Синот на Сонцето ќе се круниса во Кокино
- Точно по 3824 години од времето во кое е направена мегалитската (камената) опсерваторија Кокино во близина на Куманово, сместена на врвот од некогашен изгаснат вулкан, во саботата се најдовме среде групата љубопитници и археолози од денешната, дигитална ера, за да грабнеме дел од магијата на древните народи и, во духот на некогашните жители на овие простори, да го прогласиме најдолгиот ден во годината.
- Праисториските луѓе што живееле во близина на Кокино, многу поумешно од многубројни нивни современици на различни континенти, го мереле времето по поместувањата на Сонцето и на Месечината на хоризонтот. Токму затоа, Американската вселенска агенција (НАСА) го рангира Кокино на четврто место на листата стари опсерватории во светот, по Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Ангкор Ват во Камбиџа.
- Кога Сонцето изгрева најсеверно на хоризонтот, на 21 јуни, тогаш е летната долгодневица, најдолгиот ден во годината. Маркерот кој ја обележува оваа појава во кокинските карпи е со полусрпест облик. На тој ден Сонцето се вгнездува во одредената постела за по неколку минути да го продолжи патувањето по небото.
- Токму тој миг го посведочија групата љубопитници кои викендов на изгрејсонце се најде на Кокино. - Кокино било во употреба како опсерваторија од 19 век пр.н.е до 7 век пр.н.е. Ридот претставувал ексклузивно место од каде што се комуницирало со боговите, а луѓето живееле во околината во земјени куќички кои биле делумно вкопани во земјата.
- Прецизноста на мерењата што праисториските жители ги правеле во Кокино потврдуваат дека станува збор за општество кое имало висок цивилизациски дострел - вели археологот Јовица Станковски, директор на Кумановскиот музеј и човекот кој пред седум години го откри скапоцениот бисер на археологијата. Станковски раскажува дека на планинско светилиште се извршувале обредни култови посветени на Големата богинка мајка, божество кое е многу присутно во целиот праисториски период, како и симболично спојување на богот на небото и божицата на земјата, а Кокино е прв регистриран локалитет во Македонија каде што живееле тие обреди.
- Во процепите на карпите во Кокино, праисториските луѓе закопувале дарови, сметајќи дека ги ставаат во утробата на Богинката мајка и со тоа си обезбедуваат сигурен род во годината што доаѓа “; вели Станковски. Еден од најинтересните ритуали кои во праисторијата се правеле на Кокино, е оној поврзан со устоличувањето на земниот владетел на заедницата, кој се сметал за син на Сонцето. - Обредот се изведувал на 31 јули. На тој ден, низ три точки во карпите на Кокино поминува сончев зрак кој осветлува само еден од петте престоли поставени на локалитетот. На престолот седел старешината на племето и со осветлувањето од зракот, тој се легитимирал како син на небесните сили. На праисториските луѓе им се чинело многу важно да се направи тој обред за да се обезбеди плодна година и успешно обновување на природата. Овој театар тие го изведувале секое лето и сметале дека од него им зависи опстанокот - раскажува Станковски.
- Откако НАСА високо го котираше Кокино во 2005 година, ова место стана атракција за странските туристи, а се позачестени се и домашни љубопитници. - Од Словенија не посетија десетина групи туристи, од Австрија, пак, во европски манир, ни најавуваат посети една година порано - вели Станковски, нагласувајќи дека е многу задоволен и од интересот на археолозите и астрономите низ светот кои со исклучително внимание ги следат излагањата за Кокино на светските конгреси. Тоа што му недостига на ова место за неговата неверојатна приказна да стане целосна и во туристичка смисла, се придружни објекти: продавница за сувенири, ресторан за одмор на посетителите, кои од местото за паркинг пешачат десетина минути по голема угорница, и музејче во кое би се изложиле артефактите ископани на локалитетот.
Нема коментари:
Објави коментар