Пребарај го блогов

вторник, мај 20, 2008

Старо Нагоричане - идна културна туристичка целина

Старо Нагоричане - идна културна туристичка целина

Македонија за европска заштита ги предложила и Старите бањи во Дебар

Катерина Богоева

Регионалната програма за културното и природното наследство на Југоисточна Европа, односно нејзиниот проект под наслов „Заеднички рехабилитационен проект/Процена на архитектонското и археолошкото наследство на Југоисточна Европа“, што во Македонија се реализира од 2003 година, повторно се актуелизира по добиените информации од Брисел за донесената одлука, секоја од земјите учеснички годишно од Европската Унија да добива финансиска поддршка за реализација на еден од своите проекти, од вкупната заедничка сума во висина од 50 милиони евра. Одлуката е донесена на конференцијата во Љубљана, одржана од 13 до 15 мај, на која земјите од регионот ги претставувале нивните претставници од Советот на Европа.

Во програмата Македонија учествува со 17 проекти меѓу кои е и проектот посветен на споменикот на културата, црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане. За овој вреден објект во актуелната, четврта фаза од програмата, веќе е изготвен и документ за промоција на неговите вредности и истиот е третиран како дел од културно - туристичка целина, во која спаѓаат и училиште, испосница, селски плоштад со чешма, продавница, три традиционални куќи, општинската зграда и полициска станица. Националниот координатор на програмата Јулија Тричковска од Управата за заштита на културното наследство, ја смета за значајна донесената одлука и посочува дека наредниве денови очекува и официјално известување од Советот на Европа каде и се води програмата. Таа укажува дека веќе изготвениот документ за целината „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане е потврда дека тој проект може да биде и првиот што ќе ја добие најавената финансиската поддршка од ЕУ.



Цел на проектот е ревитализација на црквата и непосредното опкружување на црковниот комплекс кој се смета за стожарен дел на проектот, како и адаптација на наведените објекти со атрактивни културни и туристички содржини. Како негови носители се јавуваат Министерството за култура - Управата за заштита на културното наследство, Националниот културен центар - Скопје , општината Старо Нагоричане и Црковниот одбор на Македонската православна црква - Полошко - кумановска епархија. Изготвениот документ содржи финансиски, менаџмент план за реализација на планираните активности со средства од националниот буџет во висина од 81%, но и со учество на финансии од разни фондови, донации и спонзорства.

„Ова е и првиот документ за промоција на проект изработен во рамките на програмата за земјите на ЈИЕ, а ние до крајот на годинава планираме да изготвиме такви документи и за проектите во чиј фокус се спомениците на културата „Златковата кула“ во Кратово, црквата „Богородица Перивлепта„ во Охрид и куќата на Рефик Сеља во Дебар, по што истите ќе бидат подготвени за финансирање“ - вели Тричковска.

Во програмата која заедно ја водат Советот на Европа (Директоратот за култура и културно и природно наследство) и Европската комисија (Генералниот директорат за образование и култура) учествуваат и Албанија, Бугарија, Романија, Србија и Црна Гора, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина.



Листата на која се наоѓаат предложените проекти од Македонија, претрпела и промени со завршување на дел од конзерваторските работи на одредени објекти. Местото на веќе заштитениот Стар амам во Дебар, го зазела црквата „Богородица Перивлепта“ од Охрид, а годинава е предложена заштита и на дебарските Стари бањи.

вторник, мај 13, 2008

Кокино првиот културен предел во земјава

Ќе биде ли Кокино првиот културен предел во земјава

Марковите Кули се примени на привремената листа на УНЕСКО како споменик на природата

Катерина Богоева

Локалитетот Кокино на чиј простор се наоѓа мегалитската опсерваторија со потврдени светски вредности и од страна на НАСА и археолошкото наоѓалиште со веќе презентирана материјална историја, се најде деновиве по посетата на претставниците на УНЕСКО во земјава, повторно во фокусот на вниманието. Кокино доби отворена можност за неговите вредности да се изработи досие за учество на привремената листа на светската организација, на која исто така можат да се пријавуваат и други локалитети со потврдено природно и културно значење.

„Поради комплексноста на локалитетот, а со оглед на фактот дека идната, 2009 година УНЕСКО ќе ја посвети на астрономијата“, посочува генералниот секретар на светската организација во Македонија, Лидија Топузовска, во верификација на неговите вредности и можности ќе треба да се вклучат неколку страни, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со подносителот на пријавата, астрономот Ѓоре Ценев од Младинскиот културен центар во Скопје.

„Бројот на пријавите за учество на привремената листа може да биде неограничен, но ние како земја имаме право од нив да избереме само еден кој и ќе се најде на неа. Пријавите ќе се доставуваат до октомври, а крајниот рок за доставување на конечниот предлог од наша страна до УНЕСКО е февруари“- појасни Топузовска.



На привремената листа на УНЕСКО од неодамна со статус на споменици на природата се најдоа два локалитета, Слатинската јама и Марковите кули. Локалитетот Маркови кули, иако се очекуваше биде заштитен како културен предел, (одредница предвидена со Европската конвенција за предел, донесена во Фиренца во 2000 година и ратификувана од страна на Македонија која треба нејзините одредби и да ги внесе во постоечките закони Законот за заштита на културното наследство и Законот за природа), сепак тоа не се случи. Тој влезе на привремената листа со своите природни вредности, а Македонија досега не успеа да прогласи ниту еден локалитет за културен предел, иако тој термин минатата година се најде во фокусот на вниманието на ИКОМОС - Меѓународниот совет за споменици и места, а претставниците на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за животна средина и просторно планирање најавуваа дека освен Марковите кули, како културен предел ќе може да се земат предвид и локалитетите Мечкин камен во Крушево, Голем град на Преспанското езеро и Кокино.

Генералниот секретар на УНЕСКО во земјава Лидија Топузовска, деновиве посочи дека Марковите кули во иднина ќе можат со соодветна ревизија да го добијат статусот на локалитетот со природно и културно наследство, при добивање на повисок третман,односно кога ќе влезат на конечната листа на заштита. А токму на овој локалитет и практично се судрија интересите на двете ресорни министерства и се покажа дека сеуште во земјава постои недоразбирање што се треба да содржат зоните за културен предел, иако такви форми на заштитени подрачја функционираат и во други земји, како простори што во себе содржат меморија за историското случување на одреден простор.



Со оглед на динамиката со која се одвиваат соработките меѓу министерствата во земјава и престојниот пред и по изборен период, можеме да очекуваме дека и оваа година ќе поминеме без да влеземе во групата на земји кои имаат заштитени културни предели. Управата за заштита на културното наследство сеуште како таков не го верификувала ни заштитила ниту Кокино, иако таму континуирано доаѓаат домашни и странски туристи да ја видат мегалитската опсерваторија, археолошките остатоци и да уживаат во убавините на природата. Локалитетот не е прогласен ниту за споменик на природатата, односно и покрај потврдените вредности од светско значење, ја нема добиено потребната верификација од страна на државата.

Годинава од буџетот се одвоени само 3.000 евра за археолозите од Народниот музеј од Куманово деновиве да продолжат со двонеделни истражувањата на северниот дел од локалитетот, а до него водат информативните табли обезбедени со американска донација.

понеделник, мај 05, 2008

Стручна помош за земјоделците од Старо Нагоричино

Земјоделците од 30 козјачки села во општина Старо Нагоричино ќе може да добијат стручна помош во новоотворената локална канцеларија на Агенцијата за поттикнување и развој на аграрот. Живка Наумова, раководител во Агенцијата, смета дека сега земјоделците ќе заштедат пари и време бидејќи не ќе мора да доаѓаат во Куманово за да се консултираат со стручњаците. Рашко Цветковски, земјоделец од селото Канарево, смета дека ваква канцеларија во овој регион му била одамна потребна. Според него таа ќе помогне за заживување на козјачките села, особено што се' поголем број млади поради безработицата егзистенцијата ја бараат во земјоделството и во сточарството.

(С.А.Ј.) ...

Site Meter