Пребарај го блогов

понеделник, април 27, 2009

Кокино далеку од туристичка атракција

Кокино далеку од туристичка атракција - Дневник, понеделник, 27 април 2009

Кумановскиот локалитет се' уште не е инфраструктурно уреден, иако пред неколку години НАСА го рангира меѓу водечките четири древни опсерватории во светот

Археоастрономската опсерваторијаКокино се'уште е далеку од туристичка атракција. Кумановскиот локалитет се' уште не е инфраструктурно уреден, иако пред неколку години НАСА го рангира меѓу водечките четири древни опсерватории во светот. Интересот на туристите не се намалува, но кога ќе стигнат на Кокино нема каде да се освежат, да купат брошури за локалитетот, да се информираат за минатото на неолитската населба и за луѓето што пред многу векови ги набљудувале ѕвездите. Од кумановскиот Музеј, институција што со години го истражува локалитетот, велат дека Кокино е неправедно запоставен локалитет. Според директорот на институцијата, Јовица Станковски, постои идеен проект како би било уредено Кокино, но таа инвестиција би чинела меѓу 200 и 300 илјади евра.

НЕСОГЛАСУВАЊА

Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, не се согласува со ставот дека локалитетот е запоставен. Тој вели дека државата досега многу вложила во Кокино, но кумановскиот Музеј се' уште не направил конечен проект што ќе може да се реализира.За Станковски е чудно што Кокино не е еден од капиталните проекти за археолошките истражувања во земјава што ги финансира Владата.

- Ме чуди што Куманово е заобиколено. Тоа се случува во момент кога Кокино е најинтересен локалитет за странските туристи. На локалитетот малку му недостига за да биде ставен во туристичка функција. Државата треба да инвестира за да се прошири патот до Кокино, да се направи барака во која ќе се продаваат пропагандни материјали и освежувачки напивки за туристите. Истражувањата се речиси завршени. Рака на срце, никогаш повеќе не се одвојувале пари за археологијата како сега. Но, поединци во фелата едноставно не го сакаат Кокино - вели Станковски.Кузман тврди дека уште кога го назначиле за директор на Управата одвоил еден милион денари за опсерваторијата. Кумановскиот Музеј не можел да ги реализира сите пари, па вратиле 500 илјади денари во буџетот. Веќе се одвоени пари за да се огради локалитетот, а деновиве треба да бидат одобрени уште 600 илјади денари.

- Кокино не е запоставено, напротив. Локалитетот не е влезен во капиталните проекти зашто е помал и речиси е целосно истражен. Но, тоа не значи дека државата е незаинтересирана. Од кумановскиот Музеј долго имаше отпор да го номинираме Кокино да биде заштитен од УНЕСКО. Сметаа дека е се' уште рано за тоа. Сепак аплициравме во УНЕСКО и ја поминавме првата фаза - објаснува Кузман.Тој смета дека има доволно научни податоци за да се стави опсерваторијата во туристичка функција. Останува да се прошири патот, да се решат имотно-правни прашања и да се уреди локалитетот.

КРУЖНА ТУРА

Станковски вели дека од истражувањата на Кокино има доволно материјал да се наполни еден музеј. Досега има повеќе од 100 реконструирани садови, кои се првокласен материјал.

На Кокино во моментот работат четири чувари. Кога има многу туристи што сакаат да го видат локалитетот, прво се јавуваат во кумановскиот Музеј, па Станковски или некој колега-археолог ги придружуваат за да им ја раскажат историјата на опсерваторијата.

- Правиме кружна рута. Прво одиме до црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во Сатро Нагоричане, па до Кокино и се спуштаме до Меморијалниот центар во Пелинце. Но, вистински услови за туристички постери има само во Пелинце. Од црквата сите се воодушевени. Пристапот е релативно лесен, бидејќи има широк пат. Но, инфраструктура не постои. Нема тоалет, ниту место каде што може да се купат разгледници, сувенири, брошури или книги. Иста е ситуацијата и на Кокино.

Ќе дојдат луѓето со автобуси, па незгодно им е, прашуваат каде да се освежат - објаснува Станковски.Тој вели дека кружната тура е убава и од неа може и да се заработи. Туристите дури не мора да престојуваат во хотел во Куманово. Македонија е мала и од секаде може да се стигне за неколку часа. Долго време му објаснував на градоначалникот дека не мора да сонува да направи хотел во Куманово. Има хотели во Македонија, но треба да се обезбедат други основни работи - вели Станковски.

Признато во светот

Археоастрономската опсерваторија Кокино е еден од локалитетите во Македонија кои се меѓународно познати и признати. Од археоастрономски аспект локалитетот е доволно публикуван во странство. Со физичарот Ѓоре Ценев бевме на неколку врвни светски симпозиуми на кои го презентиравме Кокино пред научната јавност. На основа на тоа следуваше рангирањето од НАСА. Кокино е едно од ретките археолошки локалитети што има и меѓународна потврда - вели Станковски.

Весна Ивановска

Нема коментари:

Site Meter