Перивлепта е тест за Старо Нагоричане
Што им е заедничко на црквите „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, Кумановско? Двете потекнуваат од 13 век, двете се фрескописани од Михајло и Евтихиј, двете се вклучени во светските антологии на византиски живопис, двете се во лоша состојба и двете ќе се реставрираат и ревитализираат во претстојниов период - делумно со домашна поддршка, делумно со странски грантови | |
Подготвителните работи за санирање на архитектурата и фрескописот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ со грантот од американската амбасада се веќе почнати, а конзерваторската јавност со врвен интерес го исчекува процесот, кој треба да го спаси непроценливиот фрескопис во овој охридски храм од незапирливото влијание на влагата поради уште еден дополнителен факт - очекуваното продолжение на слични зафати и во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане. - Проблемот со фрескосликарството во црквата во Старо Нагоричане е речиси идентичен со проблемот во „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, па успешната работа на „Перивлепта“ ќе биде во голем дел повторена и на овој византиски храм во Кумановско - најавува Јулија Тричковска, поранешна проектна координаторка за овие два исклучителни споменици на културата, а сегашна експертка на УНЕСКО за заштита на културното наследство во Косово. Што им е заедничко на црквите „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, Кумановско? „СВЕТИ КЛИМЕНТ“ ВО ОХРИД „Света Богородица Перивлепта“ го пречека летниот празник Свети Климент викендов со непроменета состојба - влагата поради несоодветно изведениот покрив не го штеди фрескописот, вклучен во светската антологија на византиски живопис. Изградена во 13 век како црква посветена на Божјата мајка, Богородица, црквата подоцна го презела името на заштитникот на Охрид - свети Климент - и викендов, на летниот Свети Климент (постои и зимски, во декември), беше посетена од многу почитувачи на неговото име. Но дури ни семоќниот светец не може да ја заштита црквата што го носи неговото име од „белата лента“ од соли што го разјадува непроценливиот фрескопис. Овој проблем е дијагностициран и од домашната стручна јавност уште пред десетина година, а последниве години, поради вклучените аларми на сите нивоа - невладини и владини - станува предмет на интерес и на меѓународни експерти од областа на заштитата. Во исчекување обемна санација на објектот, која од Управата за заштита на културното наследство е најавена за идната година, во септември ќе се изврши интервенција на архитектурата и живописот со американски грант вреден 650 илјади долари. Подготвителните работи за реализација на американскиот грант веќе се во тек. „СВЕТИ ЃОРЃИ“ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ Црквата, пак, посветена на свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, со својата посебност и убавина во архитектурата, но и во фрескописот, претставува еден од бисерите на културното наследство на овие простори. Црквата, изградена во 1313 година, е живописана во 1317/18 година. Неодминливото значење на овој културен и духовен споменик лежи во зачуваниот фрескопис, изработен од познатите зографи Евтихиј и Михајло, кои како автори се јавуваат и во други цркви и манастири во земјава (освен во „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид и во манастирот „Св. Никита“ на падините на Скопската Црна Гора, но и во голем број вакви објекти надвор од земјава, на територијата на соседните балкански земји). Фрескописот е изработен во палеолошки стил, со нагласена наративност, но и со изразена суптилност, фино стилизирање и одмереност во изразот. За овој храм, според најавата на Тричковска, е најавено сигурно финансирање од ИПА-програмата на Европската комисија од над милион евра. - Административните процедури во Европската Унија се подолготрајни така што ќе почекаме на нивното доделување (што е добро за да се видат првите резултати од интервенциите во „Перивлепта“ - вели Тричковска, истакнувајќи дека сложената апликација за овие европски фондови ја подготвиле луѓе од Управата за заштита. МЕШАНИ ТИМОВИ Градежните активности на „Богородица Перивлепта“ ќе ги раководи странски експерт - проф. Алкивиадес Препис од универзитетот „Џанти“ во Александрополис, Грција, експерт и на Советот на Европа и на УНЕСКО, а реставраторските работи околу фрескосликарството ќе ги води експертка од Италија, позната во конзерваторската работа на повеќе византиски споменици на Балканот (на пр. во црквата „Богородица Љевиска“ во Призрен). - Во тек е формирање на националниот тим што ќе учествува во работите - вели Тричковска, која ќе биде вклучена како консултант. Тричковска е критична кон вклучувањето на невладиниот сектор во алармирањето за состојбата на црквата. - Не може објект од вакво значење да биде оставен на невладина организација - категорична е Тричковска, коментирајќи го вклучувањето на организацијата за културно наследство и педагогија „Македонида“ во алармирањето за состојбата на „Свети Климент“. Двете цркви - „Свети Климент“ во Охрид и „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане и се познати на стручната јавност, домашна и странска, поради вонредниот живопис, кој се вбројува во светските антологии на византиски фрескопис. Ревитализацијата на овие два објекти и на нивните живописи се тест за одговорноста на домашните раководства (политички и заштитарски) пред обврската за заштита на културното наследство, вклучено поради својата вредност во светската ризница. | |
|
1 коментар:
شركه نقل عفش بالقصيم
شركه نقل عفش ببريده
افضل شركة نقل عفش
افضل شركة لنقل الاثاث
افضل شركات نقل الاثاث
ارقام سيارات نقل عفش
ارخص نقل عفش
Објави коментар