Пребарај го блогов

сабота, јуни 23, 2007

КОКИНО & ВЕСТ

Вест по обичај прави често навистина добри репортажи за одредени места во македонија - Во таа група на добри написи секако е и долниот напис за Кокино ... Само пофални зборови за вест и новинарите за ваквите прилози ...

УБАВА МАКЕДОНИЈА: МЕГАЛИТСКА ОПСЕРВАТОРИЈА КОКИНО
Заслепени од изгрејсонцето
Во точно определен ден во годината има посебно зрачење на сонцето, кога зракот поминува низ некој од изделканите маркери во Кокино, паѓајќи во средината каде што на камени престоли седеле племенските старешини и главари, а пред нив се изведувале м

На 15-ина километри од кумановското село Старо Нагоричане, среде висорамнините околу Татичев Камен, има една низина во која уште пред Христа некој прастар вулкан истурил лава. Ако кога ќе се искачите на 1.013 метри надморска висина пред вас пукне поглед во недоглед, ако ви се отвори простор кој како да е споен со сиот свет наоколу, а на средина се истопориле камења и вулкански карпи, тогаш сте дошле во четвртата највредна стара опсерваторија во светот - Кокино.
Местото е откриено во 2001 година. Уште првите премери ветувале дека се работи за нешто големо и вредно. Денес веќе нема сомнеж - Кокино е мегалитска опсерваторија во која уште во 1.800 година пред нашата ера се следеле циклусите на Сонцето и на Месечината и се мерело времето. Нејзината вредност ја виде и НАСА, па ја стави на четвртото место по важност во светот, во друштво со познатиот Стоунхенџ.
Меѓу карпите, создадени со стврднување на лавата која истекла од вулкански кратер, времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери и нишани со кои пражителите од околината на селата Кокино, Старо Нагоричане, од населбите пред Христа околу Татичев Камен уште пред 38 века го мереле времето, ги одбележувале почетокот и крајот на жетвата... и сето тоа со пагански ритуали за да им ги слушнат боговите молитвите за подобар род, за принова дома... Во точно определен ден во годината имало и има посебно зрачење на сонцето, кога зракот поминува низ некој од изделканите маркери, паѓајќи во средината каде што на камени престоли седеле племенските старешини и главари, а пред нив се изведувале ритуали и обреди. Друг ден, пак, сонцето како цело да седнува во еден од нишаните, изделкан како седло.
Еден таков ден, кога сонцето пушта зрак токму на еден од маркерите, на каменото седло, беше и завчерашната летна долгодневица. Решивме да се сториме како предците, како племенските главари, да се качиме на Кокино и да не го помрднеме погледот од највисокиот маркер на врвот додека сонцето не пушти зрак низ него за да не заслепи.
Тргнавме ноќе. Додека можеше возевме, после тоа, нога за нога, угоре, меѓу карпите и стрмнините. Во темницата си ги гледавме само стапалата кои ни се лизгаа по тревата и стврднатата лава. Кога стасавме на врвот, не пречека мала светлина пред изгрејсонце. Тамам колку да видиме како еден простор може да комуницира со се наоколу. Среде мртвата тишина само мал фиук на ветер меѓу изделканите карпи и птичји пој. Портокалова светлина од далечината им го скри сивилото на карпите и го пребојоса зеленилото на тревата. Таквото утро не враќа во паганството. Племиња, ритуали, молитва...
Молчевме и чекавме. Само со погледи меркавме каде да се наместиме за да го дочекаме изгрејсонцето. Во молк ги дочекавме намерниците кои одненадеж се појавија меѓу карпите, дојдени да го ловат сонцето на маркерот.
Шепотиме и фаќаме место. Одеднаш, од дното на опсерваторијата писнува кавал, а по него и окарината на познатиот наш уметник Драган Даутовски. И тој реши да ужива тоа утро.
Додека им се чудевме на стврднатата лава и на бескрајниот поглед, полека станувавме нетрпеливи. Каде е сонцето. Се повлековме долу, под престолите. Таму се чека сонцето да се качи на маркерот. Де седни де стани. Малку го утнавме времето, ама тоа и не ни пречеше оти чувствувавме што ќе доживееме. Како да сме и ние од дамнешните племиња, го мамевме зракот со звукот од кавалот. Веќе убаво се раздени, само местото каде што ние се счучуливме е темно. Одеднаш пукна светлина и кај нас. Сонцето го јавна маркерот. Не заслепи. Мижуркавме, триевме очи. Една минута убавина, една минута ништо друго не се слушаше освен ене го, излезе.
Една минутка и толку, само бел ден. А пред очи не гледавме друго освен жолти и портокалови кругови од силната светлина која не заслепи од зјапање во сонцето.
Намерниците дојденци полека почнаа да заминуваат, ама ние знаевме дека ритуалот не е завршен. Недостигаше делириум. Недостигаше последната молитва пред заминување дома. Драган ја зеде окарината. Се заковавме во карпите низ кои потече песна. Окарината лелее, птиците по неа. Како вистинска молитва. Во себе кажувавме молитва. Секој онака како што нему му лежи на душата. Не постоеше ништо друго на светот. Само мир, блаженство, ни пакост ни погана мисла, може малку тага, ни малку сон. Велат по посета на Кокино, помалку ти се спие. Таму како да е правило така да се чувствуваш.
Дојде време за одење дома. 'Рпалците и камењата не не сопнуваа како кога доаѓавме. Полека не испратија до долу.

Емил Златков Фото: Огнен Теофиловски

***

Како се стасува до Кокино?

Кокино е на 35 километри воздушна линија од Скопје и на 35 километри по земја од Куманово. Од Куманово се оди кон селото Старо Нагоричане и кон Пелинце. Понатаму, кон Татичев Камен води тесен, но прооден пат кон селото Кокино, по кое и локалитетот го добило името. До под врвот Татичев Камен се стасува само со џип или пеш. Од Старо Нагоричане до опсерваторијата има околу 15 километри пат кој оди низ мала угорница и меѓу ретки дрвја.

***

Македонски Стоунхенџ

Во Татичев Камен е откриен македонскиот Стоунхенџ. Но и многу повеќе од тоа. Се работи за локалитет кој служел за набљудување на Сонцето и на Месечината. Објектот потекнува од бронзеното време и е изработен во карпи од вулканско потекло, на врв висок 1.013 метри. Опсерваторијата се наоѓа во низина, а просторот комуницира со сите правци наоколу. Објектот е заграден и во неговиот средиштен дел има престоли за кои се претпоставува дека служеле за набљудување на небото и на небесните тела. Десно од врвот има вештачки направена пукнатина меѓу два камена, која служела како нишан и низ која се протнувале сончевите зраци. Такви нишани има повеќе и се распоредени низ локалитетот. Во точно определен ден во годината има посебно зрачење на сонцето, а зракот поминува низ некој од вештачки изделканите маркери, паѓајќи во една посебна просторија што служела за изведување ритуали и обреди. Нема ништо случајно во овој објект. Се било прецизно изработено. Тука со неверојатна прецизност се утврдувале астрономските позиции на Сонцето. Истражувањата на Кокино покажале дека со нишаните и зраците кои паѓале низ нив биле одредувани пролетната и есенската рамноденица, летната долгодневица и зимската краткодневица. Локалитетот датира од 1.815 година пред нашата ера. Наречен е Мегалитска опсерваторија Кокино. Мегалитска затоа што локалитетот датира од бронзено време, а опсерваторија затоа што има нагласена астрономска функција. Името и е Кокино, според селото. Не може да се говори за астрономија во вистинска смисла на зборот, бидејќи мерењата и набљудувањата што тогашниот човек ги правел се користени како ориентир во секојдневниот живот - кога е време за сеидба, кога за жнеење, за парење на животните што ги одгледувале, за изведување ритуали и обреди.
Освен опсерваторијата, најдени се и мноштво археолошки артефакти - ќупови, грнци, калапи за ножеви и секири, печка за леење бронза...
Кокино, според археоастрономските анализи, е стара над 3.800 години, и е единствена ваква во Европа. На листата на НАСА пред Кокино се само опсерваториите: Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Анкор Ват во Камбоџа.
Археолозите и астрономите претпоставуваат дека во овој регион има уште три до четири вакви опсерватории, што треба да се докаже со понатамошно истражување на теренот.

***

УБАВИЦА ОД ФОТОСЕСИЈАТА БОЈАНА ВАСИЌ

На изгрејсонце изгледаше како Ева Херцигова

5 часот и 8 минути, завчера наутро. Во опсерваторијата Кокино ја дочекуваме зората на најдолгиот ден во годината. Мала група луѓе, музичарот Драган Даутовски, екипа на "Вест" и манекенката Бојана Васиќ го следиме изгрејсонцето. Долгоочекуваниот момент, еден час подоцна, кога зраците продираа низ камениот маркер и имате чувство дека сонцето сјае низ една мала дупка, еден од присутните и се обрати на Бојана: изгледате како Ева Херцигова!
Седумнаесетгодишната Бојана можеби не е популарна како чешкиот топ-модел, но е поубава од неа, повисока, (180 см), со густа руса коса како лавовска грива и со зелени очи и во моментов е попозната од сестра ・Марија Васиќ, ексмис на Македонија која вредно студира медицина. По завршувањето на средното учлиште планира да се запише на Правниот факултет во Скопје. Дотогаш ќе се посвети на учењето и ќе ги прифаќа само исклучителните понуди за модна ревии, како есклузивната на креаторката Сека Радончиќ, посветена на мексиканската сликарка Фрида Кало или за фотосесии.
Бојана, пред три години беше избрана за Метрополитен топ - модел на Македонија а беше ангажирана и во спотот на Влатко Стефановски и на Џибони за песната "Верба, надеж, љубов". Можеше да оствари завидна кариера во Италија, во миланската агенција "Вуман" чии манекенки се и Катарина Ивановска и Мартина Павловска, сопственикот Дејан и праќаше приватни авиони да ја земат... Ама таа, како што ни рече, не е подготвена на предизвиците и напорната работа што ги има во модниот б изнис, па како претставничка на хороскопскиот знак Вага сака да си живее со родителите, постојано да ги вкусува специјалитетите на мајка си, да се дружи со другарките... Задоволна е со ангажманот во модната агенција "МакМоделс" во Скопје.
За фризурата и шминката на Бојана за фотосесијата се погрижи студиото "ДМГ".
Л. Сабит

2 коментари:

Анонимен рече...

Отличная статья! большое спасибо автору за интересный материал. Удачи в развитии!!!
http://www.miriadafilms.ru/
staronagoricane.blogspot.com

Анонимен рече...

Почему регистрация не работает ?

Site Meter