АРХЕОЛОГИЈА
Истражувања на м-р Звонимир Николовски во северна Македонија
АНТИКАТА ВО КУМАНОВСКИОТ КРАЈ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Особен ексклузивитет се сондажните истражувања на м-р Николовски на локалитетот "Кисела Вода" кај селото Липково изведени 1998 година.
- Од досега истражените локалитети презентираниот материјал е сосем мал дел, а оние што остануваат и кои се евидентирани во археолошката карта на Република Македонија допрва треба да се истражуваат.
Археолошкото богатство на кумановскиот регион го сочинуваат околу 250 локалитети од праисторијата до средниот век. Ангажманот на м-р Звонимир Николовски во Народниот музеј во Куманово е врзан за истражување на материјалната и духовната култура, како и истражување на етничката структура на населението во регионот од римскиот период до доаѓањето на Словените.Иако археолошкото одделение постои речиси 20 години, истражени се повеќе локалитети со периодизација од неолитот до доцната антика. Покрај редовните рекогносцирања на терен, негова преокупација се локалитетите покрај главните патни комуникации во регионот, особено царинските станици во империјата.
КРСТОСНИЦА
Познато е дека кумановскиот регион низ историјата отсекогаш бил крстосница на магистрални и локални патишта во централниот Балкан.
Досега најобемни истражувања, со вкупно шест систематски кампањи, се извршени на локалитетот "Дрезга" во околината на селото Лопате во периодите 1978 - 1980 година и 1998 - 2000 година.
Војничка појасна гарнитура пронајдена на локалитетот Костоперска Карпа, с. Младо Нагоричане
Ископувано е на просторот на некрополата која според досега откриените гробни конструкции хронолошки е детерминирана од крајот на I до крајот на IV век наша ера, вели магистар Николовски. Откриени се 74 гробови со начин на погребување кремации како постари и инхумации како погребувања од III и IV век. Во гробовите е откриен богат археолошки материјал како што е накит од злато, сребро, килибар, стаклена паста и бронза, како и керамички садови (стомни, паници, мали садови итн.). Освен ова, особен куриозитет се надгробните стели од кои се формирани гробните конструкции извонредно значаен епиграфски извор, бидејќи во нивното натписно поле дознаваме за идентитетот на покојникот што воедно се изворни податоци за структурата на населението во овој дел од регионот. Инаку, овој локалитет е во директна комуникациска врска со Скупи и се наоѓа покрај патната комуникација од каде се одделувале два патни правца, еден продолжувал кон моравската магистрала на север, а другиот скршнувал на исток и се движел речиси идентично со денешниот магистрален пат за Бугарија.
Овој локалитет е еден од главните сегменти обработен во магистерска работа на Звонимир Николовски. Работите на "Дрезга" биле прекинати поради познатите воени дејствија на тој дел од регионот. Втор локалитет кој веќе втора година систематски го работи м-р Николовски е "Рамниште" во околината на селото Клечовце околу 18 км. источно од Куманово.
Амфоричка вметната во стаклена стомна уникат во Македонија, а во Европа пронајдени се само 5-6 примероци
Минатогодишните обемни истражувања на овој простор потврдија постоење на поголема населба и некропола од доцноримскиот период, вели м-р Николовски. Појдовна точка за истражувањето ми беше еден епиграфски споменик пронајден во околината на селото кон крајот на XIX век на кој стои името на населбата и царинска станица Визианус која има свој монограм врежан од страна на арата и монограм на административниот царски службеник Аполонидес. Според пронајдениот археолошки материјал, особено на просторот на населбата, хипотетично може да се афирмира фактот дека станува збор за оваа населба. Но, се надевам дека натамошните истражувања ќе го потврдат овој аргумент.
Пронајдениот археолошки материјал (керамика, голем број на римски монети од монетоковниците на северниот дел од царството, многу фрагменти од стаклени садови, една вотивна оловна плочка посветена на култот на Дунавските коњаници, накит и керамички садови во гробовите и мноштво други наоди) го потврдува фактот дека станува збор за населба на голема патна комуникација која се наоѓа во близина на античкото гранично тромеѓе помеѓу провинциите Дарданија, Тракија и Македонија.
ИСТРАЖУВАЊА
Уште една воено-цивилна населба по категорија опидум на која минатата година извршив првични сондажни ископувања е локалитетот "Градишки Врв" над селото Градиште околу 20-тина километри југоисточно од Куманово, истакнува м-р Николовски. Истражувањата потврдија голем населен комплекс ограден со широки бедеми од кои има остатоци и културни хоризонти од енеолитот до раниот среден век. Многуте градби од последниот хоризонт видлив на површината, бројните наоди на керамика, монети и делови од накит пронајдени со сондажите го потврдуваат фактот дека станува збор за голема и богата населба со долг континуитет на живот. Доминантната акропола, големата надморска височина (800 м.) и извонредната видливост на околината го дава својството на многу значаен стратешки пункт кој не само што ја контролирал патната комуникација, туку и веќе спомнатата гранична тромеѓа.
За жал, поради немање средства истражувањата не продолжија и оваа година.
Во неколку наврати извршените рекогносцирања и мерења на локалитетот "Голема Кулица" над селото Карабичане потврдија по карактер и по обем, како и временски иста таква населба која, тоа со сигурност можам да го тврдам, вршела контрола на северната патна комуникација кон Наисус и Сингидунум, додава м-р Николовски. Површински се гледаат извонредно силни бедеми, доминантна акропола со кула и темели од простории, мноштво површинска керамика, монети од III, IV, VI и XII век, кои се доволен индикатор дека населбата имала долг временски континуитет. Уште еден локалитет кој е природна и културна реткост е "Костоперска Карпа" во околината на селото Младо Нагоричане која е од ист карактер како претходните и на која се извршени неколку систематски истражувања кои дадоа извонреден материјал за културниот профил на населбата која имала егзистенција од енеолитот до средниот век, а околу неа и денес се живее. Таа се наоѓа помеѓу стариот и новиот магистрален пат за Бугарија, 10 км. источно од Куманово. Има извонредна стратешка положба и видливост со сите околни градишта со кои имала визуелна комуникација. Вршела контрола на магистралниот и на локалниот пат кој одел паралено со сегашниот пат северно кон Прохор Пчински, односно кон границата со Србија. Пронајдениот археолошки материјал од населбата и некрополата, загадочниот т.н. подземен објект и базиликата од VI век на платото на карпата го потврдуваат значењето на овој населен комплекс на кој му се фатени контурите и кој допрва треба систематски да се истражува.
Богат накит од "Дрезга"
Особен ексклузивитет се сондажните истражувања на м-р Николовски на локалитетот "Кисела Вода" кај селото Липково изведени 1998 година. Причина за овие истражувања биле пронајдените т.н. Липковски мумии (од кои едната се наоѓа на медицинскиот факултет во Скопје) во далечната 1963 година.
Тие се посебен феномен, природни услови од земјиштето во кое се погребани (почва низ која поминува жица на минерална вода), вели м-р Николовски. Меѓутоа, просторот кој едвај успеав да го добијам за ископување не ми ги даде очекуваните резултати. Но, затоа пак пронајдената бројна керамика и друг археолошки материјал ми ја потврдија констатацијата на проф. Микулчиќ дека на овој простор имаме силен доцнохеленистички културен хоризонт во кој веројатно се вклопуваат и т.н. мумии.
За овој локалитет потребни се обемни мултидисциплинарни истражувања кои прецизно хронолошки и културно ќе го дефинираат локалитетот.
Инаку, кумановскиот регион заслужува поголемо инвестирање во археологијата, бидејќи станува збор за многу важен стратешки, комуникативен и културен простор во минатото, денес и во иднината.
Нема коментари:
Објави коментар