Пребарај го блогов

понеделник, август 07, 2006

На Коњух, покрај тврдина, имало и град

ИнтервЈу
На Коњух, покрај тврдина, имало и град
Каролин С. Снајвли Археолог, која во земјава е присутна од 1971 година, ги открива тајните на локалитетот Коњух




ОБЈЕКТИ Еден од станбените објекти на северната страна на Големо Градиште, Коњух, датиран од 5-6 век



Катерина Богоева



Го истражувате археолошкиот локалитет Големо Градиште Коњух, во близина на Кратово, во рамките на македонско- американски проект заедно со колегите од Музејот на Македонија. Што говорат досега откриените материјали, која е неговата историја?

-Локалитетот Коњух ми беше познат по откриената црква - ротонда која влезе во светската литература, но прв пат го посетив заедно со археологот Киро Трајковски по завршувањето на заштитните ископувања на некрополата која се наоѓа во негова близина, а кои беа во функција на планираната пруга за Софија. Уште на прв поглед локалитетот ми беше интересен поради карпите и просториите исклесани во нив. Одлучивме да го истражуваме најнапред во рамките на пилот -проектот во 1998 година кога вршевме рекогносцирање на теренот, за во 2000 година да започнеме со ископувањата кои сеуште траат. Малку луѓе знаат за Коњух, но и малку археолози од земјава досега го посетиле. До 2004 година работевме на акрополата, во горниот дел и можеме со сигурност да кажеме дека таму се наоѓала тврдина, датирана од средината на шестиот век, од времето на царот Јустинијан И. Откривме бедем, имаме одредени сознанија како изгледала внатрешноста на градот, но и една цистерна на чие што дно, пронајдовме садови со рачки кои луѓето или намерно ги фрлале или ги губеле. Сеуште не знаеме како цистерната се снабдувала со вода.

Акрополата се наоѓа во средината на локалитетот, а од минатата година започнавме со копање на неговата тераса во долината на Крива Река и откривме објекти кои го потврдија постоењето на град, со податоци за живеење кои датираат од втората половина на петти и шести век, но има и податоци од порано. Мошне е важно што почнавме да добивме сознанија за распоредот на градот, за неговите улици, за станбените блокови.

Може ли да се говори за одреден континуитет на живеење низ вековите?

-Тоа е уште едно од отворените прашања поврзани со Коњух каде има податоци за живеење во периодот од 1- 3 век, што е и констатирано со откривањето на гробовите во текот на заштитните истражувања, како и со неколкуте натписи од надгробни споменици кои датираат од 3 -4 век. Проблем е што сеуште не знаеме каде се протегала раноримската населба, бидејќи ако има гробови, населбата мора да била во нивна близина. На овој простор има диви копања, а со векови селаните од Бељаковце и Коњух, од локалитетот земале камен што им служел како материјал за градење. Никој во тоа не ги спречувал. Годинава најдовме дваесеттина монети, најголем број римски, кои датираат од 2-3-4 век, како и голем број предмети изработени од коска (чешли, рачки од нож) кои сметаме дека се карактеристични за локалитетот. За нив и за другите добиени сознанија, заедно со колегите од Музејот на Македонија Елена Канзулова и Михаил Стојановски ќе говориме во октомври на симпозиумот на Македонското археолошко друштво во Делчево.

На овој локалитет може да се работи уште 50 години бидејќи е голем, но би сакала да работиме барем уште три до пет сезони. Задоволна сум од досега добиените сознанија за распоредот на градот, од откривањето на неговите улици.

Но не е докрај откриена ниту акрополата. Видовме дека нејзиното плато е вештачки создадено, дека Римјаните ги сечеле карпите на неговата северна и источната страна и така го создавале бедемот. На тој начин е создадено едно особено рамно место на кое се наоѓал главниот дел од тврдината која опфаќа и дел од терасата.

Интересно е дека тврдината на Јустинијан е градена во средината на град кој веќе постоел и пред половината на шестиот век, но и дека во тој крај се уште постои рударството, поради кое бил и важен патот што водел низ долината на Крива Река. Можеби на тогашните жители им била потребна тврдината токму заради заштита на рудниците, а по патот кој одел по долината на Крива Река има неколку тврдини. Коњух има и тврдина и град, но сеуште не се знае дали постојат градови и крај другите места со тврдини.

Го истражувавте и Стоби, работевте на неговиот водич, но професионално сте врзани за Гетизбур колеџот во Пенсилванија, во САД, каде предавате и живеете. Кое е вашето мислење за македонската археологија?

-Бев неколку пати летово на Стоби за да видам кои се новите откритија. Ме интересираат прашањата од областа на урбанизмот, особено римскиот и доцно -античкиот урбанизам. Во Македонија истражувам околу 35 години со прекини, најдолго во однос на другите балкански земји. За прв пат дојдов на истражувањата на Стоби во 1971 година, а досега сум работела и во Србија и Северна Грција.Мојот интерес е врзан за римската провинција Македонија.

Мислам дека денес во Македонија археологијата полека се развива, но луѓето знаат дека за развојот се потребни и опрема, компјутери, пари за ископувања. Парите се сигурно меѓу најважните прашања за археологијата, но тие не се потребни само за ископувања. Постојат многу непубликувани материјали , потребни се и пари за купување на книги од областа на археологијата, часописи, компјутери, Интернет, патувања до добри библиотеки (бидејќи овде ја нема потребната литература), за студии во странство и др.

Архива на блогот

Site Meter