Пребарај го блогов

вторник, мај 20, 2008

Старо Нагоричане - идна културна туристичка целина

Старо Нагоричане - идна културна туристичка целина

Македонија за европска заштита ги предложила и Старите бањи во Дебар

Катерина Богоева

Регионалната програма за културното и природното наследство на Југоисточна Европа, односно нејзиниот проект под наслов „Заеднички рехабилитационен проект/Процена на архитектонското и археолошкото наследство на Југоисточна Европа“, што во Македонија се реализира од 2003 година, повторно се актуелизира по добиените информации од Брисел за донесената одлука, секоја од земјите учеснички годишно од Европската Унија да добива финансиска поддршка за реализација на еден од своите проекти, од вкупната заедничка сума во висина од 50 милиони евра. Одлуката е донесена на конференцијата во Љубљана, одржана од 13 до 15 мај, на која земјите од регионот ги претставувале нивните претставници од Советот на Европа.

Во програмата Македонија учествува со 17 проекти меѓу кои е и проектот посветен на споменикот на културата, црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане. За овој вреден објект во актуелната, четврта фаза од програмата, веќе е изготвен и документ за промоција на неговите вредности и истиот е третиран како дел од културно - туристичка целина, во која спаѓаат и училиште, испосница, селски плоштад со чешма, продавница, три традиционални куќи, општинската зграда и полициска станица. Националниот координатор на програмата Јулија Тричковска од Управата за заштита на културното наследство, ја смета за значајна донесената одлука и посочува дека наредниве денови очекува и официјално известување од Советот на Европа каде и се води програмата. Таа укажува дека веќе изготвениот документ за целината „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане е потврда дека тој проект може да биде и првиот што ќе ја добие најавената финансиската поддршка од ЕУ.



Цел на проектот е ревитализација на црквата и непосредното опкружување на црковниот комплекс кој се смета за стожарен дел на проектот, како и адаптација на наведените објекти со атрактивни културни и туристички содржини. Како негови носители се јавуваат Министерството за култура - Управата за заштита на културното наследство, Националниот културен центар - Скопје , општината Старо Нагоричане и Црковниот одбор на Македонската православна црква - Полошко - кумановска епархија. Изготвениот документ содржи финансиски, менаџмент план за реализација на планираните активности со средства од националниот буџет во висина од 81%, но и со учество на финансии од разни фондови, донации и спонзорства.

„Ова е и првиот документ за промоција на проект изработен во рамките на програмата за земјите на ЈИЕ, а ние до крајот на годинава планираме да изготвиме такви документи и за проектите во чиј фокус се спомениците на културата „Златковата кула“ во Кратово, црквата „Богородица Перивлепта„ во Охрид и куќата на Рефик Сеља во Дебар, по што истите ќе бидат подготвени за финансирање“ - вели Тричковска.

Во програмата која заедно ја водат Советот на Европа (Директоратот за култура и културно и природно наследство) и Европската комисија (Генералниот директорат за образование и култура) учествуваат и Албанија, Бугарија, Романија, Србија и Црна Гора, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина.



Листата на која се наоѓаат предложените проекти од Македонија, претрпела и промени со завршување на дел од конзерваторските работи на одредени објекти. Местото на веќе заштитениот Стар амам во Дебар, го зазела црквата „Богородица Перивлепта“ од Охрид, а годинава е предложена заштита и на дебарските Стари бањи.

Нема коментари:

Site Meter