Пребарај го блогов

понеделник, април 23, 2007

Кокино ги заинтригира Бугарите

За значењето на опсерваторијата, македонските експерти ќе одржат предавање во Смолен, во еден од најголемите планетариуми во Бугарија

Во еден од најголемите планетариуми во Бугарија, на 25 април во Смолен, откривачите на Кокино, астрономот Ѓоре Ценев и археологот Јовица Станковски, ќе одржат предавање за древната опсерваторија Кокино. На предавањето ќе присуствуваат и астрономите на најголемата бугарска астрономска опсерваторија Рожен.

Оваа покана за презентација на Кокино доаѓа по успешното претставување на опсерваторијата во научните кругови во Софија. Ценев и Станковски неодамна се претставија пред експертите на Институтот за астрономија при Бугарската академија на науките и катедрата за астрономија при Факултетот за физика на Универзитетот "Св. Климент Охридски". Тие учествуваа на научен семинар организиран за професорите и докторантите на двете институции, но и пред истакнати археолози од катедрата за археологија.

- Предавањата предизвикаа мошне голем интерес кој беше проследен и со соодветна научна дискусија. И во оваа пригода се покажа значењето на Мегалитската опсерваторија Кокино како исклучителен споменик и репрезент на една дамнешна култура што постоела на балканските простори, вели Ѓоре Ценев. Тој додава дека било разговарано и за заеднички истражувања и заемни посети на сите заинтересирани научни кадри не само од областа на астрономијата и археологијата, туку и од сродните научни дисциплини, со цел да се придонесе кон расветлувањето на низа отворени прашања поврзани со развојот на заедниците и нивните култури кои постоеле на балканскиот простор пред околу 4000 години.

Станковски, кој е и директор на Музејот во Куманово, најавува дека на древната опсерваторија Кокино во мај ќе започнат археолошки истражувања. Тој додава дека ќе се искористат парите кои минатата година Министерството за култура ги додели за локалитетот.

- Покрај истражувања, ќе почнеме да го реализираме проектот за уредување на локалитетот, за кој средства додели Американската амбасада. Ќе треба да направиме пошироки пристапни патеки кон локалитетот, бидејќи капацитетот на туристи кои го посетуваат Кокино е се поголем, вели Станковски. Тој најавува дека во тимот истражувачи на Кокино, на кратко, ќе се приклучи и археолог од Србија, кој работел на сличен локалитет, а се поканети и археолози од Институтот за археологија при Филозофскиот факултет.

Анита ЈОВАНОСКА

Нема коментари:

Site Meter