Време, број 796, 01.08.2006 |
|
|
СРПСКАТА ЦРКВА НЕ ДАВА, МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА СЕ ОТКАЖА Нема Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“
Сунчица Стојановска
Никој друг освен владиката Пахомие не може да дозволи посета на манастирот „Свети Прохор Пчињски“, велат од српската епархија на прашањето дали ќе прават проблеми ако македонска делегација утре го посети манастирот каде што пред 62 години се удрени темелите на македонската државност.
Пахомие вчера беше недостапен и за одговор дали има контакти со расчинетиот Јован Вранишковски, по кого деновиве трага полицијата за да го однесе во затворот во Идризово.
Министерството за надворешни работи ниту вчера немаше одговор од српската влада, иако дозвола за посета на манастирот беше побарана пред околу една недела.
- Ќе чекаме уште денеска. Исто беше и минатата година, кога одговорот стигна во последен момент. Како и да е, Владата донесе одлука државна делегација годинава да не оди во „Прохор Пчињски“ – велат во МНР.
До пред две години државниот врв на Втори август барем можеше да влезе во манастирот на годишнината од АСНОМ. Од минатата година српските црковни власти целосно ги затворија портите за одбележување на Илинден. Причина е црковниот спор со Вранишковски, кој уште повеќе ги заостри односите меѓу МПЦ и СПЦ.
Централната манифестација за прослава на Илинден ќе се одржи во Крушево. Од Мечкин Камен ќе се обрати претседателот Бранко Црвенковски. Во Крушево ќе биде и премиерот во оставка Владо Бучковски.
Владината делегација во меморијалниот центар Пелинце ќе ја предводи министерот за култура Благоја Стефановски. Според протоколот, во Пелинце треба да оди и претседателот на Собранието. Прославата во Пелинце е замислена како народен собир.
На Мечкин Камен ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставуваат Трајко Славески и Силвана Бонева, а во Пелинце ќе одат Антонио Милошоски, Гордана Јанкуловска и Петар Поп Арсов.
Нема коментари:
Објави коментар