ЗАВРШИЈА ИСКОПУВАЊАТА НА ОПСЕРВАТОРИЈАТА
Кокино е сираче меѓу поголемите локалитети
Вака коментира археологот Јовица Станковски, кој завчера со своите колеги ги заврши двонеделните ископувања на Кокино, кои дадоа интересни и значајни наоди, а како што вели, се реализирале со малку средства
По две недели археолошки истражувања на локалитетот Кокино, завчера ископувањата финишираа. На локалитетот, кој пред неколку години НАСА го стави во четирите најзначајни праисториски опсерватории во светот, како што вели Јовица Станковски од Музејот во Куманово, биле пронајдени ексклузивни и интересни наоди.
-Неколку пати имам повторувано дека 3.000 евра за истражување на локалитет каков што е Кокино не се доволни. Кокино е како сираче меѓу големите археолошки локалитети. Потребно е околу 100 до 200 илјади евра инвестиција за локалитетот да биде туристички атрактивен, вели Станковски. Тој додава дека истражувањата потврдиле дека на Кокино имало моќна вера и богата митологија.
Кампањското истражување даде повеќе наоди меѓу кои и бронзено копје - целото сочувано, датирано во Бронзеното време, калапи за лиење на бронзени алати, садови од Бронзеното време какви што ретко има во Македонија. Станковски потенцира дека во последниот период на Кокино има многу туристи кои што имаат различен однос кон локалитетот, па добро е што има четири чувари кои што ќе го заштитат теренот од несовесните посетители. Во истражувањата кои ги предводеше Станковски учествуваа и двајца археолози од Србија, како и Лена Трајковска од Музејот во Куманово, Дејан Ѓоргиевски, Александар Митковски, како и две студентки од Куманово.
На 31 јули голем настан на Кокино
Кокино во последниот период беше домаќин на неколку културни настани, а Станковски вели дека таквите настани се добредојдени за афирмација на локалитетот, но доколку се реализирани во согласност со стандардите за зачувување на Кокино. На 31 јули преку перформансот "Свето спојување меѓу небото и земјата" писатели и поети од Друштвото на писателите на Македонија и Драган Даутовски со неолитската флејта - окарина ќе го манифестираат својот свет однос кон Сонцето.
Локалитет од светски ранг

Анита ЈОВАНОСКА
Фото: Д. АНДОНОВСКИ
Нема коментари:
Објави коментар