Катерина Богоева
„Дојдовме до степен кога веќе за афирмација и популаризација на „Кокино“ не е доволно да се грижат само државните и локалните институции, туку и невладини организации преку соработка со низа домашни и странски институции“ - изјави Јовица Станковски, претседател на вчера основаната Фондација за заштита и популаризација на културниот предел „Кокино“, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Фондацијата која е регистрирана како непрофитна организација и основана на неопределен период со дејствување на територијата на Македонија, ќе работи на прибирање на парични средства и друг вид материјални вредности за поддршка на програми и проекти за културниот предел, на ширење на сознанијата за вредностите за неговото значење и улога, на развивање на активности за остварување и задоволување на индивидуалните и задничките културни, воспитно -образовни научни, рекреативни, туристички и слични интереси во врска со заштитата, чувањето, одржувањето, уредувањето, означувањето, презентацијата, популаризацијата и користењето на заштитеното подрачје и др.
Освен археологот Станковски кој е и претседател на оформениот Управен одбор, оснивачи на Фондацијата со седиште во центарот на Скопје се и Билјана Станковска, Невенка Перица, Јован Ристов, Татјана Ѓуровска, Петар Петренко и Сашо Ѓуровски. Меѓу другите органи и тела предвидено е во неа да функционираат и Клуб на донатори и Клуб на пријатели на „Кокино“. На основачко собрание воведна реч за моќта и предизвиците на „Кокино“ имаше писателот Венко Андоновски, а режисерот Иван Митевски информираше за првиот проект на Фондацијата, филмот кој тој ќе го снима годинава сочинет од две приказни. За значењето на мегалитската опсерваторија ќе говорат денешните научници, а втората приказна ќе биде врзана за периодот од 1.800 години пр. н.ера, кога некогашните жители одтаму го мереле времето. (К.Б.)
Нема коментари:
Објави коментар