Козјак - неискористен туристички потенцијал
Козјачкиот регион се уште не го искористил сопствениот туристички потенцијал
од Светлана Антиќ-Јовчевска во Куманово, 28 Април
Козјачкиот регион, еколошки чиста средина, богата со природни ресурси, значајни културно-историски споменици и археолошки локалитети, не се наоѓа ниту на туристичката мапа на земјата.
Овој регион е во Општината Старо Нагоричино. Зафаќа површина од 452 километри квадратни, со 39 населби во кои живеат околу пет илјади жители, Македонци, Срби и Роми.
Лесно проодниот планински предел изобилува со десетина атрактивни туристички локации, но тие не се познати и достапни за посетителите.
Локалните власти за ваквата состојба ја обвинуваат државата, но надлежните институции потсетуваат дека развојот на туризмот е задача пред се на локалната самоуправа.
Власта Димковиќ, градоначалникот на Старо Нагоричино вели државата не е заинтересирана за туристички развој на овој регион.
“Повеќе пати до сега баравме средства од државата, а не добивме ниту денар,” вели тој.
Биљана Акимовска, шеф на секторот за туризам ги негира овие обвиненија. Таа вели дека со процесот на децентрализација одговорноста за развојот на општината е првенствено во рацете на локалната самоуправа.
“Министерствата можат само делумно да помогнат. Богатството на Нагоричино треба да биде презентирано како проект за развивање на туризмот, што ќе го понудиме на потенцијалните донатори или инвеститори, но и на туристичките агенции”.
И додека институциите дебатираат за тоа кој за што е надлежен и кој колку треба да вложи, светски познатата мегалитска опсерваторија Коќино, термалните води или рановизантиските цркви во козјачкиот крај сеуште се посетени само од случајни минувачи или ретки поединци.
Градоначалникот Димковиќ вели дека организирани туристички групи нема.
“Има заинтересирани поединци кои ги посетуваат сите локалитети, но без професионален туристички водич тие малку можат да дознаат за нивното значење” изјави Димковиќ.
Праисторискиот локалитет Татиќев камен не само што е еден од најбогатите бронзенодопски археолошки наоѓалишта туку ја содржи и мегалитска опсерваторија Коќино. Експертските истражувања потврдиле дека таа датира од пред 4.000 години, и една е од многу ретките во светот.
Јовица Станковски кустос-археолог во кумановскиот Музеј кој во 2001 ја откри опсерваторијата објаснува дека со карпите и врвовите луѓето од праисторијата ги одбележувале местата на изгревање на сонцето и месечината, во различни периоди во годината.
“На локалитетот освен откриените два набљудувачки трона, нишани за набљудување на Сонцето и Месечината во текот на годината, откриен е и вреден археолошки материјал кој укажува дека тука имало живот и 2.000 години пред нашата ера”.
Според Станковски, вистинските туристички потенцијали на опсерваторијата која е споредувана со британскиот Стоунхенџ сеуште не се искористени .
За воља на вистината, значењето на Коќино е препознаено од страна на државните институции кои како да се натпреваруваат во ветувањето средства за овој локалитет да стане атрактивна туристичка дестинација.
Министерот за одбрана Јован Манасиевски во јануари годинава во Куманово најави пробивање на пат и создавање услови Коќино да биде достапен и пристапено не само за домашни туку и за странски туристи.
“Тоа е исклучително важен локалитет и од национално, не само од локално значење”, рече Манасиевски.
Благоја Стефановски министер за култура, пак, при една посета на Куманово најави:
“Сигурно ќе инвестираме повеќе отколку Министерството за одбрана, а ќе бараме помош и од Светска банка, овој локалитет да има музеј со кустос”.
И покрај ваквите ветувачки изјави Коќино се уште не е соодветно застапено во секојдневната туристичка понуда во Македонија. А таа не завршува со овој локалитет.
Станковски, за туристички атрактивни археолошки локалитети освен Мегалитската опсеравторија, го посочува локалитетот Костоперската карпа во Младо Нагоричино, кој е ставен под заштита како споменик на културата од прва категорија, но за чија конзервација се потребни поголеми средства.
“Има траги на живот во континуитет од 5.000 до 6.000 години, од неолитот преку бакарниот период до бронзено и доцно бронзено време, кога било населба пред доаѓање на Римјаните со хеленистички карактеристики”,вели Станковски.
На платото на карпата се наоѓа голема базилика на ранохристијанскиот период, а под платото е подземен халштатски објект од раното железно време, кој со мали интервенции може да биде презентиран.
На самиот локалитет се наоѓаат шест цркви од кои некои сеуште не се конзервирани и комплетно истражени. “Малку се вложува сите овие локалитети да бидат соодветно презентирани” вели Станковски.
Но богатството од културно-историски споменици на козјачкиот регион тука не завршува. Познавачите ги посочуваат и црквата Св.Ѓорѓи и манастирот Карпино.
Перо Величковски, историчар на уметност од Куманово вели дека Црквата Свети Ѓорѓи во селото Старо Нагоричино која датира од 11 век претставува една од најзначајните споменици на културата.
“Црквата ја изградил византискиот цар Роман Диоген ИВ. Во нејзината непосредна близина е пештерата-испосница на Св. Прохор Пчињски кој според легендата на византискиот цар му го прорекнал успонот до тронот”.
Црквата е возобновена во 1313 година од српскиот крал Милутин, а фрескоживописот е на познатите сликари Михајло и Евтихие. Црквата е заштитена од УНЕСКО како споменик на културата од прва категорија, но таа заедно со другите интересни места не е често цел на посетители.
Манастирот Карпино со Црквата “Ваведение на Пресвета Богородица” е во селото Орах, на 30 км од Куманово.
Витомир Митевски професор на Филозофскиот факултет во Скопје вели дека манастирот датира помеѓу 12 и 14 век, а за првпат се споменува кон крајот на 16 век.
“Карпино бил важен скрипториум, препишувачки центар во кој се препишувале светите книги, меѓу кои е и познатото Карпинското евангелие. Поради неупатеноста на жителите, стравот или кој знае што, најважните документи се во музеите во Москва,Киев, Софија, во Белград” вели Митевски.
Препознавајќи ја атракцијата на локалитетот група Кумановчани формираа здружение за негова заштита.
Олгица Димитријевска архитект и член на Здружението вели дека тие организираат доброволни акции за уредување на објектот и неговата околина
“Конаците треба да се реновираат, црквата да се реставрира, оти овој архитектонски објект заслужува да му се врати животот”, вели Димитријевска.
Низ овој предел поминува еколошки чиста реката Пчиња, а во близина на нејзиното корито во селото Стрновац се наоѓа термалниот извор со температура на вода од 40 степени Целзиусови и со 10 до 12 литри вода во секунда.
Изворот е балнеолошки испитан во Институтот во Белград во Србија и Црна Гора. Анализите покажале дека ги исполнува сите услови за бањско лекување и за преработка, флаширање и конзумирање на лековитата течност.
Во овој крај е лоциран и Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце, со рекреативни и спортски терени и услови за повеќедневен престој.
Министерот за култура Стефановски најави дека Управата за заштита на спомениците на културата ќе се вклучи ова место да стане и меѓународен ликовен центар за што дел од библиотеката ќе биде адаптиран по урнек на европски музеи.
Но, меѓу најавите и реалноста козјачкиот регион главно им останува познат на локалните жители или на археолозите и историчарите на уметноста. Туризмот како стопанска гранка не е искористен, иако економската криза не го одмина и овој регион.
Часлав Јовановиќ, жител од Старо Нагоричино со жалење констатира “Природното и културно-историското наследство во нашиот крај е големо. Малку државата да се заинтересира и да го одврзе ќесето туризмот ќе обезбеди егзистенција на многу невработени луѓе, а и државата ќе има полза”.
Светлана Антиќ Јовчевска го посетуваше тренингот на БИРН -Македонија. Овој текст е дел од специјалниот пакет објавен од страна на БИРН Македонија како дел од проектот за обука на новинари за известување според меѓународни стандарди. Проектот е поддржан од американската амбасада во Скопје.
Мислењата, наодите и заклучоците или препораките изразени во текстот им припаѓаат на авторите и не секогаш се совпаѓаат со ставовите на американскиот Стејт Департмент.
Нема коментари:
Објави коментар