Пребарај го блогов

среда, април 19, 2006

Пренесен напис од Дневник од 18,Март 2006

РАЗГОВОР СО ВЛАСТА ДИМКОВИЌ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА С. НАГОРИЧИНО
И невремето удри по сиромаштијата


Се кине таму каде што е најтенко. Покрај сиромаштијата, не снајде и невремето, кое уништи една третина од земјоделските култури, а оштети повеќе патишта и мостови. Локалната власт, пак, е оставена самата да ги решава проблемите, вели Власта Димковиќ, градоначалник на Старо Нагоричино, една од најсиромашните општини во земјава.

Општината, која претежно живее од земјоделство и сточарство, опфаќа 39 населби, во кои живеат нешто повеќе од 4.000 жители на површина од 450 квадратни километри. А велат дека уште толку се враќаат од градовите и тука обезбедуваат егзистенција.

lКои се најголемите проблеми со кои се соочувате?

- Многу пари ни се неопходни за вложување во образованието, а Министерството за образование се однесува резервирано. Ново за нашата општина е и урбанизирањето на населбите. Изминативе години ние ја подобривме инфраструктурата, затоа сметам дека нема да имаме големи тешкотии на тој план.

lКакви се плановите за развој во општина чие население главно мака мачи со земјоделството и со сточарството?

- Земјоделството и сточарството се основната егзистенција. Но, од неодамна почна со работа мини-фабрика за производство на печурки. Во неа ќе бидат ангажирани околу 200 млади луѓе. Шанси за вработување на 80 до 100 работници има и во Фабриката за пакување и дистрибуција на минерална вода. Овој регион има повеќе културно-историски споменици од национално значење. Со правилен пристап во нивното искористување постојат шанси за развој на туризмот. Тука е познатата црква "Св. Ѓорѓи", манастирите "Забел" и "Карпино" и многу други. И меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце е едно од местата за посети. Природните убавини на Козјачко-пчињскиот регион се добра шанса за развој на селскиот туризам. Ваквите услови создаваат реални претпоставки за економски развој, со што овој регион ќе ги привлече да се вратат тие што одамна ги напуштиле родните места и заминале в град, каде што сега се без работа.

lИзлевањето на реката Пчиња и на планинските потоци нанесе големи штети. Како ќе се санираат?

- За сиромаштијата се вели дека "се кине таму каде што е најтенко". Неодамнешното невреме, какво што не се памети овде последниве две децении, уништи една третина од земјоделските култури. Оштетени се и патишта и мостови. А безмалку оставени сме самите на себе. Советот на Општината формира две комисии за утврдување на штетите од оваа елементарна непогода. За жал, штетите, кои се огромни, само делумно ќе бидат надоместени. Некои од оштетените патишта веќе ги поправивме, но десетина козјачки села се уште имаат проблеми со комуникацијата. Преземаме мерки колку што можеме да го надминеме и овој проблем. Моите и плановите на општинскиот совет се населбите од Старо Нагоричино да се вратат во живот, оти во некои од нив тој речиси беше целосно прекинат.

Дипломираниот инженер агроном, 46-годишниот Димковиќ, беше избран за градоначалник од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија. Ова е негов втор мандат на оваа функција.

Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter