Пребарај го блогов

вторник, август 01, 2006

Кумановската историја изложена во старата вила

Кумановската историја изложена во старата вила
Три од стотина откриените јами во Пелинското светилиште се дел од постојаната поставка на на Музеј - Куманово




Дел од фасцинантните народни носии



Катерина Богоева



Музејот на Куманово кој датира од 1964 година, со забележана седум години постара музејска дејност, за прв пат летово доби постојана музејска поставка. На приземјето и катот од реновираната музејска зграда изложен е репрезентативен дел, од досега собраните 7.000 експонати. Поставката е сместена во музејската зграда која се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот, и има типичен белег на стара градска архитектура. Изградена е во 1926 година и некогаш била вила на Живко Стојиљковиќ богат индустријалец од Лесковац Во нејзиниот двор и денес е сместен лапидариум, кој го привлекува вниманието на минувачите.

Музејските експонати за прв пат на едно место нудат пресек на историјата на Куманово и околината, воедно презентирајќи дел од збирките на археолошкото, историското и етнолошкото одделение. Нив јавноста во изминатите педесеттина години повремено можеше да ги види и на над 650 организирани тематски изложби

Изненадува фактот дека во кумановскиот регион се регистрирани над 250 археолошки локалитети од кои делумно се истражени само 14, но презентираните експонати уште од почетокот успеваат во поставката да го доловуват развојот на човековата мисла, креативноста, духот на жителите од неолитот па се до средниот век. Дел од ексклузивниот откриен материјал, со светско значење се наоѓа во збирката на Музејот на Македонија, од каде кумановските музеалци очекуваат или да биде вратен или евентуално да добијат копии. Во 26 витрини се изложени впечатливи предмети од различни периоди, а почетокот е врзан за 4.500 год.пр.н.е од средниот неолит, од кога датираат најстарите материјали откриени на локалитетот Брег кај Младо Нагоричане. Се издвојуваат: жртвеници, чинии „пинтадера" - предмет за украсување на леб или ткаенини и др..

„Од периодот 3 милениум пред.н.ера, наречен енеолит или бакарно време, кога почнува употребата на првите метали, имаме убави предмети од локалитетот Костоперска карпа кои се наоѓаат во Музејот на Македонија. Од почетокот пак на бронзениот период датира ексклузивниот материјал пронајден пред 20 години на локалитетот Градиште кај Пелинце " - посочува археологот Јовица Станковски на витрините во кои се реконструирани три, од над стотина откриени јами на т.н „Пелинско светилиште". Станува збор за најстариот откриен начин на почитување на големата Божица Мајка која бдее над домашното огниште, при што во природни вдлабнатини од стени, се поставувале дарови за бериќет.

Локалитетот Пелинце кој го истражувале археолозите Блажо Георгиевски и Лена Трајковска е поврзан и со актуелното Кокино, со локалитетот Татиќев камен каде Станковски минатата година открил слични јами со поставени дарови, што, според него говори за простор со силна обредност и вера. Од тој локалитет и од тумулната некропола на локалитетот Долинац во Стрнивац е изложен разновиден материјал (мелници за жито, тегови за разбој од камен, садови, реконструирано е погребување под тумул и др.), а во поставката засега недостигаат експонатите од средна бронза, кои откриени на недоистражениот локалитет Прибовце се сметаат за ексклузивни а се наоѓаат исто така во Музејот на Македонија.

Впечатлив е бронзениот накит од 7 век пре. н ера, од кога датира ексклузивниот привезок со соларен култ, кој го има во неколку примероци во светот, како и железните ножеви датирани од 8 век пр.н.е. Меѓу изложеното се и предметите од локалитетите Војник, Мијашки Рид, Косоперска карпа и др..

Од најистражениот локалитет од римскиот период некрополата Дрезга кај Лопате, можат да се видат садови и накит што фасцинираат со својата изработка. Меѓу нив се издвојуваат и два стаклени сада изработени еден во друг, што исто така се сметаат за ексклузивен наод.

„Сега учениците ќе имаат можност да ја видат целата историја на регионот. Периодот од шести век до доаѓањето на Турците не е многу истражуван, но има локалитети на кои може многу да се работи -потенцира Станковски.

Историската поставка започнува со доаѓањето на Турците, во почетокот на 16 век а завршува со крајот на Втората светска војна и во неа доминираат фотографии, документи, предмети од различен вид. Фотографиите се дел од збирката од над 2.000 фотографии што ја поседува историското одделение, а првиот изложен предмет во хронолошката низа е пописниот тефтер од 1519 година во кој Куманово се споменува за прв пат како мала касаба. Досега материјалот е изложуван на околу 80 -тина тематски изложби, а меѓу нив за најрепрезентативни, исторчарката на уметност, документаторот Славица Крстиќ ги посочува: знамето со две лица на Кумановската револуционерна организација од Илинденскиот период, печатот на организацијата од 1893 година, како и касата од Марсеј каде се чувале документите од првите кумановски парламентарни избори во 1920 година.

Етнолошката поставка е сместена на катот и е во неа е презентиран дел од 2000 предмети од неколку збирки од етнолошкото одделение кое датира од 1978 година. Амбиентално се поставени селска куќа, градска соба, раскошот на носиите и дел од занаетите.

„Единствено ни недостига дел од албанската, ромската и српската носија, кои не успеавме да ги обезбедиме а немавме ни поддршка од населението" - посочува етнологот Милица Пешевска-Николоска, говорејќи за изложените експонати, меѓу кои вниманието го привлекува раскошот на презентираната шопска, которска и влашка носија. Прикажани се и предмети од грнчарскиот, казанџискиот и качарскиот занает, издвоени од 15 -те познати занаети во Куманово и кумановско.

Поставката може да се менува, најавуваат нејзините автори, со уверување дека има многу вредни експонати што јавноста допрва треба да ги види.

Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter