Пребарај го блогов

петок, декември 19, 2008

Кокино доби менаџмент-план

Кокино доби менаџмент-план

На промоцијата, беа прочитани стихови за сонцето, симболот на културниот предел

Катерина Богоева

Мегалитската опсерваторија Кокино, стара околу 4000 години, по седум години од првите археолошки истражувања на монументалниот рид над истоименото кумановско село и по три години од влегувањето на четвртото место на листата на НАСА на стари опсерватории во светот, вчера го доби и својот план за управување како културен предел. Во хотелот „Холидеј ин“, на впечатлив ликовно, музичко, поетски начин, планот изработен според стандардите на УНЕСКО беше промовиран од Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство и археологот Јовица Станковски, директорот на Народниот музеј Куманово, кои посочија на најзначајните моменти од досегашните истражувања и верификацијата на локалитетот и на предвидените можности за заштита и одржлив развој.



„Добрата зачуваност на локалитетот до денешни дни не обврзува на голема одговорност во неговата заштита, во интерес на генерациите што доаѓаат. Менаџмент планот е еден од најзначајните чекори во правец на проекција на иднината на ова заштитено подрачје, од големо културно и историско значење. Тој нуди јасна визија за управување и негова комплексна заштита, а Музејот Куманово е прва институција во Македонија која подготвила и донела ваков стратешки документ. Тој покажува дека сите чинители (музејот, Општина Старо Нагоричане, државата) се свесни за значењето на локалитетот, дека имаат визија како да го сочуваат, да го заштитат и промовираат и да ја запознаат пошироката јавност со неговото значење“ - посочи Станковски укажувајќи дека Кокино, иако не е целосно научно идентификуван и валоризиран локалитет, досега понудил можност за научен археолошки и астрономски поглед на „потемните“ делови на праисторијата, за менување на стереотипите за културно заостанување на нашата бронзенодопска култура во однос на истовремените, големи цивилизациски жаришта околу Медитеранот и Блискиот Исток.

Целта на претставениот план е да го заштити првиот културен предел во земјава, да ги заштити неговите вредности и да ги изнајде начините како економскиот и културниот придонес од заштитеното добро да се искористи како предност за развој и јакнење на одржливиот општествен и економски развој и интерес на локалната заедница. “Неговата изработка е само чекор напред во придвижувањето на Кокино кон барањата на УНЕСКО за номинирање на локалитети за поврзани со астрономијата или древни опсерватории за листата на светско наследство како нова посебна категорија на светското културно наследство“, рече Павлов, информирајќи ги присутните дека ОН ја прогласија идната година за меѓународна година на астрономијата.Присутните со големо внимание го проследија уметничкиот дел од промоцијата, каде избор стихови за сонцето од македонски поети, пред изложените слики на Сергеј Андреевски, рецитираа поетесите Билјана Станковска и Светлана Христова Јоциќ, избор странска поезија рецитираше, Милан Бабиќ, а на кавал и на тамбура настапи Бајса Арифовска. Беше промовирана и идеја за основање на фондација за Кокино, а падна и првата клапа од филмот за локалитетот, кој ќе се снима во режија на Иван Митевски - Копола, сценарио на Русомир Богдановски, а во продукција на Музеј -Куманово.

четврток, декември 18, 2008

Промоција на план за управување со Кокино

Промоција на план за управување со Кокино

Утрински ...

Во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, денеска во 13,30 ќе биде промовиран „План за управување со културниот предел Кокино“, прв и единствен од ваков вид во земјава, изработен според стандардите на УНЕСКО. Промотори се Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство и Јовица Станковски, директорот на Народниот музеј Куманово, а стихови за сонцето, ќе рецитираат поетесите Билјана Станковска и Светлана Христова Јоциќ.

За Кокино и сонцето како муза ќе говори Венко Андоновски, ликовни дела работени под инспирација на сонцето ќе изложи Сергеј Андреевски, а на кавал ќе настапи Бајса Арифовска. (К.Б.)

Site Meter