НОВИ ПОДАТОЦИ ОД КУМАНОВСКАТА МЕГАЛИТСКА ОПСЕРВАТОРИЈА
Населението во Кокино се ориентирало според лунарен календар
Според календарот, тие го определувале времето за сеидба, времето за собирање на плодовите, времето непогодно за одгледување земјоделски производи
Луѓето на Кокино пред четири милениуми ја набљудувале Месечината и внимателно го следеле секое нејзино движење, според кое направиле календар што им бил неопходен за да преживеат. Според календарот, тие го определувале времето за сеидба, времето за собирање на плодовите, времето непогодно за одгледување земјоделски производи. Тие се ориентирале според циклус на Месечината, кој се повторува на секои 19 години. Милениуми подоцна, во 5 век пред новата ера, тоа циклично движење го забележал и грчкиот астроном Метон, според кој движењето е наречено Метонов циклус на Месечината.
Екипата што веќе неколку години врши археолошки и астрономски истражувања на мегалитската опсерваторија Кокино, во Кумановскиот регион, пред нецел месец заклучиле дека локалитетот е единствената опсерваторија во светот каде што луѓето пред илјадници години навистина го мереле времето. Физичарот Ѓоре Ценев, раководител на Планетариумот во Скопје, тврди дека покрај трите маркери (конкретни позиции на карпите на Кокино) според кои луѓето ја одредувале рамноденицата, долгоденицата и краткоденицата, според четири маркери ги одредувале највисоките и најниските точки (зиме и лете) на Месечината.
- Сонцето изгрева и заоѓа секој ден, но Месечината има поинаков ритам. Треба да се обидеме да го сфатиме времето кога се случувале сиве работи, кон крајот на третиот и во почетокот на вториот милениум пред новата ера. Луѓето тогаш го напуштиле номадскиот начин на живеење и станале земјоделци. Почнале да ја обработуваат земјата, да чуваат животни. Морале да го разберат и да го научат биолошкиот ритам на растенијата за да добијат квалитетен род, од кој заедницата ќе живее квалитетно. Биолошкиот ритам бил пресуден. Почнале да го мерат времето за да знаат кога е добро време за сеење, кога е најтопло, зашто тогаш зреат плодовите, кога се смалува денот зашто тогаш се' замира - објасни Ценев на вчерашната прес-конференција.
Како истражувачите одредиле дека луѓето во минатото сметале дека зимските месеци имале по 29 дена?
Според циклусот на појавување на лунарната месечина. Пред нецели два месеца, на 5 декември, полната Месечина изгреала на левата пукнатина од маркерот на Кокино, а точно по 29 дена, на 3 јануари била забележана на десната пукнатина на обележјето. Според Ценев, тоа е непобитен факт дека тврдината е опсерваторија.
- Лунарниот месец трае околу 29,5 дена. Затоа летните месеци имале по 30 дена. Ние денес додаваме по еден ден во годината, на секоја престапна година, а тие додавале по три дена на секои 19 години - објаснува Ценев.
Според археоастрономската анализа, Новата година почнувала на денот на зимската краткоденица. Во сите 19 години, само во почетната година се совпаѓала ноќта кога е Новата Месечина и утрото кога е денот на краткоденицата. Затоа почетни години во календарот од Кокино биле првите од 19-годишниот циклус.
- Ги направивме астрономските премерувања. Сега, очекуваме резултати од археолозите. Ако астрономските податоци се поткрепат со археолошки докази, нашите тврдења ќе бидат несоборливи - вели Ценев.
За жал, додаде тој, Министерството за култура лани не дало пари за археолошки истражувања на Кокино, а годинава одвоило мала сума.
Според археологот Јовица Станковски, директор на кумановскиот Музеј, од досегашните истражувања може да се заклучи дека луѓето што живееле на Кокино имале организиран духовен и општествен живот, но не може да се каже дека таму живеела цивилизација или народ.
- Тогаш завршувале големите преселби на народите. Кокино е доказ дека во тој период животот на луѓето почнал да се стабилизира. Почнале да живеат мирен живот, да прават трајни населби - објаснува Станковски.
Тој потврди дека државата малку или воопшто не ги поддржува истражувањата на Кокино. Најсериозна донација - 27.000 американски долари им доделила американската амбасада во земјава.
Весна Ивановска
Нема коментари:
Објави коментар