Пребарај го блогов

четврток, август 03, 2006

КУМАНОВСКА БАЊА ЗАПУШТЕНА И НЕУРЕДЕНА

Мнозина бараат лек и во руинираната бања

Познато е дека водата има лековити својства, сите посетители сметаат дека треба да се уреди бањата, а никој не знае во чија надлежност е таа

Секојдневно по стотина луѓе ги користат благодатите на лековитиот термален извор познат како Кумановска Бања, во селото Проевце, кој се наоѓа на три километри од градот. Тие главно бараат спас од нервни, стомачни и кожни заболувања, но водата од 40 Целзиусови степени е одлична и за релаксација и отпуштање од секојдневните стресови.

- Веќе 29 години доаѓам тука и многу подобро се чувствувам. Лекарот ми ја препорача и пред секое почнување на лекувањето ми го проверува притисокот, срцето, крвта, па дури тогаш доаѓам - вели 71- годишната кумановка Миланка.

Оваа бања лекарот и' ја препорачал и на 50-годишната Љубинка Ѓорѓиевска од Крива Паланка. Таа првпат доаѓа со надеж дека напнатоста ќе и' попушти, откако ќе ја заврши терапијата. Таа додава дека базените во бањата се чисти, но проблем е што нема редовен превоз од градот, а во близина на бањата нема никакви сместувачки капацитети.

- Можеби треба да има и лекар што ќе го надгледува здравјето на луѓето, оти многумина имаат проблеми со притисокот или со срцето - смета таа.

Во бањата луѓето често доаѓаат и самоиницијативно. Брачна двојка од липковското село Лојане вели дека е задоволна од лекувањето и дека иако без лекарска препорака „прават бањи“ и се чувствуваат многу подобро. Тие сметаат дека паркот околу бањата треба да биде уреден и чист, а пожелно е да има изградено и сместувачки капацитети за оние од подалеку, како и ресторани за ручек и освежување со пијалаци за оние што претпладне и попладне влегуваат во базените.

- Ова место е прекрасно и за излет на семејства со мали деца. Некој треба да инвестира тука, а тоа секако дека подоцна ќе се исплати -велат гостите.

Во Кумановска Бања секое лето доаѓаат и македонските граѓани на привремена работа во западноевропските земји.

- Оваа лековита вода да е во Швајцарија или во Германија, можете ли да замислите како би изгледала. Жалосно е што природните богатства кај нас никој не ги цени, па не ги ни одржува. Да е средено по европски стандарди, овде секоја година би било преполно од странски туристи - велат нашинци на привремена работа во странство.

Гостите имаат сериозни забелешки на нехигиената наоколу.

- Гледате ли каква е нехигиената! Паркот е голем, ама неуреден. Овие објекти станаа руини, а во нив на времето се сместуваа бањските гости. Во хотелот „Ку-Ба“ сите 300 легла беа малку во сезоната кога бањата наликуваше на нешто. Сега во „Ку-Ба“ се сместени раселените од Матејче, а друг хотел нема - раскажува 61-годишниот Славчо Величковски од селото Проевце.

Пред распадот на СФРЈ бањата имала гости од цела тогашна држава, имало и лекар, а реката што тече покрај бањата била чиста.

- Навечер кога ќе ја испуштеа водата од базените, на површина на водата во реката излегуваа риби, па ние ги фаќавме со раце. Сега реката е толку загадена што нема ниту жаби. Местото не го уредија, туку го вратија за сто години назад - вели Величковски.

Тој додава дека по лековитите својства оваа вода надалеку е прочуена, но револтиран е што никој во државава не се зафатил да ја модернизира бањата од што ќе имаат полза и оние што имаат потреба од неа, ама и државата.

Во близина на базените се и двете чешми од кои кумановци деноноќно полнат кисела вода за пиење. И околу нив е нечисто и неуредено. Сите се согласуваат дека бањата треба да се преуреди и да стане туристичко место, но никој не знае во чија надлежност е таа.

Локалната самоуправа со децении не презела мерки за уредување на овој простор. Неколку невладини организации од Куманово спроведуваа активности за чистење. Беа поставувани клупи и поплочени патеки, но тоа не се одржува, а несовесните посетители и забот на времето оставаат лоша слика.

Светлана Антик-Јовчевска

Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter