Пребарај го блогов

четврток, март 08, 2007

Споменикот на АСНОМ во Пелинце потона во мрак

ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ЈА ИСКЛУЧИ СТРУЈАТА

Споменикот на АСНОМ во Пелинце потона во мрак
Дневник- четврток, 08 март 2007

Струјата е исклучена поради неплатени сметки, а објектите се заклучени бидејќи нема пари ниту за постојан кустос

Без струја и со клуч на бравата, Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, Кумановско, повеќе од еден месец дена и' е препуштен на негрижа. Кумановската електродистрибуција ја исклучила струјата во Меморијалниот центар откако никој не сакал да го плати повеќемесечниот долг од околу 1.500 евра за струја од минатата година. Лани бил прекинат договорот за дело на кустосот што секојдневно работел во спомен-центарот, а годинава не се најдоа пари за него.

Додека Центарот е затворен за посетителите, кумановскиот музеј, општината и разни министерства се убедуваат кој треба да ја плати сметката за струја. Директорот на Музејот Јовица Станковски вели дека тие не можат да ја платат целата сума.

- Музејот е одговорен за струјата што се троши во објектите на комплексот. Ние не можеме да плаќаме струја за трошокот надвор од нив. Во комплексот има само еден струјомер, па сета потрошена енергија се евидентира таму - вели тој.

Најголемиот долг е направен спроти ланската прослава на 2 Август, кога биле извршени итни градежни работи за да се уреди недовршениот комплекс. Станковски вели дека Музејот не може да ги плати сметките за градежните машини. Во општината Куманово „не чувствуваат обврска да ја платат сметката за струја“, а одговор не може да се добие ни во Министерството за култура.

Спомен-објектот, кој е копија на просторијата во која е одржано Првото заседание на АСНОМ од 1941 година, сега е затворен за посетители. Посетите се можни само со претходната најава во кумановскиот музеј, кој испраќа свој вработен за да го отклучи Центарот и тоа само додека има дневна светлина.

(Б.Ѓ.)

Нема коментари:

Site Meter