Пребарај го блогов

сабота, март 31, 2007

Бања Стрновац - Старо Нагоричане

МАГИЈАТА НА КУМАНОВСКИТЕ ТЕРМАЛНИ ВОДИ
Вљубените ги опива, пијаните ги трезни
Мештаните велат дека во термалните води кај Стрновац, чија температура достига до 50 степени, од 5 часот утрото до 17 часот старите ја затегнувале отпуштената кожа и ги лекувале болките од реума, кога ќе поч

Кај кумановското село Стрновац, на местото каде што во минатото во топли езерца се бањале биволи, изграден е бетонски базен кој постојано се полни со лековита вода. Термалниот извор клокоти како зовриена вода во тенџере и низ широчинката меѓу високите дрвја покрај реката Пчиња шири пареа со миризба на варено јајце.
Тие што барем еднаш се избањале во базенот, велат дека водата е маѓепсна. Кожата ја правела мека како памук и нежна како свила, а температурата од околу педесетина степени била одлична за лекување на реума и болки во коските. Топлата вода од Стрновац бргу ги зараснувала и раните кои тешко заздравуваат.
Скриен во живописна природа, лековитиот извор Стрновац има посетители и лете и зиме. Тој е таинствено место за одмор и уживање, далеку од асфалтираниот пат по кој се оди до граничниот премин Пелинце. До него се стигнува само по тешкопрооден макадам кој е поврзан со дрвен мост над Пчиња, преку кој се оди до селото Стрновац.
Мештаните велат дека е најубаво преку лето кога за да се влезе во базенот, се чека ред. Цел ден и цела ноќ вриело од посетители. Тие дури и им го научиле распоредот кога доаѓаат, па на шега раскажуваат кој, кога и зошто доаѓал за термалната вода.
Од 5 часот утрото до 17 часот, велат мештаните, во топлата вода ја затегнувале отпуштената кожа и ги лекувале болките од реума стари лица. Кога ќе почнело да се смрачува, по 17 часот до полноќ во базенот под отворено небо уживале вљубените. До мугри, пак, во лековитата вода се трезнеле пијани. Тие што пробале да се освестат со неа, тврдат дека дејствувала за многу кратко време, па и на најпијаните им ги отворала очите само за дваесетина минути.
Преку зима нема многу посетители, тие доаѓале само одвреме-навреме, ако си имале некоја мака или ако сакале да уживаат во топлата вода, дури и тогаш кога се околу изворот е смрзнато. Не работат и неколкуте импровизирани кафеани кои биле отворени пред две-три години. Тие заживувале во пролет и лето.
М-р Неделко Ѓорѓевиќ, инженер геолог од Куманово, кој е еден од иницијаторите за откривање на лековитата вода, вели дека првите дупчења кај базенот биле направени од ЗИК "Куманово" во 1972 година. Тогаш се дупчело до околу 300 метри, по што на површината избила вода со температура од 42 до 46 степени.
"Ако се дупчи површина која ќе биде на многу поголема длабочина, очекуваната температура на водата треба да биде до 185 степани", ни рече Ѓорѓевиќ.
Но термалниот потенцијал не е искористен. Лековитата вода, богата со сулфур, железо, хидрокарбонат, калиум, натриум и со други минерали, повеќе од 30 години истекува од базенот и се влева во Пчиња. Поради големото количина железо, откако ќе испари, почвата и камењата околу изворот стануваат црвени.
Ни просторот околу базенот не е уреден. Насекаде околу термалниот извор се расфрлани пластични шишиња, лименки, ќесиња, хартии, се и сешто. Нема никаков објект, а само на педесетина метра од базенот е направено полско веце. Ѓорѓевиќ вели дека местото каде што е направен базенот е земјиште во сопственост на државата и таа треба да води грижа за неговото одржување.
Пред триесетина години, раскажува Ѓорѓевиќ, за искористување на термалната вода била заинтересирана некоја фирма од Израел.
Во седумдесеттите години Израелците сакале да направат плантажи за одгледување зеленчук и овошје кои ќе се наводнувале и затоплувале со водата од изворот. Тие дури сакале кај Стрновац да направат бањски комплекс, но идејата на фирмата од Израел останала само празно зборување.
"Времињата се променија, ЗИК 'Куманово' се распадна и прекрасниот проект никогаш не се реализира. И сега има заинтересирани фирми за добивање на концесија за полнење на водата, но не знам зошто државата не им дозволува", вели Ѓорѓевиќ.

Ирена Смиљанска
Фото: Б. Грданоски

***

Фирма од Куманово бара да ја полни водата Стрновац

Во Министерството за економија неодамна приватна фирма од Куманово поднела барање за искористување на термалната вода Стрновац. Според Костадин Јованов од секторот за енергетика во Министерството, барањето се уште не е одобрено бидејќи треба да добијат мислење од наследницита на ЗИК "Куманово", претпријатие кое во седумдесеттите години го направило дупчењето на термалниот извор. Од Министерството велат дека досега немале остварено никакви контакти со Земјоделско-индустрискиот комбинат од Куманово.

***

Наследничките на ЗИК Куманово ќе бараат обесштетување

ЗИК "Куманово" од пред три години повеќе не постои. Комбинатот се трансформирал во 11 приватни фирми кои заедно треба да одлучат што ќе прават со термалната вода Стрновац. Зоран Манасов, сопственик на една од новоформираните фирми од ЗИК-от, вели дека ако изворот се даде под концесија на друга фирма, тие од неа ќе бараат да се плати обесштетување за трошоците што Комбинатот ги направил за откривање и за испитување на минералната вода.

Нема коментари:

Site Meter