Започнаа годинешните археолошки истражувања на Кокино
Министерството за култура одвои само 200.000 денари за откривање на историјата
Катерина Богоева
Денес на Кокино започнуваат годинешните археолошки истражувања преку кои, во текот на идните две недели, тим од Народниот музеј на Куманово ќе го продолжи откривањето на историјата на некогашните жители. Иако локалитетот во изминатите седум години доби и меѓународна верификација за астрономските и археолошките вредности, се' уште археолошките истражувања не се поддржуваат доволно од страна на Министерството за култура. Нивниот раководител, археологот Јовица Станковски кој е и директор на Музејот, ја смета за мала доделената сума од 200 000 денари и посочува дека локалитетот досега е само чепнат со археолошките истражувања и дека се потребни поголеми средства за да може да се добијат одговори на низа отворени прашања, меѓу кои и до кога локалитетот се користел како урбано светилиште.
„Целиот втор милениум, од 19 до 10 век пр. н.е., Кокино најверојатно се користело како планинско светилиште, но треба да се утврди конкретно до кога. Треба да се доистражи кои биле луѓето што во периодот на железното време ја подигнале населбата, да се открие и третиот култ кој тука се практикувал, како и многу други прашања“ - вели Станковски.
Археолозите ќе истражуваат на северниот дел од локалитетот каде и досега се работеше, но поради ограничените финансиски средства, најверојатно со нив нема да работат како лани, студенти од Институтот по археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Во изминатиот период на Кокино се вработени тројца чувари, а до него водат и информативни табли поставени на магистралните патишта. На 21 јуни наутро, од карпите на мегалитската опсерваторија ќе се набљудува изгревањето на сонцето, а на 31 јули, членови на Друштвото на писателите на Македонија ќе читаат и поезија, при што се очекува да настапи и Драган Даутовски на неолитската флејта.
Иако, овој локалитет сеуште не е ставен под заштита на државата, за него е изработен менаџмент-план. Јовица Станковски смета дека за комплетно уредување на Кокино, со што би се добила и посакуваната туристичка функција, државата треба во наредниот период да вложи 100-200 илјади евра. ...
1 коментар:
пердуперденция роликовые
Објави коментар