Пребарај го блогов

недела, јануари 11, 2009

Кокино ќе гради популарност

Кокино ќе гради популарност - Маја Неделковска


Кокино ќе добие фондација, чија цел е да го популаризира и промовира локалитетот и ќе почне да функционира за десетина дена.
Фондација за заштита на културниот предел Кокино не е планирано да финансира археолошки или астрономски истражувања, но понатаму, како што рече директорот на кумановскиот музеј, Јовица Станковски, можно е да има и такви проекти. Станковски, кој е надлежен за истражувањата на Кокино, рече дека фондацијата нема да се меша во работата на музејот, ниту на другите државни институции кои работат на локалитетот.
- Музејот ќе продолжи со истражувањата на целиот локалитет, а истражувањата ќе траат и во наредниве 20-30 години, бидејќи местото навистина има многу што да покаже - вели Станковски.
Фондацијата ќе финансира печатење пропагандни материјали за Кокино, нивна дистрибуција, ќе организира разни културни настани, средби и работилници со писатели, сликари, посети, симпозиуми. Станковски најави и почеток на ликовна колонија Кокино, а делата ќе можат да се продаваат и така дополнително да се добиваат пари за локалитетот. Фондацијата ќе се финансира со донации од Македонија и од странство, а ќе се организираат и научни предавања.
Фондација ќе се грижи за целото место во кое спаѓа опсерваторијата, светата планина, археолошкиот локалитет. Фондацијата ќе има и активности во странство, односно ќе се прави промоција и надвор од земјава. Планирано е да се снимаат кратки филмови, ќе се прават редовни туристички тури со обучени водичи специјално за Кокино. Станковски рече и дека е почната изградба на барака каде што ќе се продаваат брошури за локалитетот, а се планира и продажба на сувенири. Поставени се и патокази, а годинава Кокино е во фокусот на работата на кумановскиот музеј.

Оперски ѕвезди на македонскиот Стоунхенџ

Познати светски оперски имиња се во преговори за настап на отворено на Кокино, а деталите за ваквите концерти ќе се знаат наскоро. Засега не се соопштуваат детали за концертите, а планирано е со овие настани локалитетот да добие дополнителна промоција во светот.
Поради овие настани се очекува и зголемена посетеност на Кокино, но затоа е активна чуварската служба, која ќе го штити локалитетот од можните оштетувања на природната реткост на Кокино.
- На Стоунхенџ пред шеесетина години поставуваа електрични столбови, а сега сето тоа се трга и се се враќа кон природниот изглед на местото. Ние нема да дозволиме Кокино да биде изменето и ќе го зачуваме - вели Станковски.

Нема коментари:

Site Meter