Ова е сликано од 902 ft или 275метри.
Тука убаво се гледа, строгиот центар на селото,
Црквата св.Ѓорѓи е најлево, над неа е најстарата школа , можеби во цела Македонија.
За школите во селото ке пишувам посебен пост. Сега ке кажам дека ги има три. Оваа за што зборев погоре. Стара школа и нова школа. Светозар Марковиќ.
Над црквата е полициската станица.
Десно од црквата е селската Чешма. И неофицијален центар на селото.
Оваа вода има карактеристика да во лето е ладна а во зимо е топла. И има посебно добар вкус, а нема мирис.
И ден денес кога ке одам во селото, одам на чесмата да се напијам вода од цивунот.
Од водата на времето се снабдуваше целото село со вода и тука на популарните мрамори се поела стоката, барем двапати дневно. Карактеристично ми беше тоа што додека пиеше вода стоката се оставеше на мира. Голем грев беше и израз на невоспитание да се прекине стоката во пиење на вода. Два добри вола го празнеа коритото-мраморот за два минута. Сега има спроведена вода скоро во секое домаќинство. Еден водовод е од овој извор. И друга водоводна мрежа е од пумпната станица во Никуљане, од каде со цевковод под природен пат се носи вода до самото село и околните мали. Има теорија, дека овие два извора во двете соседни села се поврзани и се од иста жица.
До самата чешма е коќата на “Вуци“. Кумот Коце беше шнајдер-терзија. Се надевам дека сеуште е жив. Овој човек го паметам како човек кој редовно ги чистеше мраморите на чешмата. И секогаш на крај ке се соблечеше до појас и самиот ке се искапеше. Во таа куќа зимно време паметам неколку пати имам помагано околу нижење а поготово околу калапење на тутун. Тешка и макотрпна работа верувајте. Но работата се работеше во друштво со мнугу шала и смееше...Дедоми незнам зошто не садеше тутум во моето детство...
Како дете често навраќав во неговиот дуќан за шнајдерај и го гледав како работи. Десно од неговиот шнајдерај, кумот Коце имаше своја бавча, каде садеше неколку реда пиперки и патлиџани. Бавчата ја вадеше со навртување на водата по браздата. Вишокот на водата од селската чешма служеше за наводнување на малите бавчи околу чешмата. т.е. под чешмата.
Под чешмата имаше уште неколку мали бавчи, од по двесетина квадрати, каде и дедоми имаше мала бавча.
Заборавив да кажам дека на чешмата приквечер жените переа на неколку поиголеми камени мрамори. Се употребуваа Пирајки за удирање по натопената облека. А се переше со сапуни, кој самите домаќинства ги правеа по некоја рецепта од свинска маст. Луксуз беше вистински сапун и прашок за рачно перење Биљана и Плави радион. Сапубите беа од Сапоиа Осјек.
Приквечер околу чешмата се собираа и младите, кои се удвараа меѓу себе - на кумановски-читање. Читаница. Читаник.
Помладите ке седневме над чешмата под големите дрвја на Дудинките. Околу чешмата имаше три големи дудинки. И над чешмата усте неколку.
Над Чешмата на неколку метри е познатата Испосница на свети отец Прохор Пчињски. Истата е заштитена со закон. Сега е обновена и малку се има изгубено од рустикалноста на пештерата. Секојпат тука доаѓаа луѓе со мака оставаа мали подароци пред светињата, ке се помолеа малку ке се напиеа вода од чешмата и ке си одеа дома.
Над испосницата почнува мало брдо наречена Краста. Тука беше единственото и најпогодно место за санкање во зима. Се санкавме на дрвени санки кои сами ги правевме. А луксуз беше ако ставевме метална шина, која ја земавме од пакетите, кои беа врзувани со вакви шини.
Пистата за санкање беше цирка стотина метра.....
Лево од Испосницата е полициската станица. Тоа е најстарата полициска станица како објект-можеби во цела Македонија. Во таа станица на времето во подрумот гледавме телевизија на неколку клупи. Тоа е некаде во крајните години од шеесетите. Често и по повеќе од половина час чекавме да почне програмата. А на телевизорот стоеше сликата тест сликата со округла форма...
Се разбира се гледаше телевизија во црно бела техника.
Пред станицата имавме одбојкарско игралиште. Тоа беше еден од омилените спортови во селото. Тука некаде во дворот на полициската станица бил споменик на првиот учител во селото и еден од заслужните борци за ослободувашето од турско.
Спомениците се минирани во време на окупацијата од Бугарите во нашиот крај.
Од детонацијата има загинато дваица бугарски војници кои се наоѓале во близината....
Сега слушам дека Градоначалникот има план да ги обнови спомениците со тоа што ке ги дислоцира некаде пред влезот на црквата.
Лево од полициската станица имаше мала пекара, која на времето прва почна да продава леб кој се произведуваше тука.
Полево малку беше објектот на старата пошта. Таа зграда сега не постои. Во подрумот на зградата имаше мал извор на питка вода...
Десно од испосницата се наоѓа куќата на “Манчини“. Тоа е куќа на братот на дедоми Столе – Дето Крсто Тошиќ. Куќата има историја на две кафеани. Столарска работилница и фарбара на текстил. Една постара која сега незнам дали уште постои. Но ја видов. Интересното е тоа што во таа кафеана од турско време имало музика и танчерки.
Подолу од тој објект е поновата кафеана која функционирала во текот на втората светска војна и покасно. Наследникот на дедоми Крсто вујкоми Жико, сега живее во таа куќа. Ја има обновено куќата а кафеаната е сега продавница.
Се разбира во зимо во продавницата пак се пие ракија и пиво. Има неколку маси. А во лето и надвор. Традиција е во продавниците – се играат карти и домино до несвест. Некојпат се врти и по некоја партија шах. Вујкоми Жико ги има интересно украсено зидовите во горните одаи. Има закачено дел од нашата носија и старите ткаења на баба Милевка.
Нагоре покрај куќата на дедо Крсто, води тесно патче према селските гробишта. Наречени “Гнила“.
Имам интересно сеќавање за дедоми Крсто.
Во атарот на реката Пчиња имаше доста ливади. На пролет одевме на 15 тина дена да косиме некои ливади. Дедоми не учеше да косиме, мене и Вујоми Ратко кој е неколку години постар од мене-5.
Вујкоми беше одличен косец косец. Јас се учев да косам. Кој косел знае дека е најтешко да косиш ретка ниска трева. Обично кога се косеше сите косеа. Па така во соседната ливада косеше дедоми Крсто. Јас бидејки лошо косев – дедо Крсто ке кажеше. Абе батко Стојане, “што ги даваш на деца да косив. Нели гледаш дека треба по њима да идеш па да косиш“. Но другата година веќе подобро косев. И сега дедоми Крсто ке речеше. Абе деца Ви сте троица, ај помогнете малко. А дедоми Столе ке речеше. “Абе батко Крсто па деца ке ти гу укашкав работу с‘с косење, па ке мораш по њима па да работиш“. Не му беше право на дедо Крсто но ја прифаќаше шалата.
Бабами Милевка, правеше многу убави баници и други месени специјалитети. Таа беше многу јака жена, но во природа секојпат беше насмејана.
Баба Милевка и дедо Крсто имаат две женски и две машки деца. Тетка Ѓурѓа, која за жал почина, но за време додека беше жива изгради куќа во непосредна близина на куќата на дедоми Столе. Тетка Драгица која сега живее на Водно во Скопје, непосредно под таканарешеното Шпанско село. Вујкоми Жико и уште еден вујко кој несреќно починал во пеесетите години на минатиот век,се викал Цане, кој несреќно починал во војска. На интересен начин. Имал инфаркт за време на трка. После неколку победи на трки едно по друго...
Посебно ми е во сеќаваше фурната на баба Милевка, која беше поврзана со подрум, а под подрумот е собата од првата кафана. Над фурната дедоми Крсто имаше племња, со стрмен мал двор во кој сепак дедоми Крсто успеваше да врши жито на селски начин.
Едно време во долната кафеана имало надалеку позната столарска работилница, која ја основал тетин ми Милан Денковски. Во таа работилница таткоми Воислав-Војо го учел столарскиот занает и покасно бил партнер со тетин ми. Биле прочуени со квалитетот на својата работа и кај нив се чекало на ред за столарија за куќите кои во тоа времето се граделе доста. Мајсторското писмо на тетин ми Милан сега се наоша кај мене и во друга прилика ке го прикажам во посебен пост.
Околината на црквата е заградена со камен зид кој беше изведуван во касните шеесети години на минатиот век. Во тој двор кој на времето било првото место каде биле и селските гробишта, сега се оставени некои камени плочи кои симболизираат гробни места.
Во самиот двор имаше прекрасни големи багреми кои во летно време беа идеално место за читање на книги, кои ги зимавма од селската библиотека наречена Читалиште....
Тука во тој двор имам прочитано највеќе книги во мојот живот. Тука како студент спремав и по некој испит. Посебна посластица беа честите гости кои ја посетуваа црквата, а ги имаше од цел свет....
Пред црквата има камбанарија, која сега е обновена. Се сеќавам на тесните скали кои ги качував како дете за да на врвот најдеме гнезда на разни птици, меѓу кои имаше и подполошки....
Десно од куќата на кум Коце е една интересна куќа на фамилијата Вуци. Во неа на времето се влегуваше преку дрвена врата. Огромна. А на самата врата имаше мала врата. Само за луѓе кога сакаа да влезат а не се со коли. Во таа куќа ја паметам влачарата, во која се влачеше волна од Овци. Во тоа време кафеаната на дедо Крсто беше фарбара на испредената волна. Го паметам како сега и тој објект.
До куќата на влачарата, има друг објект кој на времето била кафеана во времето на втората светска војна и некоја година покасно. Таа кафеана ја држеше комшиската фамилија на дедоми столе “Татарци“. Во тој објект едно време имаше и продавница, а пред тоа кратко време од неколку години имаше слаткарница. Се сеќавам купувавме бонбони на парче и шеќерлами. Црвено бели стапчиња, кои се виткаа и во форма на бастумчиња.
До таа куќа на времето имаше Ковачка работилница. Цанко ковач. Многу часови од детството сум минувал во ковачницата. Во неа мајстор Цанко го поправаше алатот на селсите домаќинства. Ги остреше секирите и мотиките, како и селските рала и плугови. Правеше и обручи за тркала на селските запрежни коли и другата железарија за колите. Колите ги склапаше познатиот мајстор Мисле. Ковачот Цанко, едно време произведуваше и мали ветерници ки служеа да се одвои житото од плевата. Дедоми Столе имаше една стара ветерница и една нова која ја купи од ковачот Цане. Чирак на мајстор Цанко едно време беше другарму на вујкоми Моме. Моме беше многу снажен и развиен и кога ке удреше со големиот чекан на наковалната, свитки летаа од железото. Интересно ми беше и да гледам како се грееше железото со таканаречена мешина за дување, која се покренуваше со една рачка која се движеше нагоре надоле.
Малку понатака се наоѓа сегашната зграда на Општината Старо Нагоричане. Зградата на време е изградена по ослободувањето во раните пеесетити години, како задружен дом.
Во позадината на задружниот дом, сегашната општина на времето имаше просторија која сите ја викавме читалиште. Библиотеката во Читалиштето беше богата со книжен фонд. Јас од тој фонд прочитав доста книги но помалиот мој брат кој сега е професор на еден универзитет во Тексас (предава Математика – Анализа) верувам ги има прочитано сите книги, или поголемиот дел од нив....
Во таа просторија на времето на касните шеесети ги гледав првите кино престави. Доаѓаше кино одвреме навреме од Куманово. Не се сеќавам на насловите на филмовите. Само се сеќавам на апаратурата за прикажување и карактеристичниот звук на движењето на филмската лента во апаратот па проектирање... Истотака и менувањето на филмските ленти. Секој филм се состоеше од повеќе ленти.
Во читалиштето гледавме долговреме и телевизија. Тука се играше и добар шах. Тука ми беа првите слатки шаховски победи. Покасно малку играв шах како младинец во еден клуб во Скопје – ШК Чаир. Така подготвен со теорија, селските играчи ми беа лесен плен. И богами луѓето не сакаа да играат шах со мене. Со секоја партија имаше и посебно зезање. Гласно навивање и коментарисање од страна... Посебно читалиштето беше посетено во зимскиот период.
Во задружната зграда имаше посебна просторија за Матичната служба, во која работеше матичарот Жарко Спасиќ. Жарко имаше посебно добар ракопис. Краснопис. Тој е сега пензиониран...
Над општинската зграда е зградата на поштата. Под поштенската зграда порано се наоѓаше налбатницата. Место каде се подковуваа коњите и говедата кои ги влечеа колските запреги. И ова ми беше омилено место во раното детство. Интересен беше начинот на кој се соборуваа крупните говеда на земја, за да се подковаат. Пред налбатницата имаше стално една мала бара а околу неа измет од говедата кои преплашени од самото ковење се унередуваа до крај. Секако под говедата се постилаше слама.
Подоле малку на самата раскрсница се наоѓа уште една чесма. Над неа столарска работилница имаше стариот сват на мајками и таткоми. И кај него проведував доста време, гледајки го како работи.
Сега тој објект е продавница на познатата Врањка.
Тука и влезот на старото школо кој сега е запуштен бјект. Но школото на времето имаше прекрасен двор. А долго време во школото живееа неколку учители кои дојдени тука да учетилствуваат, формираа фамилии и остануваа да живеат во старото школо.
Под патот е сега новото школо. Под новото школо е фудбалското игралиште на ФК Козјак. Тука за време на фудбалските мечеви се собира цело село за да навива... До него е и ракометното игралиште на кое игравми и мал фудбал на времето.
Тука некаде е сега новото игралиште комбинирано за кошарка, одбојка и други мали спортови, кое е донација и е опремено и со рефлектори...
Назад по птот према центарот на селото од лева стран е поголема зграда која ние сите ја викавме стамбена. Во неа по мое сеќавање беше сместена првата кооперација – селска продавница. Во неа сите пазаруваа на тефтер. И кога ке дојдеа селаните до пари си ги плаќаа сметките.
До стамбената зграда се три други стамбени куќи на дба спрата, кои на времето се изградиа за да има каде да живаат милиционерите-“полицајци“.
Карши стамбените згради имаше уште една столарска работилница која во едно време прерасна во пилана.
Малку погоре имаше на времето Качарска работилница на поцнатиот Цане качар.... И тука доста време проведував и ми беше интересно како од дрво се доаѓаше до разни видови на буриња и качиња. Буриња за вино и ракија и качиња за купус и носење на вода.
Малку понатака е локалот на уште една продавница-која едно време беше столарка работилница во еден дел а во другиот дел беше коларска работилница на познатиот колар Томислав – Мисле. Е тука кај Мисле највеќе “купував“ од занаетот. Фрапантно беше како пред моти оќи од сирово дрво се правеше запрежна кола. Доминантно ми беше сеќабањето како се прават ркалата. Округлите делови се обработуваа на приручен дребонг, кој со пренос на каиш се движеше со некаков мотор.
Понатака пирајките се делкаа со тесла и се оформуваа во саканата форма. А теслата беше главен алат и во оформувашето на полумесеците. Ги имаше барем осум во едно тркало или шест за помали тркала. На крај на тркалата се зацврстуваа со погоре поменатите шини. Со специјални клинци. Добар мајстор едно тркало правеше неколку дена. Цела запрежна кола се правеше скоро цел месец. Во сеќавање ми се и големите рачни бургии – Сврдлиња. Кои ги имаше неколку димензии-десетина.
Овој мајстор за правење на коли со лик личеше на еден друг мајстор кој правеше убави елечиња-кожувчиња од овчји крзна. Е сега јас толку често ги мешав луѓето што и дваицата ги нарекував со исто име мајстор Мисле. Долго време мислев дека се работи за иста личност.