Повеќе од 300 куќи во скопската населба Ченто се поплавени од силното невреме што во неделата попладне ја зафати земјава, велат од Дирекцијата за заштита и спасување. Екипи на дирекцијата вчера работеа на терен за да им помогнат на жителите да ја исцрпат водата од поплавените подруми и дворови.
На терен беа и екипи на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, како и на противпожарната бригада, кои со цистерни и со пумпи ја собираа насобраната вода од врнежите. Невремето ги погоди и скопските села Сингелиќ, Инџиково, северниот дел на Скопје каде што најпогодена беше општината Петровец. Врнежи проследени со силен ветер имаше и во кумановското село Старо Нагоричане, како и во тетовско Вејце. Штетата во сите овие места ќе се проценува дополнително.
- Дождот и градот не затекна додека бевме во автобус. Врнеше силно и возачот го сопре автобусот затоа што од врнежите не се гледаше патот. Чекавме педесетина минути за да престане дождот, а кога излеговме надвор, соседите веќе почнаа да ја црпат со кофи водата што им ги поплави подрумите - вели жителка од населбата Ченто.
Жителите од оваа населба, како и од другите места што беа погодени од невремето веќе два дена немаат струја поради дефект на електричната мрежа. Од општината Петровец велат дека вчера цел ден доаѓале граѓани за помош и совети, како и да пријават штети на нивите. Силниот дожд во општината Старо Нагоричане во повеќечасовен мрак ги остави селата Челопек и Пелинце. Селаните од овие села велат дека електричната мрежа во овој регион е многу слаба, па и најмал дожд предизвикувал прекин на струјата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека неделава ќе биде стабилно и топло, а ако има врнежи, тие нема да бидат со ваков интензитет. Посилни врнежи се очекуваат за време на викендот.
Н.Ч. - М.М.
1 коментар:
Very cool design! Useful information. Go on! » » »
Објави коментар