Пребарај го блогов

петок, декември 19, 2008

Кокино доби менаџмент-план

Кокино доби менаџмент-план

На промоцијата, беа прочитани стихови за сонцето, симболот на културниот предел

Катерина Богоева

Мегалитската опсерваторија Кокино, стара околу 4000 години, по седум години од првите археолошки истражувања на монументалниот рид над истоименото кумановско село и по три години од влегувањето на четвртото место на листата на НАСА на стари опсерватории во светот, вчера го доби и својот план за управување како културен предел. Во хотелот „Холидеј ин“, на впечатлив ликовно, музичко, поетски начин, планот изработен според стандардите на УНЕСКО беше промовиран од Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство и археологот Јовица Станковски, директорот на Народниот музеј Куманово, кои посочија на најзначајните моменти од досегашните истражувања и верификацијата на локалитетот и на предвидените можности за заштита и одржлив развој.



„Добрата зачуваност на локалитетот до денешни дни не обврзува на голема одговорност во неговата заштита, во интерес на генерациите што доаѓаат. Менаџмент планот е еден од најзначајните чекори во правец на проекција на иднината на ова заштитено подрачје, од големо културно и историско значење. Тој нуди јасна визија за управување и негова комплексна заштита, а Музејот Куманово е прва институција во Македонија која подготвила и донела ваков стратешки документ. Тој покажува дека сите чинители (музејот, Општина Старо Нагоричане, државата) се свесни за значењето на локалитетот, дека имаат визија како да го сочуваат, да го заштитат и промовираат и да ја запознаат пошироката јавност со неговото значење“ - посочи Станковски укажувајќи дека Кокино, иако не е целосно научно идентификуван и валоризиран локалитет, досега понудил можност за научен археолошки и астрономски поглед на „потемните“ делови на праисторијата, за менување на стереотипите за културно заостанување на нашата бронзенодопска култура во однос на истовремените, големи цивилизациски жаришта околу Медитеранот и Блискиот Исток.

Целта на претставениот план е да го заштити првиот културен предел во земјава, да ги заштити неговите вредности и да ги изнајде начините како економскиот и културниот придонес од заштитеното добро да се искористи како предност за развој и јакнење на одржливиот општествен и економски развој и интерес на локалната заедница. “Неговата изработка е само чекор напред во придвижувањето на Кокино кон барањата на УНЕСКО за номинирање на локалитети за поврзани со астрономијата или древни опсерватории за листата на светско наследство како нова посебна категорија на светското културно наследство“, рече Павлов, информирајќи ги присутните дека ОН ја прогласија идната година за меѓународна година на астрономијата.Присутните со големо внимание го проследија уметничкиот дел од промоцијата, каде избор стихови за сонцето од македонски поети, пред изложените слики на Сергеј Андреевски, рецитираа поетесите Билјана Станковска и Светлана Христова Јоциќ, избор странска поезија рецитираше, Милан Бабиќ, а на кавал и на тамбура настапи Бајса Арифовска. Беше промовирана и идеја за основање на фондација за Кокино, а падна и првата клапа од филмот за локалитетот, кој ќе се снима во режија на Иван Митевски - Копола, сценарио на Русомир Богдановски, а во продукција на Музеј -Куманово.

четврток, декември 18, 2008

Промоција на план за управување со Кокино

Промоција на план за управување со Кокино

Утрински ...

Во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, денеска во 13,30 ќе биде промовиран „План за управување со културниот предел Кокино“, прв и единствен од ваков вид во земјава, изработен според стандардите на УНЕСКО. Промотори се Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство и Јовица Станковски, директорот на Народниот музеј Куманово, а стихови за сонцето, ќе рецитираат поетесите Билјана Станковска и Светлана Христова Јоциќ.

За Кокино и сонцето како муза ќе говори Венко Андоновски, ликовни дела работени под инспирација на сонцето ќе изложи Сергеј Андреевски, а на кавал ќе настапи Бајса Арифовска. (К.Б.)

недела, ноември 30, 2008

29 Ноември ... ден кога дедоми ги колеше свињчињата ... некој некого го јаде во одреден момент ...

http://tbn3.google.com/images?q=tbn:3rmPhc5iKy61cM:http://www.politika.co.yu/magazin/novibroj/2.jpg http://star.vecer.com.mk/content_images/62750570320051123185657.jpg http://upload.wikimedia.org/wikipedia/mk/thumb/7/7a/Opanci.jpg/250px-Opanci.jpg http://gigamarket.1001tours.org/images/Food/smoked_becon_B.jpg

Од пиетет/трибут према дедоми, кога видов кој ден е денеска прво на што се сетив дека на времето на овој ден секогаш бев во неговиот двор да учествувам во еден традиционален обичај на дедоми - на овој ден се колеа свињчињата ...

читај повеќе »

Јас лично и кокошка кога треба да се заколе бегам ... не можам да ги поднесам моментите кога кокошката онака обезглавено скока и ги трза своите последни моменти во животот ... но животот и природата се сурови ... помоќните, појаките, поздравите ги јадат оние кои се послаби ... ланецот на исхрана на видовите на живот е така створен ... некој некого го јаде во одреден момент ...

Така е и кај луѓето, иако свеста на луѓето треба да проработи и да се грижи за помалку моќниот ... но, да не се одалечам од темата на постот ... свињкољот ... тој е долга традиција во кумановско, кратовскиот и паланечкиот крај ... секојпат се правеше во време на празникот 29 Ноември ... два дена слободни добро доаѓаа да се посетат селата и да се помогне на домаќинот ... свежо свињско со праз и по некоја сува пиперка везенка е традиционално јадење на тој ден ... приготвувањето на џигер и чварки е специјалитет на денот но во покасните часови ...

Делот како се коле свињчето ке го прескочам се згрозувам од тие моменти иако дедоми сметаше дека треба да учествувам во тој чин - за еден ден кога ке пораснам, бидам способен и самиот тоа да го правам ... но ете јас никојпат не се оспособив да можам да убијам било кое животно ... дури и за рибите имам чувство ...

  • свињчето одкога ке се заколе, се ставаше на голема маса и се шуреше, т.е. со бричење и стругање со оштри ножеви се чистешеа влакната ... тоа беше вежба и за нашите први бричења ... секој дел од свињчето си имаше своја намена и корисност ...
  • по шурењето свињчето треба да се закачи на ченгел ... тоа е најтешкиот машки дел од работата ... бидејки свињчињата знаеа да имаат тежина и над стотина килограми ... тука учествуваа сите мажи ... се викаа и блиските комшии за да помогнат ... мада со техника со макара и подставање на свињчето под ченгелот тоа се правеше полесно ... сега гледам има спесијални дигалки за дигање на ченгел ... секоја нова куќа кога се гради а е од селски карактер под чардакот обавезно има место со испуштено железо за ченгел ... дедоми за оваа потреба имаше една стара слива ...
  • потоа во зависност од домаќинот разни делови од кожата на свињчето различно се третираа ... еден дел прикладен каде има ред сланина ред месо ... се сечеше заедно со кожата, за да покасно во пушница се исушат и така суви покасно се погодни за конзумирање ... се сеќавате кој може тоа да го јаде и денеска има по продавниците ... сланиница што би кажале браќата од север ... со лук и ракиичка ептен им лизга ...
  • најтврдите делови од свињската кожа се сушеа и од нив се правеа селските опинци ... никојпат не видов како се прават домашни опинци ... во тоа време беа популарни гумените опинци бидејки најдобро штитеа од влага ... лесно се миеше калта која ја имаше во изобилие во селските средини ... но дедо имаше купено и такви опинци или еднаш направи ... но кога виде колку лесно упиваат влага брзо ги зафрли ...
  • друг дел од сланината се топи и како продукт се рафинира маст, кој беше главна храна до пред земјотресот ... тој беше замена за денешниот зејтин кој во тоа време беше раритет и многу скап ... како нус производ од топењето на маста се добиваа чварки ... за некого и денеска се специјалитет ... ... дедо додаваше и месо од околината на стомакот, за чварките да имаат подобар вкус ... јас можев да ги јадам само тие мевца ...
  • од делови од кожата кои исто не беа пригодни за јадење ... од ѓон што ке јадеш - се правеше сапун ... не ја знам рецептата ... но нешто со сода бикарбона се правеше ... сапунот ем беше скап во тоа време ем го немаше во доволни количини ... тој сапун служеше претежно за перење, но посиромасите со него и се бањаа ... велат бил здрав ... ??? ... можеби заради присаство на сода бикарбона во него која е дезифинсиенс ... сигурен сум дека и современите сапуни имаат сода бикарбона во себе ... но во мали количини ...
  • во овој дел дедоми правеше еден специјалитет ... незнам како се вика ... кавурма можеби ... чварките онака со месо во себе стопени се сипуваа во канти од сирење ... со по некоја везенка во себе ... додадено од изнутриците ... бел џигер особено варен и сецкан ... сето кога ке се излади се сецка како сирење и се приготвува како прженко ... лебот лизга со такво јадење ... јас искрајно неможев да го јадам тоа ... се што е изнутрица не ми оди ... не е по мојот вкус ...
  • работа со цревата ... дедо велеше ... синко, знаеш ли кои се најдобри црева ... одкога ке му кажам не ... ми велеше “...оние кои се двапут обрќани ...“... од цревата се правеа плетенки ... се вареа и голем дел одеа сецкани како додаток во она каде одеа чварки и маст со суви пиперки ...
  • посебно се обработуваше желудникот ... уф колку смрди кога тој се вари ... но некои сметаат дека од него се прават прекрасни чорби ... мојот стомак не ги поднесува ... особено не од свињски желудник ...
  • за нас децата особено забавно беше кога ке се извадеше мочниот меур ... кај свињата е доста јак ... ке ни го надуваа и ке имавме “фудбал/лопта“ за играње - се додека не налеташе на некој трн од блиските гранки ... топките беа реткост во тоа време ...
  • деловите околу нозете на свињчето и ушите беа чувани за специјалитет наречен пача ... и тој дел на исхрана не ми е омилен ...
  • на свињокољот особено се радуваа кучињата, кои добиваа делови кои не се за човекова исхрана ...
  • околу главниот дел од свињчето месото има посебна поделба по нејзиниот квалитет ... најценето е месото околу рбетот ... најдоброто месо ...
  • на посебен начин се сецка месото од предниот и од задниот бут ... посебно се двојат колениците ...
  • дел од месото бутно одеше на пушење а дел се редеше во качиња во саламура ...
Овој обичај е на удар на современите закони кои не дозволуваат колење во домашни услови ... нешто слично како што е забрането правење на домашна ракија ... законодавецот ке има проблем да го искорени свињокољот од кумановска околијата ... верувам дека и во другите градови во Македонија свињокољот има традиција особено во селските средини ...

петок, септември 19, 2008

Поетска вечер на Кокино

Поетска вечер на Кокино

Педесет македонски писатели од ДПМ вечерва ќе одржат литературна средба на мегалитската опсерваторија Кокино во близина на Куманово. Преку овој собир, Друштвото на писатели на Македонија ја поддржува иницијативата на Министерството за култура опсерваторијата Кокино да се стави на листата на споменици под заштита на УНЕСКО. НАСА во 2005 година го стави Кокино на листата на најстари и најважни астрономски опсерватории на светот.

четврток, септември 18, 2008

Кокино се истражува

Кокино се истражува

Екипа од Кумановскиот музеј деновиве интензивно ја истражува мегалитската опсерваторија Кокино. Во тек се ископувања што се изведуваат со парична поддршка од Министерството за култура. Како што велат од Музејот од Куманово, интересот за локалитетот забрзано расте, а многу телевизиски екипи од земјава и од странство најавиле подготовка на емисии и прилози за Кокино.

- Се' повеќе странски туристи го посетуваат локалитетот. Кокино е еден од нашите најзначајни локалитети што можеме да ги понудиме како интересна туристичка дестинација во земјава - вели Јовица Станковски, директор на Кумановскиот музеј.Истражувањата на Кокино ќе продолжат до октомври, а потоа екипата од Куманово ќе се префрли во Пелинце, каде што ќе врши ископувања.

вторник, септември 09, 2008

Старо Нагоричане - МАПА ... КАРТА


Мапа на Старо Нагоричане ... клик на сликата за поголема ...

среда, август 27, 2008

БАЊА СТРНОВАЦ - Старо Нагоричане ... BANJA STRNOVAC - Staro Nagoričane

http://i288.photobucket.com/albums/ll164/volanskopje/BanjaStrnovac0Large.jpg?t=1219581779
Ова е сегашниот изглед на “Бањата Стрновац“ ...
“Бањата Стрновац“ е во атарот на Старо Нагоричане, одалечена 2 километри од излезот на Старо Нагоричане ... термалната вода “Бања Стрновац“ е лоцирана на десниот брег на реката Пчиња, одалечено 700 метри од вливот на реката Серава ... најблиско населено место е месноста Стрновац - кое е на левата страна од реката Пчиња, т.е. воздушно околу 200 метри од “Бањата Стрновац“ ... од “Бањата Стрновац“ до Куманово има 20 километри ... патот до Бањата е асфалтен и е во добра состојба ... останати се само цирка 200 метри неасфалтиран макадамски пат, кој е припремен за асфалт и верувам дека пред локалните избори ке бидеат асфалтирани и последните метри до “Бањата Стрновац“ ...
За сегашниот изглед на “Бањата Стрновац“ заслужен е донаторот Живко Јовановски, родум од село Цветишница, кој е печалбар во Германија, но скоро секоја година доаѓа на климатско и “душевно“ лекување во својот роден крај а се вљубил на прв потлед во “Бањата Стрновац“ ... донацијата ја подарува на управување на општина Старо Нагоричино - која потоа додатно комунално го уредила и оградила овој простор ... За примопредавањето на донацијата краток напис имал Утрински - Гастарбајтер изгради базен во бањата во Стрновац ...
http://www.utrinski.com.mk/WBStorage/Articles/327B7B3CACD8D7469FB75C16B48C94A8.jpg
Фото од Утрински, од свеченото примопредавање на донацијата на Живко Јовановски ... чинам дека е средината на Мај 2008 година ...
http://www.vest.com.mk/images/%7B2D62A358-25E0-417F-A8F0-6D1CFC352B39%7D_banja-2.jpg
Ова е единствената слика која ја најдов на нет (вечер ...), која одсликува како изгледала бањата, пред донацијата ... чинам дека во мојата лична архива имам и некоја друга слика, но ке ми треба време да ги најдам ...
Во продолжение ке ви ја покажам мојата последната фото сесија на “Бањата Стрновац“ ... која ја снимав пред некој ден ... жалам што снимките не се некаде во Мај - за да природата биде во мајско светло на боите и мирисите на пролетта, кога месноста “Бањата Стрновац“ е најубава за посетување ... често одам таму за први т.е. порано втори Мај, онака на излет ... ке се потрудам во старата архива да најдам некоја фотка и да Ви ја презентирам ... месноста е одлично посетена и на 2-ри Август, кога луѓето одат за прославата на историскиот 2-ри Агуст т.е. вториот Илинден во Манастирот Св. Отец Прохор Пчињски ... во ново изградениот комплекс на МК територија, поради познатите проблеми со недобивањето дозвола за посета на Манастиирот Св. Отец Прохор Пчињски ...
1.

Ова е излезот од Старо Нагоричане т.е. почетното место каде треба да свртите десно ако одите од Кумаманово према Прохор Пчињски ... ја гледате малата табла на која пишува “Бања“ ... на врвот на патот од сликата е месноста “Крстови“ ... десно на фотката е малата “Шантировци“ ... лево е куќа од поново време - човекот ја има одлично средено со лозје во околината и мал овоштарник ... на времето месноста имаше проблем со вода за пиење ... месноста се снабдуваше со вода или од Старо Нагоричане од изворот /чесмата кај Црквата Св.Горѓи или од еден кладенец кој е лево од знакот “Бања“ ... мислам дека месноста на изворот се викаше “некаков дол беше ... или ??“ ... колку пати само сум пиел вода од него додека дедоми Столе ги одмараше кравите, кога се враќавме од “Река“ (голема низбрдица/узбрдица од тука до Серава ... цирка 250 метри ...) дедоми беше многу мудар човек, од каде по завршената работа носевме замјоделски продукти и обавезни гранки кои на бабами и служеа за готвење а зимо и за грење ... местово е идеално за лозарство и овоштарство ... сега осем асфалтен пат има и питка вода која оди од новиот водовод на Старо Нагоричане кој се снабдева од бунарска вода од блиското Никуљане ... десно од местово беше стариот задружен амбар, покасно мелница за жито ... сега како да видов дека некој гради нов објект од хангарски тип ...
Ке Ве давам со описот на фотките но мене тука секоја слика ми значи некој спомен од детството до денеска ... кога сме кај спомените во една прилика тука во еден вака топол августовски ден ме удри сунчаница силно ми потече крв од носот ... бев сам и одев да се бањам на Пчиња ... имав некаде помалку од десетна години ... не се исплашив иако ми се смати во главата ... легнав на десна страна и почекав да престане крвта од носот ... кога заврши, едноставно станав и продолжив кон Пчиња каде се бањав ... моите никојпат не дознаа за овој настан ... а мене тоа ми беше прво и поседно течење на крв од носот ...
2.

Сликано од врвот на месноста “Крстови“ ... десно оди мало патче за месноста Шантировци, како мал тука мајками ме носеше кај една “баба Катимка“ која беше позната по своето баење и по правење на разни “мајасиљи“ (лековити масти за некави кожни болести ...)... мене и ми баела, но посебно ја паметам по еден “мајасиљ“ кој ми го бапна на целата глава ... бев чалмосан - тоа не ми сметаше но “мајасиљот“ смрдеше на газија и ѕифт, а го носев неколку дена т.е. неколку пати ми го мачкаше ... и ден денеска го осеќам гадниот мирис ... ваљда имав некои габи по главата ... во тоа време „мајасиљот“ беше единствениот лек во околината за такви болести ... кожен доктор дури во Скопје ... луѓето во тоа време имаа повеќе верба во народната медицина за такви видови на болести ... се сеќавам на “баба Каримка“ која одкако ке ме намачкаше ке речеше нешто со игла во разете ке прошепкаше ... ке се крстеши .. и после на глас ке речеше ке му пројде како на кутре ... добиваше некоја награда од моите но многу мала ...
Лево од сликава се неколку куќи на старосватовците “Сланинци“ на моите родители ... последен пат кај нив сум бил како дете, се игрв со нивните деца ... се сеќавам на скокањето од плевната во сламата ... стариот сват беше столар и заедно со таткоми учеле занает кај тетинми Милан ... стариот сват имаше долго време столарска работилница во близината на старата школа, сега таму има продавница со име “Врањка“ ... често одев кај него како дете ... обожавав да гледам како мајсторите од сиров материјал изработуваат во случајот столарски производи ... инаку во селото имавме троица столари, еден качар, ковач, налбатин (оној кој подковува говеда и коњи ...), кројач, волнар, и колар ... ке го заборавев кожушарот ... целото мое детство кога бев премал за да работам некава корисна селска работа ја проведував кај еден, друг, трет мајстор и им се восхитував на нивните умешности и знаењето како од обичен сиров материјал ке излезеше некаков корисен предмет ... тркало за селска кола, каче за купус, маса за ручавање, остра секира, поткован коњ, пантолони и незнам што не ... (реков ке ве давам со моите спомени ...) ...
Левои десно од фоткава е месноста викано “Раши рид“ ... место каде најдобро успева секаков вид на грозје ... колку пати како помали во крајот на Август и почетокот на Септември ноќе сме ги посетувале сортните грозја, за да се насладиме и да преживееме уште една бурна детска ноќ ...
3.

На фоткава куќиве се од поново време ... за мене значајно е тоа што мајками во моето детство тука во близината продадала една поголема нива - веројатно за да може да го помине периодот на моето детство кога и било финасиски тешко да опстои ... одтука надолу се осеќа мирисот на реката Пчиња ... секогаш дувка благ ветер а влагата од водотекот на Пчиња е и во воздухот - каде полесно се дише во летните горештини ...
4.

зеленилото почнува да преовладува ....
5.

Ова е крај на асфалтниот пат и почеток на краткиот макадамски пат до бањата (сто педесетина метри ...)... местото е со големи врби садени од времето кога мајками била дете ... во периодот на колективите, брзо по втората светвна војна ... одлични места за кампирање и лево и десно ...
6.

Еве ја и бањата со сегашниот изглед, се гледа дека доаѓаат и луѓе со посериозни здравствени проблеми, луѓе со инвалидски колички ... но најчести се оние кои доаѓаат за да се пробањаат ... што викаше една баба од една постара приказна ... имено нели во еден друг пост кажав дека кога ја прашаче бабата која се бањала во бањата - од што лечи водата ... таа глатко одговорила ... “од рѓу синко...“
7.

Бањата сега има потолно исти два базена а во средината два туша ...
8.

9.

Поглед од бањата према кафеаната на позната та “Врањка“ ...
10.

Место за пресвлекување ... позади е и тоалетот ...
11.

12.

13.

14.

Трговците продаваат од локалните производи, бостан и клавчиња особено ... но се наоѓа и пипер, патлиџан, компир и сл ...
15.

Бавчата на кафеаната “Врањка“ чека муштерии ...
16.

Најчестиот гостин во кафеаната на “Врањка“ ...
17.

Поглед кон другата кафеана за која ме врзуваат многу спомени ... истата ја отвори мојот кумашин, бог да му душа прости - сега починат, многу вреден и инвентивен на далеку познат по неговите специјалитети на скара ... особено омилен кај неговите гости ... во кафеаната носеше и жива музика особено за мајските и августовските денови на празниците ...
18.

Внатрешноста на кафеаната, каде толку пати убаво сум поминувал ... неможам да ја заборавам приватната прослава кога сестрами го даваше името на Ивана, керката на синот од мојот кумашин ... се испијанивме сите кои бевме гости во таа вечер а песните се слушаа сигурно до селото ...
19.

Местото под кое две години стоеше мојата приколка, и каде во тоа време одев скоро секој викенд ... се картавме и се дружевме од Мај до Септември ...
20.

На излез од бањата ... Некогаш целата бања која се наоѓа во месноста “Млака“ беше полна со прутја од кои дедоми правеше кошови за слама и сено ... тука до кафеаната на “Врањка“ ни беа најомилените местата за бањање ... во околината имаше полно извори на кладенци од кои се осеќаше вкусот на кисела вода ... а ние по брегот фаќавме рипчиња со раце околу камењата или близу до брегот ... понекојпат знаевме да фаќаме риби во мрежи од некогашните завеси ... вистинска мрежа кој видел во тоа време ... Инаку во река никој не останал гладен ... во многуте бавчи стално се наоѓаше свежа краствица, патлиџан, пиперка ... јаболки и друго овошие има секојпат на претек ...
Морав да копам по архивата на моите фотки во подрум ... како ли само сум ја бутнал таму ... се отепав барајки ... ова се фотки правени за Втори Мај 2005 на истото место ... воедно беше и Велигден ... чинам дека во носот уште ми е мирисот на тревата ... мекото сонце кое гали во Мај ... и тивкото ветре ... милина ... во тој период највеќе го сакам ова место ... кое некојпат ако има господ и паметни луѓе од него ке направат МК Врњачка Бања ... веројатно од местово имам и постара архива на фотки но тогаш не сликав со дигитален апарат ...

21.

Прво стигнување, се знае салатка малку мезе и ракиичка ...
22.

Дури и кравите знаат што е убаво ...
23.

И тие одмартаа во исто време ... мами мекото мајско сонце ...
24.

Редот на јаболките на мајками, кои дедоми и вујкоми ги саделе некаде пред педесетина години ... колку ли само излетници се нагостиле ... еднаш така седејки тука во близината ги гледам едни луѓе берат во кеси за по дома ... ги прашувам што правите ... абе вика овеј јабуке много су убаве непрскане ... дојди ми вика и ти набери си ... незнаев што друго да му кажам па му кажав еден краток кумановски виц - кој одприлика оди вака ... вика побогат комшија на гости посиромавиот и го најадува и напијува ... доаѓа време слава е на посиромавиот комшија ... го кани побогатиот комшија на гозба ... овој гледа убаво среден астал ама не куснује нити пинује ... вика си ако му издеу све после он ке гладује три дна ... а комшија га кани нонстоп и му вика ... једи комшијо и пи како да е од твое ... не му стана јасно на побогатиот комшија што е работа .. куснаја малко пинаја малко и појде си дома ... снашка (жена му) вика т`ка т`ка - ама кокошке ги нема ... скина се уподрумче и балонче га нема ... му светна на комшијата насмеја се и вика е с`г разбирам комшијо зашто ми викаше једи пи како да е од твоје ...
- така и пријателот ме утепа канејки да неберам од моите јаболки ... кога му кажав се усрами ги остави јаболкуте и посрамен побегна ...
25.

Пчиња во близината на бањата ... вак има вода само во Мај ... август септември знае и поток да се стори ... тука на овие места стално има извори на кисела вода ... ке се навалиш во брегот ке си направиш кладенец и по некој минут здраво ке се напиеш ...
26.

Оваа слика ја барав да Ви кажам како изгледаше стариот изглед на бањата ... на времето кога е правена бушотината направени се две бушотини ... од првата во тоа време излегуваше цевка за туширање ... а главниот извор т.е. бушотина е малата бетонска када четири на осум одприлика ... која скоро 15 години беше бања во тој изглед ... подолу некаде ке го објаснам историјатот на бушењето - кој, кога и зошто бушел ... неоспорно дека е ова вистинско богатство ... зошто ли толку долго време стоеше во запуштена состојба ...
27.

28.

29.

Мајската скара мора да се пафта и да се мајсторисува ... па ракииче за скараџијата ...
30.

Чиво јаце ке да е појако ...
31.

Пуздер правење на скарата ...
32.

Кафе за пред поаѓање за дома ...
33.
http://i288.photobucket.com/albums/ll164/volanskopje/BanjaStrnovac33Large.jpg

Како до БАЊА СТРНОВАЦ - Старо Нагоричане ... BANJA STRNOVAC - Staro Nagoričane ...

http://i288.photobucket.com/albums/ll164/volanskopje/SkopjeKumanovo-Large.jpg?t=1219855903

Клик на сликата за поголема ...

  1. Скопје Куманово е автопат 40 километри ...
  2. Ако не сакате да влегувате во Куманово продолжете по автопатот уште еден километар и веднаш излезете на првиот излез ... патот води кон Крива Паланка и Бугарска граница ...
  3. Кај Младо Нагоричане, некаде на 12-тиот километар од Куманово, т.е. кај вулканските три карпи од кои едната е познатата Костоперска карпа ... свртувате лево за Старо Нагоричане т.е. Прохор Пчињски ...
  4. Кога ке дојдете кај селото Старо Нагоричане, на вториот влез во селото вртите десно према реката Пчиња, некаде на 6-тиот километар од Младо Нагоричане ... постои мала табла на која пишува “Бања“ ...
  5. По тесното асфартирано патче одите до самата бања околу 2 километри ...
  6. На крај последните 150 метри се макадам добро набиен и припремен за асфалт, веројатно околу локалните избори ке биде асфалтиран ...

Од помош може да ви бидат и овие две карти кои ги најдов на нет:

http://www.dunav.org.il/images/maps/map_macedonia_ne.jpg

Клик на картата за поголема ...

http://images.nationmaster.com/images/motw/europe/macedonia_ne_1959.jpg

Клик на картата за поголема ...

Ке пробам да Ве водам и со maps.google.com/maps ...

  1. Скопје - Куманово ... Патот М-4, кој кај Милодиновци влегува на автопатот Е75 ... М-1
  2. Куманово - Младо Нагоричане ... Од автопатот Е75 ... М-1 се вклучуваме десно на патот Е871 т.е. М-2 ...
  3. Кај двете вулкански карпи - Младо Нагоричане ... се врти лево по патот према Старо Нагоричане т.е. Прохор Пчињски ...
  4. Тука се врти десно кај вториот влез за Старо Нагоричане ... има мала табла “Бања“ ...
  5. Ова е самата бања во коритото на Река Пчиња ...
  6. Сите линкови се живи, можете “ин лајф“ да одите лево десно горе доле ...

вторник, јули 08, 2008

Бронзено копје за првпат на Кокино

Бронзено копје за првпат на Кокино

Анета Ристеска

Ретки бронзени предмети, врв на бронзено копје со големина од 20 сантиметри и бронзени садови во поголеми димензии, за првпат се пронајдени при неодамнешните двонеделни ископувања на локалитетот „Татиќев камен“ во Кокино.
Директорот на кумановскиот музеј, Јовица Станковски, кој раководи со истражувања, рече дека ова било навистина плодна археолошка кампања.
- Пронајдовме садови што досега не сме ги имале. Тоа се нови форми од излиена бронза, кои не се повторуваат и ќе биде потребно време да направиме дополнителни споредби и со културните групи во соседството - објаснува Станковски.
Предметите се во фрагментирана форма и потекнуваат од бронзеното време, односно од 1900 до 1700 година п.н.е.
Археолошкиот тим од Кумановскиот музеј, при ископувањата пронашол и калапи за лиење бронзени предмети, како ножеви, шила, но и за предмети со непозната намена, кои досега не биле сретнати.
- Кокино е недоволно истражен локалитет. Досега се испитани само пет отсто од она што оваа света планина може да го понуди. Таа би можела да даде многу важни одговори за бронзеното време и тоа не само за Македонија, туку и многу пошироко, особено кога станува збор за култовите што се одвивале таму - вели Станковски.
Тој објаснува дека Кокино важела за света планина каде што се славеле култовите, речиси сите поврзани со култот кон Големата мајка. Таму има еден вистински репертоар на развој на бронзеното време, кое опфаќа период од 1.200 години во континуитет, од развојот на обредните култови до средниот век и населбите.
- За жал, со 3.000 евра планирани за ова ископување, мораше да ја прекинеме кампањата по само две недели. Но, се надеваме на дополнителни средства, за археолошките ископувања да не завршат тука - вели раководителот на Кумановскиот музеј, Станковски и додава дека во план се ископувања во близина на Пелинце, а во септември повторно се враќаат на „Татиќев камен“.
Инаку, Музејот годинава интензивно преговара со странски ликовни уметници кои ќе учествуваат на ликовната колонија, која се одржува во меморијалниот центар „АСНОМ“, а се реализира во соработка со локалната власт. Етнолошкото одделение од музејот работи и на своја изложба, која ќе се одржи во август.

среда, јули 02, 2008

Кокино е сираче меѓу поголемите локалитети

ЗАВРШИЈА ИСКОПУВАЊАТА НА ОПСЕРВАТОРИЈАТА


Кокино е сираче меѓу поголемите локалитети


Вака коментира археологот Јовица Станковски, кој завчера со своите колеги ги заврши двонеделните ископувања на Кокино, кои дадоа интересни и значајни наоди, а како што вели, се реализирале со малку средства


По две недели археолошки истражувања на локалитетот Кокино, завчера ископувањата финишираа. На локалитетот, кој пред неколку години НАСА го стави во четирите најзначајни праисториски опсерватории во светот, како што вели Јовица Станковски од Музејот во Куманово, биле пронајдени ексклузивни и интересни наоди.
-Неколку пати имам повторувано дека 3.000 евра за истражување на локалитет каков што е Кокино не се доволни. Кокино е како сираче меѓу големите археолошки локалитети. Потребно е околу 100 до 200 илјади евра инвестиција за локалитетот да биде туристички атрактивен, вели Станковски. Тој додава дека истражувањата потврдиле дека на Кокино имало моќна вера и богата митологија.

Кампањското истражување даде повеќе наоди меѓу кои и бронзено копје - целото сочувано, датирано во Бронзеното време, калапи за лиење на бронзени алати, садови од Бронзеното време какви што ретко има во Македонија. Станковски потенцира дека во последниот период на Кокино има многу туристи кои што имаат различен однос кон локалитетот, па добро е што има четири чувари кои што ќе го заштитат теренот од несовесните посетители. Во истражувањата кои ги предводеше Станковски учествуваа и двајца археолози од Србија, како и Лена Трајковска од Музејот во Куманово, Дејан Ѓоргиевски, Александар Митковски, како и две студентки од Куманово.

Станковски вели дека втора кампања истражување за Кокино нема да има, бидејќи нема одобрено пари, но додава дека ќе бараат вонредни средства. Тој смета дека државата мора да му даде некаков заштитен статус на Кокино, бидејќи со викендичката што никна во близина на локалитетот, можеби во следиот период може сериозно да му се наштети на овој терен, кој во светот му се дава исклучително признание.

На 31 јули голем настан на Кокино
Кокино во последниот период беше домаќин на неколку културни настани, а Станковски вели дека таквите настани се добредојдени за афирмација на локалитетот, но доколку се реализирани во согласност со стандардите за зачувување на Кокино. На 31 јули преку перформансот "Свето спојување меѓу небото и земјата" писатели и поети од Друштвото на писателите на Македонија и Драган Даутовски со неолитската флејта - окарина ќе го манифестираат својот свет однос кон Сонцето.

Локалитет од светски ранг
Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во атарот на Општината Старо Нагоричане, на 35 км оддалеченост од Куманово. Таа е поставена на врвот Татичев Камен, а името го добила по најблиското село Кокино. Опсерваторијата случајно е откриена во 2001 год. Таа е датирана во 1800 год. пр.н.е., односно раното Бронзено време. Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта, туку опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на 4 место. Првите 3 опсерватории според НАСА се: Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Британија и Ангкор Ват во Камбоџа.

Анита ЈОВАНОСКА
Фото: Д. АНДОНОВСКИ

Архива на блогот

Site Meter