараме на подарок, ќе си плаќаме кирија. Преполни сме со материјали, немаме каде да ги однесеме предметите, но претпријатието наместо нам, просториите им ги изнајмува на адвокати и на разни фирми - вели Станковски.Бобан Јовановски, раководител на техничката служба во кумановската подружница на Јавното претпријатие, вели дека ситуацијата е малку поинаква. Воопшто нема ников проблем. Точно е дека имаме простории што се во зградата на Музејот, но тие со години ги користат изнајмувачи. Со Музејот немаме никаков проблем, но и тие, како и сите други, треба да се јават на редовните огласи за издавање под наем. Од Музејот сакаат да склучиме непосредна спогодба, но ние не смееме да работиме така - објасни Јовановски.Во меѓувреме, артефактите пронајдени на праисториската опсерваторија се сместени во гаража. Станковски вели дека Владата им ветила оти ќе им ги доделат просториите што сега се под ингеренции на Јавното претпријатие, но има бирократска процедура, која мора да се реши. Проблемот е тоа што нема имотни листови за просторот. Додека не се среди состојбата, не може од Владата да бараме да ни го препише - вели Станковски.Истражувачкиот тим од кумановскиот музеј деновиве го средува материјалот што лани го пронашле на Кокино. Чекаат да дојде пролет за да почнат нова серија истражувања. Годинава ќе работат со 200 илјади денари, кои им ги додели Министерството за култура. Имаат дополнителен буџет од половина милион денари за уредување на локалитетот.

- Планираме да откупиме плац, каде што ќе може да направиме куќарки. Таму ќе престојуваат археолозите додека траат истражувањата, но ќе направиме и мини-поставка за туристите, кои постојано доаѓаат на Кокино - објаснува Станковски.Тој додава дека местото е погодно за туризам, зашто близу има приклучоци за струја и за вода. Инвестициите за уредување на локалитетот се мали. Треба само да се направи паркинг, да се подигнат бараките и да се обнови пропагандниот материјал.

- Се надевам дека Кокино в година ќе биде еден од капиталните проекти. Локалитетот го заслужува тоа - вели Станковски.

Весна Ивановска

Дневник - вторник, 18 март 2008

Site Meter