Точен календар во Кокино 1400 години пред Грците
Со следењето на движењето на Сонцето, древните жители на Кокино знаеле дека во текот на една година има 12 или 13 месеци и тоа 1400 години пред грчкиот филозоф Метон да се пофали со ова откритие
На Мегалитската опсерваторија Кокино, уште 1400 години пред откритието на грчкиот филозоф Метон, бил познат циклусот од 19 години кога во ист календарски ден се јавува иста фаза на Месечината. Знаеле дека должината на зимските месеци е 29, а на летните месеци 30 дена.
За ова ексклузивно откритие, кое веднаш е поставено на светски најпознатиот портал за мегалитска култура (њњњ.мегалитхиц.цо.ук) астрономот Ѓоре Ценев вели дека со следењето на движењето на Сонцето, древните жители на Кокино знаеле дека во текот на една година има 12 или 13 месеци.
-Според постоечките маркери може да се тврди дека годината била поделена на две годишни времиња: зима и лето. Во текот на зимата шесте месеци имале должина од 29 дена, а во лето шесте месеци - 30 дена. Во "престапните" седум години се додавало по еден летен месец со должина од 30 дена. Во циклусот од 19 години секоја 2, 5, 8, 10, 13, 16, 18 година имала по 13 месеци. На овој начин разликата во должината на лунарните години и на тропската година на секои осум години исчезнува, а на крајот на циклусот од 19 години се додаваат само 3 дена. На тој начин бил изработен календарот од Кокино, објаснува Ценев.
Тој појаснува дека овој начин на изработка на календар е сличен на т.н. Метонов циклус, кој по теориски пат го открил Метон во 5-от век пред н.е.
-Метон сметал дека тропската година има должина од 365 дена и на овој начин на крајот од 19-те години ќе се изедначи должината на лунарниот и на соларниот циклус, вели астрономот.
Археоастрономската анализа покажала дека почетни години во календарот од Кокино, на пример, биле годините 1848 пр.н.е., 1829 пр.н.е., 1810 пр.н.е., 1792 пр.н.е. итн. Новата година започнувала на денот на зимската краткодневица. Во сите 19 години само во почетната година се поклопувала ноќта кога е Новата Месечина и утрото кога е денот на краткодневицата.
-Тоа имало посебно значење за жителите од тоа време, не само како почеток на новиот календарски циклус, туку и во религиозна смисла, како ден со најсилен потенцијал на повторно раѓање и обновување на силата на Сонцето и Месечината, а со тоа и на вербата во обновувањето на животот на луѓето, животните и растенијата, вели Ценев.
За Кокино - 120.000 денари
Мегалитската опсерваторија Кокино со годишната програма на Министерството за култура доби 120.000 денари. Со тие пари на почетокот на пролетта - во месец мај, тим на археолози, под водство на Јовица Станковски ќе продолжат со археолошките истражувања на овој значаен локалитет кој една година "паузираше" со ископувања. Станковски вели дека доделената сума е многу мала за локалитет каков што е Кокино, бидејќи останува уште многу што да се истражи. Околу 200.000 денари со кои требаше да се истражува во јуни минатата година, воопшто не ги добиле.
- Од пронајдениот материјал на Кокино може да се наполни половина музеј. Конзервирани се доста пронајдени предмети, вели Станковски. Тој најавува дека во текот на овој месец ќе биде изработена веб страница за Кокино, а на локалитетот напролет ќе се прават патеки и ќе се поставуваат патокази со парите доделени од Американската амбасада. Милион денари се доделени и за изградба на паркинг за автобуси во близина на локалитетот и за барака во која би бил сместен чувар на локалитетот.
- На Кокино постојано има туристи кои што оставаат ѓубре зад себе. Затоа неопходно е поставување на чувар, вели Станковски и ја најавува големата изложба за Кокино која што ќе се случи наесен.
Анита ЈОВАНОСКА
Нема коментари:
Објави коментар