Пребарај го блогов

сабота, јуни 21, 2008

Кокино и поздравот на Сонцето во најдолгиот ден

Кокино и поздравот на Сонцето во најдолгиот ден

Ако во мугрите на новиот ден го поздравиме Сонцето, неговите вечни атрибути се генерираат во нас и се вградуваат како генетички код на нашето битие

Љубен Луј Ѓорѓиоски

Јогата и денес, како и секогаш во минатото, на човекот му нуди начини, можности и патишта да си помогне себеси во разни животни ситуации. Практикувајќи јога, вежбачот се исполнува со здравје, виталност, хармонија и среќа. Кога јога-вежбите се прават редовно и особено ако се почитува ритамот на природата, тогаш ефектот од нив многупати позитивно се зголемува. Човекот како дете на природата и космосот знае дека без Сонцето и неговата позитивна енергија нема живот и развој на свеста. Темнината го покрива неизвесното, од неа се раѓа мракот на незнаењето, од каде што започнува царството на негативното, злото, болестите... Човекот, како дел од природата и господар на целиот жив свет, кој го сака и почитува животот, треба да ги врати во своето секојдневје законите на природата и на космосот. Оваа навика на почитување и негување на силите на природата, со посебен култ кон Сонцето, човекот ја создавал и практикувал од древни времиња. Се верува дека многу изградени објекти биле храмови или опсерватории. Негувањето посебен однос и култ кон Сонцето било сосема редовна и секојдневна дејност на луѓето во минатото. Можеме да претпоставиме дека „сериозното научно“ посматрање на Сонцето било составен дел на низа древни ритуали и церемонии. На некои простори на нашата планета луѓето изградиле посебен култ на обожавање и почитување на Сонцето. Тоа го правеле со посебен респект и понизност, со цел да бидат дарувани со благодатите на Сонцето и да го достигнат неговиот вечен живот. Древните Египќани граделе пирамиди и храмови во чест на Сонцето, со цел нивните фараони да ја достигнат неговата вечност. Слични градби и храмови се среќаваат на американската почва кај древните Маи, Астеци и Инки, на азиска почва - во индискиот потконтинент и низ целата Сина планета, низ целата историја на човекот. Како резултат на посматрањето на Сонцето, древните луѓе развиле посебни календари во кои подетално го опишуваат неговото движење и движењето на ѕвездите низ илјадници години наназад. Се верува дека Стоунхенџ во Британија бил користен како соларна опсерваторија за предвидување на годишните доба, рамноденици, долгоденици и сл.

И просторите на Македонија не биле исклучок од тој голем духовен и древен научен светски тренд. Од 2001 година, на светската археолошка, астрономска и јога-карта гордо се запиша и името на Кокино. Мегалитскиот споменик на Татичев камен оттогаш во светот е познат како Мегалитска опсерваторија Кокино. Само за неколку години Кокино се постави рамо до рамо со веќе афирмираните и надалеку познати Стоунхенџ, Абу Симбел... Ако Кокино било древна мегалитска опсерваторија, центар од каде што се извлекувале знаците на природата за нејзиниот ритам: пролетна и есенска рамноденица, почеток на летото и зимата преку летниот и зимскиот солстициј и др., сега низа активности што се прават на тој простор без да се покаже одреден респект и чувство на понизност пред Сонцето изгледаат како „тивко зборување додека надвор постојано грми“. Може постојано да свири инструмент или оркестар, да се чита поезија, да се пеат песни на цел глас, но ако се нема понизност, тоа малку ќе го облагороди просторот. Она за што е гладен просторот на Кокино со илјадници години е посветеност кон Сонцето и кон Месечината. Можеме само да претпоставиме каква била практиката, која била церемонијата на тие големи годишни периоди и празнувања по повод доаѓањето на пролетта, летото... Сето тоа е дел од минатото, историјата, митот, легендите... кога човекот почнал да господари со околината, природата, планетата. Тој отсекогаш имал посебен однос и почитување на силите на природата и космосот. Таму каде што започнува да се појавува човекот, од магливото и таинствено минато, тој бил и останал дете на природата и чедо на космосот. Јогата е вештина произлезена од древнина, од желбата на човекот да го разбере и практично да го покаже својот личен однос спрема околината, космосот и животот. Таа е придонес за благодатите што ги ужива човекот на овој свет и неговата благодарност и почит спрема вечноста. Само со светлината, со зракот на Сонцето, кој е и зрак на љубовта, здравјето и хармонијата, може да бидат уништени мракот, темнината и незнаењето. Човекот мора својот дневен ритам да го започне и да го исполни со првите сончеви зраци. Да ја врати заспаната, древна човекова навика на будење пред изгрејсонце. Тогаш и само тогаш може да ја поттикне својата духовна креативност и одамна заборавена космичка димензија во себе. Навиката да се поздрави новиот ден пред да се појават првите сончеви зраци ја задржале голем број живи битија, кога од зората на новиот ден целата природа е разбудена и се' врие од живот и раздвиженост. Тоа е мал чекор во животот, но голема е добивката од него. Потребен е напор да се создаде таква навика, а таа уште подобро се зацврстува со редовна јога-практика, особено со комплексната вежба „Сурја намаскар“, позната како поздрав на Сонцето.

Во мугрите на утринското раѓање на новиот ден, кога целата природа е спокојна, во амбиент исполнет со мир и хармонија, започнува славењето на Сонцето и светлината со поздравот на Сонцето. Сонцето е позитивно ако се извлече доблесното од него. Тоа неизмерно се дарува себеси со првите утрински зраци на изгрејсонцето или со зраците што ја милуваат природата со залезот. Со нив започнува трансформацијата од мрзливи битија, робови на нездрави навики во креативни и слободни суштества, на болката во здравје. Ако во мугрите на новиот ден го поздравиме Сонцето, неговите вечни атрибути: виталноста, силата, чистотата и вечноста се генерираат во нас и се вградуваат како генетички код на нашето битие. Просторот на Кокино неизмерно го нуди тоа. Пријателите на природата и вљубениците во јогата го користат тој простор во изминативе години со сета почит и понизност кон традицијата на просторот, Сонцето и космосот. Ние, со Сонцето пред себе, со величествената светлина што ни го трасира патот до целта и со пламенот на вечноста во нашите срца, гордо и смело чекориме свесни дека позитивното, доброто и доблесното ни се дадени и можеме да ги оствариме.

Затоа дојдете во Кокино, почувствувајте го овој древен амбиент и бидете дел од големото празнување на Сонцето и јогата.

Нема коментари:

Site Meter