Пребарај го блогов

четврток, август 12, 2010

Сонца на чинија откриени на Кокино

Сонца на чинија откриени на Кокино

На локалитетот се појавиле и маркери за две големи ѕвезди Бетелгез и Алдебаран

Катерина Богоева
Фрагменти од чинија со изгравирани сонца се пронајдени на локалитетот Кокино во текот на последните археолошки истражувања, како потврда на сознанијата дека локалитетот е светилиште на сонцето. Ова деновиве го изјави Јовица Станковски, археолог и раководител на истражувањата, кој наодот го нарече еден од најексклузивните откриени годинава на исто така новооткриената северна тераса. На неа некогашните жители ги одржувале своите обреди и на сонцето му принесувале дарови во керамички садови.

„Фрагментот многу не' израдува и сега прв пат и го објавуваме. Станува збор за повеќе такви фрагменти во различна големина кои сочинувале половина сад, најверојатно чинија, чии остатоци треба дополнително да ги откриваме. На таа чинија има декорација од врежани брановидни линии, што бил познат начин на декорирање од втората половина на вториот милениум пред нашата ера, некаде од 1300-1200 година пр.н.е. Но, досега не се случило да се појават изгравирани сонца што говори дека станува збор за дар наменет за сонцето. Ова е исклучителен наод, исклучителен дар кој може да се спореди со колачот за слава што се декорира денеска.

Откритието ги изненади присутните археолози на терен, меѓу кои имаше и еден археолог од Белград и еден американец. Кокино со ова уште еднаш потврди дека е голем локалитет во кој се изведувани повеќе планински обреди. До сега, од нив реконструиравме три, еден за сонцето, втор обред при кој се закопуваат дарови поврзани со култот на големата Божица Мајка и третиот, на кој кој никаде во светот сеуште не му се знае значењето, а се појавува одвреме навреме, е обредот со дарови што се закопуваат со земја, во кружно ограден простор со камења. Даровите се покриваат со камен, земја, со плочи или со глина, а во нив на Кокино сега не наоѓаме ништо. Тие можеби содржеле течности како мед, вино, млеко, масло кои испаруваат и поради тоа досега и не ги наоѓаме Ако содржеле жито ќе најдевме траги затоа што житото јагленисува“.

Истражувања на Кокино Станковски очекува годинава да продолжат, потсетувајќи дека на тоа ги обврзува и препораката од УНЕСКО, бидејќи за овој локалитет е поднесена апликација за прием на Светската листа на заштита на културното и природното наследство.

Северната тераса каде се наоѓал фрагментот со сонца е скоро комплетно е истражена, а археологот ја нарекува „свет обреден простор заграден со ѕид“.

„Ѕидот не бил висок, не бил ни многу широк. Го најдовме во неговата основа и сметаме дека се протегал во должина од сто метри. Широк е околу 120 см, а како и другите свети простори, бил можеби висок 70 - 80 см над земјата.Имал функција како со креда да го исцртува светиот, од останатиот простор. Се наоѓа на спротивната страна од приодот до локалитетот, а тоа е и една од карактеристиките на светите планини, пристапот секогаш да им е на страна осветлена од сонцето. Северната страна е всушност вештачки направена тераса,а со ѕидот и внатрешните подзидувања се оформувани мали простори каде се одржувани обредите. На тој начин светилиштето и од таа страна терасата го направила малку попристапно. Со последните истражувања всушност ги утврдивме основните димензии на тој свет простор, а по она што досега е познато во науката, тој спаѓа во релативно средни простори од таков вид“.

Станковски деновиве обелодени уште едно откритие на Кокино, нови маркери од каде се набљудувале ѕвездите од обредниот простор.

„Откривме огромна платформа од измазнет камен, од околу 15 метри квадратни која е совршено измазнета, скоро исполирана и очигледно претставувала простор од каде нешто се набљудувало. На хоризонтот бугарски и македонски астрономи пронајдоа соодветно нови маркери. Истражувањата ги вршеа астрономи од опсерваторијата во Стара Загора, Бугарија, Алексеј Стоев (директор на опсерваторијата) и астрономи од катедрата по астрономија при Природно -математичкиот факултет во Скопје. Набрзо ќе бидат готови комплетните резултати, каде ќе има и некои очекувани, но и неочекувани работи. На пример, неочекувано е за нас е што таму постојат маркери за две големи ѕвезди, за едни од најсјајните на северното небо, Бетелгез или Алфа Орион од соѕвездието Орион, и ѕвездата Алдебаран која е во соѕвездието Бик.

Тие се многу крупни и многу јасни, светли ѕвезди на небото. Се' уште работиме на нивното толкување, на нивното значење за некогашните жители на Кокино и за поврзаноста со изведуваните обреди. Еве како и досега и овој пат локалитетот не изненадува како на планот на археологијата, така и на планот на астрономијата.Ова е особено важно бидејќи во изминативе година - две немавме нови астрономски моменти“.

среда, август 11, 2010

Перивлепта е тест за Старо Нагоричане

Перивлепта е тест за Старо Нагоричане

Што им е заедничко на црквите „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, Кумановско? Двете потекнуваат од 13 век, двете се фрескописани од Михајло и Евтихиј, двете се вклучени во светските антологии на византиски живопис, двете се во лоша состојба и двете ќе се реставрираат и ревитализираат во претстојниов период - делумно со домашна поддршка, делумно со странски грантови

 
 
  
Подготвителните работи за санирање на архитектурата и фрескописот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ со грантот од американската амбасада се веќе почнати, а конзерваторската јавност со врвен интерес го исчекува процесот, кој треба да го спаси непроценливиот фрескопис во овој охридски храм од незапирливото влијание на влагата поради уште еден дополнителен факт - очекуваното продолжение на слични зафати и во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане.

- Проблемот со фрескосликарството во црквата во Старо Нагоричане е речиси идентичен со проблемот во „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, па успешната работа на „Перивлепта“ ќе биде во голем дел повторена и на овој византиски храм во Кумановско - најавува Јулија Тричковска, поранешна проектна координаторка за овие два исклучителни споменици на културата, а сегашна експертка на УНЕСКО за заштита на културното наследство во Косово.

Што им е заедничко на црквите „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, Кумановско?


„СВЕТИ КЛИМЕНТ“ ВО ОХРИД



„Света Богородица Перивлепта“ го пречека летниот празник Свети Климент викендов со непроменета состојба - влагата поради несоодветно изведениот покрив не го штеди фрескописот, вклучен во светската антологија на византиски живопис. Изградена во 13 век како црква посветена на Божјата мајка, Богородица, црквата подоцна го презела името на заштитникот на Охрид - свети Климент - и викендов, на летниот Свети Климент (постои и зимски, во декември), беше посетена од многу почитувачи на неговото име.

Но дури ни семоќниот светец не може да ја заштита црквата што го носи неговото име од „белата лента“ од соли што го разјадува непроценливиот фрескопис. Овој проблем е дијагностициран и од домашната стручна јавност уште пред десетина година, а последниве години, поради вклучените аларми на сите нивоа - невладини и владини - станува предмет на интерес и на меѓународни експерти од областа на заштитата.

Во исчекување обемна санација на објектот, која од Управата за заштита на културното наследство е најавена за идната година, во септември ќе се изврши интервенција на архитектурата и живописот со американски грант вреден 650 илјади долари.

Подготвителните работи за реализација на американскиот грант веќе се во тек.


„СВЕТИ ЃОРЃИ“ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ



Црквата, пак, посветена на свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, со својата посебност и убавина во архитектурата, но и во фрескописот, претставува еден од бисерите на културното наследство на овие простори. Црквата, изградена во 1313 година, е живописана во 1317/18 година.

 Неодминливото значење на овој културен и духовен споменик лежи во зачуваниот фрескопис, изработен од познатите зографи Евтихиј и Михајло, кои како автори се јавуваат и во други цркви и манастири во земјава (освен во „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид и во манастирот „Св. Никита“ на падините на Скопската Црна Гора, но и во голем број вакви објекти надвор од земјава, на територијата на соседните балкански земји).

Фрескописот е изработен во палеолошки стил, со нагласена наративност, но и со изразена суптилност, фино стилизирање и одмереност во изразот.

За овој храм, според најавата на Тричковска, е најавено сигурно финансирање од ИПА-програмата на Европската комисија од над милион евра.

- Административните процедури во Европската Унија се подолготрајни така што ќе почекаме на нивното доделување (што е добро за да се видат првите резултати од интервенциите во „Перивлепта“ - вели Тричковска, истакнувајќи дека сложената апликација за овие европски фондови ја подготвиле луѓе од Управата за заштита.


МЕШАНИ ТИМОВИ



Градежните активности на „Богородица Перивлепта“ ќе ги раководи странски експерт - проф. Алкивиадес Препис од универзитетот „Џанти“ во Александрополис, Грција, експерт и на Советот на Европа и на УНЕСКО, а реставраторските работи околу фрескосликарството ќе ги води експертка од Италија, позната во конзерваторската работа на повеќе византиски споменици на Балканот (на пр. во црквата „Богородица Љевиска“ во Призрен).

- Во тек е формирање на националниот тим што ќе учествува во работите - вели Тричковска, која ќе биде вклучена како консултант.

Тричковска е критична кон вклучувањето на невладиниот сектор во алармирањето за состојбата на црквата.

- Не може објект од вакво значење да биде оставен на невладина организација - категорична е Тричковска, коментирајќи го вклучувањето на организацијата за културно наследство и педагогија „Македонида“ во алармирањето за состојбата на „Свети Климент“.

Двете цркви - „Свети Климент“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане и се познати на стручната јавност, домашна и странска, поради вонредниот живопис, кој се вбројува во светските антологии на византиски фрескопис. Ревитализацијата на овие два објекти и на нивните живописи се тест за одговорноста на домашните раководства (политички и заштитарски) пред обврската за заштита на културното наследство, вклучено поради својата вредност во светската ризница.
 
   
Автор: Ј.Ф.

 

Site Meter