ПО НАЈНОВИТЕ ОТКРИТИЈА
Од идниот месец почнуваат туристички тури на Кокино
Ангелина Димоска
По најновите откритија на мегалитската опсерваторија Кокино, која американската вселенска агенција НАСА ја рангира на четвртото место на листата на најстари опсерватории во светот, се очекува зголемен интерес за нејзина посета кај македонските и странските туристи.
Министерството за култура најави дека годинава ќе се концентрира на меѓународната промоција на Кокино, која, како што велат оттаму, уште повеќе ќе се интензивира по откривањето на двата лунарни маркери, кои потврдија дека нашите предци пред 3.800 години имале најпрецизен досега откриен природен систем за мерење на календарското време.
- Планираме низа организирани случувања на самиот локалитет за оваа година, а во март ќе донесеме странски новинари, кои ќе ја раскажат приказната за древната опсерваторија во светот. Тоа што се наоѓа во нашата земја може да се искористи за подобрување на имиџот на земјава надвор. Кокино го имаме само ние и е потенцијал што треба да се развива. Овој локалитет е и дел од светското културно наследство и треба соодветно да се презентира во светот - вели Златко Јанковски, портпарол на Министерството за култура.
Веќе се едуцирани околу 20 туристички водичи во Скопје и во Охрид, кои туристичките агенции може да ги исконтактираат преку Сојузот на туристички водичи на Македонија.
- Новите тури на Кокино ќе почнат идниот месец. И досега имаше голем интерес за посета на опсерваторијата, главно од странски, но и од домашни туристи. Во зима интересот е помал, а и реално е отежнат пристапот до опсерваторијата доколку има снег. Направен е и нов мост на патот до опсерваторијата, бидејќи стариот беше нефункционален за автобуски превоз - вели астрономот Ѓоре Ценев, кој работи на проучување на мегалитската опсерваторија.
Тоа значи дека доколку некој странец дојде во Скопје и посака да го посети Кокино, може да влезе во некоја од туристичките агенции, од каде што ќе му обезбедат водич, кој ќе го однесе до опсерваторијата. Од туристичката агенција „Савана“ велат дека кога има заинтересирани за посета на Кокино се обраќаат до Сојузот на туристичките водичи.
- Сите заинтересирани, претежно странски туристи, ги поврзуваме со водичите, кои ги водат на локацијата - велат во „Савана“.
Минатата година, на 21 јуни, се случи првата голема промоција на Кокино со целовечерна музичка журка, која го славеше изгревањето на сонцето на маркерот што го означува денот на летната долгодневица. Интересот беше голем. Колективното изгревање на сонцето и почетокот на долгодневицата под отворено небо ги дочекаа околу 1.000 луѓе.
Најновите откритија на оваа мегалитска опсерваторија потврдија дека на Кокино, 1.200 години пред грчкиот астроном Метон (432 година п.н.е.) да го конструира својот лунарен систем на мерење на календарското време, кој досега се земаше како најпрецизен, на овие простори календарското време се сметало речиси идентично како денес. Откритието покажува и дека пред 3.900 години, во периодот кога од номадски начин на живот се преминувало во организирана земјоделска заедница, на овие простори постоела култура што прецизно го сметала календарското време. Мегалитската опсерваторија Кокино, која се наоѓа на неовулкански рид во близината на Куманово, археолозите ја датираат во 3.800 година пред нашата ера. Кокино се смета за една од најстарите праисториски опсерватории во светот и е единствена досега откриена во Источна Европа. Оваа опсерваторија е сместена веднаш по познатите опсерватории на локалитетите Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Ангкор Ват од Камбоџа.
Нема коментари:
Објави коментар