Пребарај го блогов

четврток, јули 01, 2010

Старо Нагоричане се стреми да стане зелена општина

Општината Старо Нагоричане интензивно презема мерки за санирање на последиците од последната катастрофална поплава, како и за наоѓање начини за привлекување странски инвеститори. 


- Целта на оваа локална самоуправа е на нашите жители да им создадеме подобри услови за живот, да реализираме проекти за економска сигурност, подобра инфраструктура и за развој на селскиот туризам - вели градоначалникот Миодраг Јовановиќ.

Градоначалникот посочува дека општината, која се протега на околу 500 километри, изобилува со многу културно-историски споменици, археолошки локалитети и природни убавини.

- Во нашата општина е црквата Свети Ѓорѓи од 14 век, испосницата на свети Прохор Пчињски, Костоперската карпа со седум цркви, манастирите Забел и Карпино, мегалитската опсерваторија Кокино, Меморијалниот центар АСНОМ, спомен-костурницата Зебрњак, термалниот извор и бањата Стрновац, угостителскиот комплекс „Етносело“ и други - вели Јовановиќ.

Во тек е изградба и на локалниот пат од село Старо Нагоричане до соседното Никуљане. Според Јовановиќ, во општината постојано живеат околу 5 илјади жители, но се' повеќе се присутни граѓани од Куманово, па и од Скопје, кои сакаат да инвестираат и да градат викенд-куќи.

Поради атрактивноста на овој дел од Козјачко-пчињскиот регион постојано има посетители од земјава и од странство. Претседателот на спортско-рекреативната организација ГАРД, Гоце Илиевски, забележува дека овој дел во државава е неискористен резерват за полнење на белите дробови.

- Со проектот „Спорт за сите“ им овозможуваме на нашите граѓани без оглед на нивната етничка и верска, припадност, здравствената состојба и возраста, да ја доживеат и доловат атмосферата која е овдека. Ова е совршено место за сите - вели Илиевски.

При неодамнешната посета менаџерот во норвешката асоцијација „Норгес вел“, Азборн Гарнес, изјави дека во општината има можности за развој на селскиот туризам.

- Неопходно е добро истражување и планирање за сите капацитети што се во овој регион. За конкретни активности треба да одлучат надлежните од норвешката амбасада - рече Гарнес.

Градоначалникот Јовановиќ вели дека во оваа општина е зачувана еколошки чиста средина поради што и локалната самоуправа се стреми таа да го добие епитетот зелена општина. (С.А.Ј.)

Нема коментари:

Site Meter