Ќе биде ли Кокино првиот културен предел во земјава
Марковите Кули се примени на привремената листа на УНЕСКО како споменик на природата
Катерина БогоеваЛокалитетот Кокино на чиј простор се наоѓа мегалитската опсерваторија со потврдени светски вредности и од страна на НАСА и археолошкото наоѓалиште со веќе презентирана материјална историја, се најде деновиве по посетата на претставниците на УНЕСКО во земјава, повторно во фокусот на вниманието. Кокино доби отворена можност за неговите вредности да се изработи досие за учество на привремената листа на светската организација, на која исто така можат да се пријавуваат и други локалитети со потврдено природно и културно значење.
„Поради комплексноста на локалитетот, а со оглед на фактот дека идната, 2009 година УНЕСКО ќе ја посвети на астрономијата“, посочува генералниот секретар на светската организација во Македонија, Лидија Топузовска, во верификација на неговите вредности и можности ќе треба да се вклучат неколку страни, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со подносителот на пријавата, астрономот Ѓоре Ценев од Младинскиот културен центар во Скопје.
„Бројот на пријавите за учество на привремената листа може да биде неограничен, но ние како земја имаме право од нив да избереме само еден кој и ќе се најде на неа. Пријавите ќе се доставуваат до октомври, а крајниот рок за доставување на конечниот предлог од наша страна до УНЕСКО е февруари“- појасни Топузовска.
На привремената листа на УНЕСКО од неодамна со статус на споменици на природата се најдоа два локалитета, Слатинската јама и Марковите кули. Локалитетот Маркови кули, иако се очекуваше биде заштитен како културен предел, (одредница предвидена со Европската конвенција за предел, донесена во Фиренца во 2000 година и ратификувана од страна на Македонија која треба нејзините одредби и да ги внесе во постоечките закони Законот за заштита на културното наследство и Законот за природа), сепак тоа не се случи. Тој влезе на привремената листа со своите природни вредности, а Македонија досега не успеа да прогласи ниту еден локалитет за културен предел, иако тој термин минатата година се најде во фокусот на вниманието на ИКОМОС - Меѓународниот совет за споменици и места, а претставниците на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за животна средина и просторно планирање најавуваа дека освен Марковите кули, како културен предел ќе може да се земат предвид и локалитетите Мечкин камен во Крушево, Голем град на Преспанското езеро и Кокино.
Генералниот секретар на УНЕСКО во земјава Лидија Топузовска, деновиве посочи дека Марковите кули во иднина ќе можат со соодветна ревизија да го добијат статусот на локалитетот со природно и културно наследство, при добивање на повисок третман,односно кога ќе влезат на конечната листа на заштита. А токму на овој локалитет и практично се судрија интересите на двете ресорни министерства и се покажа дека сеуште во земјава постои недоразбирање што се треба да содржат зоните за културен предел, иако такви форми на заштитени подрачја функционираат и во други земји, како простори што во себе содржат меморија за историското случување на одреден простор.
Со оглед на динамиката со која се одвиваат соработките меѓу министерствата во земјава и престојниот пред и по изборен период, можеме да очекуваме дека и оваа година ќе поминеме без да влеземе во групата на земји кои имаат заштитени културни предели. Управата за заштита на културното наследство сеуште како таков не го верификувала ни заштитила ниту Кокино, иако таму континуирано доаѓаат домашни и странски туристи да ја видат мегалитската опсерваторија, археолошките остатоци и да уживаат во убавините на природата. Локалитетот не е прогласен ниту за споменик на природатата, односно и покрај потврдените вредности од светско значење, ја нема добиено потребната верификација од страна на државата.
Годинава од буџетот се одвоени само 3.000 евра за археолозите од Народниот музеј од Куманово деновиве да продолжат со двонеделни истражувањата на северниот дел од локалитетот, а до него водат информативните табли обезбедени со американска донација.
Нема коментари:
Објави коментар