ОКТОМВРИСКИ НАРОДЕН СОБИР ВО КУМАНОВСКО СТАРО НАГОРИЧИНО
По 40 години ја вратија традицијатаОва е само почеток на спојување на старото, традиционалното, со модерното, вели Власта Димковиќ градоначалник на општината
Жителите на Старо Нагоричино, по четири децении пауза, ја обновија традицијата што со години се негувала во ова кумановско село. Тие во минатиот викенд го организираа Октомврискиот народен собир, на кој се собраа жители од ова, од околните села од Пчињско-козјачкиот регион, како и многумина што одамна заминале во Куманово, Скопје или се иселиле во странство. Собирот се одржа среде село, крај црквата „Свети Ѓорѓи“ изградена во 14 век. Повозрасните се потсетија на младоста, на спомените и на првите вљубувања, а помладите го почувствуваа духот на родниот крај на своите предци. На собирот имаше забава, но и многу емоции, евоцирање спомени и договори за нови видувања.
- Спомените од раното детство за Октомврискиот собир се' повеќе ми избледуваа. Затоа и предложив да се вратиме кон традицијата, на младите генерации да им покажеме колку-толку дел од животот што некогаш во ова и во околните села го живееле нашите предци. Сите прифатија и се надевам дека в година Октомврискиот собир ќе биде уште помасовен - изјави градоначалникот Власта Димковиќ
Тој додаде дека собирот е само почеток на спојување на старото со новото, модерното, а сите заложби на локалната самоуправа се што поскоро да се урбанизираат населбите и овој крај повторно да заживее. - Поголем дел од инфраструктурата е изграден. Не' чека уште работа, но ние не се откажуваме. Многу луѓе што останаа без работа веќе ги обновија запуштените домови на своите родители или дедовци и баби. Многумина што не' потекнуваат од овој крај купуваат имоти остатокот од животот да го минат во мирна и еколошки здрава средина - вели Димковиќ.
Пред почетокот на собирот во општинската зграда беше отворена изложбата „Старонагоричкиот крај низ времето“, на која беа изложени фотографии стари и сто години, народни носии, дрвени и земјени садови употребувани во домаќинството.
Седумдесет и тригодишниот Благоја Јовановиќ од Старо Нагоричино памети собири од својата младост.
- Ми се чини дека досега ниту еден не бил вака организиран - вели тој.
Помладите посетители никогаш досега не биле на ваков собир.
- Прекрасно е. Ова има културно-историско значење и в година треба да е помасовен. Се гледа дека нешто добро се создава во овој крај. Очекувам да има и економско оживување - вели 30-годишниот Часлав, по потекло од Старо Нагоричино.
Кумановец што првпат доаѓа во селото и на собир вели дека е одушевен од настанот.
Во центарот на селото беа поставени штандови со разни експонати и производи. Не отсуствуваа и скара, прасиња на жар, варена зелка, печена лута пиперка и сето тоа залиено со домашна старонагоричка ракија и вино. Дводневниот Октомвриски собир со песна и игра завршуваше по полноќ.
Општината Старо Нагоричино има површина од 452 квадратни километри, 39 селски населби, во кои живеат околу 5.000 жители. Општината има повеќе културно-историски споменици, археолошки локалитети и природни ресурси, што е добар предуслов за економски и туристички развој.
Светлана Антик Јовчевска
Нема коментари:
Објави коментар