Шармот на авантурата и моментот на изгрејсонцето на еден од најдолгите денови во годината, да се види од трите карпести престоли на Кокино, беа предизвик не само за публиката туку и за музичките ѕвезди на хепенингот, како и за министерот за култура, Благој Стефановски, за министерот за одбрана, Јован Манасиевски, и за домаќинот, градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Штом денот е долг, ноќта си го добива „покусиот крај", па журот во Кокино си почна веднаш по зајдисонце на 23 јуни со настапот на маските од Вевчани, кои беа своевиден вовед во паганскиот имиџ што му се наметнува на местото. Потоа на сцената своето место го заземаа софистицираните музички традиционалисти „Стринг форсис", кои во својот ритам почнаа да го загреваат расположението. Додека дојде денот за големото враќање на „Леб и сол", Бодан и Кокан своите скици од минатото уште еднаш ги отсвирија во 45-минутна програма во подножјето на опсерваторијата, а пред веќе удобно удомената публика. Вистинско подигнување на адреналинот предизвикаа „Мајовци" со својот транс на зурли и тапани и потоа сж беше очекување на изгрејсонцето додека се редеа рокери, хевиметалци, џезери и технодиџеј во утринските часови. Сонцето уште еднаш изгреа во Кокино на 24 јуни, којзнае по кој пат, но одамна не со толку публика на карпите и со таков аплауз. (Ј.П.)
Нема коментари:
Објави коментар