Пребарај го блогов

среда, април 19, 2006

Младиот Ѓокица се гордее со стадото

ОВЧАРСТВОТО ГО НАСЛЕДИЛ ОД ТАТКО СИ
Младиот Ѓокица се гордее со стадото

Дневник Број 2750 сабота, 18 март 2006

Од петте деца на Живка и Круне Бојковски од кумановско Младо Нагоричино, само Ѓокица ја продолжи семејната традиција, останувајќи да живее во селото и да се занимава со сточарство и земјоделство.

- Сакам да одгледувам ситен добиток, а најмногу ме привлекува овчарството. Посебна љубов чувствувам кон овие животни и сите обврски кон нив за мене се големо задоволство - вели 32-годишниот сточар Ѓокица.

Тој раскажува дека љубовта кон овчарството ја наследил од родителите. Иако завршил средно училиште за месар, вели дека никогаш не би се откажал од овците, ниту, пак, би го напуштил селото.

- Мене овде ми е многу убаво. Денот ми е исполнет со обврски, но има време и за забава, спортување, дружење. На село секогаш може да овозможиш опстанок ако човек сака да работи - вели Ѓокица.

Младиот сточар сега има стотина овци, но се надева дека со тек на време стадото ќе се зголемува. Проблем му претставува тоа што нема земјоделска механизација, а за обработка на три и пол хектари земја се снаоѓа.

Тој раскажува дека младите луѓе од неговото село се помалку имаат можност да заминат в град оти нема работа. Се надева дека и оние што го напуштиле селото ќе бидат принудени да се враќаат, оти власта во Општината Старо Нагоричино, во која спаѓа и неговото село, со најголем број жители, полека ги обезбедува неопходните услови за нормален живот.

- Од 1996 година локалната самоуправа се грижи за инфраструктурата. Во моето село обновена е електричната мрежа, воведени се телефонски линии, има училиште, здравствен дом, а последниве години градоначалникот Власта Димковиќ презема мерки и за воспоставување водоводна мрежа. Кога и тој проблем ќе се надмине, тогаш сите жители од моето и од околните села во наредните сто години ќе можат да живеат добро- смета тој.

Ѓокица вели дека не може да ги разбере оние млади луѓе кои имаат по нешто наследено од нивните родители, било да е земја или добиток, а тие не сакаат да работат, туку само да се жалат дека немаат услови за живот. - Не ми е јасно зошто не се зафатат со земјоделско производство, со одгледување добиток, на пример, да направат мини сточарски фарми и да не "кршат" раце дека немаат услови за егзистенција. На нашето село засега му недостасува една млекарница. Ако најдат пари за такво нешто, жителите ќе го решат и проблемот со откупот на млекото. Така, ние не би имале мака, а на градските газди, кои се поигруваат со откупот на млекото, ќе им кажеме збогум - вели Ѓокица од Младо Нагоричино, кое се наоѓа на десетина километри од Куманово, кон Крива Паланка.

Архива на блогот

Site Meter