Анета Ристеска
Ретки бронзени предмети, врв на бронзено копје со големина од 20 сантиметри и бронзени садови во поголеми димензии, за првпат се пронајдени при неодамнешните двонеделни ископувања на локалитетот „Татиќев камен“ во Кокино.
Директорот на кумановскиот музеј, Јовица Станковски, кој раководи со истражувања, рече дека ова било навистина плодна археолошка кампања.
- Пронајдовме садови што досега не сме ги имале. Тоа се нови форми од излиена бронза, кои не се повторуваат и ќе биде потребно време да направиме дополнителни споредби и со културните групи во соседството - објаснува Станковски.
Предметите се во фрагментирана форма и потекнуваат од бронзеното време, односно од 1900 до 1700 година п.н.е.
Археолошкиот тим од Кумановскиот музеј, при ископувањата пронашол и калапи за лиење бронзени предмети, како ножеви, шила, но и за предмети со непозната намена, кои досега не биле сретнати.
- Кокино е недоволно истражен локалитет. Досега се испитани само пет отсто од она што оваа света планина може да го понуди. Таа би можела да даде многу важни одговори за бронзеното време и тоа не само за Македонија, туку и многу пошироко, особено кога станува збор за култовите што се одвивале таму - вели Станковски.
Тој објаснува дека Кокино важела за света планина каде што се славеле култовите, речиси сите поврзани со култот кон Големата мајка. Таму има еден вистински репертоар на развој на бронзеното време, кое опфаќа период од 1.200 години во континуитет, од развојот на обредните култови до средниот век и населбите.
- За жал, со 3.000 евра планирани за ова ископување, мораше да ја прекинеме кампањата по само две недели. Но, се надеваме на дополнителни средства, за археолошките ископувања да не завршат тука - вели раководителот на Кумановскиот музеј, Станковски и додава дека во план се ископувања во близина на Пелинце, а во септември повторно се враќаат на „Татиќев камен“.
Инаку, Музејот годинава интензивно преговара со странски ликовни уметници кои ќе учествуваат на ликовната колонија, која се одржува во меморијалниот центар „АСНОМ“, а се реализира во соработка со локалната власт. Етнолошкото одделение од музејот работи и на своја изложба, која ќе се одржи во август.
Пребарај го блогов
вторник, јули 08, 2008
Бронзено копје за првпат на Кокино
Бронзено копје за првпат на Кокино
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар